ЗХГ
МАЛИТЕ ХИДРОЕЛЕКТРАНИ ГО ЦЕДАТ БУЏЕТОТ НА МАКЕДОНИЈА И ГО УНИШУВААТ ЖИВИОТ СВЕТ

МАЛИТЕ ХИДРОЕЛЕКТРАНИ ГО ЦЕДАТ БУЏЕТОТ НА МАКЕДОНИЈА И ГО УНИШУВААТ ЖИВИОТ СВЕТ

Во самата Национална стратегија за заштита на природата стои дека хидроелектраните се закана за природата. Сите мали ХЕЦ во МК се планирани на мали притоки, најчесто во горните делови на нивните сливови каде што протоците се мали, а ранливоста на природниот терен и екосистемите e многу голема и во најголем дел од случаите „инвеститорите“ сосема ги пресушуваат реките кога ќе ја стават водата во цевки не оставајќи вода на локалното население и живиот свет.

Државата продолжува да ги жртвува водните ресурси за изградба на мали хидроелектрани кои веќе потврдено, резултираат како со еколошка, така и со финансиска штета, без никаква контрола и план за одржливост и спротивно на низа меѓународни и национални стратегии и начела – според најновиот Предлог-закон за води.

„Малите хидроелектрани (МХЕ) во 2020 произвеле само 4% од вкупното домашно производство на струја, а од 2020 до 2021 г. за тоа добиле 90 милиони евра што е за 41 милион евра повеќе од пазарната вредност поради користење на законски предвидените повластени тарифи врз основа на договор со важност од 20 години, а на трошок на крајните корисници.

Имајќи го предвид наведеното се доведува во прашање оправданоста на доделените концесии и јавно-приватните партнерства и нивното понатамошно работење под истите услови – стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.

„Речната пастрмка, балканскиот рис, слатководните школки и ракови се само неколку од многуте загрозени видови во земјава на кои им се заканува исчезнување поради стратегиската определба по секоја цена да се искористи хидропотенцијалот на реките за производство на струја од мали хидроелектрани дури и во заштитени национални паркови“ имаше истакнато Адем Сулејманоски во ументичката акција против малите хидроелектрани.

Кочо Анѓушев во интервју за Фактор вели дека со малите хидроелектрани сме ѝ штеделе на државата и покрај сите аргументи со кои се докажува спротивното, како што е случајот со последниот извештај на Државниот завод за ревизија:

„Од вкупниот број на 96 МХЕ кои се повластени производители само 39 го имаат платено надоместокот во целост, 40 имаат делумно плаќање на надоместокот, додека 17 немаат ниту една уплата. Имено, 13 МХЕ иако почнале со производство од 2012 година, до 2015 година не уплатувале надоместок за водно право. Најчесто станува збор за МХЕ изградени со договор за јавно-приватно партнерство (ЈПП), на кои во договорите не им е регулирана обврската за плаќање на надоместокот. Со допис од МЖСПП 50 известени се за оваа обврска, по што дел од истите почнале редовно да го плаќаат надоместокот.

Иако неплаќањето на надоместокот е еден од условите за одземање на дозволата за користење на водата, од страна на МЖСПП такви постапки не се иницирани.

Утврдените состојби на неплатен надоместок за користење на водата од страна на МХЕ повластени производители, како и слабостите во делот на следење на пресметаниот и уплатениот надоместок од страна на МЖСПП не се во согласност со член 51 и 213 од Законот за водите и член 36 и 37 од Законот за буџетите и влијае дел од МХЕ иако не плаќаат надоместок за користење на вода, да не им биде одземена дозволата и да имаат повластен третман, што се одразува и на комплетноста на наплатата на приходите во Буџетот на РСМ“.

Мора да се стави крај на изградбата на мали хидроелектрани, особено поради тоа што се наоѓаме во финансиска и енергетска криза и криза за вода која сѐ повеќе ја чувствуваме.

Граѓаните (преку субвенциите од буџетот на МК) плаќаат мала група на бизнисмени кои го оставаат без чиста вода локалното население и живиот свет!

Наместо десеткување на овој драгоцен ресурс за личен профит, владата мора да се обврзе стратешки да го планира одржливиот развој и да ги насочи нашите пари кон зелени инвестиции во соларна енергија и биокомпостари за производство на биогас. Паралелно со климатската акција која ентузијастички се промовира и преориентирањето кон зелени извори на енергија, водните ресурси мора да се заштитат на целата територија на земјата.