ПРИОРИТЕТИТЕ НА ЕДЕН ГРАД
На прагот сме на 2025 година, влегуваме во втората четвртина од 21 век. Модерната технологија, интернетот и вештачката интелигенција станаа составен дел од нашиот живот.
Но, дали истото можеме да го кажеме за Скопје? Дали градот во кој живееме ги следи глобалните трендови на урбан развој? Дали знаеме кои приоритети ги има како град-метропола, што планира и во кои насоки се развива?
Ако го погледнеме развојот на Скопје во последните стотина години, можеме да го поделиме на четири фази.
Првата фаза започнува по 500 години османлиска власт, кога градот преминува под власт на Кралството Србија, а подоцна станува главен град на Вардарска бановина во рамките на Кралството Југославија.
Во оваа фаза започнува урбаниот развој на Скопје: се изработува првиот урбанистички план на градот, се градат првите модерни капитални објекти, а тежиштето на градот се поместува од заостаната османлиска касаба кон модерен европски град.
Втората фаза започнува по Втората светска војна, кога Скопје станува главен град на Федерална Македонија, рамноправна република во состав на Југословенската федерација. Скопје прераснува во административен и индустриски центар, еден од шесте рамноправни центри во поранешна Југославија.
Третата фаза го обележува периодот по катастрофалниот земјотрес во 1963 година и обновувањето на градот со несебична помош од целиот свет. Ова е најзначајната фаза во развојот на Скопје, кога градот се позиционира на картата на светската модерна архитектура. Во овој период се реализираат најважните капитални зафати и објекти, урбанистички се шири во сите правци со модерни булевари, мостови и населби, се регулира коритото на реката Вардар, се гради водоводот од изворот Рашче до Скопје и многу повеќе.
Во оваа фаза, Скопје добива урбан карактер, се гради и развива плански и прераснува во модерна метропола.
Последната, четврта фаза започнува кога Скопје станува главен град на првата самостојна и современа Македонска република.
Оваа фаза е временски најдолга, трае 33 години, но во суштина претставува период во кој најмалку се инвестира во урбаниот карактер на градот. Скопје поминува низ време кога ресурсите и просторот најчесто се користат за личен профит и лукративни бизниси, без размислување и планирање за добробит на градот и неговите жители.
Во овие четири фази, Скопје прераснува од населба со 10.000 жители во главен град на суверена држава со 560.000 жители. Се наметнува прашањето: низ овие четири фази на развој и растење на Скопје, кои приоритети ги запоставивме како град и кои вредности како жители треба да ги издигнеме на прво место?
Веќе денес, глобално се издвојуваат приоритетите како екологија и зачувување на природната средина. Почнуваат да се применуваат решенија за еколошките проблеми, се делува и локално и планетарно. Градовите се менуваат во насока на зачувување на природата, екологија и рециклирање.
Се менуваат навиките и свеста на жителите во градовите: се рециклира, се користат велосипеди, се регулира автомобилскиот и јавниот сообраќај, се садат и негуваат се повеќе зелени површини и растенија. Едноставно, градовите стануваат едно со природата, а жителите ги менуваат навиките за да се врати и зачува балансот помеѓу урбаниот простор и природата.
Има безброј убави примери за спојување на градот со природата, како што се садење овошки на тротоарите, формирање зелени градини на крововите, поставување пчелни кошници по зградите, забрана за движење на возила низ централните градски зони, вело патеки и др.
Токму тука нашето Скопје заостанува – нема план и агенда ниту рокови, препуштено е само на себе, стихијно се развива, расте неконтролирано и не се прилагодува на природата и здравиот живот.
Во Скопје веќе се издвојуваат неколку есенцијални проблеми, посебно од еколошка природа, како загадениот амбиентален воздух, нерегулираниот сообраќај, застарениот јавен превоз, менаџирањето со отпадот, урбанистичкиот хаос и, за мене лично, најболниот момент – немање пречистителна станица за третирање на отпадните води. Не дека нема и други проблеми во Скопје, но лично мислам дека на прагот на 2025-та, екологијата и еколошките проблеми се наметнуваат како најсериозни и најболни за Скопје и жителите.
Со акцент на загадениот амбиентален воздух, менаџирањето и рециклирањето на отпадот и нетретирањето на отпадните води во реката Вардар, ќе се фокусирам на последниот еколошки проблем, бидејќи за него веќе е направен проект, обезбедени се финансии, изработен е тендер и избран е најповолниот изведувач.
Едноставно, зачудува недостатокот на политичка волја за започнување на овој проект и за негово конечно профункционирање, особено кога веќе, да пофалиме, има изготвен проект, готова финансиска конструкција и обезбедени средства за изградба. Од вкупно 200 милиони евра, колку што е предвидено да вреди овој капитален проект, 70 милиони се грант од Европската Унија, а 136 милиони се кредит од Европската инвестициска банка.
Последниот тендер за избор на изведувачи беше распишан во јуни 2020 година и тогаш беше кажано дека во 2025-та Скопје конечно ќе добие пречистителна станица, со што трајно ќе се реши проблемот со отпадните води, од кои најмногу страда реката Вардар. За жал, на прагот на 2025-та, сè уште немаме никаква информација за тоа зошто и каде е забавен проектот за пречистителната станица.
Во меѓувреме, отпадните води од 560.000 скопјани и цела индустрија во Скопската котлина непречено 24/7 продолжуваат да се влеваат во Вардар. Нашата национална гордост, најголема река и спортски бренд, тивко и без зборови ги прима фекалиите, ѓубрето и индустрискиот отпад, полека носејќи ги како карма натоварена на грбот, директно во Белото море.
Уште во студентските денови имав визија и желба Вардар да го направиме чист, исчистен од сите фекални и индустриски води, чист за да можеме повторно да се сончаме и бањаме во него за време на летните месеци, со целата флора и фауна распослани на двата брега и со мирис на чиста планинска река.
Искрено се надевам дека оваа моја студентска желба конечно ќе се оствари. Толку сме блиску до ова, толку сме на дофат…
Пишува Марјан Тошанов