Прирачник за почетници „родители” на домашни миленици
Прирачник за почетници „родители” на домашни миленици
Домашните миленичиња се нашите најдобри пријатели. Даваат искрена и чиста љубов. Децата кои растат со домашни миленичиња развиваат одговорност, грижливост и сочувствителност. Од нивното позитивно влијание не се изоставени ниту возрасните. Покрај тоа што се одлично друштво и придонесуваат за добро расположение, според научните сознанија имаат позитивно влијание на здравјето (снижување на покачен крвен притисок и позитивно влијание во лекувањето на кардиоваскуларните заболувања.)
7 ЗЛАТНИ ПРАВИЛА ЗА ОДГОВОРНО СООПСТВЕНИШТВО И СООДВЕТНА ГРИЖА ЗА ВАШЕТО МИЛЕНИЧЕ
Одлуката да се чува домашно милениче не е само привилегија туку си носи и одговорност. Текстот што следува ги содржи седумте златни правила за грижата и одговорноста која им следува на сопствениците на домашни миленици.
#1. Посветеност
Миленичето не е играчка, тоа е член на семејството, живо суштество кое има своја душевна состојба и свои емоции. Ако ние луѓето важиме за свесни, совесни и сочувствителни битија тоа треба да го потврдиме и преку одговорноста кон нашите миленичиња. Зарем треба да се дозволи исклучиво строгите казни да бидат поттикнувачи на одговорност?
Избегнувајте брзи одлуки при изборот на милениче. Размислете убаво, дали навистина сте во можност да чувате милениче? Дајте си одговор на големото ЗОШТО сакам да чувам миленик и ЗОШТО токму таков миленик.
Од избрзани и непромислени одлуки, многу од домашните миленичиња завршуваат на улица, препуштени на милост и немилост на надворешните услови и околности.
Одлуката да се стане сопственик на домашно милениче значи и да се биде свесен дека покрај љубовта која ќе ви ја пружа миленичето, ќе бара од вас и да направите одредени жртви.
- Да издвоите неколку часа во текот на денот за прошетка. Прошетките наутро и приквечер се задолжителни за сите сопственици на кучиња, за да вашето милениче може да си ги задоволи основните биолошки потреби;
- Плановите за патување ќе си добијат нова тежина. Кому ќе го оставите вашиот миленик на чување додека вие сте на пат?
- Чувањето миленик си носи и свои трошоци, за нив ќе зборуваме подолу.
Доколку сакате да купите, наместо да вдомите домашно милениче, обезбедете информации за продавачот во смисла дали уредно работи и задолжително барајте потврда за податоците за потенцијалното милениче.
Побарајте совет од стручни лица
Информирајте се од стручни лица (ветеринари, тренери на кучиња), сериозни сопственици кои со години се грижат за милениче, но пред сѐ, стручни лица.
Не примајте совети (дури ни по купување или вдомување на милениче) од нестручни лица (лаици), тие се делумно или погрешно информирани, нивниот совет може да ве одведе во погрешен правец што може да има катастрофални последици по вашето милениче.
Советите препуштете им ги на стручњаците (тука пред сѐ, се мисли на ветеринарите). Уште на самиот почеток од вдомувањето на милениче потребно е да посетите ветеринар. Здравото милениче треба да се заштити од заразни и паразитски болести и да примите понатамошни совети поврзани со неговото здравје. „Подобро да се спречи отколку да се лечи” продолжува да важи и понатаму. Следејќи ги групите за заштита на животните на социјалните мрежи, по посета и добивање совет од ветеринар, одредени соопственици бараат совет/и од други лица/членови на групи на социјални медиуми или форуми. Голема грешка!
Како за секој човек, така и за секое животно, не важат истите правила за секој организам.
Пример за совет од нестручни лица: „Не ги хранете со кравјо млеко, ќе добијат глисти”. Млекото не содржи глисти. Не е фатално да се даде кравјо млеко, но не е ни нивна соодветна храна. Покрај тоа, некои од нив реагираат на лактозата со мека столица (несоодветна исхрана, лошо варење на храната).
Во денешно време, хранењето на цицалчиња не е толку тешко. Постојат замени за млеко во продавниците за домашни миленици. За исхрана може да се консултираат видеа на интернет од професионални извори (раномирани бренови за храна, одгледувачници и сл.) или пак да се побара совет од ветеринар.
Најважно е да не се дава (замена за) млеко на сила, ниту да се зафрла главчето во положба наназад за да се избегне погрешно голтање (задушување со храната/млекото, кое би завршило во душникот наместо во хранопроводот). Цицалчето го следи инстинктот за цицање и потребно е мал притисок на шприцот, притисок со малку напор, останатото (вшмукувањето на млекото) е негова работа. Важно е да се храни во мали порции на секои 2-3 часа дневно (важи за цицалчиња, нехумано одвоени или по загуба на мајката).
