ЗХГ
Ефектот Данинг-Кругер

Ефектот Данинг-Кругер

Што претставува ефектот Данинг-Кругер?

Ефектот Данинг-Кругер претставува појава каде што лица што имаат ограничени познавања во одредена област го преценуваат своето знаење и способности во истата таа област.

Психолозите ваквата погрешна перцепција за себе ја нарекуваат „когнитивна пристрасност“.

Името на овој ефект доаѓа од двајца психолози од универзитетот Корнел, др. Дејвид Данинг и др. Џастин Кругер, кои во 1999 година го дефинирале овој термин во извештај заснован на нивните истражувања за ваквиот тип на однесување.

Што е когнитивна пристрасност?

Когнитивната пристрасност е сеопфатен термин кој се користи за да се опишат грешки во расудување или недостатоци во проценката. Нашиот мозок може да занемари основни работи како логика, стратегија и веројатност.

Замислете ја како слепа точка додека се движите низ секојдневниот живот. Когнитивната пристрасност може да создаде празнини во знаењето, кои влијаат на тоа како ги носиме одлуките, а со тоа и на начинот на кој го разбираме светот околу нас.

Секој може да има когнитивна пристрасност. Всушност, повеќето луѓе не се свесни дека имаат конкретни предрасуди вградени во нив. Во основа, луѓето со ваков тип на пристрасност не знаат дека не се свесни за сопственото незнаење.

Со текот на времето, донесувањето одлуки базирани на пристрасност може да има краткорочни и долгорочни последици. Ова може да се одрази на важни делови од вашиот живот, како што се односите со другите луѓе и работата. Дури може да влијае и на вашиот светоглед.

Истражувања за ефектот Данинг-Кругер

За да ја набљудуваат оваа појава, Данинг и Кругер на студентите им дале тестови по граматика, логичко расудување и хумор. Психолозите откриле дека оние кои имале најслаби резултати (последните 25%) имале тенденција да ја преценуваат својата способност и резултатот на тестот. Повеќето процениле дека ќе имаат резултат над 60%.

Од друга страна, пак, оние кои имале најдобри резултати (најдобрите 25%) исто така неточно го процениле својот резултат на тестот. Повеќето од овие студенти сметале дека ќе имаат резултат од 70 до 75% точност. Меѓутоа, тие имале над 87% точност!

Иако и ова не е реалистична проценка од нивна страна, истражувачите утврдиле дека оваа група е доволно способна да разбере како стигнала до подобар резултат, за разлика од најслабите 25%. Со други зборови, растојанието меѓу перципираниот и фактичкиот учинок е помало.

Крива на ефектот Данинг-Кругер

Ефектот Данинг-Кругер исто така се нарекува и крива Данинг-Кругер.

Лице без искуство може да да започне со висока самодоверба која не одговара на нивното знаење или способности. Како што учи, почнува да ги согледува своите недостатоци, па самодовербата опаѓа иако знаењето се зголемува. Како што се стекнува со повеќе знаење и искуство, самодовербата повторно се враќа, но никогаш не е толку висока како на почетокот.

Научниците и натаму го истражуваат ефектот Данинг-Кругер. Некои студии ги потврдиле наодите, а други сметаат дека ефектот од извештајот од 1999 можеби само одразува статистика. Други, пак, сметаат дека иако ефектот постои, не е толку значителен колку што се прикажува во студијата. 

Причинители на ефектот Данинг-Кругер

Па, што ги тера некои луѓе да бидат убедени дека се поквалификувани или поупатени отколку што навистина се? Во оригиналната студија, Данинг и Кругер велат дека идентификувале две главни причини кои директно се одговорни за создавање на оваа специфична пристрасност.

Тоа се:

Некомпетентност во одредена област или тема. Ова е недостиг од вештини или знаење потребни за да се постигне најдобар можен исход.

Недостиг од метакогнитивност. Едноставно кажано, метакогницијата е способноста за размислување за самото размислување. Луѓето со когнитивна пристрасност ги немаат основното знаењето и увид потребни за да размислат дали нивната одлука, мислење или верување е исправно или не.

Други истражувачи имаат пронајдено други причинители: Меѓу нив се следните: 

  • Интуиција наспроти аналитичко размислување. Луѓето кои почесто се потпираат на својата интуиција можеби ги немаат податоците потребни за да разберат дека нивната интуиција греши, додека луѓето кои се потпираат на податоци се аналитични и свесни дека постои можност да грешат.
  • Брзото носење одлуки, поради што луѓето се потпираат на присвоени шеми на размислување наместо да истражат и процесираат нови информации.
  • Закотвување (anchoring), процес каде луѓето поставуваат одредница, референтна точка во својот ум за тоа колку знаат, а потоа не ја ажурираат таа референтна точка со нови, релевантни информации за своето знаење и способности.

Кои луѓе се под најголемо влијание од ефектот Данинг-Кругер?

