Активизам
ПРИРАЧНИК за правна самопомош и активизам во област животна средина наменет за млади активисти и почетници

ПРИРАЧНИК за правна самопомош и активизам во област животна средина наменет за млади активисти и почетници

Член 43 од Уставот на Република Македонија

„Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.“

Член 51 од Уставот на Република Македонија

„Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.“

Изминативе десетина-петнаесет години се особено тешки за македонското општество.

Сведоци сме на катастрофална деградација на животната средина, дел од неа можеби и непоправлива. Сведоци сме на досега незапаметено исклучување на јавноста од институционалните процеси на носење одлуки кои негативно влијаат врз здравјето и благосостојбата на граѓаните, особено во областа на животната средина. Сведоци сме на безмилосна трка за профит при која скапоцените природни богатства се главната „колатерална“ штета. Сведоци сме на општа несвесност и/или незаинтересираност кај носителите на одлуки за визионерско планирање и одржлив развој. Сето ова звучи крајно обесхрабрувачки, но во суштина мора да ни биде најголемиот мотив на сите нас. Најверојатно го пробивме дното, а од таму има само еден правец во кој може да одиме – нагоре. На многумина пред нас баш тоа им било потребно за да се исправат пред својот угнетувач, за да ги скршат прангите и да се ослободат. Екстремниот бунт отсекогаш бил плод на екстремна репресија.

За да бидеме што поефикасни во нашата борба за подобро утре, нужно е секој од нас да ги знае своите права во согласност со македонскиот Устав и законите, бидејќи тоа е основата од која мора да појдеме.

Ако сакаме општество во кое се слуша нашиот глас, ако сакаме општество во кое разумот преовладува, ако сакаме општество во кое идните генерации ќе имаат услови за живот на Земјата, ние сме тие кои мора да преземат нешто и да ги сменат околностите.

Несебичното вложување на нашето знаење, способности, искуство, време и енергија е единствениот начин сите заедно да го создадеме тој подобар свет во кој сите сакаме да живееме.

Оттаму, наша должност е да се вклучиме во процесот на изградба на едно подобро општество, а не да бидеме само неми набљудувачи на штетните промени што ни го загрозуваат секојдневниот живот нам и на нашите најблиски.

Моќта на одлучување не ѝ е дадена само на власта, таа му припаѓа на секој граѓанин, но може да ја оствари само оној кој е активен и упорен.

Со цел да покажеме дека секој од нас е способен да придонесе за позитивни промени, во овој прирачник се вклучени:

1. Практични совети за основање и обезбедување долговечност на активистички групи со правила за нивно функционирање (Прилог 1: Куќен ред на раководни активистички групи и Прилог 2: Куќен ред на активистички подгрупи). Заедно со нужноста да се биде правилно и навремено информиран, исто толку важно е и да се оформи и да се задржи целовитоста на активистичката група имајќи предвид дека (најчесто) се работи за неплатен труд.

2. Случаи од долгогодишно искуство на активисти со практични примери за справување во конкретни ситуации и детална студија на случај (Прилог 3: Незаконски хотел Лагадин). Од примерите ќе забележите дека тие активисти се всушност држави во сенка – ја вршат работата која би требало да ја вршат институциите и органите на државниот апарат, како на пример Собранието, владата, министерствата, инспекторатите, локалните самоуправи, јавните претпријатија, итн. “Но, токму нивната посветеност е онаа што ги поместува нештата од мртва точка и тоа е суровата реалност – ако сакаме да излеземе од маѓепсаниот круг на неправдата, мора да се приклучиме во борбата, не да стоиме отстрана и да навиваме.


Што е активизам и што значи да се биде активист?

Активист е секој оној што е вклучен во активности со кои има за цел да постигне општествена или политичка промена. Традиционалните дефиниции опфаќаат и членство на овие поединци во т.н. граѓански организации. Но, да се биде активист е многу повеќе од тоа да се биде член на организација регистрирана како граѓанско здружение во нашата земја.

Да се биде активист, пред сѐ, значи да се верува во повисока цел за општо добро. Да се биде активист значи да се верува во цел чиешто остварување ќе значи подобро општество за сите нас. Да се биде активист значи несебично да се вложуваат знаењето, способностите, искуството, времето и енергијата, најчесто бесплатно. Да се биде активист значи да се живеат убедувањата кои ги имаме и пожртвувано и солидарно да чекориме во правецот на нивно исполнување.

Во ситуација како нашата, заробени институции и корумпирана елита која непрекинато и наизменично ја презема власта, тоа значи и преоѓање во друга форма на активно преобликување на општеството – преку неговите институции, за што подетален осврт ќе биде даден понатаму во овој прирачник.

За целосно доловување на суштината и што попластично претставување на сите концепти, во овој прирачник издвоени се примери од Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ чијашто активност и достигнувања се надеваме дека ќе бидат поттик за многу идни генерации млади активисти.

Волонтерство или бирократија со странски пари?

