ЗХГ
Како аерозагадувањето му штети на нашето здравје?

Како аерозагадувањето му штети на нашето здравје?

Најнапред да го нагласиме најважното – не постои такво нешто како безбедно ниво на загаденост.

Нивоата кои се усогласени како максимални граници на загаденост претставуваат вредности кои наводно предизвикуваат минимални штети по човековото здравје, но сепак се штетни. Во последно време е увидено дека и помала концентрација на загадување предизвикува поголема штета отколку што било проценето. Затоа препораките се во насока на намалување на границите на „дозволено“ ниво на загаденост.

Зимскиот период за нашиот главен град, како и за повеќето населени места ширум земјава неизбежно значат – рекордно загаден воздух. За жал овој круцијален проблем станува актуелен само во зимскиот период кога мерните станици регистрираат вредности и 50 пати над дозволените. Загадениот воздух е најопасниот надворешен фактор кој придонесува за ризик од болести и прерана смрт.

Всушност, од 2014 г. наваму во истражувањата во светски рамки е евидентирано дека дишењето загаден воздух е поопасно од лоша исхрана, неактивен живот, висок крвен притисок, па дури и од пушењето цигари (Global Pandemic – Air Pollution | Romain Lacombe | TEDxAthens). 😷

Во продолжение ќе ги опфатиме и анализираме специфичните аспекти односно сегменти од човековото здравје кои загадениот воздух ги нарушува.

За колку ни го скратува животот?

Ќе започнеме со бројки од глобалната статистика, според која 7 милиони луѓе годишно прерано умираат како последица од аерозагадувањето (This is your brain on air pollution | María Neira). За полесно да визуелизирате, тоа би значело дека секоја година една метропола со големина на Мадрид умира прерано поради штетните последици од загадениот воздух.

Ако се префрлиме локално во Македонија, тој број достигнува до 3.500 случаи на прерано предизвикана смртност како директен резултат од аерозагадувањето. Според истражувањата, македонските жители губат во просек половина година од својот живот поради дишење загаден воздух. Овој просек е двократно зголемен, односно значи кратење на цела година од вашиот живот доколку живеете во една од скопските општини како што се Центар, Карпош, Бутел, Гази Баба, Чаир, Ѓорче Петров и Аеродром (За колку ви го скратува животот загадениот воздух во Македонија?).

Сличен е исходот и доколку живеете во некоја од останатите општини ширум земјава. Европската агенција за животна средина и Светската здравствена организација се истомисленици кога станува збор за аерозагадувањето како заеднички проблем на Балканот (Балканот е светски првак во загаденост).

Жителите на Босна и Херцеговина го дишат најопасниот воздух, но веднаш зад нив се Албанија, Црна Гора, Македонија и Србија. Хрватското население го дише најчистиот воздух на овие простори, но бидејќи аерозагадувањето не познава граници не може да се каже дека се поштедени од емисиите на ПМ и слични загадувачи кои во атмосферата ги испуштаат нивните соседи.

Според извештајот на Европската комисија, земји со најголем процент на смртни случаи како резултат на аерозагадувањето се: Албанија, Босна и Херцеговина, Романија, Црна Гора и Србија. Она што најмногу загрижува е што овие бројки кај нас, на Балканот, па дури и во некои подрачја на светско ниво од година во година се зголемуваат, наместо да се намалуваат. 😔

Што значи загадување на воздухот?

Пред да продолжиме, ќе дефинираме што значи загадувањето на воздухот. Загадувањето на воздухот претставува контаминација на воздухот со хемиски, физички или биолошки агенси (Air pollution – a major global public health issue). Аерозагадувањето е најголемиот ризик по здравјето кој потекнува од надворешната околина.

Загадениот воздух ни штети на сите, но најранливи се постарите луѓе, децата, како и луѓето со хронични срцеви и белодробни нарушувања. Воздухот надвор, но и внатре во нашите домови, може да е загаден. Факторите кои го загадуваат воздухот надвор се делат на природни односно биогени и човекови односно антропогени. Загадувачи на воздухот од природно потекло се: пожарите во шумите и прашината од пустините.

