Заштита на Животната Средина
Како и кога еколошките прашања стануваат видливи и регулирани?

Како и кога еколошките прашања стануваат видливи и регулирани?

Иновациите за одржливост (sustainability), предводени од подгрупа на денешните претприемачи, ја претставуваат новата генерација бизнис одговори на здравствените, еколошките и социјалните проблеми и грижи. 

Иновациите на овие претприемачи се водат според најновите научни сознанија, загриженоста на јавноста, како и владините регулативи насочени кон почиста економија

Корените на денешните иновации во сферата на одржливост во САД датираат од 1960-тите, кога здравствените и еколошките проблеми станаа значително изразени. 

До 1970 г., овие теми толку се интензивираа што и владата и бизнисот беа ставени под притисок да одговорат на сѐ поголемата загриженост кај јавноста. Американската регулаторна рамка за животна средина која се појави во 1970-тите беше одговор на обемниот корпус на докази дека индустријата по Втората светска војна станува сѐ поголема закана по здравјето на луѓето и по животна средина.

На 1ви јануари 1970 година, претседателот Ричард Никсон го потпиша Законот за национална политика за животна средина. Подоцна во истата година, претседателот Никсон ја создаде Агенцијата за заштита на животната средина, која ги консолидираше еколошките програми во еден ентитет.

Меѓутоа, мора да имаме на ум дека индустријализацијата по Втората светска војна придонесе за голем број на предности за глобалното население.

Да го ​​наведеме очигледното: индустријализацијата донесе значаен напредок во нашиот квалитет на живот и благосостојба. Во повеќето земји, животниот век е продолжен, смртноста на доенчињата е драстично намалена и победивме многу болести. Извонредниот технолошки напредок го направи нашиот живот поздрав, образованието широко достапно и ни донесе поголема материјална сигурност. 

Напредокот во комуникациските системи и технологии ги поврза луѓето заедно во една глобална заедница, овозможувајќи ни со здружени сили да работиме на општото добро на начини кои до неодамна беа незамисливи.

Токму овој креативен капацитет, нашите позитивни искуства и нашата способност да учиме, да се приспособуваме и да се развиваме создавајќи сѐ покорисни методи за креирање вредност, ја формираат основата за иновативните промени кон одржливост.

Човечките суштества се вешти во решавањето проблеми, бидејќи проблемите претставуваат само повратни информации од системите кои може да нѐ информираат за нашите идни активности во врска со нив. Затоа, ја започнуваме оваа дискусија со буквална и симболична ретроспективна врска претставена на американската јавност во 1960-тите. 

Распространетата јавна свест за еколошките прашања потекнува од објавувањето на книгата „Тивка пролет“ (Silent Spring) од Рејчел Карсон во 1962 година. Карсон, биолог по професија, во книгата тврди дека прскањето на синтетичкиот пестицид дихлородифенилтрихлороетан – ДДТ предизвикува драстично намалување на популацијата на птици, труење на синџирот на исхрана, а со тоа нанесува и сериозни штети врз здравјето на луѓето. 

Слично како со книгата на Аптон Синклер од 1906 година – „Џунглата“ (The Jungle) – и нејзиното разобличување на шокантните услови во американската индустрија за пакување месо, така и „Тивка пролет“ прерасна во драматичен предизвик за хемиската индустрија и за колективниот општествен оптимизам во однос на употребата на хемикалии и технологијата по Втората светска војна.

Објавувањето на книгата прерасна во бура од публицитет и контроверзи. Сосема очекувано, хемиската индустрија возврати со брза реакција на импресиите од книгата и ја нападна Карсон и нејзините идеи со силна критика. Па така, во една статија со наслов „Природата е за птиците“, индустриското списание Chemical Week ги опиша органските земјоделци и оние кои се противат на хемиските пестициди како „збирштина сочинета од неписмени и суеверни, но и образовани научници; култисти, но и релативно разумни луѓе и жени“ сугерирајќи дека тврдењата на Карсон се неоправдани.

