ЗХГ
Перманентната кампања на ЗХГ

Перманентната кампања на ЗХГ

Пишува
Иво Босилков

Кампања подразбира сите активности за зголемување на свест, култивирање на индивидуални ставови, граѓанска мобилизација, партиципација и акција. Намерно велам индивидуални ставови, не ставови на гласачите, затоа што целта не е да се сведат граѓаните на моментот на заокружување на ливчето, туку на нивната целосна политичка активност и политичко битие, пред и по изборите.

ЗХГ е во кампања со месеци, преку МојГрад и социјалните медиуми, и константната вклученост во институционалните процеси (пр. стопирање на изградбата на висококатници кај Холидеј ин со правни мерки) и вонинституционалните (протести, акции на членките од типот на параѓубреџиски акции- Не биди ѓубре – или критични маси – НаТочак).

Кога целта на коалицијата е да актуализира конкретни тековни прашања и да понуди решенија за нив, не би требало да чека до избори за да го направи тоа, туку го прави цело време. Уште поважно, кога длабоката цел на коалицијата е општествена промена, а нејзината основна филозофија е дека таа промена може да настане преку константна делиберација, тогаш кампањата повеќе не е средство туку цел сама по себе. Тоа е клучната разлика од изборната кампања, која е наменска, инструментална, манипулативна, и длабоко ориентирана околу парите.

Последново е клучен момент, затоа што изборната кампања е деградација на суштината на политиката, нејзино извитоперување во пазарен механизам, во кој некој продава ветувања, а купува гласови. Изборната кампања во основа подразбира трошење на големи суми народни пари, со цел доаѓање до позиција да се добијат уште повеќе народни пари.

Ние не ветуваме ништо освен можност за заедничка изградба на програма, која заеднички треба да се реализира. Нашата кампања не е инвестиција во нашите финансиски капацитети како кај партиите, туку инвестиција во граѓанските капацитети.

Кампањата што ја правиме е волонтерска активност без потрошен денар, затоа што тоа од секогаш бил принципот на работа на ЗХГ, мотивиран од вербата во промената која можат да ја донесат еманципирани прогресивни граѓани.

За крај, ние не сакаме да го прифатиме воспоставениот кодекс на изборна кампања, затоа што тоа го легитимизира ставот дека изборите се единственото нешто што е важно во демократијата, а не само мал дел од процесот. За нас процесот е битен, а перманентната кампања е јавна артикулација на тој процес.

Иво Босилков
Универзитетски професор по политички науки
Член на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД