Зошто да се гради одржливо и зелено е од суштинско значење
- Намалувањето на емисијата на стакленички гасови од градењето на зградите и другите градби е од клучно значење за намалување на глобалното затоплување.
- Емисијата на стакленички гасови се намали во текот на пандемијата, но повторно ќе се зголеми со опоравување на економиите.
- Според новиот извештај на Обединетите нации, владите и компаниите ширум светот мора да преземат сериозни чекори кон позелени станбени објекти и други градби.
- „Зелените згради” се повеќе од само добра идеја. Намалувањето на ослободување на јаглерод од зградите и градбите е клучно ако сакаме да ја постигнеме целта на Парискиот договор за намалување на глобалното затоплување за 2°C.
Тоа е всушност заклучокот од новиот извештај на Обединетите нации за намалување на емисиите на стакленички гасови, според кој градењето и користењето на зградите сочинуваат 37% од глобалното ослободување на гасови како последица на емисија на CO2 во 2020 година. Процентот бележи благ пад во споредба со претходната (2019) година, но тоа најмногу се должи на здравствените мерки (изолација и карантин) и забавувањето на економијата во текот на пандемијата, а не на спроведување мерки за намалување на емисијата на стакленички гасови..
„Зградите и градежниот сектор, како еден од главните извори на емисии на стакленички гасови, мора итно да се декарбонизираат преку стратегија што опфаќа намалување на побарувачката на енергија, декарбонизација на снабдувањето со електрична енергија и внимателен избор на градежни материјали“, изјави Ингер Андерсен, извршен директор на Програмата на ОН за животна средина, при објавувањето на извештајот.
Забрзано намалување на емисиите на јаглеродниот диоксид
Според ОН, постигнат е напредок во намалувањето на ослободувањето на јаглерод од зградите. Сè повеќе земји воведуваат закони за енергетска ефикасност во секторот градежништво, сертифицираното зелено градежништво е во пораст, а инвестирањето во енергетска ефикасност е зголемено на над 180 милијарди долари последната година во однос на износот од 129 милијарди долари во 2015 година, кога беше потпишан Парискиот договор.
Но, овие напори не се доволни, а напредокот е бавен. Две третини од земјите во светот сè уште немаат закони за енергетска ефикасност во секторот градежништво.
Најголемиот дел од инвестициите во енергетска ефикасност потекнува од само неколку европски земји. Меѓутоа, постои „недостиг на амбициозни цели за декарбонизација“ во рамки на целите што многу земји си ги поставија со Парискиот договор, се наведува во извештајот.
Патот до нето нула (net zero)
Сега е вистинското време за справување со емисиите од зградите и градежниот сектор.
На крајот на краиштата, потрошувачката на енергија и емисиите повторно се враќаат на старо бидејќи економиите закрепнуваат од пандемијата. Според предвидувањата на ОН, во Азија и Африка се очекува двојно зголемување на градежниот фонд во следните три децении. Употребата на материјали на глобално ниво се предвидува дека ќе порасне повеќе од двојно до 2060 година, при што градежните материјали сочинуваат една третина од вкупната количина.
За да постигнеме нето-нула емисии до 2050 година, емисиите од зградите ќе мора двојно да се намалат до крајот на оваа деценија.
Посредните емисии – се мисли на емисиите од производството на електрична енергија наменети за комерцијалното греење – мора да се намалат до 60%, известуваат ОН.
Па, како да стигнеме таму? Во документот на ОН се наведени низа области за итно дејствување.
Список на задачи за намалување на емисиите
Владите ширум светот мора сериозно да се посветат на намалување на ослободувањето на јаглерод диоксид во процесот на производство на електрична енергија. Во своите планови, исто така, мора јасно да ги одредат емисиите од производството на градежни материјали, кои досега речиси и да не беа забележувани.
Сите земји мора да го регулираат подобрувањето на енергетската ефикасност на станбените објекти, а при тоа да бидат опфатени сите сегменти, од изолација до вентилација и апарати. Покрај тоа, потребно е да бидеме сигурни дека новите (како и постоечките) згради и деловни објекти кои ќе бидат во употреба во наредните децении може да се приспособат за да ги издржат климатските промени и екстремните временски услови, како што се зголемувањето на нивото на морето, топлотните бранови, сушите, пожарите и циклоните.
Се разбира, сето ова ќе чини пари.
ОН наведуваат дека инвестициите во енергетската ефикасност во градежништвото ќе има потреба да растат со стапка од 3% годишно, а јавните фондови ќе треба да се надополнуваат со приватни инвеститори.
Зелените обврзници кои се користат за финансирање проекти со позитивно влијание врз животната средина, се една од алатките за канализирање на инвестициите во секторот, заедно со зелените хипотеки и други производи.
Навистина многу треба да се постигне за кратко време. Но, со внимателно планирање и фокусирани напори, според извештајот на ОН е сигурно дека градежниот сектор може да ги реализира потребните чекори.
За да помогне на индустријата и на сите засегнати страни во остварувањето на оваа амбиција, Светскиот економски форум ја создаде својата Рамка за иднината на недвижностите, која претставува практичен план што спојува критериуми како што се удобност, одржливост, отпорност и економска исплатливост, а целта е да се создаде нов пристап кон поимот згради и урбано живеење.
Превод од World Economic Forum.