
Како аерозагадувањето му штети на нашето здравје?
Најнапред, да го нагласиме најважното – не постои такво нешто како безбедно ниво на загаденост.
Нивоата што се усогласени како максимални граници на загаденост претставуваат вредности што наводно предизвикуваат минимални штети по човековото здравје, но сепак се штетни. Во последно време е увидено дека и помала концентрација на загаденост предизвикува поголема штета од претходно проценетото. Затоа, препораките се насочени кон намалување на границите на „дозволено“ ниво на загаденост.
Зимскиот период за нашиот главен град, како и за повеќето населени места ширум земјава, неизбежно значи – рекордно загаден воздух. За жал, овој круцијален проблем станува актуелен само во зимскиот период, кога мерните станици регистрираат вредности и 50 пати над дозволените. Загадениот воздух е најопасниот надворешен фактор што придонесува за ризик од болести и прерана смрт.
Всушност, од 2014 година наваму, истражувањата во светски рамки евидентираат дека дишењето загаден воздух е поопасно од лошата исхрана, неактивниот живот, високиот крвен притисок, па дури и од пушењето цигари. (Global Pandemic – Air Pollution | Romain Lacombe | TEDxAthens). 😷
Во продолжение ќе ги опфатиме и анализираме специфичните аспекти, односно сегментите од човековото здравје што загадениот воздух ги нарушува.
За колку ни го скратува животот?
Ќе започнеме со бројки од глобалната статистика, според која 7 милиони луѓе годишно прерано умираат како последица од аерозагадувањето (This is your brain on air pollution | María Neira). За полесно да визуелизирате, тоа би значело дека секоја година една метропола со големина на Мадрид прерано умира поради штетните последици од загадениот воздух.
Ако се префрлиме локално, во Македонија тој број достигнува до 3.828 случаи на прерана смртност како директен резултат од аерозагадувањето. Според истражувањата, македонските жители губат во просек половина година од својот живот поради дишење загаден воздух. Овој просек е двојно зголемен, односно значи скратување на цела година од животот доколку живеете во една од скопските општини, како што се Центар, Карпош, Бутел, Гази Баба, Чаир, Ѓорче Петров и Аеродром (За колку ви го скратува животот загадениот воздух во Македонија?).
Сличен е исходот и доколку живеете во некоја од останатите општини ширум земјава. Европската агенција за животна средина и Светската здравствена организација се истомисленици кога станува збор за аерозагадувањето како заеднички проблем на Балканот.
Според податоците на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), Македонија е на самиот ВРВ со највисока стапка на смртност поврзана со загадувањето на воздухот во Европа. Годишно, околу 3.828 смртни случаи во земјата се припишуваат на изложеноста на ПМ2.5 честички, што претставува 17,7% од вкупната смртност.

За ПМ2.5 честичките, најголемите релативни влијанија (години изгубени од живот на 100.000 жители постари од 30 години) се забележани во земјите од Југоисточна Европа, и тоа Македонија е на првото место по години на изгубен живот на 100.000 жители поради изложеност на PM2.5 честитките и води пред Косово (под UNSCR 1244/99) и Босна и Херцеговина, по опаѓачки редослед, како и при разгледувањето само на земјите-членки на ЕУ-27 (Бугарија, Полска и Романија).
Хрватското население го дише најчистиот воздух на овие простори, но бидејќи аерозагадувањето не познава граници не може да се каже дека се поштедени од емисиите на ПМ и слични загадувачи кои во атмосферата ги испуштаат нивните соседи.
Што значи загадување на воздухот?
Пред да продолжиме, ќе го дефинираме значењето на загадувањето на воздухот. Загадувањето на воздухот претставува контаминација на воздухот со хемиски, физички или биолошки агенси (Air pollution – a major global public health issue). Аерозагадувањето е најголемиот ризик по здравјето кој потекнува од надворешната средина.
