ЗХГ
ЕРИК АДАМС ИСПИША ИСТОРИЈА: ПРВИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА ЊУЈОРК ШТО Е ВЕГАН

ЕРИК АДАМС ИСПИША ИСТОРИЈА: ПРВИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА ЊУЈОРК ШТО Е ВЕГАН

На 2 ноември 2021 г. Ерик Л. Адамс, поранешниот претседател на Општина Бруклин, официјално стана првиот веган градоначалник на Њујорк, со што го победи својот противник, републиканецот Кертис Слива. Адамс (61) победи на прелиминарните избори во јули – ја победи поранешната комесарка за комунална хигиена на Њујорк, Кетрин Гарсија, поранешната советничка за правни работи во Градското собрание, Маја Вајли, и поранешниот претседателски кандидат за 2020 година, Ендру Јанг.

Во текот на кампањата, Адамс и Слива дебатираа за прашања како што се задолжителните вакцини за работниците во градот, решенијата за помош на бездомното население во Њујорк и напорите за ублажување на климатските промени. Сепак, и покрај нивните разлики, двајцата кандидати за градоначалници меѓусебно се пофалија за нивната љубов кон животните.

Слива – кој живее со 16 спасени мачки – е жесток борец против еутаназирање здрави единки и се залага за зголемување на бројот на прифатилишта кои не еутаназираат, се бори и за спречување на нерегистрираните одгледувачници и за воведување забрана за кочии со коњи.

За Ерик Адамс

Адамс е веган од 2016 година и покрај тоа што се зазема за политики за унапредување на благосостојбата на животните, на градоначалничката функција ѝ ја додава димензијата на веганството. Адамс својата победа ја прослави во ресторанот Marinello’s во Бруклин, каде што јадеше растителен врап – нова опција за вегански појадок направен со веганско јајце и кашкавал од компири од LOCA Foods. Врапот (4,99 долари) е направен од ,,Plantega – иницијатива за правична распределба на храната која дели веганска храна низ шпанските квартови во Њујорк – и од 10 ноември ќе биде достапен во ,,Marinello’s и Silver Moon Deli” на Менхетен.

„Во текот на кампањата, постојано зборував за мојата борба за здрав живот. Откако се префрлив на растителна исхрана успеав да го победам дијабетесот тип 2, што не ми го промени само правецот на животот, туку и кариерата како јавен службеник. Сега сум посветен на ширење на таа порака и поттикнување на сите њујорчани да водат здрав живот“.“

изјави Адамс.

Адамс најпрво ја започнал својата кариера во њујоршката полиција, каде што служел 22 години. Како полицаец, Адамс имал за цел да влијае на промените однатре и ја основал 100 Blacks in Law Enforcement Who Care, организација која се бори против расното профилирање и за реформи во кривичното право. Адамс ја напуштил њујоршката полиција за да ја продолжи кариерата во политика, а во 2014 година станал првиот човек со темна боја на кожата што е избран за претседател на Општината Бруклин.

Станува веган првично поради здравствени проблеми

Адамс првично станал веган борејќи се со исцрпувачките симптоми откако му бил дијагностициран дијабетес тип 2. Како претседател на Бруклин, Адамс им помогнал на своите конституенти и сограѓани да воспостават контрола врз своето здравје преку неколку иницијативи, вклучително и водење медицинска програма базирана на растителна исхрана во рамките на њујорпката болница Белви (NYC Health + Hospitals/Bellevue), најголемиот медицински систем во градот.

Во мај, Адамс, исто така, одобрил грант од 10.000 долари за едукација за растителна исхрана на Медицинскиот колеџ при Државниот универзитет во Њујорк (SUNY). Со проектот успешно се основаше Иницијативата „Храната како лек“, која сега е дополнителна програма во постојната наставна програма за нутриционизам, преку која идните медицински лица ја учат лековитата моќ на растителната храна.

Заложбите на Адамс за поздрава храна во јавните училишта

За да им помогне на децата да добијат опции за растителна храна, Адамс исто така работел со поранешниот градоначалник на Њујорк, Бил де Блазио, за реализација на проектот „Посни понеделници“ во 15 училишта во Бруклин – програма што тогашниот градоначалник ја прошири на сите 1.700 јавни училишта на Њујорк во 2019 година. Таа година, Адамс ја предводел и Резолуцијата 238, со која се повикало Министерството за образование да го отстрани преработеното месо од менито на јавните училишта низ градот како што се салама, чајна и виршли.

На својата функција како градоначалник при креирањето на политиките, Адамс ќе го користи сопственото искуство на надминување сериозна болест со растителна исхрана. „Не мислам дека власта има право да ви кажува што да печете на скара во сабота. Задачата на власта е да не ги интензивира кризите“, изјави Адамс за локалниот медиум GrubStreet во неодамнешното интервју. „Едноставно не може истовремено да постојат и Сектор за здравство и ментално здравје што се бори со детската дебелина, дијабетес и астма и Сектор за образование кој подготвува 960.000 оброци дневно што предизвикуваат детска дебелина, дијабетес и астма. Како јас ќе ги трошам моите заработени пари зависи само од мене. Но, со парите на даночните обврзници не смеам да продолжам да ја хранам здравствената криза“.

Политичар и писател

Адамс освен што е политичар е и писател. Неодамна ја објави „Најпосле здрав“ (Healthy at Last), книга во која детално го опишува својот премин кон растителна исхрана, зборува за проблемот со хроничните болести поврзани со исхраната, бидејќи тие влијаат на заедниците со темна боја на кожа и споделува повеќе од 50 вегански рецепти. За дополнително да ја прошири својата порака надвор од Њујорк, Адамс се појави и во неколку документарни филмови кои промовираат живот со растителна исхрана, вклучително и претстојниот филм „Сакаат да нè убијат“ – што ја испитува интерсекционалната врска меѓу исхраната, сиромаштијата и системскиот расизам.

„Како и на многу њујорчани, животот ми беше постојана борба. Не беше лесно. Мајка ми од утро до мрак чистеше куќи за да одгледа шест деца сама“, изјави Адамс минатата година кога ја најави својата кандидатура за градоначалник. „Но, истрајавме – такви сме ние, њујорчаните. Овој град јачи од болка. И знам дека можам да помогнам бидејќи го живеев животот на луѓето кои најмногу страдаат. Сум видел што функционира, а што не во овој град. За да бидеме навистина прогресивни, мора најпрво да ја поправиме власта и да елиминираме сѐ што е неефективно и што не ни дозволува да одиме напред“.

Ерик Адамс