ЗХГ
Скопје може да елиминира 15% од биоотпадот и да заштеди!

Скопје може да елиминира 15% од биоотпадот и да заштеди!

СО ПРЕДЛОГОТ НА ЗХГ ЗА 10 БИОКОМПОСТАРИ ГРАД СКОПЈЕ МОЖЕ ДА ЕЛИМИНИРА 15% ОД БИООТПАДОТ И ДА ЗАШТЕДИ ДО 40 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ГОДИШНО! КОЛКУ МАЛКУ ТРЕБА ДА СЕ ИНВЕСТИРА ЗА ДА СЕ ДОБИЕ МНОГУ.

Денес една од точките на дневен ред на петтата седница на Советот на Град Скопје беше извештајот за извршување на буџетот. Во продолжение став на советничката Драгана Велковска:


Според информациите наведени во извештајот за извршување на буџетот заклучно со 31.12.2021 г. реализацијата на проектите за 2021 г. во основниот буџет е 80%.


Но јас би сакала да се осврнам на еден од, за нас, најклучните сектори – Секторот за заштита на животната средина. Секторот за заштита на животната средина во текот на 2021 г. има реализација од приближно 66%, но она што е најважно е какви придобивки ние како граѓани сме почувствувале од трошењето на овие средства во износ од 143.559.487 мкд?


Во изминатите четири години градот потрошил некаде половина милијарда денари за проекти во надлежност на Секторот за заштита на животната средина. Просечната реализација на проектираните средства на годишно ниво е некаде 63%, но ќе го повторам прашањето – кои придобивки сме ги почувствувале ние како граѓани за овој период? И не само за овој период, тој е земен како пример, прашањето се однесува воопшто на работата на овој сектор наназад низ годините.

Нереализирани проекти


Ставот на ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД е дека е крајно време проектите кои се финансираат со јавни пари да произведат радикални промени на подобро во соодветните сфери. Освен тоа, очекувам да го видиме крајот на ставки кои се провлекуваат низ 2 или 3 буџета, а чијашто реализација останува нула, како на пример Тригодишната програма за енергетска ефикасност која се провлекува уште од 2020 г.

Во моментов градот нема Програма за енергетска ефикасност бидејќи на последната ѝ истече важноста во 2020 г., што е прекршување на обврската што произлегува од чл. 7 од Законот за енергетска ефикасност. Друг пример е ревитализација/рекултивација на Водно за што неколку години по ред се предвидуваат средства во износ од 10 или 15 милиони мкд, а реализацијата останува 0, иако НЕР (поранешен МЕР) наводно префрли 43 милиони денари на Град Скопје за конкретната намена.


Ќе направам споредба меѓу еден од реализираните капитални проекти од секторот – зелен кров во износ од 18,5 милиони денари и еден од предлозите од Граѓанскиот буџетски форум што го организираше ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД – општински компостари на биоотпад во износ од 16 милиони денари.


Јас и во минатиот мандат сум поддржувала секакви проекти со кои се овозможува зголемување на процентот на зеленилото во градот, но ниеден проект без оглед колку да се добри намерите не смее да се спроведува без да се анализираат придобивките и недостатоците.

  • Кои придобивки скопјани ги почувствувале од овој зелен кров?
  • Какви системски промени се иницирани со неговото поставување?
  • Имаме ли поврат на инвестицијата?
  • Ако да, за кој временски период?
  • Дали проектот е самоодржлив и профитабилен?


За споредба – предлогот од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за буџетот на Град Скопје за 2022 г. за поставување биокомпостари има за цел намалување на обемот на комуналниот отпад во градот и создавање вредност од него.

Според последниот ЛЕАП на Град Скопје во Градот се произведуваат околу 40.000 тони биоотпад годишно. Според извештаите од КХС бројот е тука некаде – меѓу 40 и 50.000 тони годишно. Ефектот од тие 16 мил. мкд кои ЗХГ ги предложи е поставување на 10 општински еднотонски компостари на биоотпад со капацитет во 24 часа секоја од нив да обработува по 2 тона биоотпад (т.е. 1 тон на секои 12 часа).

Ако земеме дека една биокомпостара има во просек 300 работни дена годишно, тоа значи елиминирање на 6.000 тони биоотпад годишно (15% од вкупната количина што се продуцира во Град Скопје). Тоа е заштеда од околу 5 милиони денари годишно само за депонирање, што чини над 800 мкд по тон. Дополнително на ова е заштедата на ѓубриво што ќе ја има за ЈП Паркови и зеленило – ако се земе предвид дека процентот на ѓубриво што се добива како краен продукт е меѓу 20 и 30% од вкупната количина на биоотпад – годишното производство на биоѓубриво само од 10 еднотонски компостари би било меѓу 1.500 и 2.000 тона што е годишна заштеда од околу 20-30 милиони денари.

инвестиција во биокомпостари


Имајте предвид дека овде зборувам само за финансиски придобивки, а воопшто не го ни спомнувам исклучително важното намалување на загадувањето на сите медиуми на животната средина со депонирање на биоотпад, не го ни спомнувам извонредниот потенцијал на биокомпостарите да бидат воедно и биогасни централи со што во комбинација со зелени инвестиции во соларна енергија Градот би можел да воспостави сопствен интегриран систем за производство на електрична енергија од обновливи извори.


Со 16 милиони денари можеме да почнеме да револуционеризираме една од најбитните сфери под надлежност на Градот – управувањето со отпадот, а потенцијално и енергетиката, со што истовремено би се стремеле и кон нула отпад и енергетска независност. Во таа насока е неопходно да се планираат и да се приоритизираат јавните пари. Во насока на иновација, на визионерско планирање и посветен и непоколеблив стремеж кон зелен и одржлив развој на Скопје, но она што е најважно е замисленото да се реализира по највисоки професионални стандарди!