ЗХГ
Детските игралишта со гумени подлоги, расадници на отровна микропластика

Детските игралишта со гумени подлоги, расадници на отровна микропластика

Во последно време може да забележиме агресивно ставање на гумени подлоги на детски игралишта кои во себе може да содржат канцерогени елементи. Малку е што поради загадениот воздух во Македонија главно од неконтролираната индустрија умираат над 4.000 луѓе годишно, некомпетентните власти заинтересирани веројатно само за брзи тендери сѐ повеќе нѐ трујат нас и нашите деца со поставувањето на детски игралишта со гумени подлоги и тартан патеки за трчање кои се загадувачки расадници на честички со микропластика ⚠️

Во светот постојано се објавуваат податоци за штетните последици на микропластиката врз човековото здравје, но се чини дека Скопје и Македонија се застанати во времето.

Гумените подлоги за детски игралишта се прават од рециклирани автомобилски гуми, синтетички влакна од рециклирани материјали од текстилна индустрија и сл. Така, децата на различни начини се изложени на хемикалии и микропластика кои потенцијално го пореметуваат ендокриниот систем и гореспоменатите остатоци или отпадни производи се третирани со хемикалии кои претставуваат опасност за луѓето, животните и животната средина. (Извор)

Според студија, направени се мерења во еден час на количеството пластика што може да го вдишуваат луѓе во различни услови и за една недела може да вдишат пластика колку една кредитна картичка.

А пак, во друга студија, направени се мерења на микропластика на 19 детски игралишта во САД кои покажале дури 5 пати поголемо загадување од останати површини. Може само да се замисли колкаво е загадувањето на детските игралишта во земја како Македонија каде што не важат никакви регулативи и нема никакви контроли.

Mикропластика e пронајденa во човечка крв и бели дробови, а децата се најранливата категорија на луѓе бидејќи не се отпорни како возрасните и ваквите детски игралишта со гумена подлога претставуваат огромен ризик по нивното здравје. Од една страна, гумените подлоги кои се изложени на сонце испуштаат повеќе токсични хемикалии кога сонцето е јако, а од друга страна, хемиските испарувањата од гумените подлоги во затворени простори како што се играчниците се поконцентрирани бидејќи е ограничен просторот и нема проток на воздух.

Според Агенцијата за заштита на животната средина на САД (Environmental Protection Agency – EPA), вдишењето на загаден воздух кај детските игралишта со Polycyclic aromatic hydrocarbons (PAHs) може да ја зголеми шансата на лицето да развие рак, а Агенцијата за токсични супстанции и регистар на болести (ATSDR) наведува дека PAHs може да го зголемат ризикот за рак и исто така да ги зголемат шансите за вродени дефекти. (Извор)