ПРОТЕСТЕН МАРШ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ
Кога и каде: Во вторник, 10 декември, во 16:00 часот, започнуваме протестен марш од Министерството за животна средина и просторно планирање (Министерство за животна средина и ПП) и продолжуваме преку Собранието, завршувајќи пред Владата на Република Македонија.
Зошто протестираме:
Секоја година, околу 3.828 луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17.7% од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух.
Барања:
Бараме итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и ќе го подигнат квалитетот на живот.
1. Прогнозирање на температурни инверзии
Бараме Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето.
Температурните инверзии се природен феномен во котлините што го спречува генерираното загадување да излезе од нив. Тие најчесто се формираат при студено време, поради што аерозагадувањето е најизразено во зима.
Во котлините опкружени со планини, како Скопје, Тетово, Битола и други, природниот проток на воздух е блокиран, што доведува до намалена циркулација. Во зимскиот период, без ветер, воздухот станува „заробен“, а ниските температури го прават густ и неподвижен. Како последица, штетните честички од домаќинствата, возилата и индустријата остануваат густо заробени во воздухот, наместо да се расеат или да се подигнат нагоре. За разлика од летото, кога повисоките температури ја поттикнуваат циркулацијата на воздухот и го разредуваат загадувањето.
2. Транспарентен регистар за интегрирани дозволи
Бараме јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат. Јавниот регистар ќе овозможи транспарентност, следење на напредокот и спречување на работа на субјекти кои не ја поседуваат дозволата согласно со Законот за инспекциски надзор.
Особено загрижувачки се компаниите како „Евротим“, која увезуваше гориво со штетни хемикалии за користење во јавни институции.
Во случајот со „Дрисла“, проблемите со управувањето со отпадот и незаконското горење на отворено дополнително ја влошуваат ситуацијата со загадувањето на воздухот и почвата. „ОХИС“, пак, претставува сериозна закана за животната средина поради присуството на опасни хемикалии, за кои е неопходно внимателно следење и контрола на загадувањето.
3. Намалување на сообраќајната инфраструктура за автомобили
Бараме забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот утврден според член 145, став (2), алинеја 2 од Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри (соодветно на ограничувањето на брзината во населени места од 50 km/h).
Ако се земе предвид основата на сообраќајната теорија – за секое 1% зголемување на обемот на сообраќајната инфраструктура за автомобили, правопропорционално (за 1%) се зголемува бројот на автомобили [3], доаѓаме до неизбежниот заклучок: колку повеќе и пошироки улици, толку повеќе автомобили.
Овој феномен се нарекува „изнудена побарувачка“ и, иако на оние без експертиза во сообраќајот им изгледа логично дека проширувањето на улиците ќе го намали метежот, во реалноста секоја нова улица брзо се пополнува со нови автомобили, повторно создавајќи метеж и застој. Следствено, автомобилскиот сообраќај мора да се демотивира, комбинирано со мерки за мотивирање на велосипедскиот сообраќај и користењето на јавниот превоз.
4. Забрана на увоз на стари возила
Бараме да се забрани увозот на користени возила постари од 10 години и со стандард под „ЕУРО 5“ во земјава, додека увозот на нови возила да биде со минимален стандард „ЕУРО 6“.
Одлуката треба да стапи на сила од 1.1.2025 година. Во регионот вакви услови веќе се воведени во Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора. Заштитата на здравјето на граѓаните мора да биде приоритет. Ова е барање на O2 Иницијатива.
5. Бараме да се изработи план за режим на сообраќај кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи и доколку тоа трае подолго од 24 часа.
Спроведувањето треба да подразбира координација помеѓу општините (Град Скопје, Битола, Тетово и други) и МВР. Планот задолжително треба да вклучува намалување на цената на јавниот сообраќај во деновите со алармантно зголемено загадување. Барање-мерка од Скопје Смог Аларм.
6. Велосипедска инфраструктура
Бараме итно усвојување на Правилникот за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура, изработен од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина Go Green – Биди Зелен.
Користењето на моторни возила секојдневно ја зголемува концентрацијата на штетни честички во воздухот, што директно влијае на нашето здравје. Затоа е неопходно веднаш да се усвои овој правилник за планирање, проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура.
Правилникот ќе овозможи создавање на безбедни и одржливи велосипедски патеки во сите градови, што ќе ги поттикне граѓаните да користат велосипеди наместо возила. На тој начин ќе се намалат емисиите на CO₂ и другите загадувачки материи, што ќе придонесе за значително подобрување на квалитетот на воздухот.
Секојдневната употреба на велосипеди, наместо автомобили, директно го намалува загадувањето и бројот на заболувања поврзани со него.
Среднорочни мерки
1. Густа мрежа на мерни станици
Бараме поставување на густа локална мрежа од мерни станици, со по една станица на максимум 1.500 м², со приоритет на индустриските капацитети и погони со А и Б-интегрирани дозволи. Клучно е овие мерни станици да обезбедат јавно достапни податоци во реално време за степенот на загаденост околу овие капацитети.