Хемискиот гигант Монсанто директно ѝ одговори на Карсон преку објавување на пародија на нејзината книга „Тивка пролет“ со наслов „Пуста година“. Во книгата, со „проза и формат сличен на Карсон… се опишува мал град погоден од колера и маларија кој не може да произведе доволно житни култури бидејќи народот нема хемиски пестициди неопходни за да ги заштити посевите од штетници“.

И покрај контраофанзивата на индустријата, претседателот Кенеди, делумно и како одговор на книгата на Карсон, назначи посебен панел за проучување на пестицидите. Наодите на панелот ја поддржаа тезата на Рејчел Карсон. Сепак, владата ја прекина и забрани употребата на ДДТ дури во 1972 година.

Луѓето како консумери на риби и други животни кои акумулираат ДДТ, се на врвот на синџирот на исхрана и може да внесат сериозно високи количини од хемикалиите. Иако развиените земји го имаат забрането ДДТ со децении, во почетокот на дваесет и првиот век Светската здравствена организација повторно го одобри ДДТ да се користи за спречување маларија во помалку развиените земји. Животи беа спасени, но сепак беа неопходни компромиси.

Епидемиолозите продолжуваат да ги поврзуваат високите нивоа на концентрација на ДДТ со рак на дојка и негативни ефекти врз невробихејвиоралниот развој кај децата.

Во текот на 1960-тите, публикуваните вести додаваа моментум и ветар в грб на повикот за сеопфатно федерално законодавство за животна средина. Квалитетот на воздухот во САД брзо се влошуваше и во 1963 година високите концентрации на штетни честички во воздухот во Њујорк предизвикаа речиси триста смртни случаи како директна последица од аерозагадувањето, а кај илјадници се развија сериозни здравствени проблеми.

Во исто време, градовите Лос Анџелес, Чатануга и Питсбург стануваат озлогласени по нивниот густ смог. Загадените урбани средини, некогаш сметани за нужно зло кое оди рака под рака со растот и создавањето нови работни места, во 1960-тите конечно беа директно поврзани преку емпириски студии со мноштво респираторни проблеми.

Но квалитетот на урбаниот воздух не беше единствениот проблем. Започнаа да се поставуваат и прашања за безбедноста на водата за пиење и храната која ни зависи од слатководните ресурси. Во 1964 година над милион мртви риби се најдоа на бреговите на реката Мисисипи, претставувајќи сериозна закана по водоснабдувањето на околните градови. Со истрагата се откри дека изворот и причината за смртта на рибите беа истекување на пестицид во реката, поточно ендрин – произведен од страна на Велсикол (Velsicol Chemical LLC).

Неколку други случаи на загадени водни тела ја зголемија свеста кај јавноста за влошувањето на состојбата на реките, потоците и езерата во САД, па луѓето започнаа да вршат притисок врз законодавците да преземат акција.  

Во средината на 1960-тите, пена од бионеразградливи средства за чистење и детергенти започнува да се појавува во реките и потоците. До крајот на 1960-тите, езерото Ири станува толку загадено со хемикалии што милиони мртви риби испливуват на бреговите и многу од плажите покрај езерото мора да се затворат.

На 22 јуни 1969 година, во Охајо се случува навидум невозможното кога реката Кујахога, која се влева во езерото Ири, пламнува во пожар, привлекувајќи го вниманието на целата нација. Сепак, тоа не ѝ било првпат да се запали; реката и претходно во неколку наврати пламнала во огнени облаци почнувајќи од 1968-та.

