Eco-Friendly Практики
9 еко бизнис практики кои ќе направат голема разлика за вашата фирма, а и за околината

9 еко бизнис практики кои ќе направат голема разлика за вашата фирма, а и за околината

Потрошувачите сè повеќе очекуваат компаниите да бидат еко-ориентирани, па бизнис лидерите кои применуваат eco-friendly идеи во своите компании уживаат поголеми придобивки на пазарот. (извор: PwC)

Одржливите деловни практики порано беа прилично исцрпувачки во поглед на време и ресурси. Денес, еко-свесните компании имаат и социјални и финансиски придобивки од усвојувањето еколошки практики во секојдневното работење.

Во оваа статија ќе ги разгледаме придобивките од трансформацијата во eco-friendly бизнис и ќе споделиме девет одржливи идеи за бизнис практики кои може да почнете да ги применувате за да:

  • Го намалите вашиот удел во загадувањето на животната средина;
  • Ги намалите трошоците (максимизација на профит);
  • Создадете лојална база на клиенти;
  • Создадете позитивна перцепција за вашиот бренд на пазарот.

Што е eco-friendly бизнис и како воведувањето зелени практики може да биде од корист за вашата компанија?

Eco-friendly бизнис се стрeми да биде одржлив (sustainable), работејќи со полна пареа да прерасне во просперитетна, успешна организација, но, истовремено и избегнувајќи да ѝ наштети на животната средина.

Во последниве години одржливоста стана еден од врвните приоритети ширум светот, особено како што сè повеќе и повеќе ги чувствуваме климатските промени. Одржливите производи порано имаа сосема мал, речиси незабележителен, удел на пазарот, но сега потрошувачите го приспособуваат своето однесување (и својата куповна моќ) и сè повеќе се ориентираат кон еколошки свесните компании. <3

Според Глобалната студија за одржливост (2021 год.) од Сајмон и Кучер, 

„34% од потрошувачите се подготвени да платат повеќе (до двапати повеќе) за еколошки производи и услуги.“

Во студијата исто така се наведува дека 63% од потрошувачите ги промениле своите навики за трошење, ориентирајќи се кон еко опции – а компаниите слушаат. Бидејќи купувачот е секогаш во право. 😉 

Многу компании почнуваат да го следат моделот „triple bottom line“ со кој бизнисите го евалуираат и своето социјално влијание, како и влијанието врз животната средина, покрај финансиските перформанси. 

Постојат неколку придобивки од трансформирање во eco-friendly бизнис, вклучително:

  • Намалување на трошоци. Некои сопственици на бизниси (и останати засегнати страни) се загрижени дека еко-практиките ги зголемуваат оперативните трошоци. Меѓутоа, често спротивното е точно. Со користење на помалку енергија и помалку ресурси, оптимизирање на операциите и зголемување на вкупната ефикасност, компаниите можат ефективно да заштедат пари.
  • Лојалност на вработените. Одржливите практики водат кон посреќни и полојални вработени. Според анализа на IBM, направена по пандемијата, повеќе од две третини од работната сила (и оние кои бараат вработување) претпочитаат да работат за еколошки одржливи и општествено одговорни компании.
  • Лојалност на клиентите. Од студијата погоре дознавме дека потрошувачите се подготвени да потрошат повеќе купувајќи од компании посветени на одржливост, наместо од алтернативните избори. Како што продолжува овој тренд, бизнисите кои вовеле одржливи практики ќе ја зголемат вкупната вредност од своите клиенти кои постојано ќе се враќаат кај нив за истите производи или услуги.
  • Намалување на отпадот. Од хемикалии до отпадоци од храна, сите бизниси може да го намалат производството на отпад. Иако намалувањето на отпадот може да има придобивки за компаниите, вклучително и зголемена ефикасност и помали сметки, најмногу добива животната средина. Понатаму, со самото тоа што се залагате за намалување на отпадот, им давате пример на вашите вработени и клиенти. Доколку почнат да го следат, ќе се покрене свеста колективно и целото општество ќе ужива во придобивкките!
работната сила (и оние кои бараат вработување) претпочитаат да работат за еколошки одржливи и општествено одговорни компании

9 eco-friendly бизнис практики кои може да почнете да ги применувате уште денес!

Со глобалниот фокус на одржливи практики и неодамнешниот технолошки напредок, цела плејада еколошки решенија сега се лесно достапни за бизнисите. Овие решенија се движат од алтернативи на производи и опрема за работа до целосни оперативни промени кои ќе помогнат да се намали влијанието од вашата компанија врз животната средина.

Ајде да погледнеме неколку испробани и проверени eco-friendly бизнис практики.

