Да го ослободиме Скопје!


Споменик жена борец



Денес ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД го одбележува 11 Октомври, Денот на народното востание против фашизмот.

Пред точно 80 години во Македонија започнала борба за слобода и правда, во која учество зеле и мажи и жени. Заедно, сплотени низ начелата на рамноправност и меѓусебно почитување, се спротивставиле на фашизмот кој ги угнетувал луѓето на овие простори. Денеска се обраќаме пред Споменикот на жената борец за да им оддадеме почит на сите жени и мажи кои своите животи ги положија во заштита на слободите и правата на граѓаните.

Сепак, за примена на начелото на рамноправност ќе мораме уште да се бориме, зашто жените во Македонија и понатаму се подложени на отворена и прикриена дискриминација. Во оваа кампања, за жал, како и во многу други во минатото, сведочевме бројни примери на недолично однесување и отворено понижување на жени од страна на нивните политички противници. И безбројните кампањи за искоренување на насилството врз жените во политиката нема да имаат ефект доколку ваквите напади останат несанкционирани и доколку не се посветиме на едукација.

Но, на удар не се само жените – туку сите оние кои бараат правда, демократски стандарди, здрава животна средина и добро просторно планирање, пристап до социјални услуги и квалитетно живеење. Триесет години во Македонија се води нерамноправна борба меѓу тие кои со манипулации доаѓаат и остануваат на власт, секоја година приграбувајќи сѐ повеќе моќ што ја одземаат од нас; и ние, кои се бориме да обезбедиме рамноправност и да го зачуваме владеењето на правото. Наспроти исполнување на потребите на граѓаните, во изминативе 30 години политичките партии беа заинтересирани да ги остварат само своите интереси за суров профит и демонстрирање моќ, а тоа не може да се промени во скоро време ако не се промени структурата која е на власт.

Затоа и го основавме ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД – со цел да ја вратиме контролата врз институциите на скопјани и така да се доближиме еден чекор поблизу до долгоочекуваната слобода и да се ослободиме конечно од корумпираното владеење. Ние имаме визија за ново Скопје, кое ќе ги исполнува потребите на граѓаните и план како да стигнеме таму. Од исполнување на нашата мисија не се откажуваме, дури и кога се обидуваат да нè оцрнат со подмолни провокации во обид да ја манипулираат јавноста.

Решително ја продолжуваме борбата како единствени кандидати кои искрено се борат за зелените вредности. На овие локални избори конечно по долги години слободата вистински ни е на дофат. Да дадеме сѐ од себе и заедно да си го вратиме Скопје!