Загадениот воздух ни штети на сите, но најранливи се постарите лица, децата, како и лицата со хронични срцеви и белодробни заболувања. Воздухот, како надворешниот, така и оној внатре во нашите домови, може да биде загаден. Факторите кои го загадуваат воздухот надвор се делат на природни — односно биогени, и човекови — односно антропогени. Загадувачи на воздухот од природно потекло се шумските пожари и прашината од пустините.
Загадувачи на воздухот кои потекнуваат од човекот се: индустријата, согорувањето фосилни горива и моторните возила. Постојат стотици различни загадувачи на воздухот, но подолу ќе ги издвоиме најважните:
ПМ честичките претставуваат многу ситни честички, цврсти или течни. Некои од нив се видливи, како на пример зрното прашина, но повеќето можат да се видат само под микроскоп. Нивниот дијаметар најчесто е 30 пати помал од дијаметарот на влакно коса. Според должината на дијаметарот, мерена во микрометри или микрони, се делат на ПМ10, ПМ5 и ПМ2,5.
Најопасни се оние со дијаметар помал од 10 микрони, кои лесно можат да навлезат преку белите дробови во крвотокот, а потоа да минат низ целиот човечки организам. Најчесто се формираат како резултат на индустријата, загревањето на фосилни горива, особено мазут и нафта, како и издувните гасови на возилата, со акцент на дизел возилата.
- Азот диоксид (NO₂) се формира кога се согоруваат фосилни горива на високи температури, како во термоелектраните, индустриските капацитети и моторните возила. Овој гас е еден од главните загадувачи на воздухот и има сериозни здравствени последици, вклучувајќи оштетување на дишните патишта и влошување на состојбите како што се астмата и бронхитисот. Азот диоксид, кога е во високи концентрации, може да го зголеми ризикот од срцеви заболувања и да влијае на животната средина, предизвикувајќи формирање на киселини во дождот.
- Јаглерод моноксид (CO) е безбоен и безмирисен гас кој се формира кога јаглеродот во горивото не се согорува целосно. Главно се испушта од моторните возила, особено во урбани области со фреквентен сообраќај, како и од некои индустриски процеси. Поради тоа што е безбоен и безмирисен, јаглерод моноксид е особено опасен, бидејќи може да предизвика труење ако се наоѓате во затворени простории со високи концентрации. Токсичноста на овој гас може да доведе до главоболки, замор, вртоглавица, па дури и до смрт.
- Сулфур диоксид (SO₂) се формира кога се согоруваат горива кои содржат сулфур, како што се мазут и јаглен. Овој гас најчесто се испушта од термоелектраните и индустрискиот сектор. (Во нашиот случај, во Македонија, се испушта и од јавните објекти кои користат мазут и нафта за загревање во зимските месеци—мапирани од Шанса за Центар во 2023 година). Кога сулфур диоксид доаѓа во контакт со водена пара во атмосферата, може да предизвика формирање на кисел дожд, кој има сериозни последици за природата и градската инфраструктура. За здравјето, сулфур диоксид може да ги иритира дишните патишта и да ја влоши состојбата кај луѓе со астма или хронични белодробни заболувања.
- Олово се ослободува од процесирање на метал и руда, но исто така и кога средствата за превоз користат гориво кое содржи олово.
- Озон на земјата се формира кога сончевата светлина реагира на одредени хемикалии во воздухот. Озонот во атмосферата служи како заштитна обвивка, но озонот на земјата е штетен.
Загадувањето на воздухот не се однесува само на надворешната околина. За жал и нашите домови може да бидат контаминирани со хемиски, физички или биолошки агенси. Аерозагадувањето внатре во нашите домови најчесто е резултат на користење печки на дрва, пестициди, некои од средствата за чистење кои се користат во домаќинството и пушењето цигари.


