Eco-Friendly Практики
Од избегнување пластика до компостирање цигари: Како грчките острови се тркаат во рециклирање?

Од избегнување пластика до компостирање цигари: Како грчките острови се тркаат во рециклирање?

  • Грчките острови ги зголемуваат напорите да постигнат „нула отпад“ и да ги намалат емисиите на јаглерод, додека Грција се бори да ги достигне строгите цели на ЕУ во однос на рециклирањето.
  • Тилос рециклира до 86% од своето ѓубре и засекогаш ја затвори својата депонија.
  • Рециклирањето ги намалува емисиите на јаглерод и метан и отвора повеќе работни места за граѓаните отколку депонирањето/согорувањето отпад.
  • Но да се ангажира и поттикне населението во поголемите градови останува предизвик.

Пред малиот грчки остров Тилос да стане големо име во областа на рециклирањето, сопственик на таверна – Аристотел Шацифунтас, знаел дека секогаш кога ќе го фрли ѓубрето од неговиот ресторан во општинскиот контејнер на улица, тоа ќе заврши на локалната депонија.

Депонијата на островот Тилос (кој брои 500 жители и е сместен во близина на јужниот брег на Грција), прераснала во „инфицирана рана” кога во 1960 година бродовите од соседните острови почнале да носат пакувани стоки и да ги истовараат тука.

Шест децении подоцна, во декември минатата година, Тилос започнува сериозна кампања за конечно да го реши проблемот со загадувањето. Денес Тилос рециклира до 86% од своето ѓубре, што е рекордно високо ниво во Грција според властите, а депонијата е засекогаш затворена.

Шацифунтас раскажува дека му бил потребен само еден месец за да се навикне да го распределува своето ѓубре во три корпи – првата за органски отпад; втората за хартија, пластика, алуминиум и стакло; и третата за сѐ останато.

*Органскиот отпад, познат и како биоразградлив отпад, се состои главно од живи организми, растителни или животински. Примерите вклучуваат отпад од храна (овошје, зеленчук, нивните лушпи, храната која останува во рестораните и нашите домови), отпадна вода, отпад од ѓубриво, зелен отпад, биоразградлива пластика и отпад од кланиците на животни.

Затворањето на депонијата беше вистинското решение. Потребен ни е постојан и поеколошки одговор.“ 

неговата изјава за Фондацијата Томсон Ројтерс.

Триумфот на Тилос над ѓубрето го стави ова малечко островче меѓу првите во „меѓуостровската трка“ која произлезе од обидите на Грција да ги исполни строгите цели за рециклирање поставени од Европската унија (ЕУ).

Истовремено, сите институции, компании и влади ширум светот се приморани ревносно да работат на „политики на нула отпад“ во напорите за ограничување на емисиите на стакленички гасови кои ја оштетуваат озонската обвивка која ја чува нашата планета од прекумерено загревање на површината.

„Знаеме како да победуваме на трки. Но, оваа трка не е спринт. Ова е само првиот чекор и не е лесен“.

– заменик-градоначалникот на Тилос, Спирос Алиферис.

Напорите на островот се во контраст со целокупните напори на Грција на ниво на држава

Во 2019 година, земјата рециклирала и компостирала само една петтина од својот комунален отпад, по што се најде на 24то место меѓу 27 земји рангирани од Заводот за статистика на ЕУ.

За жал, тоа е далеку од целите на ЕУ за рециклирање или подготовка за повторна употреба на 55% од комуналниот отпад по тежина до 2025 година и 65% до 2035 година.

Грција презеде и дополнителни чекори против културата на фрлање, како на пример, продавниците задолжително мора да им наплатат на своите клиенти за пластични кеси за еднократна употреба, кога луѓето не си носат торбички или платнени кеси за повеќекратна употреба. 

