ЗХГ
Ризик за корупција со измените во урбанистичко планирање!

Ризик за корупција со измените во урбанистичко планирање!

Денес ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД учествуваше во дебатата организирана од Државната комисија за спречување на корупцијата на тема „Измена на регулативата за урбанистичко планирање – потреба или ризик од корупција“. Во продолжение најбитните точки од излагањето на нашата претставничка, Драгана Велковска:

Тогашната нова власт во 2017 г. отпочна наводен процес за иницирање на реформа за групата закони кои ги опфаќаат урбанистичкото, просторното планирање и градежништвото. 

Амбициозните цели кои власта си ги постави останаа само во етерот. Во реалноста, две години подоцна, летото 2019 г., кога новиот Закон за урбанистичко планирање беше отворен за јавна консултација и подоцнежно усвојување – активистичките групи констатираа дека е невозможно амандманско коригирање на предложеното решение. Предлог-законот беше толку полн со дупки што мораше да се почне одново бавен и инклузивен процес со кој ќе се осигураше издржано решение. Тој предлог не се прифати, како што не се прифатија и други добри предлози без никакво логично образложение. Она што е за нас најкритично е тоа што некои од малкуте добри решенија кои беа прифатени и со кои се спречуваше криминал во урбанизмот со овие измени кои се сега пред нас – се поништуваат.

🔴 НЕ ПОСТОИ СООДВЕТНА АНАЛИЗА И ПРЕДВИДЕНИ РИЗИЦИ

Во Нацрт-извештајот за проценка на влијанието на регулативата од владата не се презентираат позитивните и негативните влијанија на можните законски решенија или барем конкретна анализа на досегашното спроведување на Законот, нафрлани се само произволни флоскули за тоа што е детектирано како „проблематично“ во постојното решение, но нема на пример проценка на ризик и наведени потенцијални негативни исходи од „поедноставување“ на постапките за усвојување на планските документи, „флексибилизирање“ на улогите на учесниците во постапките предвидени со измените, како и „флексибилизирање“ на постапката за усвојување урбанистички проект – опции со кои може да се направи хаос во урбанизмот во корист на урбанистичката мафија и на огромна штета на јавниот интерес, што само по себе ја прави контрадикторна одредбата дека урбанистичкото планирање е јавен интерес. 

Дополнително, владата во Нацрт-извештајот ги препознава како засегнати страни единствено институциите, а не и граѓанските организации/локалните движења кои со децении се борат да спречат непланска и дива урбанизација.

Најнапред со новите измени на Законот за урбанистичко планирање на јавноста ѝ се ограничува пристапот до правда – таков е случајот со неможноста да се оспорат урбанистичкиот проект кој претставува упад во системот на урбанистичко планирање, како и планската програма – наместо да се одобрат со решение како што беше случај до сега, ќе се одобруваат со потврда која според експертите не се смета за управен акт против кој може да се отпочне процес.

🔴 ЈАВНОСТА ЦЕЛОСНО ИСКЛУЧЕНА

Понатаму, јавноста ќе биде целосно исклучена од процесот на усвојување на т.н. плански документ општ акт преку бришење на актуелниот член 105 во кој експлицитно се уредува укинувањето на општите акти, со што тие повторно влегуваат во игра, а никаде во законот не е пропишан процес за вклученост на јавноста при нивно усвојување. Пример за штетата што може да ја предизвика општиот акт како концепт и целосното исклучување на јавноста што го носи – е незаконскиот хотел на чичко Никола во Лагадин. Сега, со оваа тура штетни измени, општиот акт повторно ќе се протне на мала врата што претставува огромна опасност за сите заштитени подрачја, а особено за УНЕСКО статусот на Охридскиот Регион. 