Активистите на Охрид ЅОЅ во најголемиот дел од времето работат волонтерски. Фондови користиме кога е неопходно да се организираат некакви настани (трибини, тркалезни маси, концерти, уметнички перформанси), да се изработат инфо-материјали (маици, флаери од садлива хартија итн.) или за институционални постапки кои не сме во можност да ги покриеме од сопствени средства. И дури и во ретките случаи кога користиме фондови внимаваме организациите од кои би ги прифатиле средствата да се водат од принципи многу слични или исти со нашите, а тоа се принципите на етичност, еднаквост, социјална правда, напредок кој се темели на паметен и одржлив развој, односно, подобар свет за сите нас, а не само за неколкумина.

Истражувањата, коментарите за измени на закони, документи, итн., извештаите до домашни и меѓународни институции, трудовите, активистите на Охрид ЅОЅ ги работат исклучиво волонтерски.

Зошто е важна волонтерската работа? Во нашето долгогодишно постоење (а добар дел од нас имаат претходно активистичко искуство) свесни сме за перцепцијата на јавноста – ако на некој документ фигурира финансиска поддршка јавноста смета дека документот е изработен под влијание на таа организација. За да ги зачуваме нашите документи најнепристрасни што може и најприфатливи за јавноста, одлучивме да не користиме финансиска помош за нивната изработка иако на тие документи се посветени часови, денови, а некогаш и месеци истражување и исклучително напорна интелектуална работа.

Активистите во која било сфера многу често се соочуваат со повикот „Леле, луѓе, се случило тоа и тоа, НЕКОЈ НЕКА НАПРАВИ НЕШТО“. Нашиот одговор секогаш е „ТИ СИ НЕКОЈ. ТИ НАПРАВИ НЕШТО“. Имаме должност како активисти не само директно да делуваме, туку и да поттикнеме други да делуваат.

„Проблемите“ кои ние ги перципираме се најчесто само симптоми на вистинскиот корен, вистинската причина за „болеста“, а таа не може да се елиминира со спорадично и индивидуално делување. Тајната на силните општества е мнозинство кое е спремно да делува, знае што треба да направи и не остава „работата да му ја заврши друг“. Проактивноста е една од клучните карактерни особини на секој активист.

Многу е важно да се знае дека за да се стане активист или да се оформи активистичко движење, не е неопходно од самиот почеток да се има дефинирана група, јасна структура, експертски кадар итн. Конкретно, такви беа почетоците на Охрид ЅОЅ, ние почнавме од еден единствен случај – да се спаси Студенчишко Блато од уништување, за да прераснеме во една од најсилните еколошки иницијативи во Македонија. Меѓутоа, неопходно е да се има јасна визија и искрена цел за да се отпочне со активизам. Тоа ќе биде и движечката сила особено во услови на внатрешни несогласувања, неуспеси и слично. Најважно е – да се почне!

Откако ќе се почне, мора да се посвети посебно внимание за во никој случај да не се дозволи при комуникацијата со други активисти или граѓани да применуваме исти или слични методи како институциите против кои се бориме. Крајно контрапродуктивно е да не ги споделуваме информациите јавно. Погубно за крајната цел која сакаме да ја постигнеме е да „криеме“ информации за да напишеме подобри проекти и да „фатиме“ паричка плус. Активизмот не смее да се сведе на бирократија со странски пари. Активизмот е изворен изблик на револт кон лошото владеење и мора да се задржи таа негова автентичност, за да може да се реализираат активистичките цели за подобро општество.

Неопходно е на сите останати да им пристапуваме отворено, не смееме да се служиме со навреди кон активисти во рамки на нашата група кои перципираме дека помалку работат од нас – ничиј труд не смее да биде омаловажен бидејќи и најголемата и најсложената машина функционира беспрекорно благодарение на најситното шрафче. Најдобро е во рамки на своите активистички групи да воспоставуваме хоризонтални структури и да практикуваме социократија – процес на донесување одлуки во кој секој од групата е еднакво вклучен и можност за недонесување на одлуката ако некој од членовите има ненадминлив проблем и издржано образложение за противењето иако мнозинството размислува поинаку.

Солидарноста е значаен предуслов за успех во секоја борба, особено во борбата за подобро општество за сите.

Во сиот овој процес е неопходно добро да се проценат оние кои се заинтересирани да станат членови на групата со цел активистичкото движење да се заштити од луѓе кои може да го злоупотребат начинот на функционирање на групата и со тоа да ја оддалечат од постигнувањето на крајната цел. Затоа е потребно групите да бидат здрави, сечии мотиви за вклученост да бидат кристално јасни и секако да се познава добро позадината и намерите на секој од членовите од дополнителни извори. Во рамки на групата е неопходно да има почит и достоинствено да се третира секој член без оглед на спротивстатеноста во ставовите по одредени прашања – за ова да се гарантира, нужно е секогаш да преовладуваат аргументите и врз основа на факти да се формираат теориите, а не да се искривуваат факти за да се вклопат во нечија погрешна теорија.

Секој може да згреши и секој има право на втора шанса, но задолжително е од самиот почеток да бидат поставени општи правила за да се избегнат поголемиот дел од опасностите и ризиците кои може да доведат до распад на групата. Составувањето на група од способни поединци кои ќе останат доследни на принципите на солидарност и еднаквост не е така лесно да се постигне, меѓутоа е една од главните состојки неопходни за формирање на здраво општество. Нека не ве обесхрабрува заминувањето на одредени членови, најважно од сѐ е јадрото на групата да биде здрав организам каде што нема лицемерие, злоупотреби итн. Здрава група може многу побрзо да дојде до крајната цел и обратно.