Загадувачи на воздухот кои потекнуваат од човекот се: индустријата, горењето фосилни горива и моторните возила. Постојат стотици различни загадувачи на воздухот, но подолу ќе издвоиме некои од најважните:

  • ПМ честички претставуваат многу ситни честички, цврсти или течни. Некои од нив се видливи како на пример зрното прашина, но повеќето се гледаат само под микроскоп ПМ честички – Прочистувач на воздух | Winix. Нивниот дијаметар најчесто е и 30 пати помал од дијаметарот на влакно коса. Според должината на дијаметарот мерен во микрометри или микрони се делат на ПМ 10, ПМ 5 и ПМ 2,5.

    Најопасни се оние со дијаметар помал од 10 микрони кои лесно може да навлезат преку белите дробови во крвотокот, а потоа да минат низ целиот човечки организам. Најчесто се формираат како резултат на индустријата и издувните гасови на возилата, особено дизел возилата.
  • Азот диоксид се формира кога се согорува гориво на високи температури. Емисијата на азот диоксид доаѓа од издувните гасови на возилата, термоелектраните и индустријата.
  • Јаглерод моноксид е безбоен гас без мирис кој се формира кога јаглеродот не согорува целосно. Го испуштат главно моторните возила, па неговата концентрација е висока на места каде што сообраќајот е фреквентен.
  • Сулфур диоксид се испушта кога се согоруваат масла што содржат сулфур. Најчесто го испуштаат термоелектраните и рафинериите.
  • Олово се ослободува од процесирање на метал и руда, но исто така и кога средствата за превоз користат гориво кое содржи олово.
  • Озон на земјата се формира кога сончевата светлина реагира на одредени хемикалии во воздухот. Озонот во атмосферата служи како заштитна обвивка, но озонот на земјата е штетен.

Загадувањето на воздухот не се однесува само на надворешната околина. За жал и нашите домови може да бидат контаминирани со хемиски, физички или биолошки агенси. Аерозагадувањето внатре во нашите домови најчесто е резултат на користење печки на дрва, пестициди, некои од средствата за чистење кои се користат во домаќинството и пушењето цигари.

Воздухот во Скопје на 24ти декември, 2021.

Загадениот воздух влијае негативно на секој витален орган во човековото тело

Во изминативе неколку години објавени се преку 70 илјади научни трудови со истражувања на ефектот кој загадувањето на воздухот го има врз човековото здравје. Самиот број ја сигнализира сериозноста на проблемот со кој се соочуваме. Според Мариа Неира, шпанска докторка која е директор на Одделот за јавно здравје во Светската организација за здравје (WHO), загадениот воздух влијае негативно на секој витален орган во човековото тело.

Ако во минатото сметавме дека аерозагадувањето главно му штети на нашиот респираторен систем, односно дишните патишта и белите дробови, денес, со помош на многубројни студии можеме да заклучиме – загадениот воздух претставува ризик за целокупното човеково здравје. Загаденоста не познава граници, а тоа особено важи за честичките со дијаметар помал од 10 микрони. Преку горниот респираторен систем тие стигаат до белите дробови, а од таму, пак, поради своите димензии лесно навлегуваат во крвотокот.

Со испумпување на срцето овие опасни честички се пренесуваат до секој орган од човековото тело. Ниеден орган ни систем не е поштеден. На удар се белите дробови, срцето, крвните садови, мозокот, бубрезите, црниот дроб, кожата, мускулите, па дури и дигестивниот тракт. Ефектите по здравјето од изложеноста на загаден воздух се делат на краткотрајни и долготрајни. Пред сè тие зависат од видот на загадувач на кој сме биле изложени, концентрацијата, времетраењето и нашите лични здравствени предиспозиции.    

Аерозагадувањето врз респираторниот систем

Загадениот воздух му наштетува на респираторниот систем кај здравите поединци, но особено е штетен за оние кои веќе имаат дијагностицирана астма, хронична опструктивна пневмонија и други респираторни нарушувања (Understanding Air Pollution).

