Често Поставувани Прашања
Проблем..
Како граѓани, често се
чувстуваме беспомошни и
неинволвирани во носењето на одлуки на локално
ниво поради демократски дефицит во институционалниот дизајн на локалната власт. Слаба е
комуникација на властите со граѓаните, кои често се губат во бирократските
лавиринти при поднесување предлози, идеи и жалби за нивното општество.
Дел од нас ги бркаат локалните власти на социјални медиуми, по пораки и коментари. Дел од нас
креираат и петиции на сајтови, што често знаеме да ги заборавиме кога линкот ќе се изгуби.
Решение
МојГрад е независна платформа која овозможува граѓанска партиципација во процесот на носење одлуки во Советот на град Скопје. Платформата претставува виртуелна инфраструктура за изградба на автентична локална заедница, промовирајќи радикален концепт за директна демократија на локално ниво. Духот на заедницата на МојГрад го култивираме заеднички, преку колективното изнаоѓање на практични решенија за урбаните предизвици, водени од принципите на екологија, одржлив развој и солидарност.
Кој стои зад МојГрад?
МојГрад претставува дигитална екстензија на коалицијата на граѓански здруженија Зелен Хуман Град. Сите организации и поединци се објавени страната на ЗХГ членови. Основач на платформата е Горјан Јовановски, познат по граѓанскиот активизам со апликацијата МојВоздух, како и бројни други еко проекти.
Кои се целите на МојГрад?
МојГрад е алатка за демократизација, чија агенда на краток рок предвидува тековно решавање на проблемите, континуирана контрола и надзор од страна на граѓаните и зголемување на транспарентноста на работата на градот. На долг рок, целта е враќање на локалниот суверенитет кај граѓаните преку институционална трансформација, која постепено ќе го предаде управувањето на градот на заедницата на местото на партиските елити.
Зошто само Скопје?
Една од главните предности на платформата МојГрад, е тоа дека дел од основачите се советници во
Град Скопје, што значи дека можат директно да поднесуваат предлози од граѓаните на седниците од
градскиот совет. Корисниците може да поднесуваат предлози на МојГрад и за другите општини надвор
од Скопје, но истите нема да можеме директно да ги поднесеме ние до локалните власти. Тоа не
значи дека ти не може да го направиш истото! Собери договлно гласови, и искористи го предлогот
за контактирање на твојата општина!
Доколку сакаш да помогнеш МојГрад да се лансира во твојот град, контактирај
нè.
Што нуди МојГрад?
Функцијата на МојГрад е да создаде директна врска меѓу граѓаните на Скопје и Советот на градот преку поднесување на предлог-проекти и политики, нивно разгледување, модификација и гласање. Секој корисник на платформата може да учествува во било кој од овие сегменти на конструкцијата на предлози. Истовремено, дневниот ред за секоја седница на градскиот совет е однапред објавуван од Драгана Велковска, независна советничка и членка на Зелен Хуман Град. На овој начин, граѓаните можат постојано да ги следат активностите на советот и директно да даваат насоки за како да се пристапи на секоја од нив.
Какви предлози може да поднесувам?
Предлозите треба да бидат поврзани со подобрување на општото добро на Скопје, и да
решаваат локални прашања на граѓаните. Тие треба да бидат етички и морално издржани, со фокус на
похуман, позелен и поубав град.
Сите поднесени предлози се прегледуваат и одобруваат од администраторите пред истите да
бидат објавени, со цел спречување на злоупотреба на платформата.
Што ако предлогот се однесува за општинска, а не градска тема?
Нашите советници се дел од градскиот совет, и таму имаат најголемо влијание. Доколку некој предлог не е под надлежност на градот, нашите членови ќе го обработат и испратат до надлежната општина. Никој предлог нема да се занемари.
Кои предлози се пренесуваат до градскиот совет?
Градскиот совет во просек има две седници во текот на месецот. Топ 3-те предлози со најмногу гласа, што до сега не биле поднесени, ќе бидат избрани за поднесување 72 часа пред почетокот на следната седница на советот. Останатите предлози остануваат „во игра“ до следната седница, каде што повторно се одбираат топ 3-те со најмногу гласови.
Како се пренесуваат предлозите од МојГрад во градскиот совет?
Топ 3-те предлози што се гледаат според бројот на гласови, се поднесуваат како иницијатива во Советот од страна на нашите членови што се дел од коалицијата Зелен Хуман Град. Тие предлози ќе бидат заеднички доработени со нивните креатори и нашите членови, со цел да бидат правно и финансиски издржани. На овој начин, нашите советници претставуваат гласник на изразената волја на граѓаните за секоја седница на градскиот совет.
Што ако предлозите не бидат прифатени од градскиот совет?
Гласањето на предлозите има истовремено и димензија на онлајн петиција, со што ги заменува странските сајтови кои досега се користеа за оваа намена. Поголема масовност на гласањето и број на гласови го зголемува легитимитетот на секој предлог, со што го зголемува и притисокот врз власта за негово прифаќање. Исто така, зголемувањето на бројот на советници од Зелен Хуман Град ги подобрува шансите за прифаќање на предлозите изгласани на платформата, поради што потребно е што помасовно гласање на кандидатите на оваа иницијатива на локални избори.
Какви се правилата за однесување на МојГрад?
Правилата се едноставни: Потребна е меѓусебна почит, цивилизирана и конструктивна дебата. Секој тип на навреди и понижувања ќе имаат 0 толеранција, и тие корисници ќе бидат отстранети од платформата. Истото важи и за корисниците што ја злоупотребуваат платформата.