Според искуството на Охрид ЅОЅ како неформална граѓанска иницијатива и исклучително активна активистичка група, најдобро е да се има едно јадро од посветени активисти кои ќе ги носат одлуките во име на групата. Дополнително на таа раководна група, бидејќи обемот на работа е секогаш поголем отколку штогрупа, бидејќи обемот на работа е секогаш поголем отколку што има човечки ресурси на располагање, препорачливо е да се создаде уште една, поширока подгрупа од поединци кои пројавиле интерес да помогнат, но поради своите ангажмани избрале поретко да се вклучуваат во активностите и не се во тек со речиси ништо што иницијативата работи.

За таквите поединци ние создадовме посебна група со посебен куќен ред каде што е јасно назначено дека оној кој само повремено сака да биде вклучен во активностите нема да има право да биде дел од процесот на носење на одлуки. Причината за ова е да се осигура дека оние кои имаат право на глас при носењето на одлуките се секогаш добро информирани за сите ситуации за кои има потреба да гласаат и нивниот глас никогаш нема да придонесе иницијативата да донесе одлука која ќе биде на штета на нејзините цели и принципи.

Погледнете општи правила за функционирање на активистички групи со хоризонтална структура

Прилог 1: Куќен ред на раководни активистички групи

Прилог 2: Куќен ред на активистички подгрупи

Активистите на Охрид ЅОЅ во секое време ви стојат на располагање за секакви консултации или прашања што би ги имале доколку создавате активистичка група или за самиот нејзин процес на работа.

ВМРЕЖУВАЊЕ

За една активистичка група да може докрај да го искористи својот потенцијал, нужно е да се потпре на драгоценото искуство на оние кои го изминале патот пред неа, но не само да се задржува на локалните групи, туку да се вмрежи и со активистички групи од светот.

Борбата е интернационална, никој од нас нема изолиран проблем со кој се соочува.

Покрај контактот и размената на искуства и информации со други активисти од земјата и од светот, исто толку важна е комуникацијата, поддршката (особено јавната и официјалната) од асоцијации или здруженија на реномирани домашни и светски научници. Во ситуација кога одлуките кои се носат во земјата се исклучиво политички, што значи немаат никаква научна ниту логичка основа, научните аргументи се одлична и многу моќна алатка за ефективно спротивставување на која било лоша политика.

Но, поддршката од научници, особено од асоцијации не се добива лесно. Причината за тоа е „озлогласеноста“ на граѓанските организации и иницијативи кои „измислуваат факти“, „шират лажни вести“ и/или се обидуваат да ги „фатат“ луѓето на емоции. Затоа, важно за секоја активистичка борба е добро да се истражат научните податоци, и оние „за“ и оние „против“, објективно да се известува јавноста за тоа и тие научни факти да се користат како аргументи при дебатите со носителите на одлуки. Само така се гради авторитетот на една активистичка група.

Токму на овој начин Охрид ЅОЅ успеа не само да обезбеди моментална поддршка за Декларацијата за зачувување на светското природно и културно наследство на Охрид, која своевремено ја потпишаа, меѓу другите, и над двесте научни работници од земјава и светот; туку и континуирана поддршка во сите наши напори за зачувување на УНЕСКО Регионот.

Благодарение на пристапувањето кон мрежата на World Heritage Watch, Охрид ЅОЅ имаше можност да размени искуства и знаење со активистички групи во областа на светското наследство од целиот свет, да презентира пред претставниците на IUCN, и доби исклучителна прилика да се обрати пред делагатите на две седници на Комитетот за светско наследство (2017 и 2019 г.), нешто што не го направила ниедна активистичка група од Македонија досега.

Благодарение на нашата воспоставена соработка со Европскиот огранок на Светското здружение на научници за блатни екосистеми (SWS Europe Chapter), успеавме да го наметнеме Охрид како посакувана локација за Европската конференција на научниците од областа на блатните екосистеми (SWS) во 2018 г. која заврши со потпишување на едногласно усвоената Декларација за заштита на екоситемот на Охридското Езеро.

Благодарение на нашата упорна работа и изградена репутација, успеавме да обезбедиме стручна помош од домашни и странски експерти и целосно да пополниме апликација за впишување на Студенчишко Блато и Охридско Езеро на Рамсарската листа на водни живеалишта од меѓународно значење. Завршувањето на процедурата, за жал, сѐ уште го блокираат македонското Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и Македонскиот рамсарски комитет (МРК) и тоа од многу едноставна причина – сакаат да изнудат пари за работа која Охрид ЅОЅ веќе ја заврши – пополнување на апликацијата за впишување на Студенчишко Блато и Охридско Езеро на Рамсарската листа.