Овој ефект не се јавува само кај луѓето кои имаат недостаток на вештини или образование. Може да се појави кај секого. Можеби ќе го забележите ефектот Данинг-Кругер кај луѓе кои:

  • Имаат слаби резултати во изведбата
  • Се прекумерно самоуверени
  • Немаат соодветни вештини
  • Немаат доволно знаење
  • Ја немаат развиено способноста за самосвест

Постојат студии кои го набљудувале ефектот Данинг-Кругер меѓу следните групи луѓе:

  • Студенти кои полагаат испит
  • Студенти по медицина и нивната способност за самопроценка на интервју вештини
  • Службеници на нивното работно место
  • Медицински лабораториски техничари во врска со нивната стручност и вештини

Примери од ефектот Данинг-Кругер

Феноменот на ефектот Данинг-Кругер не е ограничен само на лаборатории и истражувања. Може да го видите – а и неговите последици – речиси насекаде во реалниот свет.

Ова ги вклучува и следните околности:

На работа

На работното место, секој може да биде склон кон преценување на својата способност за успешно извршување на работните задачи. Но, покажувањето премногу самодоверба без соодветни докази кои ја поткрепуваат, може да го отежни управувањето со очекувањата на колегите и менаџерите.

Ефектот Данинг-Кругер може да влијае на многу сегменти од работната средина, како на пример:

  • Вработување кандидати кои изгледаат самоуверени, но, всушност не се квалификувани за позицијата
  • Тензија и конфликти кои создаваат токсична работна средина

За да се справат со ова, менаџерите често спроведуваат годишни и полугодишни проценки на работниот учинок за да им дадат на вработените фидбек за нивната работна етика и квалитетот на сработеното.

Во политиката

Ефектот Данинг-Кругер може да влијае на вашето знаење за политиката и тековните настани. Една неодамнешна студија го истражи неговото влијание врз политичкото познавање и дискусиите.

Истражувањето откри дека луѓе со малку или без никакво познавање на политиките може да изразуваат силни мислења и да имаат цврсти ставови. Ваквите ставови можат да имаат краткорочни и долгорочни последици во општеството.

Неколку примери за ова се кога луѓе:

  • Споделуваат политички мислења како факти на социјалните мрежи 
  • Одбиваат какви било контрааргументи кои не се совпаѓаат со нивните политички верувања
  • Го проценуваат политичкото знаење на другите врз основа на сопствените идеи и уверувања
  • Веруваат во стереотипи за оние кои немаат исти политички ставови како нив
  • Не сакаат да слушаат, ниту да дискутираат за политики со вистински политички експерти
  • Имаат силни политички предрасуди и ги засилуваат, особено кога се соочуваат со луѓе со гледишта различни од нивните
  • Шират дезинформации кои можат да имаат опасни последици

Студијата вели дека мора да се направат длабински истражувања за ефектот Данинг-Кругер и неговата улога во политиката.

Здравје

Една студија која се занимавала со тоа колку луѓето го разбираат своето здравје, го увидела ефектот Данинг-Кругер: Луѓето со најниска писменост на тема здравје се сметале себеси за добро запознаени. Ова може да доведе до тоа луѓето да изберат нездрави или ризични однесувања, верувајќи дека добро се грижат за себе. Неколку истражувања покажале дека луѓето кои одбиваат вакцинација го преценуваат своето знаење за безбедноста на вакцините.

Образование

Студентите кои се премногу самоуверени во тоа колку добро го знаат материјалот може да го потценат времето што им е потребно за учење и спремање на испитите.

Социјални односи

Истражувањата кои ги разгледуваа расистичките и сексистичките ставови откриваат дека луѓето исто така преценуваат колку се правични во нивните ставови. Колку повеќе предрасуди има некоја личност, толку повеќе верува дека е правична.

Дали ефектот Данинг-Кругер може да се надмине?

Ефектот Данинг-Кругер е несвесна когнитивна пристрасност. Повеќето луѓе не се свесни за својата преголема самодоверба или за преценувањето на своите вештини. Ова значи дека ефектот е тежок за надминување. Но, може да се започне со свесен тренинг за подобрување на себеиспитувањето и намалување на пристрасноста.

Еве неколку совети за надминување на вашата сопствена пристрасност:

  • Разберете го карактерот на вашата пристрасност. Обидете се да ги препознаете и категоризирате веројатните предрасуди. Ова ќе ви овозможи да им пристапите на поотворен и поинформиран начин.
  • Работете на подобрување на самосвесноста. Постојат повеќе тестови базирани на докази кои можат да ви помогнат да ги искорените несвесните предрасуди кои можеби ги имате.
  • Споделувајте и дискутирајте за својата пристрасност со другите. Недостигот од вештини или знаење може да ве спречува да ги препознаете сопствените граници. Но, луѓето околу вас можат да ви помогнат да ги увидите и да ви дадат нова перспектива – која инаку може да не сте ја помислиле.
  • Бидете отворени за критики. Ова е клучно доколку сакате да надминете несвесна предрасуда. Така можете да го подобрите своето расудување од аспект на грешки и недостатоци, чекор по чекор.