За токенизмот и претставеноста на малцинствата во партиите
Пишува
Драгана Велковска
Токенизмот (анг. tokenism) во теоријата првпат се јавува за време на граѓанскиот активизам против расизмот во Америка некаде во педесеттите години на минатиот век. Оттогаш наваму, токенизмот е познат како тактика, односно стратегија на мнозинството преку површно и симболичко вклучување на малцинствата да создаде привид за етничка, расна, родова, религиска или каква било друга застапеност. Практикувањето на токенизмот опфаќа вклученост на поединци од малцинска заедница, таканаречени токени (анг. tokens), во група сочинета од мнозинството, кои немаат никаков реален удел во застапувањето на заложбите и правата на заедниците од кои доаѓаат, но на јавноста ѝ праќаат порака дека застапеност постои и со тоа претставуваат издувен вентил за гневот на малцинството што се чувствува непретставено.
Оваа стратегија македонските партии со децении ја експлоатираат додека заткулисно, а некогаш – како што сведочевме изминативе денови – и многу отворено, ја злоупотребуваат деликатноста и кревкоста на меѓуетничките односи во Македонија за да се одржат на власт.
Анкетите покажуваат дека недовербата во партиите е на највисоко ниво досега. Првпат во независна Македонија имаме најголем број на неопределени гласачи – стотици илјади гласачи. Самото појавување на толкав голем број на независни листи за локалните избори е уште една потврда за кризата на претставеност на граѓаните и решителноста работите да се вратат под наша контрола. Сдсм ова многу добро го знае, па откако им пропадна обидот за режимски измени на Изборниот законик со кои целеа да ги елиминираат независните листи од изборната трка, почнаа да испливуваат на површина нивните стратегии за дискредитација, тенденциозно и исклучиво насочени кон ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД кого со право го перципираат како најмоќен противник.
Така, неоснованите напади што деновиве ги полнат медиумите се движат од разочарувачко непознавање на политичките актери и случувања што го покажаа некои автори (или можеби беа тоа свесни обиди за манипулација на јавното мислење – времето, како што велат тие, ќе покаже) до баражи од валкани удари под појас. Еден од тие ниски удари што во континуитет се повторува, една исклучително провидна стратегија на сдсм е нивните членови Албанци да го напаѓаат ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за наводна незастапеност на малцинства на кандидатската листа за членови на Совет на Град Скопје.
ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за првпат во Македонија го водеше најинклузивниот и најтранспарентниот процес за кандидирање на независната листа за членови на Совет на Град Скопје. За првпат преку иновативната алатка МојКандидат која беше своевидна демократска револуција и отворена за општата јавност со цел да се комплетира кандидатската листа составена од долгогодишни активисти-волонтери, можеше да се самопријави секој скопјанец што ги исполнуваше критериумите наведени на платформата за директна демократија МојГрад. За првпат преку тој отворен повик пред јавноста беа презентирани кандидати за кои можеше да се гласа дали тие да се најдат на кандидатската листа за членови на Совет на Град Скопје и тоа можеше да биде кој било жител на Скопје, без разлика на етничката или која било друга припадност или определба. Клучен услов беше кандидатите да се залагаат за зелено и хумано Скопје затоа што загадениот воздух и изразено неквалитетниот живот во Скопје не ги бираат своите жртви по етнички клуч.
Искрено жалиме што повеќе претставници од малцинските заедници не ја искористија можноста да се пријават преку МојКандидат, но токму тука и го лоцираме суштествениот проблем – апатијата што кај нив (но не само кај нив!) ја предизвикаа штетните и разединувачки политики на сите партии во изминативе три децении, стравот дека ќе бидат злоупотребени како декор, т.е. како токени, каков што е сè уште случајот со наводната нивна застапеност на кандидатските листи на сдсм. Понатаму, ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД во континуитет и неселективно ги поддржуваше сите независни листи кои се појавија. Првата независна листа што јавно ја поддржавме беше Подобро за Тетово/Më mirë për Tetovën. Во ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД членуваат и Ромалитико и Аваја – две групации кои со години ги застапуваат правата на Ромите и тие се веднаш видливи во секцијата членови на ЗХГ на платформата МојГрад.
Обидите за дискредитација беа толку провидни и неосновани што „аналитичарите“ беа разобличувани токму од оние чијашто наводна „непретставеност“ ја критикуваа.
Гореизнесените аргументи им беа видливи и достапни на „аналитичарите“ уште од самиот почеток и иако беа стопати повторени, тоа не ги запре манипулациите, не го запре исполнувањето партиски директиви и по којзнае кој пат играњето на картата на создавање раздор и меѓуетничка нетрпеливост. Колку и да не сакаме да паѓаме во нивната замка на одвлекување на вниманието и наметнување проблем кој не постои, на јавноста мора да ѝ изнесеме податоци кои се лесно проверливи и со кои се докажува неоснованоста на нивните напади кон нас. Ние веќе покажавме дека подеднакво ги застапуваме сите заедници и ќе продолжиме да го докажуваме тоа во текот на нашиот претстоен мандат. Ние не веруваме во симболичка претставеност и членките на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД тоа многу јасно го докажале со своето делување низ годините.