Процесот на изготвување на апликацијата беше макотрпен и долготраен, а трудот вложен од активистите на Охрид ЅОЅ – повторно, целосно волонтерски. Апликацијата Охрид ЅОЅ ја достави до седиштето на Рамсарската конвенција од каде што бевме известени дека иако е целосно спремна и Блатото и Езерото ги задоволуваат сите девет критериуми – а доволно е да задоволуваат само еден (!) – според меѓународниот договор сѐ додека МЖСПП официјално не ја поднесе апликацијата до седиштето на Рамсарската конвенција, процесот не може да започне. Ова се само моментални пречки и ние, како и секогаш, нема да се откажеме, но ќе се бориме онолку долго колку што е неопходно за да успееме да ја реализираме целта која сме си ја зацртале.

Истрајноста и упорноста, се исто така, две многу важни карактерни особини на секој посветен активист. Сосема е природно во една активистичка борба – што е бунт на мала група луѓе против цел наопаку поставен и утврден систем – да има многу повеќе порази отколку победи. Но ние на тие порази гледаме како на примери од кои учиме, тие се за нас искуства кои нѐ прават попаметни и посилни, прозорчиња низ кои влегува светлина која ни покажува нови патишта и начини за кои претходно не сме биле свесни дека постојат.

ЧЕКОР ПОНАТАМУ

Како што беше напоменато во пасусот „Што е активизам и што значи да се биде активист?“, активисти не се само оние што се членови на граѓански организации, туку сите оние кои се борат за општествени, односно политички промени.

Борбата од надвор никогаш нема да ги даде истите резултати како и борбата од внатре.

Симбиозата на овие две паралелни форми на притисок е оптималното решение за што побрзо воспоставување контрола врз процесите кои ни го обликуваат животот. Сакаме да нагласиме дека сѐ додека велите „не ме интересира политика“ им помагате на политичките елити да си ја постигнат целта. Целта им е да ве направат беспомошни и зависни од нив, да ве закотват во пасивност во која вие сте убедени дека не можете да постигнете ништо. А тоа не е вистина!

Ако ја користите таа фраза, престанете веднаш! Натерајте ги и тие околу вас да престанат да ја користат веднаш! Бидејќи ако ви пречи што немате соодветен јавен превоз, ако ви пречи што ја давате половина плата на сметката за струја во земја со 280 сончеви денови, ако ви пречи што во училниците немате парно во зима, ако ви пречи што не можете да напредувате на работното место зашто немате партиска книшка, ако ви пречи што немате шанси за стипендија зашто не сте во подмладокот на владејачката партија, ако ви пречи што се плашите да отидете на доктор на државно, ако ви пречи што се гушите во отров, пливате во измет и се давите во отпад, вас и тоа како ве интересира политика, само што центрите на моќ успеале во својата цел тотално да ве оддалечат од вистинскиот корен на проблемот и да создадат делузија дека политиката е нешто што не опфаќа ништо од сево горенаведено. Реалноста е нешто сосема друго и различно од нивната успешно лажна претстава.

Од она што ние како долгогодишни активисти го научивме, синергијата меѓу институциите и граѓанскиот сектор е нужна за да се спроведат потребните промени. За да постои таа синергија, неопходно е луѓето во институциите да бидат „на иста бранова должина“ со луѓето вон институциите. Тоа може да се постигне на неколку начини:

1. Активистите да бидат истрајни во доменот на делување кој го избрале и бескомпромисно да работат како коректив на институциите. Објективноста односно држењето до фактите, до науката и професионализмот се клучни за градење на кредибилитетот на една таква група. Добивањето поддршка од стручната фела е исто така многу важна. Комуницирањето со јавноста, што денешната технологија многу го олеснува, е од сушинска важност.

Така, активистите може да ја инфомираат јавноста, подобро да ја упатат во причините за неопходна заштита и унапредување на природата и животната средина, да ја едуцираат за граѓанските права и да ѝ овозможат истите да ги бара од системот кој постојано сака да ја исклучи. Само така ќе може да се надеваат на широка поддршка од јавноста со што ќе вршат силен притисок врз институциите кои ќе бидат посоработливи.

Со текот на времето промената во свеста на граѓаните и притисокот кон институциите би придонеле за промена на политиките, стремеж кон одржлив развој и праведен систем на повисоко рамниште.

2. Активизмот може да биде и индивидуален – единката може да делува и сама, да поднесува претставки, жалби по одлуки, да пријавува, да учествува на јавни расправи, да поднесува коментари кон закони, стратегии итн., има право да бара информации од институциите и сл. – секој според својата стручна наобразба, дури и како ентузијаст, може и треба да реагира, да следи и активно да учествува. Не е нужно да се биде дел од некоја група за да може да се делува хумано и еколошки и тие цели да се остварат. Поединечниот притисок е всушност многу важен за остварување на општетствени промени. Залагањето за граѓанските права на индивидуално ниво е карактеристика на општествата со развиена демократска практика.

3. Активистите да станат дел од структурите на системот, поконкретно и најпрво да се насочат на преземање на локалните (општински) совети за да може да се влијае врз сите одлуки кои се носат на локално ниво. Главните проблеми кои ни го отежнуваат секојдневното живеење токму и од тука потекнуваат – локалното загадување, уништувањето на зеленилото, водните ресурси, (не)хуманиот третман на бездомните животни, урбаното (не)насилство, заштитата и промоцијата на јавните добра, (не)третирањето на отпадот, развојот и напредокот на местото од кое што потекнуваме, можностите за отворање одржливи работни места итн.