Во бројни студии спроведени меѓу детската популација е утврдена тесна поврзаност меѓу изложеноста на загаден воздух и инфекциите на горните и долните дишни патишта. Во студија која се заснова на податоци во временска рамка од 18 години собрани во Атланта (Џорџија) за деца до 4 години се открива: изложеноста на загадувачи во водухот како што се озон, азот диоксид и ПМ 2,5 кои се производ од употреба на фосилни горива во сообраќајот ја влошува состојбата на инфекциите во горниот и долниот респираторен систем кај најмладите (Air Pollution and Acute Respiratory Infections Among Children 0–4 Years of Age: An 18-Year Time-Series Study).

Во четири студии спроведени врз детска популација во земји во развој е пронајдена поврзаност меѓу смртноста кај децата заболени од акутни инфекции на респираторниот систем и аерозагадувањето (Outdoor air pollution and acute respiratory infections among children in developing countries). Аерозагадувањето го зголемува ризикот од акутни респираторни инфекции кaj младиот организам, а истовремено го отежнува и заздравувањето.

Во студија во која се проучувало респираторното здравје кај деца-жители на Делхи, кој важи за еден од најзагадените градови во светот, се открило дека 32,1% од групата испитувани деца страдаат од респираторни проблеми во споредба со 18,2% од децата кои живеат во руралните делови на Индија и се користени како контролна група (Effects of air pollution on the respiratory health of children: a study in the capital city of India). Во оваа студија е утврдена значајна силна позитивна врска меѓу застапеноста на количината на ПМ 10 во воздухот на Делхи и застапеноста на симптоми на долниот респираторен систем.

Загадениот воздух освен што може да ги иритира дишните патишта кај повозрасните, често предизвикува и отежнато дишење, глад за воздух, кашлање, кивање, астма и болки во градите.

Поврзаноста на аерозагадувањето со рак на бели дробови

Аерозагадувањето ја зголемува и шансата да развиете рак на бели дробови (Are There Environmental or Health Factors that Can Cause Lung Cancer? | American Lung Association).

Иако пушењето цигари е број еден ризик фактор, загадениот воздух, исто така е наведен во листата на значајни фактори составена од Американската асоцијација за бели дробови. Смртноста од рак на бели дробови се зголемува при изложеност на загаден воздух и во светски рамки, според студија спроведена во средината на 90-тите, изнесувала 62.000 случаи. Според истата студија 60% од овој број се однесува на случаи евидентирани во земјите во развој, во урбана средина (Air pollution and lung cancer: what more do we need to know? | Thorax). Особено опасни во таа смисла се ПМ 2,5 честичките.

Во студијата спроведена од Американската асоцијација за рак во која се земени предвид 10.749 смртни случаи како последица од рак, евидентирано е дека со секои зголемени 10 микрограми на метар кубен, шансата за рак на бели дробови се зголемува 4 – 18%. [Сега ни е појасно зошто мерните станици кои го мерат квалитетот на воздухот (AQI)  на одредена територија редовно не информираат за концентрацијата на ПМ 10 и ПМ 2,5 мерена во микрограми на метар кубен.] Особено важно e да се истакне, од 2021 г. па наваму Светската здравствена организација го класифицира аерозагадувањето во целост како канцерогено (Does Air Pollution Cause Lung Cancer? – CancerConnect).

Во минатото некои сегменти од аерозагадувањето како на пример издувните гасови на дизел возилата односно ПМ 2,5 се сметале за канцерогени, но првпат годинава аерозагадувањето во целост e карактеризирано како канцероген и е сместено во истата група број 1 (најопасната според поделбата на Интернационалната агенција за истражување на рак IARC) заедно со арсенот, чадот од цигари и азбестот.

Откако IARC прегледале илјадници студии кои ја проучуваат врската меѓу аерозагадувањето и ракот заклучиле дека аерозагадувањето го зголемува ризикот од рак на бели дробови и рак на мочен меур. Аерозагадувањето е водечка причина за смртност кај дијагностицираните со рак која потекнува од надворешната средина. Со актуелните студии се прават обиди да се издвојат и идентификуваат загадувачите во воздухот и нивната поврзаност со ризикот да се развие рак. Според досегашните истражувања, врската меѓу азот оксидот во воздухот и појавата на рак постои, но не е особено изразена. За далеку поопасни се сметаат ПМ честичките добиени од согорување на гориво и сулфур оксидите од индустријата. 

