Заклучоци од 7-мата седница на Совет на Град Скопје
Во продолжение се прашањата поставени од ЗХГ на седмата седница на Советот на Град Скопје – седница за советнички прашања. На овој вид на седници според Деловникот советниците поставуваат по најмногу 3 прашања до Градот и сите институции под Град Скопје, а одговорите може да ги побараат усмено на самата седница или писмено (по електронски пат). Службите во согласност со Деловникот се должни да одговорат за 10 дена, но ако е потребно подолго време за конципирање на одговорот може, по претходно известување, да одговорат и најдоцна за 30 дена.
Советниците од ЗХГ ги поставија следните прашања и одговорите ги побараа по писмен пат. Штом ги добиеме одговорите, истите ќе ги додадеме тука под соодветното прашање.
Драгана Велковска
1. До директорот на ЈП Комунална хигиена Скопје
Од 2017 г. наваму нема ниту една лименка во извештаите. Според моите информации лименките се продавани нелегално и не се пријавувани во извештаите дека се воопшто собирани.
Бројките на селектирани лименки за периодот 2014-2017 се следни:
- 2014: 127 кг
- 2015: 80 кг
- 2016: 100 кг
Дали новиот директор е запознаен со оваа ситуација? Дали и како ќе се истражи на што се должат овие драстични разлики во обемот на собраните лименки и што ќе се преземе против тие кои евентуално ја злоупотребиле својата службена положба и го оштетиле буџетот на јавното претпријатие? Доколку се утврди дека се работи за злоупотреба на службената положба, кои активности ќе ги преземе за да се спречат вакви злоупотреби во иднина?
2. До директорот на ЈП Комунална хигиена Скопје
Градот Скопје обезбедуваше субвенции за инвертери со дотација од владата со тоа што како услов во јавниот повик беше наведено лицата кои аплицираат за субвенции да ги предадат старите печки. Медиумите пренесоа дека Комунална хигиена ги собира печките, се промовираа акции за нивно собирање по општини. Барам да ми се достави извештај колку печки се собрани и како КХС постапила со нив.
3. До директорот на ЈП Комунална хигиена Скопје
Според ревизорскиот извештај изработен од Секторот за ревизија на Град Скопје на претпријатието Комунална хигиена за 2018 г. констатирани се низа неправилности односно незаконско работење што претставува злоупотреба на службената должност најнапред на бившиот директор, Абдусамед Шабани.
Според извештајот, вработени се унапредувале незаконски, се наградувале незаконски, им била исплаќана плата според одлука за висина на бод која не била усвоена од Советот на Град Скопје, биле пријавувани вработени и земале редовно плата, а еден ден не се појавиле на работа, никој никогаш не ги видел, никој не ни знае како изгледаат. Еден таков пример е Самете Матњани, сопруга на Зенун Матњани кој 4 години беше шеф на кабинет на бившиот директор Абдусамед Шабани, пријавена е уште во декември 2017 г. Новото раководство ја пријавило само што дошло во Претпријатието како ВИШ РЕФЕРЕНТ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НОВИ И ПОСТОЕЧКИ КОРИСНИЦИ ВО СЕКТОРОТ ЗА ОДНОСИ СО КОРИСНИЦИ- ОДДЕЛЕНИЕ ЗА ОДРЖУВАЊЕ БАЗА НА КОРИСНИЦИТЕ. Самете Матњани е одјавена неколку дена по завршувањето на вториот круг на изборите. Дел од наодите од тој извештај до денешен ден се реалност во претпријатието. Во претпријатието на раководни позиции се лица со овластувања од бившиот директор иако во моментот кога бившиот директор е разрешен тие овластувања стануваат неважечки.
Дали директорот е информиран за овие злоупотреби и кои се чекорите што ќе ги преземе за да се спречи вакви злоупотреби на јавни пари во иднина? Дали ќе побара да се вратат злоупотребените финансии за плати? Кога новиот директор ќе го усогласи целосно своето работење со важечките закони?
Горјан Јовановски
1. До директорот на ЈП Комунална хигиена Скопје
Од граѓани добиваме пријави дека гледаат како камиони на КХС ги подигаат контејнерите за рециклирање и ги собираат во истиот камион. Дали камионите на КХС што подигааат отпад за рециклирање од контејнерите наменети за тоа, го мешаат отпадот или има одделни камиони за секој тип на отпад?
Дополнително, добивме фотографии од граѓани дека на некои мали зелени канти што најчесто се користат од домаќинства има налепници за селектирање, но само се прикажани боите на различни канти.
Дали овие канти се наменети за селектирање, или овие налепници се чисто информативни?
ОДГОВОР (04/04/2022):
в.д. Директор на КХС Зухди Енус: Поради економска ефикасност правиме секундарна селекција во рециклажен двор, бидејќи тој тио на контејнери од 2,2 м3 се само 28 садови на територија на Град Скопје, од кои 14 за хартија и 14 за ПЕТ амбалажи. Контејнерите се распоредени низ цел град, и неисплатливо е со 2 возила да се поминува цела територија на градот.
Проектот со кантите со налепници бил почнат како пилот-проект. Овие канти се наменети за примарна селекција. Граѓаните кај кои се забележани овие канти имаат по 2 канти од кои 1 за комунален отпад и 1 за примарна селекција. Кантите со налепници се наменети за селекција, но граѓаните го мешаат отпадот. Ние работиме на едукација на граѓаните за користење на овие канти и доедукација за селекција на отпад. Тие канти се со посебна намена и се собираат еднаш неделно – секој четврток по Оперативната програма на Претпријатието.
2. До градоначалничката на Град Скопје
Сервисот „Отворен град 24 часа“ вели дека има решено над 1.300 барања од граѓани, според пост на ФБ страницата на Град Скопје од 08 март 2022 г.
Каде можеме ние како советници, а и уште подобро и јавноста, да имаме увид во овие барања, или барем некоја поспецифична категоризација на истите (пример по вид на барање, дали барањето е решено во целост или истото е препратено на друга институција)?
За сега вака само како бројка која не може да се верифицира, не значат ништо, но доколку може јавно да се видат барањата и како се решиле, секако анонимизирани таму каде што има потреба, ќе претставува многу голема победа за Градот, а со истите податоци кои би биле објавени на посебна секција на сајтот на Град Скопје како отворени податоци, ќе може ефективно да се визуелизира работата.
ОДГОВОР (04/04/2022):
Горјан: Одговорот не беше поврзан со прашањето, и беше препратен назад до Град Скопје за да се одговори конкретно.
ОДГОВОР (08/04/2022):
Горјан: Одговорот не беше детален, и беше препратен назад до Град Скопје за да се одговори конкретно.
3. До директорот на ЈП Водовод и канализација
Дали ЈП Водовод и канализација има точна информација за број на села на територија на Град Скопје кои во моментов, или во текот на летото, остануваат без вода со денови и недели, како на пример, Кучково, Љубанци и Љуботен? Кои се тие? Што е предвидено за годинава овие населени места да не останат без пристап до вода?
- Линк 1:
https://skopskoeho.mk/i-vodovod-i-butel-krenaa-ratse-lubantsi-16-dena-nema-kapka-voda/ - Линк 2:
https://kanal5.com.mk/skopsko-kuchkovo-od-april-e-bez-voda/a486945 - Линк 3:
https://mk.tv21.tv/luboten-vo-21-vek-bez-voda-koj-e-planot-i-zoshto-dosega-ne-e-realiziran/