сдсм обвинува за наводна „малцинска незастапеност“ во ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, но да видиме што оваа партија прави и како ги застапува малцинствата од својата листа сега, кога ја има моќта во свои раце?
Град Скопје до почетокот на годинава и покрај упорните барања од опозицијата и покрај сопствените предизборни ветувања имаше инвестирано 0 (и со зборови: НУЛА) денари за меѓуопштинска соработка со Општината Шуто Оризари – најзапоставената општина во градот. Шилегов на Меѓународниот ден на Ромите го нарече советникот Ерџан Селими „тежок аналфабет“ само зашто тој ја обзнани јавно информацијата за активната дискриминација што сдсм ја покажа кон Ромите во текот на својот мандат.
И покрај големиот број на жртви од пожари и покрај разулавената енергетска (и секаква друга) сиромаштија што владее во тој дел од градот, советниците од сдсм на чело со Шилегов ги одбија сите предлози од Граѓанскиот буџетски форум за дополнување на буџетот на Град Скопје за 2021 г. кои се однесуваа на Шуто Оризари, а потекнуваа од Ромалитико. Партијата чиишто членови сега го обвинуваат ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за наводна „дискриминација“, одби изградба на противпожарна станица во Шуто Оризари, одби субвенции за фотоволтаични системи за жителите на Шуто Оризари и одби да постави локални мерачи на квалитетот на воздухот во Шуто Оризари.
Јас бев единствената „Македонка“ во Советот која го поддржа колегата Седат Рамадани во неговиот предлог да се прекине со наплата на одржување на зеленило за жителите на Студеничани бидејќи тие луѓе не ја добиваат услугата – општината се наоѓа надвор од административните граници на Град Скопје и ЈП Паркови и зеленило не обезбедува услуги во таа општина. Советниците на сдсм гласаа против овој предлог на Рамадани. Поради владејачкото мнозинство жителите на Студеничани (кои се доминантно Албанци) и понатаму плаќаат сметки за услуги што не ги добиваат. При гласањето на буџетот за 2020 г. поради тотална незаинтересираност на советниците на сдсм кои никако не гласаа, опозицијата ги надгласа и го изгласа предлогот од Седат Рамадани за изградба на библиотека во Чаир. Но што со тоа? Како и многу други проекти и библиотеката во Чаир стоеше две години само на хартија за никогаш да не се реализира. Не само што не се реализираше туку со последниот ребаланс и се избриша од буџетот. Истата судбина ја имаше и предлогот на Рамадани за поставување на семафор на булеварот Х. Т. Карпош, повторно во реон со претежно албанско население каде што постојано има жртви – ниту тој предлог никогаш не се реализираше. Сосема во линија со добро познатиот модус операнди на сдсм – форма без суштина. Ова се само дел од низата примери за нееднаков третман на малцинствата во Скопје што е едногласно поддржан од владејачкото мнозинство и со години перпетуиран од партиите.
Но затоа советниците на владејачкото мнозинство „донираа“ четириесет и пет милиони денари јавни средства, односно „зелен кров“, на приватен ентитет во ТЦ Мавровка кој коинцидентно е во управувачката структура на една национална телевизија и тоа го сторија непосредно пред распишувањето на изборите. Но затоа владејачкото мнозинство по критиките во јавноста за неодвојување средства за меѓуопштинска соработка со Шуто Оризари изгласа „партерно уредување“ околу спортска сала во општината каде што „случајно“ има кафуле во приватна сопственост. Советникот Селими критикуваше дека одлуката е последица на непринципиелни договори и отсуство на приоритети во општина во која нема асфалтирани улици и канализација. И на сите овие примери портпаролот на Шилегов си дозволува да држи лекции за некаква незастапеност на малцинства, за некаква класна раслоеност?! Управувањето на сдсм со Скопје е елитизам, токенизам и предизборен поткуп по учебник.
По сите изнесени факти, сосема природно се наметнува прашањето – за што им служат малцинствата во листите на сдсм? За лажирање на застапеност, за манипулирање на гласачите? За задушување на оправданиот гнев кај малцинствата?
Вие немате кредибилитет да зборувате за застапеност. Застапеноста што вие ја практикувате е шуплива и постои само на хартија. Во реалноста влечете за уши, уценувате и поткупувате, исто како што правеа и тие пред вас.
Со право гледате непријател и закана во ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД. Ние сме суштинска и дијаметрална спротивност на сè што вие претставувате. А по долги години, ние сме единствената шанса која Скопје ја има за одржлив развој и праведна транзиција. Јавноста многу добро знае дека претстојните локални избори во 2021 г. се своевиден референдум за нашите животи и ништо нема да ги спречи слободоумните скопјани, без разлика на определбата и припадноста, да си го вратат Скопје и да си ги вратат животите назад.
Драгана Велковска
Во име на другарите од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД
Членка на Советот на Град Скопје