Со оваа мрежа ќе се обезбедат индикативни податоци, кои инспекциските служби на Град Скопје ќе можат да ги користат за иницирање надзори заедно со Државниот инспекторат за животна средина или самостојно. Оваа мерка е предложена од AirCare – Air Quality & Pollen App и ќе овозможи зголемена транспарентност и ефикасност во справувањето со загадувањето.
2. Изградба на сеопфатна велосипедска мрежа
Бараме изградба на сеопфатна велосипедска мрежа на секои 250 метри, со хиерархија слична на онаа од автомобилската мрежа: примарна вело-мрежа со патеки или ленти со повисока минимална ширина од 2,5 метри (наместо стандардните 1,5 метри), секундарна мрежа со потесни патеки, како и улици со споделен простор, каде што приоритет има велосипедскиот сообраќај.
Оваа мерка се реализира паралелно со стеснување на ширината на автомобилските ленти, при што дополнителниот простор се пренаменува за велосипедистите. Предлог-мерката ја иницира НаТочак – NaTochak, со цел да се подобри безбедноста и одржливоста на урбаниот сообраќај.
3. Веднаш да се премине кон фотоволтаични системи за генерирање на електрична енергија. Бараме јавните објекти и институции под надлежност на Владата, градовите и општините да преминат на фотоволтаични системи.
Во Македонија, Шанса за Центар мапираше над 700 јавни објекти кои се греат на мазут и нафта, што значително го зголемува загадувањето на воздухот. Ова има сериозни здравствени последици и дополнителни трошоци за државата. Примената на фотоволтаични системи е клучна за намалување на загадувањето, бидејќи користат обновлива и еколошки чиста енергија од сонцето. Еднократната инвестиција во овие системи нуди долгорочна бесплатна енергија, значително намалувајќи ги загадувањето и енергетската криза во исто време. Во развиените земји, ваквите системи се веќе имплементирани на јавните објекти, поставувајќи пример и за приватниот сектор. Фотоволтаиците ќе ја намалат загаденоста, ќе создадат нови работни места во секторот на обновливата енергија и ќе заштедат милиони во градските буџети.
4. Субвенции за ФВ системи за индивидуални домаќинства
Оваа и следната мерка се насочени кон намалување на загадувањето од домаќинствата. Субвенционирањето на ФВ системи за индивидуални домаќинства е клучен механизам со кој ќе се спречи енергетската сиромаштија.
Дел од скопјани кои набавија инвертери со субвенциите не беа во можност да ги користат поради енергетската криза. За да се надмине овој проблем, ЗХГ паралелно работи на мерки на централно ниво, како зголемување на прагот на дозволена инсталирана моќност (моментално само 6 kW се дозволени за домаќинствата кои сакаат да враќаат назад во мрежата) и демонополизација на ресурсот.
Анализите кои ги обвинуваат домаќинствата како главен извор на загадувањето во текот на зимските месеци имаат низа недостатоци. Но, иако не е утврден точниот удел на загадувањето од загревање на домаќинствата, субвенциите за обновливи извори обезбедуваат енергетска правда и намалуваат загадување, особено во населените места каде што се користат дрва или биомаса за греење.
5. Субвенции за енергетски ефикасни фасади на објекти за индивидуално домување
6. Систем за самоизнајмување велосипеди
Во некои градови, системот за самоизнајмување велосипеди е интегриран со мобилна апликација. Низ градот би постоеле станици каде што може да се преземе или остави велосипед. На тој начин, граѓаните би имале на располагање едноставен процес и постојано достапни велосипеди, што би претставувало голем поттик за користење на ваков тип на превоз.
Барање од Зелените од Гази Баба за конечно решение на затворената депонија Вардариште
Во Република Македонија, управувањето со отпадот е регулирано со законска регулатива, но сепак има појави каде што не се применува целосно, ефикасно и еколошко управување, како што е случај со дивите депонии и дел од општинските комунални депонии, кои потекнуваат од минатото и не ги задоволуваат критериумите и стандардите на ЕУ директивата за депонирање на отпад. Несоодветното депонирање на отпадот и големиот број нестандардни депонии ја загадуваат животната средина и влијаат негативно на здравјето на луѓето преку:
- Загадување на подземните води преку инфилтрирање на „исцедок“ од отпадот;
- Загадување на околното земјиште преку инфилтрација на дождовницата;
- Загадување на површинските води во близина преку директно испуштање на вода или контакт/размена со контаминираните подземни води;
- Загадување на воздухот од неконтролирано горење на отпадот, како и емисија на непријатна миризба;
- Предизвикување на ефект на стаклена градина, како резултат на депониски гас со висока концентрација на метан.