Добивањето на мнозинството во локалните совети е од сегашна перспектива можеби невозможна мисија и македонските политички елити би биле пресреќни ако размислувате така. И тоа е сосема нормално ако се има предвид дека нашите „народни избраници“ своето време на власт го поминуваат низ општинските ходници надмудрувајќи се кој повеќе и поскришно украл од парите на граѓаните.

Која опција и да ја одберете како ваш правец на делување, вистината е дека упорноста, искреноста и посветеноста во минатото донеле големи промени, па така нашата единствена порака до сите вас, млади и потенцијални соборци, е следнава:

Во борбата меѓу реката и каменот, реката е секогаш таа што ќе победи, не зашто е посилна, туку зашто е поистрајна.

АКТИВИЗМОТ Е КОНТРОЛЕН МЕХАНИЗАМ

Правото на учество во обликување на законите и останатите прописи, т.е. во сите процеси на институционално одлучување, е законско право на секој граѓанин на Република Македонија. Иако нашите институции се обврзани да ја вклучат јавноста во процесите на носење одлуки, тоа што се случува во реалноста е далеку од она што е напишано на хартија. Вклучувањето на јавноста со години наназад е или:

– Несуштинско (pro forma): ставот кој институцијата го побарала од јавноста е целосно исклучен од крајната одлука/документ или на расправата „никој не се појавил“.

ПРИМЕР: Најеклатанен пример се јавните анкети за урбанистичките планови кои се објавуваат на ѕид во Општината, се организираат сред лето и никој не се појавува. Или орагизирање на јавна расправа во Охрид помеѓу Нова година и Божиќ со цел да има што помалку присутни.

или

– Лажирано: смислено се повикуваат т.н. заинтересирани граѓани кои изјавуваат дека целосно се согласуваат со ставот на институцијата и следствено на тоа одлуките/документите не претрпуваат никакви измени

ПРИМЕР: Во периодот кога се водеа јавни расправи околу предложените измени на Планот за управување со НП Галичица (2010-2020) кои требаше да овозможат реализација на мега-урбанистичките проекти, во 2016 г. се формираше неформална група од неколку локални организации кои иницираа поддршка за Стратегиската оцена на животната средина по предлог-измените на планот во која во голем дел се даде зелено светло за експресниот пат и поголем дел од ски-центарот, но со многу дискутабилна методологија за компензација на направената штета. Ваквиот чин на поддршка сам по себе беше апсурден, со оглед дека СОЖС треба да биде стручна евалуација за влијанијата на даден проект, а не предмет на поддршка или не. Имено се работеше за организации кои беа блиски со власта како иницијатор на измените на планот. Иронијата да биде поголема, една од локалните еколошки организации која беше во оваа иницијатива, беше и потписник на Декларацијата за зачувување на природното и културното наследство на Охридскиот Регион во која се бараше стопирање на предложените мега-проекти.

Важно е да се знае дека постои јадро од прописи со кои се гарантира заштитата на животната средина и пристапот до правда во оваа област. Такви се на пример, Законот за животна средина, Законот за заштита на природа, Законот за заштита на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, Законот за квалитет на амбиентниот воздух, Законот за води, Законот за отпад, итн.

Но, освен овие суштински прописи, има низа прописи со кои се третираат сфери што имаат допирни точки со животната средина. Такви примери се Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за минерални суровини, плановите и стратегиите за развој, итн. Неретко се случува овие останати прописи да се во судир со прописите со кои се гарантира заштита на животната средина. Тоа најчесто доведува до добро познатиот – и секогаш негативен – исход каде што природата заедно со нашето право на чиста животна средина завршуваат како колатерална штета на лични бизнис интереси кои без исклучок лажно се претставуваат како „економски развој“.

На пример, Законот за води во себе содржи контрадикторни членови бидејќи со него се забранува градење во 50 метри од линијата на највисок утврден водостој, а од друга страна истото е дозволено со издавање на водостопанска дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање. Исто така, во Законот за постапување по бесправно изградени објекти за такви објекти се сметаат, меѓу другите, и „објекти со намена домување во станбени куќи согласно Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање кои се изградени во заштитен крајбрежен појас на природни езера“ и истите со законот е предвидено да може да се легализираат.

Во Македонија најчесто се практикува прописите да се препишуваат од блиските земји, а некои од нив до пред десетина-петнаесет години беа целосно препишани, без никакви измени, од СФРЈ. Таквата практика доведува до нивна неспроведливост и спротивставеност.

Системот на законски, подзаконски акти и останати прописи во Македонија е, најблаго кажано, хаотичен.

Во продолжение го нудиме нашето искуство за излегување од темните, и навидум бескрајни, институционални лавиринти.

