
Како се манипулира со „научни“ податоци од истражувања за загадување на воздухот во Скопје и Македонија?
Како пример ќе го земеме истражувањето „Како се загреваат домаќинствата во скопската котлина?”.
Во никој случај не може да се каже дека ова истражување ја претставува вистинската слика на загревањето на домаќинствата во цело Скопје бидејќи од 5.044 домаќинства опфатени се речиси двапати повеќе куќи (3.262 куќи наспроти 1.782 станови).
Како прво, не се земени податоци од индустријата што гори (јасно е дека се испитуваат домаќинства, ама не може без податоци од индустријата на крајот да се изведува заклучок дека домаќинствата се виновни за загадувањето во Скопје).
Како второ, не се земени предвид јавните институции што користат фосилни горива за загревање.
И како трето, повеќето куќи користат дрво за загревање, а никаде нема податок во истражувањето каков е соодносот куќи наспроти станови на територија на Скопје.
Во истражувањето пишува дека 67,9% од домаќинствата во куќи се загреваат на дрво, а во јавноста се дава погрешна слика дека тоа е вкупниот број на домаќинства во Скопје, без да се земе сразмерен примерок од домаќинства во станови (кои се приклучени на централно греење или се греат на струја). Така, во јавноста се пласира изведен заклучок дека домаќинствата (според податоците од овие 3.262 куќи) се виновни за загадувањето во Скопје.
Ако на пример се истражуваа повеќе станови наместо куќи, односно да беа 3.262 станови и 1.782 куќи ќе беше драстично различна ситуацијата и ќе имаше заклучок дека околу 67,9% од домаќинствата се загреваат на парно или струја.
Се наметнува прашањето како авторите заклучиле дека домаќинствата загадуваат, односно со што ја поткрепуваат научната издржаност на заклучокот?
Се знае како се прави репрезентативен примерок. Се зема просек од тоа колку станови и куќи има на територија на Скопје и пропорционално на тоа се земаат податоци од станови и куќи во Скопје.
Така што, изработувачите на оваа анализа свесно или несвесно пласираат погрешни заклучоци во јавноста кои политичарите понатаму мудро ги искористуваат без никаква критичка анализа, притоа амнестирајќи ги јавните институции и индустријата за која никој не пројавил интерес да ја истражува што и како гори, а со последниот Закон за контрола на индустриските емисии, нема ниту да има право некој да ја преиспитува индустријата што гори!
Автор: Марјан Калевски