ЗХГ
Практични решенија за справување со бездомните кучиња

Практични решенија за справување со бездомните кучиња

Настанот со кучињата во Струга кои беа убиени со огнено оружје во градот на 10.1.2023 ја вознемири јавноста.

Осомниченото лице, 62-годишниот М.З. од село Ливада, усмрти седум кучиња скитници во Струга со ловечка пушка сачмарка калибар 16 милиметри.

Најтрагично од сѐ е што кога институциите не постапуваат навремено, проблемот расте и излегува од контрола. Па така, наредниот ден во Струга продолжи убивањето на кучиња со огнено оружје – две лица повторно пукаа по кучиња и убија над 20 бездомни животни.

Здруженијата за заштита на животните упатија отворено писмо до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во кое го повикуваат веднаш да бидат запрени вооружените лица, а институциите професионално, според закон да си ја извршуваат должноста. Се обратија и до Премиерот Димиатр Ковачевски.

Јавно обраќање повод изјавата на Премиерот Ковачевски:

„Не е неопходен Брисел, ниту се неопходни пари, за да го измените по итна постапка Законот за заштита и благосостојба на животните!

Со години се справуваме со последиците, замачкуваме симптом, се убиваат животни, страдаат граѓаните, се трошат енормни пари, но не ги третираме причините, изворот на проблемотнеодговорното сопствеништво, размножувањето и напуштањето.

Во 10 наврати доставуваме предлог измени и дополненија на Закон за заштита и благосостојба на животни, усогласени со најуспешни ЕУ практики, поддржани и од ЕУ парламентарци, кои во континуитет се игнорирани, а истите дефинираат мерки за контрола, сузбивање, надминување на проблемот.

Основни се:

1. Законска забрана за еутаназија на бездомни животни

2. Законска забрана за размножување на кучињата, освен во случај на регистрирана одгледувачница, регулирање и воведување данок за таа дејност

3. Законска забрана за напуштање миленик

4. Задолжително регистрирање (со микро чип) на животните од раѓање и создавање функционална јавна и единствена база на податоци од домашни миленици како и кучињата кои се користат при лов, а кои често пати се напуштаат или подаруваат доколку не ги задоволуваат потребните стандарди.

5. Прецизна законска регулација на трговијата со домашни миленици во пет-шоповите и одгледувачниците (кучиња/мачки)

При тоа од надлежните е неопходна сериозна а не декларативна посветеност;

  • програми преку кои плански и во континуитет ќе се промовира/помогне вдомување, наместо купување миленик;

  • воспоставување на национален акт за унифицирање на програмата во сите прифатилишта во Македонија (залови – стерилизирај – вакцинирај – врати , но плански, брзо и масовно во размери кои соодветствуваат со реалните потреби на општините, 75% од слободните единки и мерките, а се таргетираат во првата година од мандатот на ЕЛС, на сметка на драстично помала стапка во наредните години доследно/без импровизација/без нарушувања преку комбинирани пристапи и сл.

  • Општините Да овозможат субвенции /бесплатни кастрација и стерилизација на домашните миленици (ова би требало да биде национална програма);

  • Да планираат и спроведуваат во континуитет мерки кои ќе им помогнат особено на сопствениците на миленици во руралните и приградски средини ( овие кучиња најчесто во поголем дел од денот лутаат слободно) каде достапност на ветеринарни услуги и грижа е дефицитарна, со мобилни вет. екипи за кастрација.

Во сите овие активности здруженија и активисти нуделе и нудат своја помош, но сме игнорирани.

Штетата не ја трпат политичарите туку е секогаш на грбот на граѓаните и животните!“

Зелен Хуман Град исто така одговори на изјавата на Димитар Ковачевски

„Димитар Ковачевски најави дека ќе барале помош од Брисел за да го решеле проблемот со кучињата. Брисел уште одамна ви ја даде помошта.

Нема извештај на Европската комисија во кој не се потенцира дека на власт во Македонија има криминалци и мафијаши! Дека има толку голем распад на институциите што во оваа земја се аплаудира за спроведување основни активности кои им се обврска и должност на институциите платени со јавни пари.

Секој граѓанин има должност да спречи кривично дело. ШТО ЧЕКАТЕ, што не поднесете кривична пријава против криминалецот Рамиз Мерко да покажете дека имате барем трошка државничка свест?! Или Брисел и за тоа треба да ви помогне?!