БАРАЊЕ ЗА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР

Како што беше во повеќе наврати повторено во прирачников, точните и проверени информации (фактите) се најдобар сојузник на секој успешен активист. Во македонското законодавство е утврдено правото на секој од нас да добива информации од институциите. Институцијата, т.е. имателот на информацијата, е должен најдоцна во рок од 30 дена од поднесеното барање да ја достави информацијата до барателот доколку природата на бараните информации тоа го дозволува. Барателот на информацијата, било да е правно било да е физичко лице, има обврска да наведе име и презиме и податоци за контакт, но не е обврзан да го наведе основот по кој ја бара информацијата.

Секој граѓанин на РМ има законско право да добие информации кои не се доверливи или по друг основ класифицирани како недостапни за јавноста и има право да ја оспорува востановената „доверливост“ на документи од страна на институциите кои неретко го злоупотребуваат ова свое дискреционо право. Според најновите измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, севкупно земено, причини за ограничување на правото на граѓаните да добијат информации се следниве:

1) информација која врз основа на закон претставува класифицирана информација со соодветен степен на класификација

2) личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци;

3) информација чие давање би значело повреда на доверливоста на даночната постапка;

4) информација стекната или составена за истрага, кривична или прекршочна постапка, за спроведување на управна и на граѓанска постапка, а чие давање би имало штетни последици за текот на постапката;

5) информација која ги загрозува правата од индустриска или интелектуална сопственост (патент, модел, мостра, стоковен и услужен жиг, ознака на потеклото на производот).

Законското право на слободен пристап до информации од јавен карактер произлегува од Архуската конвенција, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Законот за животна средина. Оваа постапка е посебно важна, доколку постои сомнеж дека со одреден документ/одлука итн., било на централно било на локално ниво, се прекршил закон или друг пропис.

Генерално, пристапот до информации од јавен карактер е неопходно да се користи како основа за сите понатамошни постапки. Со помош на овој механизам се добиваат сите неопходни информации доколку процесот тече како што е утврдено со закон.

Се разбира дека македонската реалност воопшто не го одразува она што се содржи во законите, па така иако пристапот до информации од јавен карактер го сметаме за еден од фундаменталните процеси, многу често се случува да се отфрли барањето за пристап, информациите да не се добијат во законски утврдениот рок или барањето да е целосно игнорирано. Во овие ситуации постои можност за понатамошни постапки кои ќе бидат опишани во соодветните сегменти од овој прирачник.

ПРИМЕР 1. Охрид ЅОЅ со добивање информации од јавен карактер успеа да утврди дека на една локација во старото градско јадро на Охрид дозволено е градење врз археолошки локалитет кој е несоодветно конзервиран и презентиран во согласност со важечките прописи, а сопственикот на имотот за тоа добил конзерваторско одобрение и дозвола за градба од надлежните институции. Од Елеонора Новаковска, тогашната в.д. директорка на институцијата надлежна да го контролира зачувувањето на археолошките локалитети, Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, добивме одговор дека во однос на единствената римска вила откриена во Охрид „не станува збор за некое спектакуларно археолошко откритие кое би требало да биде на посебен начин споделено со јавноста“. Токму овие информации служат за подоцнежни постапки кои може да се преземат и против конкретната институција и против конкретните одговорни лица.

ПРИМЕР 2. Охрид ЅОЅ со со добивање информации од јавен карактер успеа да утврди како Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион барем во еден наврат гласала и донела позитивна одлука за голем урбанистички проект спроведувајќи процес кој не е пропишан во Правилникот за работа. Тоа му беше предочено на Центарот за светско наследство во извештајот кој Охрид ЅОЅ го достави до УНЕСКО.

ПРЕДЛАГАЊЕ НА ЗАКОНИ, ДРУГИ ПРОПИСИ, СТРАТЕГИИ И ПЛАНСКИ ДОКУМЕНТИ

„Наједноставниот“ механизам за влијание врз македонските институции е да се предлагаат закони и останати прописи (подзаконски акти, стратегии, програми, планови, одлуки, итн.). Ова е т.н. превентивно делување. Во овој случај се интервенира во самиот корен на проблемот. Со предлагањето на законски, подзаконски акти, стратегии, планови итн. директно се учествува во формирањето на основата, т.е. рамката со која се обезбедува доменот на она што е дозволено и доменот на она што е забрането во одредена област.

Но, проблемите се јавуваат во неподготвеноста на македонските институции да го прифатат ваквиот начин на комуникација со јавноста. Најчесто нивната крајно конзервативна хиерархиска поставеност и подреденост на одделни партиски струи силно го попречува ваквиот процес. Друг доста проблематичен сегмент е (не)подготвеноста на самите активисти да испорачаат добри и издржани решенија. За да може да се предложи сеопфатен и применлив законски текст или каков било друг пропис, нужна е одлична теоретска и стручна подготвеност во областа, консултации со докажани експерти во сферата и следење на најдобрите светски практики т.е. вмрежување со активисти од светот кои имаат искуство на темата.

Предлагање на нови закони и останати прописи е можно и на ниво на локална власт и на ниво на централна власт.

а) На ниво на локална власт постапката оди преку советниците кои имаат добиено мандат на последните локални избори во општината. Тие имаат право да предлагаат иницијативи за програми, урбанистички планови и одлуки со тоа што по нивната формално поднесена иницијатива понатаму одлучува Советот со мнозинство. Советите на општините немаат право да предлагаат закони ниту подзаконски акти, тоа е исклучива обврска на централната власт.


