Бараме итно запирање на градежните активности спроти Холидеј ин!
Револтирани сме од комплетната нефункционалност односно од комплетното отсуство на институции во Македонија кои доведуваат до навидум безизлезни ситуации како оваа што ја имаме со просторот спроти „Холидеј ин“. Очигледен и оправдан е очајот кај новомаалци кои урбанистичката мафија со децении ги држела во безизлез и крајно нехумани услови, за сега да им се претставува како спасител.
Сценариото „создај проблем за да продадеш решение“ е веќе многупати видено во Македонија кога се цели јавното да се приватизира за да профитира мала група моќници. Простата замена на едни нехумани услови со други не е решение.
Од друга страна, очигледен е отпорот кај скопјани, а во најголем дел жители на Центар, против узурпирањето и дехуманизирањето на последната „слободна“ парцела на тој дел од градот. Институтот за комуникациски студии следејќи го случајот во свој напис ја наведе следнава информација:
„Продажбата [на парцелата, н.з.] ја извршило Министерството за транспорт и врски врз основа на извод од ДУП кој не се применува, согласно одлука донесена од Општина Центар за запирање на спроведувањето“, информираа лани од Антикорупциската комисија.
Сепак, Државниот правобранител дал позитивно мислење, а од Министерството за транспорт и врски тврдеа дека нема ништо спорно во продажбата.
Земјиштето спроти „Холидеј ин“ беше продадено во октомври 2018 година, по цена од 19.200 денари (312 евра) за квадратен метар. Тогаш Министерството продаде 9.048 квадрати, кои заедно со земјиште во приватна сопственост, добиено по пат на денационализација овозможија оформување на парцела од над 13.000 квадратни метри.
Предметниот урбанистички план усвоен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9816/10 на 21.12.2012 година не може и не смее да произведува правно дејство затоа што не е во согласност со Генералниот урбанистички план на Скопје 2012-2022 и со неговото применување е прекршен членот 35 став (5) од Законот за урбанистичко планирање (ЗУП) кој гласи:
Детален урбанистички план или дел од детален урбанистички план што не е усогласен односно е во спротивност со одредбите од генералниот урбанистички план, не може да се применува.
Оттука, и продажбата на земјиштето од страна на Министерството за транспорт и врски и одобрението кое го издал градоначалникот на Општината Центар се незаконски бидејќи произлегуваат од незаконското спроведување на деталниот урбанистички план за Ц 08 кој е спротивен на Генералниот урбанистички план за Скопје 2012-2022.
Иницијативата ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД во јули годинава поднесе претставка до Државниот инспекторат за локална самоуправа, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Инспекцискиот совет поради незаконските процеси околу спроведувањето на деталниот урбанистички план вклучително издавањето на одобрението за градење.
Претставката беше изработена врз основа на елаборатот изготвен од стручните служби на Општина Центар каде што се минуциозно наведени сите неопходни аргументи поради кои тие оценија дека спорниот ДУП за Ц 08 е задолжително да се суспендира во согласност со Законот за урбанистичко планирање. Меѓу наведените причини се енормно надминување на параметрите од Генералниот урбанистички план како што се максималниот број на жители, просечниот процент на изграденост за домување, како и скандалозно навлегување на спорниот ДУП во регулациската линија на ГУП-от, поточно навлегување на градежната парцела во дефинираниот профил на улица од примарната мрежа.
Позицијата на регулациските линии во урбанистичкото планирање е прашање од јавен интерес, како и следењето на хиерахиската усогласеност на плановите. Градењето на објекти за општа употреба меѓу кои спаѓаат и улиците е дефинирано како „јавен интерес од локално значење“ согласно со регулативата.
Јавното обвинителство во мај годинава ја доби иницијативата од Државната комисија за спречување на корупцијата за спорниот ДУП која ја опфаќа локацијата спроти хотелот „Холидеј ин“ во центарот на Скопје.
До денес јавноста нема добиено никаков одговор од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ниту од Обвинителството иако се поминати четири, односно шест месеци од денот кога овие институции ги примиле пријавите. Градежните активности на паркингот спроти „Холидеј ин“ мора да запрат, а постапката во Обвинителството не смее повеќе да се одолговлекува!
Бараме
- 1. Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Јавното обвинителство најитно да си ја исполнат својата должност и да го заштитат јавниот интерес, а новомаалци да добијат решение и излез од нехуманите услови во кои живеат.
- 2. Советот на Општина Центар најитно да го изгласа елаборатот за суспензија за натамошно спроведување на овој ДУП. Во моментов е издадено одобрение за еден од 3 планирани објекти на една од 3 парцели. Можноста за издавање одобрение за другите 2 објекти-кули на првата парцела и за окрупнување на другите 2 парцели и целосно приватизирање на овој простор без содржини од јавен интерес, во моментов институциите ја оставаат ширум отворена.
Скопје 28 ноември 2021 г.