Здруженијата за заштита на животните СО ДЕЦЕНИИ предлагаат решенија кои се засноваат на наука и на најуспешни практики од целиот свет каде што проблемот со бездомните животни е решен – а тоа се:

  • посветено инвестирање во и масовно спроведување на стратегијата залови-стерилизирај-вакцинирај-вдоми или врати во сите општини во Македонија

  • ригорозна контрола и санкции за напуштање и нерегистрирање миленици (редовно ажуриран и целосно исполнет Регистар на миленици)

  • ригорозна контрола и регистрирање на одгледувачници (конечно! Правилник и Регистар на одгледувачници)

  • субвенции за стерилизација/кастрација

  • даноци за нестерилизирање/кастрирање миленици (ЗАБРАНА за слободно размножување на миленици)

  • масовна институционална едукација за одговорно сопствеништво и вдомување наспроти купување миленик

  • ЗАТВОР за сите организатори на борби со кучиња

  • огромни парични казни и затвор за сите кои малтретираат/се изживуваат врз животни и со тоа го зголемуваат нивото на агресија кај некои од нив

Акција базирана на докази и факти решава проблем.

За тоа да се случи секој функционер кој нема елементарни познавања и е некомпетентен за да се справи со оваа проблематика, НЕ СМЕЕ да има моќ за одлучување.“

PRO ANIMA – Здружение за заштита на животните Берово посочија на уште еден проблем во целата ситуација – медиумите

„Во последнот период, користејќи ја сензитивноста на ситуацијата, а во борба за повеќе “кликови”, има масовна медиумска пропаганда на целосна непрофесионалност и неетичност во известувањето на одредени портали и медиуми со цел да се створи аверзија и омраза кон бездомната популација.

Дури имаме чувство дека постои натпревар чиј наслов ќе биде посензационалистички!

Да не бидеме сфатени прогрешно, проблемот постои, никој не го спори. И да, секако дека треба да се реши.

Да, не треба да има кучиња на улица.

Да, има луѓе кои се плашат или не им е пријатно кога ќе видат куче на улица.

Да, има луѓе кои се нападнати од куче.

Но, која е целта на постојаното известување за број на нападнати лица и како со ваквите тенденциозни “вести” ќе им помогнат на граѓаните?

Што ќе смени?

За сликите кои ги користат излишно е и да се коментира!

Зошто посочените портали, медиуми и новинари не почнат за промена да се бават со новинарство во вистинска смисла на зборот,па за промена да се позанимаат со следното:

  • Зошто имаме толкав проблем со бездомни кучиња и зошто истиот се провлекува со години?

  • Кој е изворот на проблемот и зошто фб страните изобилуваат со стотици објави за напуштање на миленик, напуштање на потомството од миленикот, престој на миленикот на јавен простор, неконтролираното размножување и негрижата, нелегалната продажба на црно на кучиња без никакво потекло и потврда за здравствена состојба?

  • Која е улогата на институциите на системот, кој е надлежен за решавање на проблемот и зошто истите не превзеле ниту една конкретна активност цели 30 години? Дали државата има интрес да го одржува проблемот или се работи само за немање капацитет, волја и посветеност на оние кои сите ние ги плаќаме? Зошто и луѓето и животните да бидат жртви на нивното неработење?

  • постоењето на нелегалните борби со кучиња;

  • постоењето на лажни пријави од каснување со цел финансиска корист?

  • зад колку од пријавените каснувања стои куче на неодговорен сопственик кое престојува на улица?

  • каков е односот на луѓето во државата спрема бездомните животни?

Почитувани,

Може ли да ве замолиме грижата за сограѓаните со кои живеете да ја искажете на правилниот начин, оној во согласност со стандардите во известувањето?

Може ли да ве замолиме борбата за поголема посетеност да ја замените со борба за решавање на проблем како највисок општествен интерес?

Може ли да ве замолиме да бидете општествено корисни, место претерано малициозни?“

Бездомни животни без граници – Strays without borders ве повикуваат вам, граѓаните, за помош

„Почитувани,

Во отсутство на реакција и извршување на законските обврски од страна на Министерство за внатрешни работи / Мinistria e Punëve të Brendshme ви се обраќаме за помош

Се што треба е да го преземете нашето барање овде или пак да доставите ваше до:

📩 [email protected], [email protected], [email protected]

Додадете нè и нас во CC за да имаме информација колкав број на барања се доставени:

📩 [email protected]

❗️Само од ноември 2022 до јануари 2023 има 8 масовни труења и пукање со огнено оружје, без полицијата да реагира. Во случаите каде што се појавила на терен пак, отворено соопштувала дека нема ништо да се преземе за да се најдат сторителите на кривичните дела.

❗️Резулат на неработењето на МВР се веќе стотици убиени животни, стотици вознемирени граѓани и спротивно на измислените реклами, 0% ДОВЕРБА ВО МВР. МВР претставува сè, освен реформирана демократска институција, која работи во полза на сите граѓани.

Одбиваме да дозволиме криминалци и корумпирани инсититуции да одлучуваат за нашите животи и ќе продолжиме со активностите во знак на протест, додека криминалците не ги стигнат соодветни казни!

Придружете ни се во обидот да ги оневозможиме криминалците да го загрозуваат јавното здравје и безбедност

Оружје и отрови не треба да се забранети само на хартија, туку и во пракса, а очигледно не се!“