Уште на 3 декември 2021 година Постојаниот комитет на Бернската конвенција даде препораки на владата на Македонија, меѓу кои и ангажирање тим од експерти за да спроведат независна анализа на сите закони кои допираат во сфера просторно и урбанистичко планирање, градежништво, како и заштита на животна средина и природа со цел да се елиминираат слабости во управување со заштитените подрачја и УНЕСКО Регионот. Македонските политичари го имаат донесено нашиот единствен УНЕСКО Регион во опасност да го изгуби статусот и се чини дека секоја наредна шанса за да си ги поправат грешките ја користат единствено како нова прилика за уште поголеми грешки, за да направат уште поголема штета.

И покрај тоа што спроведувањето стратегиска оцена на плански документи е предмет на уредба, во самиот закон, во постојното решение стои дека насоки за нејзино спроведување се даваат во условите за планирање на просторот. A условите за планирање на простор се издаваат од стари просторни планови кои ја немале предвид оваа масовна урбанизација на природата. Како пример за штетноста на ваквото законско решение е ситуацијата со бившиот градоначалник на Општина Гази Баба кој се обиде „во согласност со законот“, нормално, да одобри три урбанистички проекти и да овозможи тешка и загадувачка индустрија без да се спроведе стратегиска оцена на влијанието која МЖСПП подоцна ја наметна и од која се гледаше опасноста и ризикот доколку спорните урбанистички проекти се спроведат. 

Измените на Законот за легализација на дивоградби не смееме да дозволиме да поминат!

Како да не се ваквите пропусти доволни, со новите измени, со урбанистички проект секое земјиште ќе може да се трансформира во градежно – и шумско и земјоделско. Освен со овие решенија, јавниот интерес е на удар особено со доделување на таков статус – статус на јавен интерес – на урбанистичкото планирање кое и тоа како може да биде штетно по истиот. А предвидени се и санкции ако процесот на урбанистичко планирање и спроведување на плановите, колку и тие да се штетни, случајно запре.

Наместо да се искористи можноста со измените да се унапредуваат слабите точки, како што е суспензијата на урбанистичко-плански документи за која уште со коментарите на Охрид ЅОЅ во 2019 г. се алармирало дека е практично невозможна за спроведување, што во текот на 2021 г. и се докажа во случајот со Општина Центар – како и секогаш, измената на законите служи тие само да се дообликуваат по мерка на урбанистичката мафија.

И овие, како и веќе поднесените измени на Законот за легализација на дивоградби не смееме да дозволиме да поминат! За потсетување: Законот за легализација на дивоградби оваа власт го носи во скратена постапка за што наголемо ја критикуваше минатата власт! Ова е само еден пример во низата лицемерни постапки. Се критикуваа честите измени на законите поврзани со градежништво и урбанизам за да се донесе нов закон кој за релативно краток период по своето стапување на сила повторно се менува.

🟢 ПАСОШ НА СКОПЈЕ

Еден механизам за да ставиме крај на урбанистичкото дивеење е да ги отвориме податоците. Затоа ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД го почнува процесот за Пасош на Скопје со кој на дигитална мапа на многу едноставен начин ќе биде прикажана фактичката состојба на одделните соседства во Скопје. 

Како репер ќе го користиме концептот 15-минутен град и луѓето со еден клик ќе може да видат дали живеат во соседство со супстандардни услови или во соседство каде што има соодветен квалитет на живот – дали во растојание од 15 минути пеш од својот дом ги имаат сите неопходни содржини за нормален живот – градинка, училиште, амбуланта, парк, парк за миленици, локации за спорт и рекреација, урбана градина, пазар, безбедна велосипедска патека итн. Овие отворени податоци ќе ги користиме како оружје за борба против узурпирање на јавното.

Институциите не се аморфни творби, туку организации на луѓе со име и презиме и стручност кои ги повикувам да ја одбранат правната држава со сопствениот професионален интегритет. Нужно е луѓето внатре во институциите да застанат на патот на мафијата и да спречат озаконување на криминалот. Секој од нас има моќ да менува!