Постои ли поврзаност помеѓу КОВИД – 19 и аерозагадувањето?

Погоре наведовме неколку студии во кои е утврдена тесна поврзаност меѓу инфекциите на респираторниот систем кај децата, смртноста и загадувањето. Бидејќи и КОВИД – 19 е болест предизвикана од вирус кој го напаѓа, односно инфицира, респираторниот систем, нели би било логично да се запрашаме: постои ли врска меѓу тивкиот убиец КОВИД – 19 и аерозагадувањето? 🤔

Релевантните студии спроведени на темава, во изминатиот релативно краток период даваат позитивен одговор на ова прашање. Во публикација на ERS European Respiratory каде што се преработени резултатите од ин витро, како и студии спроведени на животни и луѓе, се заклучува дека изложеноста на загаден воздух го одложува одговорот на одбранбениот систем, а со самото тоа им го олеснува пенетрирањето на вирусите во човековото тело (The impact of outdoor air pollution on COVID-19: a review of evidence from in vitro, animal, and human studies).

Со едноставни зборови, доколку сте изложени на загаден воздух вашиот имун систем ќе реагира задоцнето, а со самото тоа му овозможувате на вирусот полесно да продре и на тој начин се зголемува шансата да се инфицирате. Не помалку важно е дека одредени хемикалии во загадениот воздух им помагаат на вирусите да опстојат, а исто така ја намалуваат и синтезата на витаминот Д, кој игра улога во одржувањето на имуниот систем. Понатаму, според студија објавена од Националниот институт за здравје на Соединетите Американски Држави постои јасна поврзаност меѓу изложеноста на загадувачи во воздухот со заразувањето и сериозноста на здравствената слика кај болните од КОВИД – 19 (Effects of air pollutants on the transmission and severity of respiratory viral infections).

Резултатите упатуваат на тоа дека хроничната изложеност на загадувачи во воздухот го одложува, односно комплицира, оздравувањето и придонесува за развивање тешки клинички слики кај пациентите, од кои значителен дел завршуваат и фатално. Според студија, пак, на германски и кипарски доктори барем 15% од смртните случаи на КОВИД – 19 се должат на аерозагадувањето (Студија: 15 проценти од смртните случаи од Ковид-19 се должат веројатно на загаден воздух).

Од анализата на досегашните здравствени податоци преземени од повеќе земји, германските и кипарските доктори доаѓаат до заклучок – онаму каде што загадувањето е највисоко, стапката на смртност кај случаите со КОВИД – 19 е најизразена. Така, во најзагадените области на источна Азија околу 27% од вкупниот број на смртни случаи предизвикани од коронавирусот се должат на влошување на здравјето поради загадениот воздух. Во Европа истата стапка е 19%, но таа значајно варира од земја до земја. Најмалиот процент на смртни случаи од КОВИД – 19 кои се должат на загаден воздух е регистрирана во Австралија 3% и Нов Зеланд 1% каде воздухот е всушност и најчист.

Врската меѓу кардиоваскуларните болести и аерозагадувањето

Понатаму, според научниот журнал Nature Reviews Cardiology, врската меѓу кардиоваскуларните болести и аерозагадувањето е цврста (Environmental determinants of cardiovascular disease: lessons learned from air pollution). Загадениот воздух е број еден надворешен ризик фактор, а неговиот придонес во развивањето кардиоваскуларна болест е поголем од збирот на сите останати надворешни фактори.

ПМ 2,5 и озонот претставуваат најголем ризик за развивање кардиоваскуларна болест. Во студија која специфично се фокусира на штетноста по кардиоваскуларниот систем во корелација со димензиите на ПМ честичките се потврдува: ПМ 2,5 се поопасни од ПМ 10 (Air Pollution Exposure and Cardiovascular Disease).