Извор
Загадениот воздух влијае негативно на секој витален орган во човековото тело
Во изминатите неколку години објавени се повеќе од 70 илјади научни трудови со истражувања за ефектот што загадувањето на воздухот го има врз човековото здравје. Самиот број сигнализира за сериозноста на проблемот со кој се соочуваме. Според Мариа Неира, шпанска докторка и директорка на Одделот за јавно здравје во Светската здравствена организација (WHO), загадениот воздух негативно влијае на секој витален орган во човековото тело.
Ако во минатото сметавме дека аерозагадувањето главно му штети на нашиот респираторен систем, односно на дишните патишта и белите дробови, денес, со помош на многубројни студии, можеме да заклучиме: заfгадениот воздух претставува ризик за целокупното човеково здравје. Загаденоста не познава граници, а тоа особено важи за честичките со дијаметар помал од 10 микрони. Преку горниот респираторен систем тие стигнуваат до белите дробови, а оттаму, поради своите димензии, лесно навлегуваат во крвотокот.
Со испумпување на срцето, овие опасни честички се пренесуваат до секој орган во човековото тело. Ниеден орган ни систем не е поштеден. На удар се белите дробови, срцето, крвните садови, мозокот, бубрезите, црниот дроб, кожата, мускулите, па дури и дигестивниот тракт. Ефектите врз здравјето од изложеноста на загаден воздух се делат на краткотрајни и долготрајни. Пред сè, тие зависат од видот на загадувач на кој сме биле изложени, концентрацијата, времетраењето и нашите лични здравствени предиспозиции.
Аерозагадувањето врз респираторниот систем
Загадениот воздух му наштетува на респираторниот систем кај здравите поединци, но е особено штетен за оние кои веќе имаат дијагностицирана астма, хронична пневмонија, позната и како хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), и други респираторни нарушувања (Understanding Air Pollution).
Во бројни студии спроведени меѓу детската популација е утврдена тесна поврзаност меѓу изложеноста на загаден воздух и инфекциите на горните и долните дишни патишта. Во студија која се заснова на податоци собрани во временска рамка од 18 години во Атланта (Џорџија) за деца до 4 години се открива дека изложеноста на загадувачи во воздухот, како што се озон, азот диоксид и ПМ2.5, кои се производ на употребата на фосилни горива во сообраќајот, ја влошува состојбата на инфекциите на горниот и долниот респираторен систем кај најмладите (Air Pollution and Acute Respiratory Infections Among Children 0–4 Years of Age: An 18-Year Time-Series Study).
Во четири студии спроведени врз детската популација во земји во развој е пронајдена поврзаност меѓу смртноста кај децата заболени од акутни инфекции на респираторниот систем и аерозагадувањето (Outdoor air pollution and acute respiratory infections among children in developing countries). Аерозагадувањето го зголемува ризикот од акутни респираторни инфекции кај младиот организам, а истовремено го отежнува и заздравувањето.
Во студија што го проучувала респираторното здравје кај децата жители на Делхи, еден од најзагадените градови во светот, се открило дека 32,1% од испитуваните деца страдаат од респираторни проблеми, во споредба со 18,2% од децата кои живеат во руралните делови на Индија и се користени како контролна група (Effects of air pollution on the respiratory health of children: a study in the capital city of India). Во оваа студија е утврдена значајна и силна позитивна врска меѓу концентрацијата на ПМ10 честичките во воздухот на Делхи и појавата на симптоми на долниот респираторен систем.
Загадениот воздух освен што може да ги иритира дишните патишта кај повозрасните, често предизвикува и отежнато дишење, глад за воздух, кашлање, кивање, астма и болки во градите.

Поврзаноста на аерозагадувањето со рак на бели дробови
Аерозагадувањето ја зголемува и шансата да развиете рак на бели дробови (Are There Environmental or Health Factors that Can Cause Lung Cancer? | American Lung Association).