„Сепак ние како држава, доста заостануваме назад кога станува збор за рециклирање и реупотреба на отпад овде. Рециклирањето може да ги намали емисиите кои ја затоплуваат нашата планета со самото намалување на потребата за производство на нови производи кои се составени од суровини кои испуштаат голема количина на јаглерод кога ги гориме и се справуваме со нив како ѓубре““

изјави Димитриос Комилис, професор по управување со цврст отпад на Универзитетот Демокрит во Тракија, во северна Грција.

Целосното затворање на депониите, исто така може драстично да го намали ослободувањето на метан, кој претставува силен стакленички гас и се произведува кога органските материи (како храната и вегетацијата фрлени во депониите) гнијат во услови со ниска содржина на кислород.

Системите за селекција на отпад отвораат многу повеќе работни позиции за граѓаните отколку депонирањето

И зелените здруженија и организации забележуваат и известуваат дека системите за селекција на отпад отвораат многу повеќе работни места за граѓаните отколку депонирањето или согорувањето на депониите од проста причина што собирањето, селектирањето и рециклирањето на ѓубрето бара повеќе труд.

*Со други зборови, паметното управување со отпад не само што носи корисни придобивки за зачувување на пријатни услови за живот на нашата планета, туку претставува и чекор кон намалување на стапката на сиромаштија во земјите во развој каде има висока стапка на невработеност. Со самото тоа што државните органи ќе воведат задолжителни системи и практики за селекција на отпад, се отвораат можностите за секој оној кој сака да работи, да може лесно да си заработи за основни услови за живот. 

„Но, достигнувањето на нула отпад на ниво на држава не е толку едноставно како следење на успесите и водството на Тилос – секој регион или град различно создава ѓубре и постапува со него.“

изјави истражувачот Доминик Нол, кој работи на одржливи премини на острови во Виенскиот институт за социјална екологија.

„Техничките решенија можат да бидат подобрени, но социоекономскиот и социокултурниот контекст е секогаш различен“, додава Нол.

„Секој проект или програма треба да обрне внимание на овие контексти за да се имплементираат решенија за намалување и третман на отпадот.“

*Односно, МОРА да се шири свеста и да се едуцираат сите граѓани на овие теми и да се поттикнат во правец на:

  • намалување на употребата на пластични производи; 
  • намалување на „зависноста“ од непотребен конзумеризам—постојаното купување нови производи (облека, играчки, итн.) кои многу брзо ни стануваат здодевни и само се натрупуваат на депониите;
  • селекција на отпад – кој би се фрлал во три различни корпи и потоа би се рециклирал и компостирал;
  • стопирање на навиките да се фрла ѓубре насекаде—со високи казни и поставување знаци кои ќе предупредуваат за казните кои ти следуваат доколку фрлиш ѓубре, како и поставување корпи за отпадоци на блиски растојанија и нивно редовно празнење;

И слични, општествено одговорни практики. 

Со рециклирањето ѓубре со висока вредност, Тилос изгради репутација на полигон за зелените амбиции на Грција, станувајќи првиот грчки остров што го забрани ловот во 1993 година и во 2018 година стана еден од првите острови во Медитеранот што главно функционира на електрична енергија произведена од ветер и соларни панели.

За својот проект „Just Go Zero“, островот се здружи со Polygreen, мрежа на компании со седиште во Пиреја кои промовираат циркуларна економија, чија цел е да го тргне отпадот и загадувањето надвор од синџирите на снабдување.

Неколку пати неделно, Polygreen испраќа локални работници од врата до врата за да го собират отпадот од домаќинствата и бизнисите кои ги користат нивните корпи за отпад, а тие потоа дополнително го одвојуваат и селектираат рачно.

Андонис Мавропулос, консултантот кој го дизајнираше системот на Polygreen, изјави дека „тајната“ за успешно рециклирање е да се максимизира пазарната вредност на отпадот.

„Колку повеќе раздвојувате (селектирате) отпад, толку на материјалите кои се добиваат од него им расте вредноста“,

изјави Андонис, објаснувајќи дека отпадот собран во Тилос се продава на компании за рециклирање во Атина.