Следете го однесувањето на вашето милениче постојано, не само кога е разиграно и среќно. Дури и за најмала промена (дали врши голема и мала нужда редовно, дали има промени во движење, расположение, апетит и сл.) НЕ ОДЛОЖУВАЈТЕ да се обратите на ветеринар доколку забележите промени во неговото однесување.
Многупати миленичињата кога не се во добра здравствена состојба, знаат да се повлечат на мирни, тешко достапни места.
Не користете лекови на своја рака, особено не наменети за човек. Повеќето од нив се штетни, односно отровни за миленичињата бидејќи дозите и употребата се наменети за бактерии/вируси или состојби кои ги имаат луѓето.
Одберете милениче кое одговара на вашиот дом и начин на живеење
Внимателно одберете милениче од видот кој најмногу соодветствува со вашиот стил на живеење. Размислете дали ќе можете да му обезбедите соодветна храна, вода, живеалиште, грижа за здравјето и социјална и емоционална нега = дружба.
Водете сметка за тоа колку трае животниот век на миленичето, што зависи не само од неговиот вид туку и расата на која припаѓа (ако со сигурност е потврдено дека припаѓа на одредна раса).
Обезбедете соодветни вежби, играчки и ментална стимулација. Тие се неопходни за неговиот нормален и здрав начин на живот.
Иако предивото важи за играчка за мачките сепак не е препорачливо бидејќи постои опасност од голтање дури и задушување. Истото важи и за конците – не смеат да бидат на дофат на мачка.
На вашето милениче му е потребна соодветна социјализација и тренинг. Бидете трпеливи, повторувајте една вежба / една наредба барем две недели додека да му премине во навика.
Миленичињата го чувствуваат нашето (не)расположение
Никогаш, апсолутно никогаш немојте да го исфрлате сопствениот гнев и бес врз нив. Животните заслужуваат трпение и хуман третман дури и кога ќе погрешат. Грешките се поправаат со тренинг. Ќе забележите дека многу побрзо учат со награда, наместо со казна или лош однос.
Тренингот на миленичето не е само слушање наредби (седни, стани, дојди), туку и одвикнување од некои лоши навики. Некои од нив, за жал, се едноставно дел од нивната природа (да гризнат во игра, да клукаат – важи за папагалчиња, да пијат вода од чешма, особено мачките, наместо од садот иако е специјално наменет за нив, и после неколку преместувања на локации). Имајте разбирање и трпение кон нивните животински инстинкти.
Не го оставајте само долг временски период, т.е. повеќе од 24 часа. Ова особено важи за папагалчиња доколку се чуваат поединечно, т.е. кои немаат друштво од друго папагалче. Тие не се предодредени за да живеат сами.
Вашето милениче, останува ваше милениче дури и во случај на немила ситуација од типот инвалидитет.
За жал, сведок бев на немили ситуации кога папагалче од видот тигрица останува без ноџе, а соопственикот (докажа колку е одговорен!), дава изјава на ветеринарот дека повеќе не го сака во таква состојба и уште истиот ден ќе го испушти од кафезот.
Кога станува збор за храната…
Одберете храна за миленичиња со која се задоволуваат нивните дневни потреби (најдобро е да комбинирате свежа со сува храна) која не содржи конзерванси и други адитиви. Пакуваната храна за човечка употреба изобилува со адитиви и конзерванси, таа не е наменета за домашни миленици. Исклучоците се ретки.
Миленичето знае колку храна треба да внесе, а доколку има промени во смисла расипување на производот верувајте нема да биде изедена. Според тоа, набавувајте храна наменета за миленичиња, наместо коски кои предизвикуваат сериозни проблеми дури и оштетувања на органите за варење (заради острите делови), наместо виршли, шунки (иако ги обожаваат) бидејќи се полни со штетни материи. Прекумерното зголемување на телесната тежина може да биде последица од слаба физичка активност, несоодветна храна или пак здравствени нарушувања. Сепак, навремено посетете ветеринар.
#2: Домашен миленик = инвестиција
Сопствеништвото значи вложување и инвестирање на време и пари. Бидете подготвени за тоа.
Проверете дали вашето милениче ја прима соодветната превентива за неговото здравје (вакцинации, контрола на паразити итн.) како и грижа во случај на болест или повреди. Издвојте средства за можни неочекувани и итни ситуации.
#3: Прилагодување
Чистете редовно зад вашето милениче. Нередовно чистење на тоалетот за мачки, кафезот, аквариумот или терариумот, доведува до здравствени нарушувања кај миленичето.
Прилагодете го просторот на живеење (предмети и сл.) за да не се повреди или направи штета.
Не дозволувајте вашиот миленик да постане скитник, шетајте заедно, бидете неговиот придружник.