б) На ниво на централна власт, владата и пратениците се тие кои имаат право да предлагаат закони во Собранието на РМ. По предлогот на закон – дали се усвојува или не се усвојува – потоа одлучува мнозинството пратеници во Собранието. Владата во Македонија предлага најголем дел од законите, а освен владата и пратениците, можно е и 10.000 избирачи да го поднесат предлогот на закон до Собранието на РМ. Поднесување на предлог на закон со 10.000 избирачи е одличен начин за мобилизација на сограѓаните и иако има многу предизвици на патот до реализацијата на оваа цел, сепак е важно да се има предвид како можност.

ПРИМЕР 1:

Општината Охрид сѐ уште нема изработено Стратегија за развој на туризмот во регионот. Фактот дека подрачје со извонредно висок биодиверзитет – Охридското Езеро дури го нарекуваат и Балкански Галапагос – единствено може да опстане и правилно да се развива со одржлив туризам, треба да биде појдовната точка за изработка на ваквиот документ. Потоа, секој кој би се нафатил да го изработи овој документ, задолжително е за споредба да земе прописи од Словенија која предничи во одржливиот туризам во регионот и е првата земја во светот прогласена за зелена дестинација. Според Ева Штравс Подлогар, државен секретар на словенечкото Министерство за економски развој и технологии: „Развојот на одржливиот туризам ни беше главна обврска од Стратегијата за развој 2012-2016 и мило ми е што се покажа дека сме се движеле во вистинска насока“. При бранењето на ставовите да се користи успехот на Словенија, поточно факти од словенечките анализи за раст и развој на земјата, како главен аргумент.

ПРИМЕР 2

Во март 2019 г. Охрид ЅОЅ поднесе иницијатива до Хидробиолошкиот институт во Охрид со барање институтот да предложи до владата (1) Посебна заштита на избрани видови во Охридско Езеро и (2) Ставање под привремена заштита на Студенчишко Блато сè додека не се прогласи за заштитено подрачје, што законот го овозможува. Советот на Хидробиолошкиот институт го усвои овој предлог, а во тек е процесот на комплетирање на потребната документација за предлог-видовите кои треба да се стават под посебен режим на заштита.

КОМЕНТАРИ НА ЗАКОНИ И ОСТАНАТИ ПРОПИСИ

Поднесувањето коментари на закони и останати прописи е вториот степен на интервенција директно во коренот на проблемот и уште еден начин за превентивно делување. На овој начин може да се спречат секакви неповолни измени на законските и останати прописи. Повторно, овде е неопходна одлична подготовка и познавање, како на законите, така и на доменот кој се третира со конкретниот пропис. Вмрежувањето со останати активисти со соодветно искуство од земјава и од светот и овде е нужно за да може да се предложат најдобрите можни решенија и да се потенцираат и избегнат потенцијалните проблеми.

Јавната расправа е една алатка која може да се користи за измена на: законски текстови, стратегии за равој, стратегиски оцени на влијанието на предложените проекти врз животната средина, елаборати за заштита на животната средина, планови (вклучително урбанистички) итн. Јавната расправа се состои од два елемента: настан за консултација и коментари испратени во писмена форма. На настанот се присутни и јавноста и институциите, се дебатира и се изложуваат (спротивставуваат) аргументите. Коментарите и забелешките секогаш е паметно да се испраќаат како препорачани писма на адреса на институцијата. Охрид ЅОЅ на почетокот испраќаше свои коментари и по пошта и во електронска форма. Но, како што поминуваат годините и нашата позиција како заштитник на правата на граѓаните сѐ повеќе се утврдува, на институциите им е сѐ потешко да нѐ игнорираат и можеме да си дозволиме најголем дел од комуникацијата со нив да ја водиме електронски. Внимавајте, електронска комуникација не се препорачува за нови активистички групи зашто е висок ризикот од игнорирање од страна на институциите.

За поднесување коментари на закони треба да се следи страницата ener.gov.mk, а доколку сакате да интервенирате во стратегии, програми, стратегиски оцени на влијание врз животната средина, елаборати за заштита на животната средина, плански документи итн., неопходно е постојано да ги следите веб-страниците на соодветните институции (министерства, општини, итн.).

Сл. 1 Почетната страница на ЕНЕР

ПРИМЕР При усвојувањето на буџетот и на локално и на централно ниво како постапка по правило се исклучува јавноста, иако во практика постои можност да се искористат како алатка т.н. буџетски форуми. Буџетскиот форум е процес при кој граѓани и претставници на власта успеваат да утврдат буџет за претстојната година кој најдобро ги одразува вистинските потреби на граѓаните на една општина (ако се работи за општински буџет) или на целата земја (ако се работи за централниот буџет). На почетокот најважно е да се изберат поединци со интегритет и знаење кои ќе работат во најдобар интерес на сите граѓани.