Објектот за рециклирање на Polygreen е сместен веднаш до веќе-непостоечката депонија во сушните планини во Тилос.

Тие за кратко време успеваат да сортираат шарен асортиман на ѓубре во 25 различни купчиња – почнувајќи од искористено растително масло (наменето да стане биодизел), до отпушоци од цигари—кои се распарчуваат за да потоа се компостираат или се претвораат во материјали како звучна изолација.

Органскиот отпад се компостира. Но дел од ѓубрето, како медицинските маски или употребените салфетки, не може да се рециклира, па Polygreen го ситни за да може да го претвори во цврст материјал кој ќе се користи за цементната индустрија на копното.

„Досега се сортирани повеќе од 100 тони комунален цврст отпад – што претставува еднаква тежина на речиси 15 големи африкански слонови,“

изјави менаџерот на проектот, Дафне Манциу.

Поставувањето на проектот чинел помалку од 250.000 евра – и, според бројките на Polygreen, неговото спроведување не ги надминува комбинираните трошоци од обичниот, редовен начин за управување со комунален отпад и новиот данок од 20 евра по тон депониран отпад што Грција го воведе во јануари.

„Повеќе од десет грчки општини и некои помали региони изразија интерес за дуплирање на проектот,“

– портпаролката на компанијата, Ели Панагиотопулу.

Слично како Polygreen, ние кај нас ги имаме Redi-Recycling, Пакомак и Селектирај Отпад💞

„Redi Recycling“ или „РЕДИ рециклажа“ ти овозможува да пријавиш дека сакаш да селектираш отпад во твојот станбен објект или во фирмата во која работиш преку пополнување на оваа форма или преку телефонските броеви:

☎️ 070-899-190
☎️ 071-575-723

♻️ Услугата е целосно бесплатна!

Откако ќе пријавиш, вработените во претпријатието ќе дојдат на твојата локација и ќе постават корпи за селектирање на отпадот, посебно за пластика и посебно за хартија. Бесплатно.

Вие селектирате, ние собираме! – е нивното мото

Корпите се поставуваат внатре, во ходникот на зградите. Во зависност од големината на зградата, толку корпи и ќе се постават.

Откако вие ќе селектирате (пластика, хартија) и ќе се наполнат корпите со отпад, работниците од претпријатието доаѓаат со нивните електрични трицикли (0% загадување, 100% ефикасност) и лиценцирани собирачи—од маргинализираните групи и ромската заедница (0% сива , 100% зелена економија) и ги празнат еднаш неделно.

Со камион отпадот се транспортира во складиште, каде што се врши дополнителен третман и процес на рециклирање и во моментов соработуваат со неколку лиценцирани складишта што откупуваат хартија и пластика.

На тој начин, социјалното претпријатие „РЕДИ рециклажа“ им овозможува на неформалните собирачи на хартија и пластични шишиња да обезбедат средства за живот и сигурно вработување.

Пакомак“ пак, имаат поставено над 2.000 контејнери за селекција на отпад низ целата држава.
Отвори ја мапата на Пакомак и дознај каде точно се наоѓаат контејнерите за селекција на отпад од стакло, хартија и пластика во твоја близина.

За собирање на отпадот и редовно празнење на Пакомак контејнерите во Скопје задолжено е јавното претпријатије „Комунална Хигиена Скопје“ (КХС). Доколку видиш преполн контејнер, јави се и пријави на бројот: 0800 222 33. По твојата пријава, нивна обврска е во најбрз можен рок да дојдат на локацијата и да го испразнат контејнерот.

Во зелениот контејнер на Пакомак се селектира стакло, во синиот хартија, а во жолтиот пластика.

Селектирај отпад“ е релативно нова и мала иницијатива која работи на принцип на мобилно собирање селектиран отпад од домаќинства.

