Советнички прашања од 10-тата седница на Советот на Град Скопје
Во продолжение се прашањата поставени од ЗХГ на десетата седница на Советот на Град Скопје – седница за советнички прашања. На овој вид на седници според Деловникот советниците поставуваат по најмногу 3 прашања до Градот и сите институции под Град Скопје, а одговорите може да ги побараат усмено на самата седница или писмено (по електронски пат). Службите во согласност со Деловникот се должни да одговорат за 10 дена, но ако е потребно подолго време за конципирање на одговорот може, по претходно известување, да одговорат и најдоцна за 30 дена.
Советниците од ЗХГ ги поставија следните прашања и одговорите ги побараа по писмен пат. Штом ги добиеме одговорите, истите ќе ги додадеме тука под соодветното прашање.
Прашања од Горјан Јовановски
1. До Град Скопје, Сектор за животна средина
Пред еден месец, на 8 седница на Советот на Град Скопје беше изгласана Програмата за енергетска ефикасност на Град Скопје за период 2022-2024 година. За таа, но и за сите други програми, ние како советници не добиваме информации за статусот на нивното спроведување. Дали секторите би можеле квартално да приложуваат до Советот кратки извештаи (не подолги од една страница) за статусот на секоја нивна активна програма, врз основа на кои доколку ние како советници сакаме повеќе информации, би се обратиле директно до нив?
2. До Град Скопје
Колку јавни тоалети во моментов се во надлежност на Град Скопје, кои се точно тие (локација), и во која состојба е секој од нив (ве молам одделно за секој тоалет да ми биде дадена описна состојба). Дали Градот има план за зголемување на мрежата на јавни тоалети, како и план за реновирање и одржување на постоечките (посебно во централното градско подрачје, како и низ градскиот парк)?
3. До Директор на ЈСП Скопје
Дали за работата на контролорите на ЈСП постои правилник или каков било акт со кој се точно уредени нивните надлежности, начинот на постапување, однос со корисниците на јавниот превоз, што им е дозволено, а што забрането, итн.? Јас пребарував, но не успеав да го најдам, и затоа, доколку тој постои, замолувам истиот да ми се достави, но и да се постави на веб-страницата на ЈСП, како и во скратена печатена верзија во автобусите, со цел патниците да знаат како ќе изгледа нивната интеракција со контролор и кои се нивните права при истата.
Забелешка: Со оглед на тоа што в.д. директорот на ЈСП си поднесе оставка од функцијата месецов, замолувам одговорот да ми биде доставен од неговиот заменик.
ОДГОВОР (03/06/2022): Линк
Прашања од Драгана Велковска
1. До в.д. директор на Комунална хигиена Скопје (КХС)
На првата седница за советнички прашања која ја имавме на 10 март поставив прашања до в.д. директорот на КХС. Не сум задоволна од одговорите бидејќи во прашањата посочив на институционално констатирани злоупотреби, а добив одговор дека в.д. директорот не сакал да се занимава со минатото, туку со иднината. На кој начин може несанкционирана злоупотреба од минатото да не предизвика продолжување и последици во иднината?! И како може функционер именуван да спречи продолжување противзаконско делување и злоупотреби да одговори на овој начин?! Исто така не сум задоволна од одговорот кој го добив на моето барање в.д. директорот да ми достави извештај за собраните печки од субвенцијата на инвертери во текот на 2020 г. Тој одговори дека извештајот го поднеле до Секторот за животна средина. Тоа е недозволив однос кон советник кој поставил прашање. Ако барам извештај кој КХС го има, в.д. директорот е должен да ми го достави. Затоа, барам да ми се достави извештајот што го има КХС за собраните печки од субвенциите на инвертери во 2020 г., а не да ме упатува да го барам од друга служба.
2. До Сектор за животна средина на Град Скопје
Со оглед на тоа што в.д. директорот на КХС ми одговори дека извештајот за собраните печки од субвенциите за инвертери во 2021 г. го нема бидејќи КХС не ги собирала печките таа година, туку Градот, барам од Секторот животна средина да ми го достави извештајот за 2021 г.
3. Сектор за внатрешна ревизија на Град Скопје
Да ми се достават сите конечни ревизорски извештаи за КХС од ревизии спроведени во последните 10 години.
Да ми се достават годишни листи со ентитети на кои се спровеле ревизии во последните 10 години.
Да ми се достави План за спроведување ревизии за 2022 г.
ОДГОВОР (03/06/2022): Линк
ВАЖНО: Со оглед на тоа што советникот Малиша Станковиќ пред мене постави прашање до ЈСП кое и јас сакав да го поставам, барам одговорот на неговото прашање да го добијам и јас на мојата службена е-адреса. Прашањето е што во моментов прави ЈСП во врска со барањата кои ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД ги доби од граѓани за враќање на линијата бр. 6 за жителите од Пржино и Црниче, дали се ревидира возниот ред на линиите низ овие населби, што се планира за почетната станица кај Пржино и последната станица на автобусот со бр. 16? Накратко, кога жителите на населбите Пржино и Црниче може да очекуваат дека ЈСП ќе ги реализира нивните барања кои јас ги изнесов на 8 седница на Советот кога ја усвојувавме измената на одлуката за линиски превоз?
ОДГОВОР (03/06/2022): Линк