Кога температурите се високи, во летните месеци, не дозволувајте вашето милениче само да се шета надвор, обезбедете ладна просторија, но не дозволувајте да биде изложено на провев или долго време под клима уред.
Секогаш обезбедете му доволно свежа вода за пиење, и не го оставајте вашето милениче затворено во автомобил (без оглед дали е изложено на сонце или не).
Кога патувате…
Проверете ја временската прогноза доколку планирате да патувате со своето милениче.
Кога заминувате на одмор испланирајте дали ќе може да го понесете со себе или подобар избор би било да го оставите на привремен престој во хотел за миленици. Во некои земји ангажираат pet-sitter, но кај нас сѐ уште не се практикува, иако може да истражите.
Пред да започне привремениот престој во хотел за миленици препорачливо е да поминете заедно со него во истиот хотел барем два три пати за миленичето да се прилагоди, но и вие самите да се уверите дали навистина се работи за пет хотел што ги задоволува сите негови потреби. Кај нас, за жал, сѐ уште не се работи соодветно во овој дел. На пример, познато е дека некои хотели за миленици не бараат воопшто пасош на животното, ниту микрочип, а ниту проверуваат дали е уредно заштитено од болести (што би го потврдил пасошот). На овој начин се загрозува безбедноста на другите миленици кои престојуваат во хотелот.
Совети за вашето милениче во однос на вашиот дом
Заборавете на отворена врата, прозорец, особено ако живеете во стан, кога не сте присутни во истата просторија. Многу од ваквите случаи завршиле фатално, конкретно за мачките, кои имаат лоша навика и да скокнат од прозорец или тераса занесени во игра. Комарниците за нив не се пречка, ќе направат отвор за излегување. Ако вашето милениче е мачка, не го оставајте отворен ниту капакот од WC шолјата. Нивната радозналост нема крај, а може да биде опасна по нивниот живот.
Доколу располагате со двор, неопходна е редовна заштита од надворешни и внатрешни паразити, но не и користење на репеленти за опасни инсекти, бидејќи со милениче ова е тешко изводливо. Убод од инсекти може да помине со благ оток, отежнато дишење или за среќа во ретки случаи анафилактички шок. За последното советувајте се со ветеринар за навремена набавка на средства за вакви несакани ситуации.
Кучињата и мачките живеат со својот ловечки инстинкт. Инсектите вклучително пчели, оси, стршлени… кои пак при опасност се бранат со убод, може да ги спречите да ги каснат вашите миленици ако сте во непосредна близина, меѓутоа не секогаш… затоа бидете претпазливи.
Не користете етерични масла во затворени простории во кои влегуваат вашите миленици. Особено важи за сопствениците на мачки, бидејќи етеричните масла и мириси се штетни по нивното здравје.
За глодарчињата, заморчиња, зајачиња и хрчаци постои опасност по животот при гризање на електрични кабли приклучени во струја, и ситуацијата е уште пострашна доколку се оставени сами, т.е. без присуство на соопственикот или друго лице кое се грижи за нив барем привремено.
Африканските творчиња можеби се малку поинакви (ако не приготвено, можете да им дадете сирово месо за исхрана, прехрамбени навики создаваат до четвртиот месец. Нема да ви додеваат доколку ги кастрирате и забележано е дека во пар спијат повеќе од половина деноноќие, па можете безгрижно да си ги завршувате другите обврски. Бидејќи на нашите простори сѐ уште многу малку се застапени, ќе им посветиме внимание во посебен водич.
Исто така, мала е застапеноста на аквариумските риби, одредени пајаци и влекачите како домашни миленичиња (игуана, гуштерот геко и уште мал број гуштери), па и за нив важи истото, ќе им се посветиме повеќе во друга прилика. Кога сме кај влекачите, желката не е заборавена, за неа се зборува во некоја од наредните страници.
Искрен совет – подобро е што помал број на луѓе од нашите пристори се одлучуваат за вакво милениче, бидејќи сепак природните услови не можат да им бидат целосно обезбедени.
За разлика од нив, човекот е творец на расите кучиња и мачки и затоа ќе остане одговорен за обезбедување поволни услови за нивно живеење.
#4: Обележете го вашиот миленик со чип
Проверете дали вашиот миленик е обележан (дали има микрочип) и чувајте го неговиот број под кој е регистриран. При несакана ситуација (исчезнување), обележувањето е од голема помош. Ова правило важи за домашните миленичиња за кои обележувањето е законски регулирано (кучиња и мачки со сигурност).
#5: Стерилизација
1+1 = 5 ?!
Не придонесувајте кон неконтролирано зголемување на бројот на миленици кои за жал честопати завршуваат како бездомни животни со генерации понатаму. На улица, тие се подложни на страдања, маки и најчесто смртен исход веднаш или кратко време откако ќе се родат. Виновник? Неодговорниот сопственик.
