ЗХГ
Зошто го поддржувам ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД?

Зошто го поддржувам ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД?

lazar gjurov zoshto go poddrzhuvam zelen human grad

Пишува Лазар Ѓуров

Сите сме свесни дека политичките партии не успеваат да го испорачаат она што го ветуваат. 

Кадарот со кој располагаат (со чесни исклучоци) не се луѓе кои биле во реален сектор, ниту се луѓе кои живеат со одредена идеологија и се борат реално за одредена кауза. Генерално, нивната кауза е да дојдат до позиција и полесно да си го поминат животот.

Многупати од партиски кандидати се ветуваат брда и долини. Се ветуваше ревидирање на детални урбанистички планови, суспензии, спречување бетонизација, тунели, зеленило насекаде… сè и сешто… но на крај сè се сведуваше на „немаме ингеренции“, „постапката не дозволува“, „сè е по закон и пропис“… ама работите не се менуваа на подобро. Згради никнуваат една до друга. Од гасификација ни трага ни глас. Четири години не може да се воведат едни лепенки за возила кои загадуваат. Едноставно се виде дека на избори се ветува сè и сешто, но по изборите, од тоа многу малку се реализира… дури се прави и спротивното.

За разлика од нив, „ничим изазвани“ во општеството има една група луѓе кои се активни, гласни, упатуваат критики и кон едните и кон другите, се борат со институциите, организираат протести, прават конкретни акции (згрижуваат животни, садат дрвја, поднесуваат иницијативи пред Уставен суд за поништување ДУП-ови, анализираат постапки за да најдат грешки и поништат штетни одлуки, лежат пред багери на Водно, отвораат ресторани за веганска храна затоа што сакаат да ги заштитат животните од убивање, анализираат закони и правилници за да може да се започнат постапки против партиски функционери, прават апликации за граѓаните да бидат информирани за загаденоста и се подигне свеста колку е голем проблемот (Горјан, авторот на апликацијата МојВоздух е еден од основачите на ЗХГ), администрираат ФБ групи за да поттикнат повеќе луѓе и да вршат притисок врз институциите, прават проекти во кои нема големи хонорари, но со цел да се направат реални промени за доброто на сите… се трудат да ги поправат работите кои континуирано се прават погрешно и на штета на животната средина и квалитетното живеење на граѓаните).

Тие луѓе се викаат активисти.

Активни за одредена кауза. Дејствуваат затоа што веруваат во нешто. Имаат одредени вредности  и не можат да седнат мирни ако некој прави лошо. Внатре им врие. 

Епа, тие активисти на овие локални избори сфатија дека е дојдено времето да не дејствуваат само надвор од институциите. Тие сфатија дека најдобар начин да ја направат промената е да ВЛЕЗАТ ВНАТРЕ ВО ИНСТИТУЦИИТЕ.

Скоро во секоја општина, а и на ниво на Град Скопје има активистички групи, кои се дел од понудата за советници и градоначалници.

Јас како човек верувам дека клучно за однесувањето на луѓето се нивните вредности. Ако внатре во душата вреднуваш природа, ти не можеш да гласаш за ДУП, ГУП, каква било одлука која ќе ѝ наштети на природата. Ако вреднуваш хуманост, ти не можеш да гласаш за луксузирање додека некои луѓе во градот просат за леб и спијат на улица.

Активистите докажале дека имаат вредности внатре во душата и дека тие нема да бидат принудени да гласаат за штетни одлуки под каква било уцена или поткуп. Тие сега, додека си живеат нормален живот, си прават проблеми и влегуваат во клинч со институциите и ризикуваат. И тоа мене ми е гаранција дека ќе го дадам гласот за вистинските луѓе. Дека тие тоа што сега го зборуваат тоа ќе го прават и понатаму.

Затоа сите треба да им го дадеме нашиот глас и тие да влезат во институциите.

Со нив внатре ќе им ја растуриме калимерата на партиите кои, некако, изгледа како да имаат премолчен договор. Тие навидум се расправаат, ама некако бизнисите и тендерите течат. Зградички ни никнуваат. Меѓусебно се обвинуваат за криминали, ама никако некој да биде осуден за наместен тендер или злоупотреба на службена должност.

Затоа јас одлучив јавно да го поддржам Зелен Хуман Град. Тие се активисти. Им верувам. Ми докажале дека се борци и со едната и со другата власт. 

Покрај оваа причина, има уште една клучна и важна работа зошто изборот кој сега ќе го направиме е НАЈВАЖЕН ДО СЕГА!

