Став на ЗХГ за вонредна седница за аерозагадување
Денес, до членовите на Советот на Град Скопје стигна барање за вонредна седница од СДСМ и коалицијата, ЛДП, ДОМ.
Ја прифаќаме иницијативата за вонредна седница, но не се согласуваме со дел од предлог-точките за дневен ред, а дневниот ред не може да се менува на вонредна седница.
Нашиот одговор е во прилог:
До
Сектор за поддршка на Советот
Совет на Град Скопје
Предмет
Одговор на барање за поддршка за свикување вонредна седница на Советот на Град Скопје од СДСМ и коалицијата, ЛДП, ДОМ
За Граѓанската иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД е прифатливо одржување на вонредна седница со цел да се усвојат решенија за намалување на загадувањето во Скопје, но неприфатливи се дел од предложените иницијативи/предлог-точки бидејќи истите нема да доведат до намалување на загадувањето. Подетално образложение во прилог:
- Според анализите на загадувањето на воздухот предизвикано од сообраќајот кои за Град Скопје ги има изработено УГД/Фармахем, загадувањето од сообраќајот е минорно во однос на другите извори и сите мерки насочени кон редукција на емисиите од сообраќај особено во време на есенскиот и зимскиот период е исклучено дека може да имаат каков било ефект.
- На годишно ниво Јавното сообраќајно претпријатие има расходи од приближно 2 милијарди мкд (2021 г. – 1.720.348.000 мкд; 2020 г. – 1.552.592.000 мкд; 2019 г. – 1.804.200.000 мкд; 2018 г. – 1.738.669.000 мкд; 2017 г. – 1.613.478.000 мкд). Наместо да се користат тие финансии за зелени инвестиции со кои навистина ќе се намали загадувањето, како на пример:
- Поставување мрежа од локални мерни станици околу индустриски капацитети на територија на град Скопје
- Поставување ФВ системи на сите објекти под надлежност на Град Скопје
- Субвенции за поставување ФВ системи за домаќинства на територија на Град Скопје
- Поставување градски компостари за претворање на биоотпад во биогас и компост
се предлага истите да се заробат во мерка како што е бесплатниот јавен превоз која нема да произведе никаков ефект врз аерозагадувањето имајќи ги предвид научните податоци цитирани погоре.
- Редовното чистење на улиците во текот на зимските месеци поради ризик од замрзнување со години се одвива според Програмата за одржување на јавната чистота на подрачјето на Град Скопје во која е наведено дека „Зимскиот период за чистење е од 01 ноември до 31 март и во овој период најчесто се врши само метење на јавните сообраќајни површини“. Оттука, предлогот за редовно чистење на улиците со цистерни претставува потенцијална опасност за што е потребно стручно мислење за да може Советот да донесе соодветна одлука.
- Имајќи ги предвид предлозите на советничката група на СДСМ и коалицијата за одвојување средства од буџетот на Град Скопје за 2023 г. за активности кои драстично го зголемуваат загадувањето во градот бидејќи подразбираат уништување на зеленило, а за сметка на уништеното зеленило енормно зголемување на количините на асфалт и бетон (како што беше случајот со ул. Васко Карангелески) или одлеваат драгоцени финансии за комплетно неоправдани и непотребни активности, како на пример:
- над 60 милиони мкд за градски автопати со по шест ленти
- 5 милиони мкд за аквариум во Зоолошка
- 30 милиони мкд за РК Вардар
Понатаму, имајќи го предвид неприфаќањето од страна на СДСМ и коалицијата на предлозите од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД за инвестирање во биокомпостари и во фотоволтаични системи со кои докажано:
- би се намалило загадувањето на воздухот (но и на останатите медиуми на животната средина),
- би се намалил обемот на отпад кој завршува во Дрисла и на диви депонии,
- би се намалил трошокот за депонирање на отпад,
- би се генерирал приход за јавните претпријатија на Градот и би се направиле првите чекори кон негова енергетска независност,
не би можеле да поддржиме предлог наречен Иницијатива за промена (зголемување) на средствата од буџетот за борба против загадувањето чијшто текст не сме го виделе, а судејќи според досегашните предлози од советничката група на СДСМ и коалицијата, висока е веројатноста да биде во сосема погрешна насока.
- Со оглед дека според чл. 61 од Деловникот на Советот на Град Скопје, Советот не може да го менува дневниот ред на вонредна седница, ние би го поддржале нејзиното одржување единствено доколку постои согласност за измена на предлог-точките со цел тие да нудат вистинско решение за загадувањето на воздухот и доколку постои согласност со ребаланс во целост да се пренаменат за горенаведените приоритетни решенија од точка 2 финансиите моментално резервирани во буџетот за неоправдани и непотребни активности како што се 5 милиони мкд за аквариум. За конципирањето на нови предлог-точки за вонредната седница и прераспределба на буџетските средства за вистинска борба со аерозагадувањето стоиме на располагање.
Скопје, 09 јануари 2023 г.
Членови на Советот на Град Скопје од ГИ ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД