ЗХГ
СТОП за булевар на ул. Васко Карангелески!

СТОП за булевар на ул. Васко Карангелески!

Овој допис од граѓаните на Општина Аеродром во врска со проширување на улицата Васко Карангелески, уништување на зеленилото и загрозување на безбедноста на децата во таа населба денес го добија сите советници од Град Скопје, како и советниците на Општина Аеродром.

ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД уште пред една година по повик на локалните жители алармира за проблематичното сообраќајно решение. Ние стоиме заедно со нив во борбата за да се заштити населбата. Во прилог е дописот во целост:


Почитувани,

Ви се обраќам во името на жителите од зградите на улиците „23 Октомври“, „Васко Карангелески“ и „Ангел Димовски“ кои се на потегот од раскрсницата на улиците „23 Октомври“ и „Васко Карангелески“ кон Базенот и Домот за Стари лица.

Ние, жителите од овие згради сме крајно револтирани од неодржаните ветувања во врска со улицата Васко Карангелески.

По нашите силни реакции на крајот на 2021 година и со смената на локалната власт, во април годинава добивме јавно ветување од новите градоначалници на Аеродром и Скопје дека улицата ќе биде проширена само од едната страна кон основното училиште како компромисно решение меѓу нашите барања и веќе отпочнатиот процес со изведувачите.

Деновиве сведочиме на обиди за продолжување на активностите и проширување на улицата како што беше замислено претходно.

Повторуваме дека се противиме на проширување на улицата од две на четири ленти бидејќи сметаме дека сериозно ќе се наруши безбедноста, како на жителите од околните згради, на учениците од ООУ „Љубен Лапе“ (кои се преку 1.500 деца), така и на жителите на старечкиот дом и на пациентите од Поликлиниката „Јане Сандански“. Сметаме дека вие како лица избрани од граѓаните имате должност да се залагате за зачувување и унапредување на животната средина, а и да ги слушате граѓаните. Сакаме улицата да остане на двете ленти и мирна околна зелена зона.

БАРАМЕ:

  • Да не се преземаат никакви активности за кои граѓаните се целосно исклучени од донесувањето на одлуката
  • Да се послуша гласот на локалното население; да изнајдете соодветно сообраќајно решение за овој дел од градот за да се спречи дуплирање на количината на асфалт и бетон и да се зачуваат обемот на зеленило, безбедното детство и спокојната старост на жителите од овој кварт.

Улицата е наменета да поддржува сообраќај кон новиот мост накај Автокоманда, истиот не е направен, улиците на страна на општина Гази Баба не се ни пробиени и не се решени имотно-правните односи. Затоа за оваа улица во Аеродром има доста време за ревидирање и правилно решавање на сообраќајното решение. Особено затоа што ни претстои и усвојување на новиот ГУП за Скопје каде што задолжително бараме како приоритет да се земе квалитетот на живеење и задолжително да се изработат сите неопходни студии, вклучително темелна и опсежна сообраќајна студија.

Скопје мора да се развива врз база на најсовремени научни податоци. При планирањето на одржливата и инклузивна урбана мобилност задолжително е да се интегрирани следните полиња: јавен превоз, намалување на моторен сообраќај, смирување на сообраќај, политики за паркирање, обезбедување безбедни пешачки зони, велосипедски патеки, пристапност за лицата со посебни потреби, повозрасните лица и децата со императив: безбедност во сообраќајот.