Всушност постои правопропорционална корелација меѓу количината на ПМ честичките на кои сме изложени и крвниот притисок. Високото количество ПМ честички во воздухот го зголемува и крвниот притисок, а тоа, пак, ја нарушува целокупната функција на кардиоваскуларниот систем. Децата, постарите луѓе и луѓето со веќе евидентирани кардиоваскуларни нарушувања се најранливи на аерозагадувањето и ПМ честичките помали од 10 микрони во дијаметар. Според децениска мултиетничка студија финансирана од Американската асоцијација за заштита на животната средина, пронајдена е директна врска меѓу атеросклерозата и загадувањето (Linking Air Pollution and Heart Disease | US EPA).

Да појасниме, атеросклероза претставува наталожување на слој во коронарните артерии кој предизвикува нивна нееластичност и преку тоа отежната работа на срцето. Долготрајната изложеност на загаден воздух, поконкретно на ПМ честитки и азот оксиди, предвремено ги старее крвните садови и придонесува побрзо да се наталожи калциум на коронарните артерии. Наталожениот калциум го намалува протокот на крв до срцето и другите важни артерии, а со тоа ја зголемува шансата за срцев или мозочен удар.

Мозокот е уште еден орган врз кој аерозагадувањето се одразува штетно.

Последниве 10-15 години спроведени се бројни студии со кои се истражува врската меѓу функцијата на мозокот и аерозагадувањето. Загадувањето може да го оштети дури и нервниот систем на фетусот. Најситните ПМ честички имаат способност да ја пробијат плацентата и со тоа да го нарушат работењето на нервниот систем уште пред да го земеме првиот здив (This is your brain on air pollution | María Neira).

Констатирано е дека долготрајната изложеност на ПМ загадувачи за време на бременоста и раното детство има негативен ефект врз развојот на централниот нервен систем кај децата, како и намалување на нивните когнитивни функции евидентирано според пониските оценки на тестовите на когнитивните способности.

Долготрајното изложување на загаден воздух за време на бременоста и раното детство ја зголемува веројатноста за детето да развие ASD нарушување од спектарот аутизам, како и ADHD, нарушувања со недостиг на внимание и хиперактивност. Според метаанализа на Факултетот за јавно здравје на Харвард, потврдено е дека ризикот кај дете да се развие аутистично нарушување се зголемува за 64% доколку изложеноста на ПМ 2,5 честички е во раното детство и 31% доколку изложеноста е за време на бременост, особено ако се случува за време на третото тримесечје (Air pollution and risk of autism in children | News).

Резултатите укажуваат дека дури и ако количината на ПМ 2,5 честичките е во рамки на дозволените граници тие може да ѝ наштетат на најранливата популација. Со други зборови, не постои безбедна количина на ПМ 2,5 честиците – постои само повеќе или помалку штетна. Долготрајната изложеност на ПМ честички во раното детство може да придонесе и за воспалителни процеси во мозокот при што се менува одговорот на имуниот систем и се наталожува протеин кој понатаму може да придонесе за развој на Алцхајмер и Паркинсон. Според една неодамнешна студија, кај луѓето изложени на најголеми количини на азот диоксид, веројатноста да развијат Паркинсон е 40% поголема во споредба со оние кои биле помалку изложени (Air Pollution Linked to Higher Risk of Parkinson’s).

Оваа студија е уште една од многуте кои одат во прилог на закучокот: изложеноста на загадувачи и хемикалии од воздухот може да придонесе за развој на болести и нарушувања на нервниот систем. Во системска студија спроведена од Националната библиотека за медицина со која е направен преглед на досегашните студии, најдена е поврзаност и меѓу деменцијата и аерозагадувањето (Air Pollution and Dementia: A Systematic Review).

Зголемената изложеност на загадувачи во воздухот носи зголемен ризик за развој на деменција. На конференцијата на Асоцијацијата за Алцхајмер одржана во 2021 г. во Денвер, САД било утврдено дека намалувањето на згадувањето, особено намалувањето на ПМ честичките и загадувачите од согорување на гориво, истовремено ја намалуваат веројатноста за развивање деменција или Алцхајмер (Improving Air Quality Reduces Dementia Risk, Multiple Studies Suggest | AAIC 2021).