Затворањето, санирањето и рехабилитацијата на нестандардните депонии е од големо значење, бидејќи претставува огромен чекор кон намалување на влијанијата врз животната средина од неправилното постапување со отпадот преку:
- Намалување на влијанието врз воздухот и водите предизвикано од неправилните депонии и други начини на неправилно отстранување на отпадот;
- Намалување на емисиите на стакленички гасови од депониите;
- Намалување на потенцијалот за здравствен ризик од инфективниот медицински отпад и животинските нус-производи;
- Намалување или ублажување на влијанието врз животната средина што го предизвикуваат нестандардните депонии за комунален цврст отпад и оптоварувања на животната средина со индустриски и рударски отпад;
- Можност за пренамена на просторот и користење како место за рекреација (изградба на паркови или спортски објекти), доколку анализите покажат дека почвата и околното земјиште не се загадени со опасни материи.
Историјата на локацијата на Вардариште започнува во далечната 1963 година, по катастрофалниот земјотрес во Скопје, кога локацијата имала намена како позајмиште на песок и чакал. Ваквата намена завршува со завршување на градежните работи за обнова на Скопје во 1967 година. По овој период, започнува депонирањето на отпад, а интензивно се користи како депонија меѓу 1976-1996 година, при што се депонирале индустриски неопасен отпад, градежен шут, комунален отпад и други видови инертен отпад. Децениското депонирање било вршено на не повеќе од 20 хектари површина на локацијата. Вардариште дваесетина години имало улога на главна депонија за отпадот од главниот град, иако не било изградено според стандардите.
За црната точка на Скопје, некогашната депонија Вардариште, уште во 2014 година, по нарачка на Град Скопје е изработена физибилити студија, каде е утврдено дека локацијата е „богата“ со тешки метали. Исто така, е локација каде што може да се создаваат токсични диоксини, но има и депониски гасови, па истражувачите апелираа да се внимава на можноста за формирање експлозивна смеса и запалување на депонијата.
Десет години подоцна, Вардариште уште чека на најавената санација, ремедијација и доведување во корисна површина. Граѓаните од Гази Баба, Аеродром и цело Скопје постојано го чувствуваат чадот од неконтролираното палење пожари на Вардариште. Граѓаните алармираат дека се шири загадување, се трупа отпад насекаде и се создаваат диви населби. Локацијата долго време е еколошка бомба, што е нотирано уште во 2014 година.
Бараме:
- Усвојување на преостанатите два урбанистички планови кои се обврска на општина Гази Баба.
- Нова физибилити студија која треба да ја нарача Град Скопје.
- Целосна ремедијација на просторот со зеленило и спортски и рекреативни терени.
Порака до сограѓани:
Чист воздух е основен предуслов за живот! Основен предуслов за слобода од болничките кревети и синџирите на аптеките. Чист воздух е приоритет кој ги надминува сите други во животот на секој еден од нас!
Секој што се осмелува да ја води оваа држава, секој што ја бара честа да води град или општина, има општествена одговорност и должност, не кон својата партија, не кон своите интереси, туку кон нас, граѓаните, и кон самиот себе— да ни обезбеди чист воздух, денес и секој ден понатаму!
Што вредат сите пари на светот ако немаме чист воздух за дишење, чиста вода за пиење и храна од здрава почва за јадење? Ако оние кои управуваат со нашите животи дозволат моќта и парите да ги заслепат, нашата обврска и должност е да ги разбудиме и да им го посочиме нивниот основен приоритет: ние, граѓаните на кои им служат.
Воздухот не прави разлики! Воздухот не препознава политичка партија, националност, вера или религија. Не препознава возраст, пол, статус, образование. Воздухот нè засега сите! Ако нешто може да нè обедини, тоа е заедничката борба за чист воздух! Ова не е протест за или против некоја политичка опција, на овој протест ќе излезеш за себе, за нашата колективна благосостојба и здравјето на идните генерации.
Време е институциите да се потсетат на својата должност кон граѓаните. Време е ВЕДНАШ ДА СЕ ИМПЛЕМЕНТИРААТ ИТНИТЕ МЕРКИ! Бараме ревносна, непоколеблива акција од институциите за време на осумчасовното работно време, и по него! Градовите, општините, државата — сите мора веднаш да почнат да го спроведуваат она што е потребно за да дишеме сите слободно!
Протестот не е само чин на отпор, туку и израз на надеж и грижа кон себе, одговорност кон нас самите и кон оние кои не можат да се борат. Времето и датумот никогаш нема да им одговара на апсолутно секој еден од нас, но тие што ја имаме можноста, мораме да го искористиме овој момент за да го изразиме своето право на барање чист воздух и во нивно име! Тоа е најмалку што можеме да направиме за себе и своите сограѓани.
Правото на чист воздух ти следува. Искористи го протестот за да го изразиш своето барање за чист воздух од институциите, рамо до рамо со твоите сограѓани. Загадениот воздух повеќе нема да биде прифатлива реалност!
Сѐ што треба е само да дојдеш и да застанеме рамо до рамо за чист воздух! Скопје мора да дише! Македонија мора да дише! ИЗЛЕЗИ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ!
Со почит,
ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД
Сподели го постот со другите. Повикај ги своите сограѓани да ти се придружат!
Се гледаме наскоро.