Иако пушењето цигари е ризик фактор број еден, загадениот воздух исто така е наведен на листата на значајни фактори составена од Американската асоцијација за бели дробови. Смртноста од рак на белите дробови се зголемува при изложеност на загаден воздух, а во светски рамки, според студија спроведена во средината на 90-тите години, изнесувала 62.000 случаи. Според истата студија, 60% од овие случаи се евидентирани во земјите во развој, во урбани средини (Air pollution and lung cancer: what more do we need to know? | Thorax). Особено опасни во овој контекст се ПМ2.5 честичките.
Во студија спроведена од Американската асоцијација за рак, во која се земени предвид 10.749 смртни случаи како последица од рак, евидентирано е дека со секои зголемени 10 микрограми на метар кубен, шансата за рак на белите дробови се зголемува од 4% до 18%. [Сега ни е појасно зошто мерните станици кои го мерат квалитетот на воздухот (AQI) на одредена територија редовно информираат за концентрацијата на ПМ10 и ПМ2.5, мерена во микрограми на метар кубен.] Особено важно е да се истакне дека од 2021 година Светската здравствена организација го класифицира аерозагадувањето во целост како канцерогено (Does Air Pollution Cause Lung Cancer? – CancerConnect).
Во минатото, некои сегменти од аерозагадувањето, како што се издувните гасови од дизел возилата, односно ПМ2.5, се сметале за канцерогени. Но, сега за првпат аерозагадувањето во целост е карактеризирано како канцероген и е сместено во истата група број 1 (најопасната според поделбата на Интернационалната агенција за истражување на рак – IARC), заедно со арсенот, чадот од цигари и азбестот.
Откако IARC прегледала илјадници студии кои ја проучуваат врската меѓу аерозагадувањето и ракот, заклучено е дека аерозагадувањето го зголемува ризикот од рак на белите дробови и рак на мочниот меур. Аерозагадувањето е водечка причина за смртност кај дијагностицираните со рак која потекнува од надворешната средина. Со актуелните студии се прават обиди да се издвојат и идентификуваат загадувачите во воздухот и нивната поврзаност со ризикот од развој на рак.
Според досегашните истражувања, врската меѓу азот оксидите во воздухот и појавата на рак постои, но не е особено изразена. За далеку поопасни се сметаат ПМ честичките добиени од согорување на горива и сулфур оксидите испуштени од индустријата.
Врската меѓу кардиоваскуларните болести и аерозагадувањето
Понатаму, според научниот журнал Nature Reviews Cardiology, врската меѓу кардиоваскуларните болести и аерозагадувањето е цврста (Environmental determinants of cardiovascular disease: lessons learned from air pollution). Загадениот воздух е ризик фактор број еден од надворешната средина, а неговиот придонес во развојот на кардиоваскуларните болести е поголем од збирот на сите останати надворешни фактори.
ПМ2.5 и озонот претставуваат најголем ризик за развој на кардиоваскуларни болести. Во студија што специфично се фокусира на штетноста врз кардиоваскуларниот систем во корелација со димензиите на ПМ честичките, се потврдува дека ПМ2.5 се поопасни од ПМ10 (Air Pollution Exposure and Cardiovascular Disease).
Всушност, постои правопропорционална корелација меѓу количината на ПМ честичките на кои сме изложени и крвниот притисок. Високата концентрација на ПМ честички во воздухот го зголемува крвниот притисок, а тоа, пак, ја нарушува целокупната функција на кардиоваскуларниот систем. Децата, постарите лица и луѓето со веќе евидентирани кардиоваскуларни нарушувања се најранливи на аерозагадувањето и на ПМ честичките со дијаметар помал од 10 микрони.
Според децениска мултиетничка студија, финансирана од Американската агенција за заштита на животната средина (EPA), утврдена е директна врска меѓу атеросклерозата и загадувањето (Linking Air Pollution and Heart Disease | US EPA).