Има и своја мобилна апликација, истоимена, во која освен што се излистани сите типови отпад кои можете да ги селектирате (хартија, пластика, лименки), дава информации и како да се ослободите од својот електричен и електронски отпад преку иницијативата „Нула отпад“ и нивен контакт.

Но, најважниот дел од апликацијата е тоа што можете да закажете термин кога сакате да го предадете вашиот отпад! Иницијативата засега работи во општина Аеродром, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар, како и во Валандово и Струмица.

Постојат конкретни термини за собирање на одредени локации и можете да изберете некој од нив. Едноставно е – го носите својот отпад првиот пат во свои кеси, а потоа можете постојано да подигнувате кеси од собирачот. Кесите имаат QR кодови со чие скенирање можете да закажете следен термин за собирање.

Да се вратиме назад во Грција 😉

Нема време за губење

„Реплицирањето на успехот на Тилос во поголем обем може да биде тешко. Големите градови можеби имаат пари и инфраструктура за ефикасно справување со нивниот отпад, но ангажирањето на клучните институции, бизниси и милиони домаќинства е потежок потфат. Едноставно полесно е да се поврзеш со луѓето кога живееш во помала општина и да те понесе бранот на одржлив начин на живот“,

објаснува Нол, истражувач за одржливост.

Кога островот Парос, од околу 200км северозападно од Тилос, реши да го „исчисти и стави во ред“ својот однос кон оваа проблематика, се соочи со нов предизвик – бројот на жители на ниво на град, изјави Зана Контоманоли, која ја предводи иницијативата Clean Blue Paros, поддржана од Common Seas – социјално претпријатие со седиште во Велика Британија.

Населението на островот од околу 12.000 жители се зголемува за време на туристичката сезона кога стотици илјади посетители допринесуваат за речиси 5.000 отсто од отпадот, вклучително и 4,5 милиони пластични шишиња годишно,

– Контоманоли.
рециклирање на пластика

Како одговор, Common Seas започна кампања на целиот остров во 2019 година за да ја ограничи потрошувачката на флаширана вода, еден од бројните нејзини проекти против загадувањето од пластика.

Користејќи улични знаци и банери, како и пораки на екраните во траектите со кои туристите пристигнуваат на островот, идејата беше да се отфрли вообичаеното, но погрешно верување дека локалната вода не е за пиење.

„Уделот на посетители кои имаа погрешна перцепција дека не можат да ја пијат водата од чешма на островот по оваа кампања се спушти од 100% на неверојатни 33%! Ако можеме целосно да ги избегнеме тие пластични шишиња кои доаѓаат на островот, сметаме дека тоа е далеку подобро решение отколку да ги рециклираме,“

пренесува Контоманоли.

Друга група во борба против отпадот која размислува на големо е непрофитната мрежа на одржливи грчки острови DAFNI, која од минатото лето испраќа работници со електрични возила да собираат ѓубре за рециклирање и повторна употреба на островот Китнос.

Менаџерот на проектот, Деспина Бакоџани, изјави дека ова некогаш се сметало за „најголемиот проект за технолошки иновации што некогаш бил имплементиран на грчки остров“ – но трката до нула отпад сега се вжештува и веќе има далеку поамбициозни планови за работа.

Тие ја вклучуваат CircularGreece, нова иницијатива вредна 16 милиони евра, DAFNI, приклучена заедно со пет грчки острови и неколку области на копното, како Атина, сите со заедничка цел да зголеми ре-употребата и да се рециклира што е можно повеќе, како и да се зајакне употребата на обновлива енергија.

„Тоа ќе биде најголемиот проект за циркуларна економија во Грција“, извести Бакоџани.

(Линк до оригинален текст.)


Доколку ти се допадна оваа статија, сподели ја со твоите пријатели!
Помогни ни да ја шириме свеста за важноста на селектирање и рециклирање на отпад и сите придобивки кои заедно ќе ги уживаме од тие практики на ниво на општество!

Нека кружат позитивните примери и нека не инспирираат сите!

Со 💚, Зелен хуман град.