ЗХГ
Министерот, смртта и стопати повторената лага

Министерот, смртта и стопати повторената лага

Наместо стопати да се повторува истата лага дека за загадувањето главни виновници се најсиромашните, должни сме безмилосно да го санкционираме загадувањето од индустријата и да инвестираме во фотоволтаични системи со кои ќе обезбедиме енергетска независност и ќе ја сузбиеме енергетската сиромаштија.

Пишува Драгана Велковска

Бившиот министер Тодоров среде енергетска и финансиска криза предлага веднаш да се донесе забрана за греење на дрва, јаглен, остатоци од мебел и прегорено масло. Кое е решението на Тодоров за оние кои немаат друг избор за зимата што ни претстои? Смрт? Старите навики изгледа тешко се менуваат.

За тие што не се занимавале со проблемот со загадувањето на Скопје ова барање може да звучи рационално. Но, не е! Може да забраниме не само во Македонија, туку и во регионот, греење на дрва, јаглен, итн. и повторно ќе дојдеме до истиот заклучок. Најголем проблем во оваа земја и во цел Западен Балкан каде што со децении сите меѓународни извештаи укажуваат на отсуство на институции – е неконтролираното загадување од индустријата водена од добро поврзана елита која има моќ да си го озакони криминалот, да поткупи, да замолчи и сè друго што треба, само да си го задржи профитот. За таа елита законите се уште една безданочна инвестициска зона, за нив не важи ништо што важи за обичните смртници. Целосно во духот на таа елита, Тодоров ги спори мерачите како механизам со кој може непобитно да се докаже вистинскиот виновник за загадувањето и повикува на смрт за сиромашните.

Ветер и магла

Во оваа земја е традиција лица кои се нестручни, но и такви кои се коруптивно поврзани со загадувачките индустрии, да го одвлекуваат вниманието од вистинскиот проблем. Би му го предочила на Тодоров извештајот од петнаесет врховни ревизорски институции работен заедно со Европскиот суд на ревизори во кој се констатира дека индустријата е најголемиот загадувач во Македонија и Скопје, а потоа доаѓа загревањето со акцент на загревањето воопшто – вклучително на комерцијалните објекти. Е, во тој извештај како една од клучните мерки е наведено државата да ја подобри мрежата за следење на квалитетот на воздухот, да се обезбеди континуирано мерење во реално време, да се обезбеди редовно и навремено доставување на комплетни податоци од стационарни извори на загадување со цел да се обезбедат сеопфатни информации за квалитетот на амбиентниот воздух.

Зошто е ова важно? Зашто со поставување на обрачи од мерни станици околу загадувачки капацитети лесно ќе може да се докаже дали загадувањето потекнува од тој загадувачки капацитет или „допатувало од Косово“. Зашто повеќе ќе нема простор за изговори од типот „не сум јас, комшијата со ќумбено е“ или „се работи на поправање на едната мерна станица со која располагаме“ кога ќе бидат потребни докази за изрекување казни од инспекциска служба или кривично гонење на моќниците.

Во светот се поставени над 10.000 активни станици од овој тип во над 70 земји. Во Европа, земји како што се Германија, Холандија, Англија, Италија, Швајцарија, се безмалку целосно покриени со нив. Зошто овие земји кон чиишто системи на управување аспирираме би ги поставувале ваквите станици, ако не им се потребни или релевантни податоците? Напротив, овие станици помагаат да се детектира од каде потекнува загадувањето и како тоа се движи низ градовите, за потоа инспектори со сертифицирани мерачи и инструменти да излезат на терен и да извршат конкретни мерења за секој вид на загадувачки супстанции во воздухот.

Извор: Sensor.community

Во студиите кои се извртуваа за да се обвинат најсиромашните со цел да се тргне фокусот од неконтролираната индустрија беа наведени сите недостатоци и причини зошто резултатите не може да се земат здраво за готово. Во т.н. Финска студија од каде што за првпат зеде толку голем замав посочувањето на домаќинствата како главни загадувачи е наведено дека заклучоците се донесени врз основа на следење на само една мерна станица во Скопје од август 2015 до март 2016 г. Во самата студија е јасно наведен недостиг од одредени податоци, особено е истакнат малиот број на податоци за левоглукосан, кој претставува типичен маркер за идентификација на загадувањето предизвикано од согорувањето на биомаса. Истовремено, се потенцира дека квалитетот на решението многу зависи од бројот на влезни податоци и квалитетот на податоците. Понатаму, наведено е дека факторот кој придонесува со една третина (32%) од вкупната маса на загадување со PM10 честички и доаѓа од околината на станицата во Карпош, се однесува на греење во домаќинствата/греење со мазут. Во Скопје постојат цели институции кои користат мазут за загревање, меѓу кои Клиничкиот центар и Гинекологија Чаир, а од пред некој ден и топланата Скопје Север. Фактот што пикови на загадување бележиме и во текот на летните месеци е индикатор дека не греењето, туку нешто сосема друго што не се контролира, е најголемата причина за енормната загаденост на Скопје секоја сезона.