Да појасниме, атеросклерозата претставува наталожување на слоеви во коронарните артерии, што предизвикува нивна нееластичност и со тоа ја отежнува работата на срцето. Долготрајната изложеност на загаден воздух, особено на ПМ честички и азот оксиди, предвремено ги старее крвните садови и придонесува побрзо да се наталожи калциум на коронарните артерии. Наталожениот калциум го намалува протокот на крв до срцето и другите важни органи, а со тоа ја зголемува шансата за срцев или мозочен удар.
Мозокот е уште еден орган врз кој аерозагадувањето се одразува штетно
Последниве 10-15 години спроведени се бројни студии кои ја истражуваат врската меѓу функцијата на мозокот и аерозагадувањето. Загадувањето може да го оштети дури и нервниот систем на фетусот. Најситните ПМ честички имаат способност да ја пробијат плацентата, со што го нарушуваат функционирањето на нервниот систем уште пред да го земеме првиот здив (This is your brain on air pollution | María Neira).
Констатирано е дека долготрајната изложеност на ПМ загадувачи за време на бременоста и раното детство има негативен ефект врз развојот на централниот нервен систем кај децата, како и намалување на нивните когнитивни функции, што е евидентирано преку пониските оценки на тестовите за когнитивни способности.
Аерозагадувањето ги загрозува најмладите
долготрајната изложеност на ПМ честички за време на бременоста и раното детство не само што го попречува развојот на централниот нервен систем, туку и го зголемува ризикот од сериозни нарушувања како аутизам (ASD) и дефицит на внимание и хиперактивност (ADHD).
🔬 Според децениска студија на Факултетот за јавно здравје на Харвард:
- Ризикот за аутистично нарушување се зголемува за 64% при изложеност на ПМ2.5 во раното детство.
- За време на бременоста, особено во третото тримесечје, овој ризик се зголемува за 31%.
Ова е прашање кое го надминува личниот избор – тоа е системски проблем што бара колективна акција (Air pollution and risk of autism in children | News).
Резултатите укажуваат дека дури и ако количината на ПМ2.5 честичките е во рамки на дозволените граници, тие можат да ѝ наштетат на најранливата популација. Со други зборови, не постои безбедна количина на ПМ2.5 честички – постои само повеќе или помалку штетна.
Долготрајната изложеност на ПМ честички во раното детство може да придонесе за воспалителни процеси во мозокот, при што се менува одговорот на имуниот систем и се наталожува протеин кој подоцна може да доведе до развој на Алцхајмерова и Паркинсонова болест.
Според една неодамнешна студија, кај луѓето изложени на најголеми количини на азот диоксид, веројатноста да развијат Паркинсон е 40% поголема во споредба со оние кои биле помалку изложени (Air Pollution Linked to Higher Risk of Parkinson’s).
Оваа студија е уште една од многуте кои го потврдуваат заклучокот дека изложеноста на загадувачи и хемикалии од воздухот може да придонесе за развој на болести и нарушувања на нервниот систем. Во систематска студија спроведена од Националната библиотека за медицина, со која е направен преглед на досегашните истражувања, утврдена е поврзаност меѓу деменцијата и аерозагадувањето (Air Pollution and Dementia: A Systematic Review).
Зголемената изложеност на загадувачи во воздухот носи зголемен ризик за развој на деменција. На конференцијата на Асоцијацијата за Алцхајмер, одржана во 2021 година во Денвер, САД, било утврдено дека намалувањето на загадувањето, особено намалувањето на ПМ честичките и загадувачите од согорување на горива, истовремено ја намалува веројатноста за развој на деменција или Алцхајмер (Improving Air Quality Reduces Dementia Risk, Multiple Studies Suggest | AAIC 2021).
Изложеноста на аерозагадување ја зголемува веројатноста од развој на анксиозност и други нарушувања
Понатаму, изложеноста на аерозагадување ја зголемува веројатноста за развој на психијатриски симптоми, како што се анксиозноста, когнитивните промени и наглите промени на расположението, како и промени во однесувањето (Psychiatric aspects of air pollution). Според студија спроведена во Соединетите Американски Држави и Данска, загадувањето е поврзано со зголемен број на психијатриски случаи (Environmental pollution is associated with increased risk of psychiatric disorders in the US and Denmark).