Овој мандат во Град Скопје се случува еден многу важен настан. Се носи новиот Генерален Урбанистички План (ГУП). Тоа е најважниот документ за градот. Тоа е документот по кој потоа се прават Деталните Урбанистички Планови (ДУП-ови). ГУП-от кажува каде може да се гради. ДУП-от детално прецизира каде ќе има паркови, улици, институции… колку заленило, колкава населеност и многу други клучни параметри. Овој мандат, преку новиот ГУП Скопје може да се спаси од пропаѓање.

Со новиот ГУП може да се сврти нова страница. Да се запре уништувањето на градот. А потоа и да се преземат мерки за зацелување од сите грешки кои се направени до сега. Ова е клучен момент.

Ана (кандидатката за градоначалничка од Зелен Хуман Град) е архитект, урбан планер и еколошки активист. Тоа е жената која како Директор на државниот инспекторат почна да им пишува казни на фабриките кои загадуваат. Докажа дека не се плаши и дека навистина екологијата и животната средина ѝ се вредности.

Ептен се израдував што ЗХГ ѝ даде можност да влезе во трката за Градоначалничка. ЗХГ покажа дека единствен услов за да бидеш кандидат за позиција е квалитетот и одработеното.
Јас верувам дека единствен модел кој ќе донесе успех во една средина (без разлика дали е компанија или општествен систем) е меритократијата

Добивање на позиција само врз база на квалитети и сработено. Не врз база на тоа дали си близок со партискиот лидер, или колку си донирал во партијата.

Според мене Ана е и стручна и докажана.

Токму таа може да биде спасот за Скопје.

Ја знае постапката за носење ГУП во мал прст. 

Ја објасни на една од Агорите. 

Кажа дека клучна е стратегијата која прво се подготвува… а која сега се прави зад затворени врати, без вклученост на стручните лица. И кога тој документ ќе се направи, после го знаете веќе видениот филм „Да, да, би било добро да има повеќе зеленило во новиот ГУП, ама стратегијата налага дека тоа треба да биде…“ и други слични бла бла оправдувања. 

Ана тоа нема да го дозволи. Ќе ја фати работата здраво од старт.

Ана како архитект ќе даде придонес за да се направи урбано планирање во градот кое ќе стави крај на неконтролираното градење, ќе стави крај на уништување на зеленилото, на бетонизацијата, на пренаселеност на одредени делови и запуштање на другите, на ширење булевари без свест дека така се стимулира повеќе автосообраќај а со тоа и загадување, на нехуманиот третман на животните, на носење одлуки под влијание на градежни моќници за да се изградат објекти кои со своите параметри не задоволуваат ниту еден критериум за хумано живеење.

Само со активисти во советите и со стручни и независни градоначалници Градот Скопје и општините може да се спасат. Јас верувам дека само со нив внатре во советите нема да може зад затворени врати, со демек транспарентни постапки да се носат одлуки, измени и слични финти за карванот да си врви иако Скопје континуирано пропаѓа. 

Со нив внатре, нема да може лесно да се носат одлуки базирани на бизнис интереси, без почитување на стандарди за екологија и квалитетно живеење.

На Македонија ѝ се случува будење. Активисти сакаат да влезат во општинските совети. Тоа се обични луѓе со вистински вредности. Сите треба да ги поддржиме.

Јас одлучив јавно да ги поддржам.
Ти можеш да ги поддржиш на денот на гласањето.
Ќе го направиш тоа, нели?

Третата причина поради која јас ги поддржав е што Зелен Хуман Град разви платформа преку која и по изборите секој да може да дава предлози, тие да бидат гласани од мнозинството и истите да се најдат на разгледување на седница на советите. Тоа е исто така еден прекрасен модел за директна демократија со кој граѓаните ќе можат да влијаат секојдневно на работењето на општините и градот. 

Ајде да го искористиме ова прекрасно нешто што се случува. 

Ајде, сите партиски неопределени и партиски разочарани, да дадеме поддршка на активистите.
Ајде да ги поддржиме Зелен Хуман Град
Ајде да ги поддржиме Независни За Карпош
Ајде да ги поддржиме Шанса за Центар
Ајде да ги поддржиме Зелените од Гази Баба
Ајде да ги поддржиме Поинаку од Битола
Ајде да ги поддржиме Подобро за Тетово

Ајде да ги поддржиме СТИГА Е од Струмица

Ајде општините да им ги вратиме на граѓаните. Во нив да влезат активистите и да ги контролираат партиите. Ајде да дадеме сила на оваа одлична граѓанска иницијатива. Ајде да покажеме дека ние независните имаме сила да направиме пресврт од ова вртење во круг. 

Ќе го направиме тоа?

Лазар Ѓуров
Активист