Покрај тоа, нестерилизираните миленичиња имаат здравствени проблеми поврзани со нарушување на хормонската рамнотежа поради отсуство на парење во време на половиот циклус.
Стерилизацијата не е препорачлива пред достигнување на половата зрелост (5 месеци за женки / 1 година за мажјаци – се однесува на кучиња и мачки).
Најдобро е миленичето да се стерилизира краток период по достигнување на половата зрелост (на пример еден полов жар кај женките). Причина? Половите хормони имаат повеќе функции во организмот, меѓу другото и дооформувањето на единката. Постојат многу докази дека по кастрација/стерилизација во поодмината возраст доаѓа до зголемување на телесната тежина.
Исклучок треба да се направи доколку се работи за миленичиња од различен пол кои живеат заедно (без оглед дали се во роднинска врска, на пример братче и сестриче). Во овие случаи понекогаш е неопходно да се изврши стерилизацијата пред да се достигне полова зрелост (првиот или вториот месец од животот).
#6: Подготвеност за итни ситуации и елементарни непогоди
а. Имајте кит (прибор) за евакуација;
б. Направете измени на плановите ако веќе навистина не сте во можност да се погрижите за вашето милениче. Тоа се исклучителни ситуации при катастрофални непогоди кога не може да се преземе многу и потребно е вие да сте тука за вашиот миленик.
Еден добар пример се ASPCA од САД кои имаат подготвено план за подготвеност во случај на итни ситуации и елементарни непогоди. Дури и во такви ситуации нашите миленичиња остануваат наши верни сопатници. Во краен случај, може да се обезбеди транспорт, резервна храна, привремен престој кај друго лице (исклучиво сериозен згрижувач).
Како друго решение, може да се организира посета на местото на незгодата, што е помалку препорачливо, но се применува кога не постои друг избор.
Заслужува простор да се спомене една потресна сторија од воените конфликти на територијата на поранешна Југославија, во Република Хрватска која е објавена на интернет страницата на Веганополис.
Од неа може да се дојде до наравоучение дека сѐ што требале да направат луѓето, доколку биле во можност во тие страшни мигови, било да ги ослободат од шталите и ланците (се мисли на кучиња) за да се снајдат сами, колку што е можно, наместо да умираат од глад.
#7: Заклучок од првите шест правила
Крајот нè води на почетокот! Да се има милениче не е привилегија туку одговорност.
Миленичето е член на семејството. Секој сопственик е одговорен за неговото здравје, неговата среќа, неговата благосостојба.❤🐾
Сликата не е случаен избор, таа јасно кажува кои сè животни (домашни и питоми) се по дефиниција домашен миленик. На секој од нив неопходно е да им се обезбедат услови за нормално обавување на животните функции.
Неколку искуства од сопственици на миленичиња
1. Мала копнена желка била пронајдена во шума и чувана во стан на несоодветна температура. Ваквата средина не ѝ овозможила услови на желката да хибернира (состојба за која се потребни пониски температури). Наметнатите пречки да влезе во состојба на хибернација довеле до енормно скратување на нејзиниот животен век. Желката преживеала одвај 4 години, наместо 50 каков што е просечниот животен век на желките во природа.
2. Држењето на животни во кафез ме потсетуваат на заробеништво. Меѓутоа, со правилна нега, нимфа папагали имаат доживеано 25 години и со тоа ги надживеале припадниците на својот вид во природните живеалишта чиј животен век изнесува најчесто 15 години.
Неколку зборови за држењето на диви животни како „домашни миленици” (тигри, лавови, змии, волци, можеби мечки итн.).
Повеќе на темата која почнува да нè засега и нас како земја, ќе зборуваме во некоја друга прилика. Засега, само ќе се посветиме на советите од искусните држатели на ширум светот. Тие даваат секогаш иста изјава, која гласи:
„Дивите животни не се домашни миленици. Тие знаат да бидат многу опасни и непредвидливи. Нивното место е во дивината.”
За нивно, како и за наше добро, да се воздржиме од обид да заловуваме диви животни и да ги одгледуваме како домашни миленици. Ова е погрешен пристап кон животните и природата, и треба да се бориме здружено против илегалната трговија и нивното илегално држење како домашни миленици. Тие не се опфатени на сликата погоре, се разбира, бидејќи не се домашни миленичиња!
Со законската регулатива на Република Македонија, која се однесува на заштита на природата, дозволен е увоз само со посебни дозволи и оваа регулатива е наменета за зоолошки градини. Зоолошките градини, како несоодветно место за многу диви и неавтохтони животни, исто така ќе бидат предмет на дискусија во следна прилика.
За крај, да се потсетиме: Да се има домашно милениче не е само привилегија туку и одговорност! 🐾❤