По завршувањето на подготвителните активности, се формира структурата на самите тела кои ќе го водат процесот и се даваат општи насоки за одвивањето на самиот процес. Потоа, откако ќе се утврдат тие општи правила се отпочнува со сесии каде што со следење на општите насоки и генералните принципи при планирањето на буџетот, граѓаните одлучуваат како најсоодветно и на најобјективен начин да ги распределат општинските средства. Така изготвениот предлог потоа се доставува до соодветниот сектор во општината (за финансии) од каде што продолжува процедурата утврдена со закон.

Со оглед на тоа што локалните самоуправи многу ретко се одлучуваат на ваков чекор, а во Собранието на РМ ниеднаш не се случило вакво нешто, постои можност со примена на советите од делот Предлагање на закони и останати прописи да се направи напор практиката на планирање на централниот и општинските буџети со директна вклученост на јавноста да се вметне во закон како обврзувачка.

Во овој случај е важно да се нагласи дека во сите нивоа на власт постои посредна консултација при носењето на буџетот. Се консултираат експерти, граѓански здруженија и слично, како претставници на јавноста. Меѓутоа, она што ние овде го препорачуваме е непосредна консултација на граѓаните. Да може секој кој е заинтересиран да аплицира на јавен повик и во согласност со квалификациите, знаењата, итн., да биде објективно избран како дел од работна група која ќе го помине целиот процес со сите сесии опишани погоре.

Охрид ЅОЅ на својата веб-страница јавно ги објавува сите коментари кои ги поднесува до институциите било кон закони, планови за управување итн., како и други трудови кои самите ги изработуваме, така што тие може да послужат како одличен ресурс за новите активисти.

ПРЕТСТАВКИ ДО ИНСПЕКЦИСКИ СЛУЖБИ

Овој т.н. трет стадиум од активистичкото делување излегува од доменот на превенцијата и влегува во доменот „контрола на штета“. Претставките до инспекциски служби се поднесуваат кога ќе постои сомнеж или јасни докази за незаконско однесување на одредена институција или кога ќе се утврди дека конкретната институција не санкционирала или на друг начин кој е во нејзина надлежност не спречила прекршување на законот од страна на службени, физички и/или правни лица.

За оваа цел, може да отидете на страницата на Инспекцискиот совет на РМ www.is.gov.mk и во делот Инспекциски служби да ги видите сите државни инспекциски служби кои постојат на територија на РМ. Со кликање на секоја од тие служби поединечно се отвора ново прозорче со општа информација за делокругот на работа на таа инспекциска служба. На левата страна има повеќе категории од кои може да се избере. За вас најважна е категоријата Закони каде што веднаш може да видите според кои закони е надлежна да постапува таа инспекциска служба и во самиот закон да проверите дали сте во право за прекршувањето за кое се сомневате.

Сл. 2 Почетна страница на Инспекцискиот совет на РМ
Сл. 3 Страница со листа на инспекциски служби

Доколку ви е потребен контакт од локален инспектор/инспекциска служба, побарајте на веб-страницата на самата локална самоуправа. Македонските институции се познати по неажурирањето на информациите, така што најверојатно ќе биде неопходно да се јавите во општината за да ги добиете потребните информации – да дознаете кој инспектор/служба е надлежен за проблемот кој сакате да го пријавите, како и неговите контaкт-информации.

Имајте на ум дека законите не се единствените прописи по кои може да се поднесуваат претставки. Претставки може да се поднесуваат и за прекршување на подзаконските акти – правилниците. Правилниците би требало да се достапни на страниците на институцијата во чиј домен на работа се. Но, имајќи предвид дека живееме во земја во која почитувањето на законите е исклучок, а не правило, доколку не гледате извесен правилник објавен на страницата на институцијата, веднаш контактирајте ја и побарајте итно јавно да го објави.

Претставките до инспекциските државни и/или локални служби секогаш поднесувајте ги преку архивата на институцијата. Така ќе имате доказ со архивски печат за поднесокот кој може да ви служи за понатамошни постапки во случај на незаконско однесување од страна на институцијата, како на пример ненавремено одговарање или целосно игнорирање на вашата претставка. Доколку по поднесената претставка до инспекторат нема никаква реакција, може да се прави јавен притисок преку претставки до надлежни министерства, премиер, Инспекциски совет. Може да се поднесе и претставка до Државниот управен инспекторат кој ги третира сите прекршувања во управна постапка. Дополнително, во одредени случаи има можност и да се поведе управен спор за молчење на администрацијата пред Управниот суд на РМ.

ПРИМЕР Во Прилог 3 може да погледнете неколку примери на претставки поднесени во врска со нелегалната градба на хотел во Лагадин по која инспекциските служби постапија и врз основа на нивниот наод, градоначалникот на Општина Охрид го поништи одобрението за градење.

ПРЕТСТАВКИ ДО КОМИСИИ

Во македонскиот државен систем постојат повеќе комисии. На пример, Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, Комисија за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, итн.

На страницата komspi.mk може да најдете целосна листа на сите државни комисии. Имињата на комисиите се хиперлинкови и ве водат до посебна страница за секоја од нив каде што се дадени општите контакт-информации, а во засебни категории и прописите врзани со работата на комисијата, записници од седници и други корисни податоци. Секако дека тие информации не се ажурирани и ваше право е да побарате да ги ажурираат.