Според статија објавена во 2021 година во Гардијан, дури и „умерената“ загаденост во воздухот го зголемува ризикот за нарушување на менталното здравје и потребата од итна психолошка помош (Air pollution linked to more severe mental illness – study). Со студија спроведена на 13.000 жители на Лондон се илустрира како дури и малата загаденост на воздухот значително го зголемува ризикот од анксиозност и депресија.
Аерозагадувањето во оваа студија се поврзува и со зголемениот ризик за самоубиство. Загадениот воздух го намалува когнитивниот перформанс и интелигенцијата кај возрасните, а во поодминати години ја зголемува веројатноста за деменција.
Да сумираме
Тука ќе застанеме да земеме здив. Постојат уште бројни студии, публикации, научни трудови и журнали кои ја објаснуваат врската меѓу човековото здравје и аерозагадувањето, но нив ќе ги оставиме за некој следен пат. Ако ги сублимираме резултатите од сите горенаведени студии, не можеме да го избегнеме заклучокот: аерозагадувањето му штети на целокупното човеково здравје.
Истовремено и физичкото и психичкото здравје се на удар. Како што демонстриравме – врската меѓу изложеноста на загадувачите и ризикот за развој на одредена физичка, бихејвиорална или ментална болест е правопропорционална. Со други зборови – зголемената и долготрајна изложеност на загадувачите значително го зголемува ризикот од развој на респираторна акутна или хронична болест (ова особено важи за најмладите), да бидеме дијагностицирани со рак, да се заразиме со вирус како што е SARS-CoV-2 и да развиеме тешка клиничка слика која може да заврши со смрт, да развиеме кардиоваскуларни болести, како и да го зголемиме ризикот од инфаркт и мозочен удар.
Не помалку важно, аерозагадувањето има моќ да го наруши и нашето ментално и емотивно здравје, да ги намали нашите когнитивни функции, да го зголеми ризикот од развој на аутизам и нарушување со недостиг на внимание и хиперактивност кај децата, како и деменција, Алцхајмер и Паркинсон кај постарата популација. Како што заклучивме досега, најопасни се ПМ2.5 честичките, кои лесно може да навлезат во крвотокот преку белите дробови, а оттаму, со брзина на светлината, да се распространат низ целиот организам, понатаму компромитирајќи го целокупното човеково здравје и сите негови витални системи.
По читањето на овие застрашувачки статистики, мора да се сетиме дека има зрак светлина на другата страна од тунелот. Според мудриот став на д-р Мариа Неира, работа на владите и градоначалниците, односно политичарите, е да усвојат закони и регулативи со кои ќе се намали и контролира аерозагадувањето. Но, нашата улога како поединци не е безначајна.
Што можеме да направиме во врска со ова?
За самостојно да влијаеме врз намалувањето на користењето фосилни горива, препорачливо е да користиме велосипед или еко-јавен транспорт. Ако веќе користиме автомобил, важно е да го чуваме технички исправен и да избегнуваме возила со дизел мотори.
Сепак, нашата примарна улога како поединци е да вршиме притисок врз надлежните за коректно да ја завршат својата работа при менувањето на законите и стандардите со кои ќе се намали и контролира аерозагадувањето. Доколку индустриите и поединците бидат обврзани да ги почитуваат овие стандарди, сите ќе бидеме чекор поблиску до почист, помалку загаден, поспокоен, поздрав и позелен свет.
Поради сите овие причини те повикуваме на протестен марш за чист воздух оваа сабота, 28ми декември, во 12:30 часот, со почеток од Министерството за животна средина и просторно планирање, до Собранието и Владата на Република Македонија со завршница пред бараките на Град Скопје.
Излези за чист воздух!