ЗХГ
Честит Светски ден на веганството!

Честит Светски ден на веганството!

Честит 1ви ноември – Светски ден на веганството!

Експлоатацијата на животните сè почесто наидува на осуда во современото општество.

Причините се најразновидни, но фактите поврзани со сè уште легални злоупотреби на живи суштества, се непобитни:

  • масакрирањето на животните од страна на човекот предизвикува пандемии;
  • уништување на шумите;
  • загадување на водите, воздухот, почвата;
  • уништување на биодиверзитетот;

но најстрашното од сè е што експлоатирањето животни нè отрпнува на страдањата на живи суштества за кои науката докажала дека чувствуваат тага, болка и страв многу слично на човекот.

Единствената разлика помеѓу животните што ги викаме храна и животните што ги викаме миленици е пропагандата која општеството систематски ни ја сервира.

Сите сме свесни дека во даден момент од историјата и жртвувањето на луѓе било легално.
И ропството на луѓе било легално, но тоа секако не значи дека било праведно.

„Хуманото“ убиство е оксиморон кој служи за олеснување на совеста. Не постои такво нешто како „хумано“ убиство на здраво, свесно, интелигентно суштество кое не сакало да умре.

Во 2012 г. на Кембриџ е усвоена Декларацијата за свесност од страна на врвни невронаучници со која се потврдува дека животните се свесни суштества кои чувствуваат тага, болка, страв, депресија многу слично како човекот и таа Декларација се користи како основа за унапредување на легислативата низ развиениот свет.

И покрај силното негативно влијание на месото во глобални рамки, досега ниту една земја нема изработено стратегија за да се намали консумацијата.

Денови и месеци се посветени на конференции и самити, но сите се залудни доколку не резултираат со одлучно и доследно исполнување на ветеното и договореното.

Експлоатацијата на животните е еден од главните предизвикувачи на климатската криза. А ако не ја искристиме приликата која ја имаме да го спречиме тој домино ефект, многу скоро ќе се соочиме со низа природни катастрофи и елементарни непогоди како што се суши, топлотни бранови, неконтролирани пожари, урагани, недостиг на храна, целосно уништување на коралните гребени, покачување на нивото на морето, мртви зони во океаните.

Имајќи ги предвид последиците кои експлоатацијата на животните ги има врз човекот, животната средина и животните, единствено разумно е земјите да се преориентираат на замени за месо од растително потекло кои земаат сè поголем замав на светскиот пазар и се особено популарни меѓу помладите кај кои веќе е јасно видлив процесот на еволуција.

Јаглероден отпечаток на една порција од околу 200 грама

или порција 100 грама

Може да се каже дека не постои друг тип на прехранбен продукт на планетава што како месото ја загадува животната средина и има толку штетно влијание врз климата.

Младите и покрај системската пропаганда преку образовниот процес одлучуваат да ги исклучат животните од својата исхрана, облека, козметика. Новите генерации во сè поголем број одбиваат да ги гледаат животните како комодитети и разбираат дека сите живи суштества се раѓаат еднакви, со право на живот и слобода.


За мене како долгогодишна активистка за заштита на животните и животната средина, експлоатацијата на животните е многу очигледната причина поради која во голем дел опстојува и меѓучовечката експлоатација.

Таа матрица на злоупотреба на која сме се навикнале кога ни станало прифатливо да експлоатираме свесни суштества што се физички и/или интелектуално инфериорни на нас, ја применуваме во секој аспект од нашето живеење.

Нашиот однос кон природата е производ на истата антропоцентрична призма.

На Земјата не ѝ треба човекот за да опстане, таа ќе опстане долго откако ние ќе се (само)истребиме како вид. На човекот му треба Земјата зашто таа ни е, засега, единствениот дом што го имаме. Нашата делузија за супериорност не ни дозволува да станеме целосно свесни колку сме мали и кревки и колку малку е потребно за да бидеме збришани засекогаш.

Науката вели дека 75% од новите инфективни заболувања се предизвикани од човечката експлоатација на животните.

Пандемијата со коронавирусот требаше да биде некакво будење…

Веќе и Светската здравствена организација официјално ги категоризираше месото и преработките од месо како причинители на канцерогени болести заедно со цигарите.

Консумирањето месо е водечка причина за смртност од кардиоваскуларни заболувања. Коинцидентно таквите патологии се ризик-фактор и катализатор за фатален исход при инфицирање со коронавирусот. Сепак, човекот е интересно суштество – ги сака промените, ама не сака да се помачи да ги донесе дури и по цена на сопствениот живот.

Ако се осврнеме на (хипер)консумеризмот ќе видиме дека Глобалниот Југ во голема мера страда поради (и за сметка на) Глобалниот Север.

Кравите на фарми не умираат од глад, додека на секои три секунди по едно дете во светот умира од глад.

Во Македонија според официјални статистики над четиритстотини илјади наши сограѓани живеат под прагот на сиромаштија, едвај со еден оброк на ден, додека плодно земјоделско земјиште се пренаменува во градежно, реки кои се единствен извор на вода за локално население се собираат во цевки од „мали нештетни хидроцентрали“.

Нема ништо нештетно во човековата алчност и нагон да узурпира и да злоупотребува за профит.

Профитот најчесто го дели мала елитна група, додека сите ние останати живееме во супстандардни услови. 

Во нашиот себичен хедонизам, ги забораваме и работниците кои се принудени секој ден да убиваат животни во кланиците.

Ги забораваме мигрантите и луѓето кои немаат друг излез освен да работат на такви работни места кои никој друг не ги сака –

  • Како се чувствуваат тие секојдневно соочени со смрт која тие ја предизвикуваат?
  • Колку од нив се самоубиваат?
  • Колку од нив поради јазична бариера не ни може да побараат психолошка поддршка?

Научните статистики покажуваат дека во тие средини е зголемено насилството, со особен акцент на домашното, зголемена е стапката на криминал и на тешки престапи како што се силувања и убиства.

Придобивки од вегански начин на живот


Експлоатацијата на животните е еден од главните причинители на климатската криза, смртоносни пандемии и сеопшто уништување на животната средина и условите за живот на Земјата.

Општествата од иднината мора да се солидарни и одржливи и кон градење такви општества мора да се стремиме. Ако сакаме да преживееме како вид, ако сакаме да обезбедиме иднина за нашите поколенија, немаме друг избор освен да живееме во склад со природата.

Да ги почитуваме и етички да ги третираме сите живи суштества, бидејќи како можеме да очекуваме подобро утре ако самите не работиме секојдневно, посветено и искрено за тоа подобро утре да го создадеме?

Честит Светски ден на веганството!

Верувам дека еден ден ќе биде славен во свет во кој повеќе нема да постои ниеден систем на опресија и чест ми е што сум едно скалило во тој благороден процес.

Автор: Драгана Велковска,
Активистка за заштита на животни и животна средина