Пожар на реката Кујахога

Валкана кафена вода, мрсна, клокот од подземни гасови, се тегави наместо да тече – „тој што ќе падне во Кујахога нема да се удави“, мрачно се шегуваат граѓаните на Кливленд – „ќе се разгради“. Федералната управа за контрола на загадување на водата за пиење објавува дека: „Долниот дел на Кујахога нема знаци на живот, дури ни примитивни форми на живот како пијавици и црви кои обично виреат во отпад“. Реката исто така е – во буквална смисла на зборот – во опасност да се запали. Пред неколку недели, реката полна со нафта вивна во пламен кој гореше со таков интензитет што двата моста низ кои преку реката поминуваше железницата беа речиси целосно уништени. „Каква страшна слика за нашиот град“, изјави разочарано градоначалникот на Кливленд, Карл Стоукс.

Извадок од тогашните вести „Американскиот канализациски систем и цената на оптимизмот,” пренесени од Тајм, на 1 август 1969 г.

Под влијание на овие настани и ширењето на еколошките вести и јавниот притисок, граѓаните на индустријализираните земји почнаа да ги менуваат своите перцепции за природата што ги опкружуваше.  

“Spaceship Earth & Spaceman economy”

Неколку влијателни книги и статии ѝ го претставија на пошироката јавност концептот на ограничен свет. Економистот Кенет Болдинг, во својот есеј од 1966 година „Економијата на претстојниот вселенски брод Земја“ (The Economics of the Coming Spaceship Earth), ги создаде метафорите „Земјата – вселенски брод“ (spaceship Earth) и „економијата на вселенскиот човек“ (spaceman economy) за да нагласи дека нашата планета Земја е затворен систем со граници до кои може да се регенерира и да се одржуваат избалансирани услови за живот и дека токму затоа економијата не може да се фокусира на „производство и потрошувачка по цекоја цена, туку треба да се фокусира на природата, обемот, квалитетот и сложеноста на вкупниот капитал на природни ресурси со кои располагаме“.

Пол Ерлих, во продолжението на неговиот бестселер од 1968 година, „The Population Bomb”, ја позајми метафората на Болдинг во неговата нова книга „How to Be a Survivor“ од 1971 г., за да потврди дека во затворен систем експоненцијалниот раст на населението и потрошувачката на ресурси ќе го нарушат капацитетот на природата да им овозможи безбеден пат на сите патници на „вселенскиот брод“. 

Сега веќе добро познатиот есеј на Гарет Хардин, „The Tragedy of the Commons“, првпат беше објавен во престижното списание Science во декември 1968 година. Во есејот беше нагласена потребата од нови решенија за проблемите кои не се решаваат лесно со технологијата, осврнувајќи се на загадувањето што ги засега и јавните простори и нивните елементи како што се воздухот, водата, почвата и океаните. Овие најчесто користени ресурси ги делиме сите ние во однос на пристапот, но ниту едно лице или институција нема формална одговорност за нивната заштита.

Друга симболична пресвртница имаше во 1969 година за време на мисијата Аполо 11, кога беше направена првата фотографија на планетата Земја од вселената. Сликата стана икона за еколошките движења. Во тоа време започнаа да се множат и цитати за новиот однос помеѓу луѓето и нивниот планетарен дом. 

Во говорот на државниот колеџ во долината Сан Фернандо на 26 септември 1966 година, потпретседателот на САД, Хјуберт Х. Хамфри, изјави:

„Колку повеќе ќе разбираме дека самата Земја е еден вид вселенски брод со екипаж што се движи низ бесконечноста на вселената „ќе ни изгледа сè поапсурдно што не сме го организирале подобро животот на човечкото семејство“.

Во изданието на Newsweek од 23 декември 1968 година, Френк Борман, командант на Аполо 8, изјави:

„Кога конечно ќе стапнете на Месечината и ќе погледнете назад кон Земјата, сите тие разлики и националистички поделби многу лесно ги снемува и си викате можеби ова е навистина само еден свет и ако е така, зошто, да му се невиди, не можеме да научиме да живееме сплотени, како пристојни луѓе?“

Превод на извадок од прирачникот „Одржливост, иновации и претприемништво“ (Sustainability, Innovation, and Entrepreneurship) на Андреа Ланиер Ларсон.