Секој да е еднаков пред законите

Следствено, единствено разумно е да се бориме да обезбедиме непобитни докази во реално време од каде точно потекнува загадувањето, а паралелно да ја водиме борбата со крупниот капитал кој сам си ги пишува законите. Дури и кога еднаш на десет години ќе биде казнет моќен сопственик на загадувачка инсталација, тој „според закон“ има право на т.н. порамнување и спогодување, односно законска можност да си ја намали казната. Моќниците „според закон“ не смее да бидат изнесени пред суд ако не им била претходно дадена можност да си ја намалат казната! Друга причина зошто загадувањето во Скопје и Македонија не е решено до ден-денес, се извонредно малите суми за глоби што дури и да се платат во целост, не се ништо за вкупниот профит на загадувачите. На многу од нив повеќе им се исплати да загадуваат и да платат казна ако треба, отколку да работат во склад со принципите за заштита на човековото здравје, животната средина и природата.

На Тодоров како адвокат би требало добро да му се познати законите и нивната злоупотреба, која имал многу прилики да ја сузбие. Нешто што уште повеќе ми пречи од генерал после војна е генерал кој иако моментално не е дел од власта, останал дел од естаблишментот и како таков продолжува да дефокусира, продолжува да го вперува прстот во најсиромашните, најмаргинализираните кои благодарение на децениското клептоманско осакатување на локалните и државните буџети неповратно пропаѓаат во сè подлабоката и пошироката челуст на сиромаштијата.

Според последните податоци од Државниот завод за статистика во Македонија, над 450 илјади наши сограѓани живеат под прагот на сиромаштија.

Напредните земји одамна го сфатија тоа што Тодоров и елитата на која тој ѝ припаѓа веројатно нема да го сфатат ни по десет генерации – продлабочувањето на сиромаштијата го турка во бездна целото општество. Растењето на нееднаквоста го попречува економскиот раст и ја поткопува социјалната кохезија, ги зголемува политичките и социјалните тензии и, во одредени околности, предизвикува нестабилност и конфликти. Со преоптоварувањето на системите на здравствена и социјална заштита, образовниот и казнено-поправниот систем, се доаѓа до неконтролирано одлевање на буџетски пари, кои би можеле да ги инвестираме во зелен, одржлив и инклузивен развој. Но не би рекла дека парите се најголемата загуба во повеќедеценискиот хаос. За мене, најголем проблем е системското и систематското уништување на луѓето. Со моменталната поставеност на системот се создава армија од безнадежни луѓе на кои од раѓање на секој можен начин им се покажува дека се немоќни и дека не може ништо да сменат – така се дресираат да се помират со сè, па, ако треба, и со смртна пресуда. Домино ефектот од таа апатија порано или подоцна го стига секого.

Вистинска борба против екоцид

Оттука, Граѓанската иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД од своето основање до денес се бори не само за навремено и темелно информирање, туку за директно вклучување на сите граѓани во процесите на одлучување, особено во фазата на конципирање на буџетите. Се залагаме за јавно и транспарентно објавување на одлуките на институциите, наменување на институционалните буџети во зелени инвестиции како што се фотоволтаични системи за производство на чиста енергија и биокомпостари за претворање на 60-80% од вкупниот комунален отпад во органско ѓубриво и биогас. Со нашите предлози од денешниот систем на производство на енергија од валкани извори и од денешниот монопол врз енергенсите – би се добила енергетска независност за нашите сограѓани и голем дел од нив би излегле од енергетска сиромаштија произведувајќи чиста енергија. Се бориме секој сам да може да си произведува електрична енергија од сонцето, вишокот да го враќа во системот, да влече од системот кога нема да произведува доволно, а разликата, доколку ја има, да му се плаќа по фер цена. Поставувањето на општински биокомпостари за кое се залагаме ќе овозможи поврзување на соларната енергија и биогасот во еден интегриран систем на локално производство на чиста енергија. Дополнителна придобивка е што би се намалил бројот на депониите кои се, исто така, загадувачи на воздухот и се едни од најсилните извори на стакленички гасови. Би се намалил трошокот за транспорт и депонирање на отпадот и тие финансии би можело да се насочат кон уште зелени инвестиции. Би имале речиси празни контејнери кои во лето нема да шират непријатна миризба и нема да течат насекаде како да сме во Среден век.

Важно е да нагласам дека сончевата енергија има најмал негативен ефект врз животот и здравјето на луѓето, животните и животната средина, но доколку се продолжи со истиот шаблон кој го практикуваат македонските власти – таа ќе биде само алиби за продолжување на злоупотребите кои постојат и денес. Фотоволтаичните системи најпрво мора да се инсталираат на сите кровови каде што е тоа можно – објекти на институции, објекти за колективно и индивидуално домување. Не смее соларната енергија да се злоупотребува како параван за да се уништува квалитетно земјоделско земјиште и да се создаваат фарми кои од една страна ќе уништуваат животна средина, а од друга страна ќе го одржуваат во живот монополот врз овој обновлив енергенс.

Македонското општество плаче за закрепнување, плаче за правда, што подразбира коренито трансформирање на системот во кој живееме. Според последниот Извештај за состојбата со стакленичките гасови на Обединетите нации, доколку радикално не ги трансформираме нашите општества и нашите економии, ние и/или нашите деца во живо ќе го гледаме изумирањето на човековата раса! Ова значи само едно – повеќе немаме луксуз од позиција на неукост или интерес да пласираме лажни информации и да го вперуваме прстот во жртвите, наместо во насилниците. Должност ни е да создадеме општество во кое секој ќе добива според потребите, а ќе враќа според способностите.