Изложеноста на аерозагадување ја зголемува веројатноста од развој на анксиозност и други нарушувања

Понатаму, изложеноста на аерозагадување ја зголемува веројатноста од развој на психијатриски симптоми како што е анксиозност, ја менува когницијата и придонесува за нагли промени на расположението како и промени во однесувањето (Psychiatric aspects of air pollution). Според студија спроведена во Соединетите Американски Држави и Данска, загадувањето е поврзано со зголемениот број на психијатриски случаи (Environmental pollution is associated with increased risk of psychiatric disorders in the US and Denmark).

Според статија објавена во 2021 г. во Гардијан дури и „умеренaта“ загаденост во воздухот го зголемува ризикот за нарушување на менталното здравје и потребата од итна психолошка помош (Air pollution linked to more severe mental illness – study). Со студијата спроведена на 13.000 жители на Лондон се илустрира како и малата загаденост на воздухот значително го зголемува ризикот од анксиозност и депресија. Аерозагадувањето во оваа студија се поврзува и со зголемениот ризик за самоубиство. Загадениот воздух го намалува когнитивниот перформанс и интелигенцијата кај возрасните, а во поодминати години ја зголемува шансата за деменција.

Да сумираме

Тука ќе застанеме да земеме здив. Постојат уште бројни студии, публикации, научни трудови и журнали кои ја објаснуваат врската меѓу човековото здравје и аерозагадувањето, но нив ќе ги оставиме за некој следен пат. Ако ги сублимираме резултатите од сите горенаведени студии не можеме да го избегнеме заклучокот: аерозагадувањето му штети на целокупното човеково здравје.

Истовремено и физичкото и психичкото здравје се на удар. Како што демонстриравме – врската меѓу изложеноста на загадувачите и ризикот да се развие одредена физичка, бихејвиорална или ментална болест е правопропорционална. Со други зборови – зголемена, долготрајна изложеност на загадувачите значително го зголемува ризикот да развиеме респираторна акутна или хронична болест (ова особено се однесува на најмладите), да бидеме дијагностицирани со рак, да се заразиме со вирус како што е SARS-CoV-2 и притоа да развиеме тешка клиничка слика која може да заврши со смрт, да развиеме болести на кардиоваскуларниот систем, да го зголемиме ризикот за инфаркт и мозочен удар.

Не помалку важно, аерозагадувањето има моќ да го наруши и нашето ментално односно емотивно здравје, да ги намали нашите когнитивни функции, да го зголеми ризикот за развивање на аутизам и нарушување со недостиг на внимание и хиперактивност кај децата, а деменција, Алцхајмер и Паркинсон кај постарата популација. Најопасни како што заклучивме до сега се ПМ 2,5 честичките кои лесно може преку белите дробови да навлезат во крвотокот, а оттаму со брзина на светлината да се распространат низ целиот организам понатаму компромитирајќи го целокупното човеково здравје и сите негови витални системи.

По читањето на овие застрашувачки статистики мора да се сетиме дека има зрак светлина на другата страна од тунелот. Според мудриот став на Д-р Мариа Неира, работа на владите и градоначалниците, односно политичарите, е да се усвојат закони и регулативи со кои ќе се намали и контролира аерозагадувањето, но и нашата улога како поединци не е безначајна.

Што можеме да направиме во врска со ова?

За самостојно да влијаеме врз намалувањето на користење фосилни горива, препорачливо е да користиме велосипед или еко јавен транспорт. Ако веќе користиме автомобил важно е да го чуваме технички исправен и да не работи на дизел мотор. Но, наша примарна улога како поединци е вршење притисок до надлежните за коректно да ја завршат работата при менување на законите и стандардите со кои ќе се намали и контролира аерозагадувањето. Доколку индустриите и поединците се обврзани да ги почитуваат овие стандарди, сите ќе бидеме чекор поблиску до почист, помалку загаден, поспокоен, здрав и зелен свет.