#1. Користете реупотреблив канцелариски материјал, производи и пакување

Од канцелариски прибор до опрема и материјали, на повеќето компании овие работи им се неопходни за работа. Поради тоа, едно просечно работно место произведува значителна количина отпад секоја година. Секој производ што го користат вработените, клиентите, добавувачите и кој било друг, претставува можност да се префрлите на еколошка алтернатива.

Да ја земеме хартијата како пример. Во 2013 година, Агенцијата за заштита на животната средина (EPA) нарача истражување и откри дека просечниот канцелариски работник користи 10.000 листови хартија за копирање годишно. Поголемиот дел од ова неизбежно завршува на депониите.

Натрупувањето на ваквите производи ѝ штети на животната средина не само со тоа што придонесува кон целокупниот отпад, туку и поради штетните процеси кои се одвиваат при нивното производство. Со префрлувањето на електронски опции секогаш кога е можно, го елиминирате ова негативно влијание.

Кога сепак ќе мора да користите хартија, користете рециклирана хартија, со која  дополнително ќе го намалите влијанието врз животната средина од вашата редовна употреба на хартиени производи.

Во денешно време постојат одржливи материјали и алтернативи за речиси сè што можете да замислите. Запомнете ги трите клучни практики (темелите на еконавиките) кои се намерно подредени во оваа хиерархија за максимално влијание.

  • Прво, „Намали“. Намалете го отпадот секогаш кога е можно. На пример, можете да воспоставите политика за двострано печатење и, исто така, да ги мотивирате вработените да го намалат печатењето со тоа што ќе им дадат предност на електронските алтернативи за да ја завршат истата работа.
  • Потоа, „Реупотреби“. Заменете ги производите за еднократна употреба со алтернативи за повеќекратна употреба, како керамички чаши наместо пластични чаши или преработен мебел за канцеларија, наместо да купувате мебел на ново. На ниво на фирма, дајте им предност на канцелариските материјали кои можете да ги употребувате подолго време. Како на пример, машина за кафе што користи зрна наместо машина што произведува инстант кафе од пластични капсули за еднократна употреба.
  • Ако ништо друго, „Рециклирај“. Ако не е можно да го реупотребите производот, тогаш барем одлучете се за алтернативи кои би можеле да се рециклираат. Користете амбалажа и материјали што може да се рециклираат или набавувајте веќе рециклирани материјали (пример: рециклираната хартија). Исто така, учете се да размислувате за поправка и максимална употреба на опремата за работа, или за купување опрема на старо наместо само да ја фрлите и да купите нова опрема.

Земете го Субару за пример. И покрај производството на речиси еден милион возила годишно, Субару од 2005 година наваму има додадено 0 отпад кон депониите. Тие рециклираат и повторно користат сè во нивните производствени погони, па дури и гарантираат дека 96% од деловите на возилото Субару се повторно употребливи и рециклирани.

#2. Понудете поволности за работа од дома или користење на јавен превоз

За време на пандемијата COVID-19, работата од дома стана задолжителна, но иако неочекувано, и работодавачите и нивните вработени ги видоа и ги почувствуваа на своја кожа придобивките. 

Всушност, работата од дома е една од најдобрите еколошки бизнис практики. Не само што може да ги намали трошоците за компанијата, туку работниците заштедуваат време, пари и енергија при патувањето.

Уште подобро, работата од дома има неколку придобивки за одржливост.

Помага за:

  • Драстично намалување на загадување на воздухот со јаглерод поврзан со патувањето до и од работа;
  • Намалување на потрошувачката на енергија и потрошувачката на канцелариски материјали;
  • Зголемување на довербата во вработените и во вреднување на нивниот избор и слобода да одлучат од каде претпочитаат да работат што резултира со зголемена продуктивност и креативност во знак на благодарност.

Според EPA, просечното возило во Америка произведува 404 грама CO2 на еден и пол километар. Јасно е колку брзо се зголемува бројката кога поголемиот дел од светот се вози со автомобил до работа. 

Целосното елиминирање на концептот „патување од-до работа“ значи намалување на јаглеродниот отпечаток на ниво на цела ваша компанија и заштеда на пари за греење, осветлување и преполнување на канцеларијата со потрошен материјал.

Истовремено, вашите вработени заштедуваат и време кое можат многу поквалитетно да го инвестираат во завршување на работни обврски или за себе.

А одлично е и за воздухот! Едно од истражувањата покажа дека азотните оксиди (еден од главните загадувачи поврзани со издувните гасови кои придонесуваат за лошиот квалитет на воздухот) се намалиле за 31% и останале околу 20% пониски од нормалните нивоа бидејќи големи групи луѓе почнаа да работат од дома (remote).

Сепак, овие придобивки се реализираат целосно само кога се користат одржливи практики и во домот. Ако секој вработен има голем дом, користи клима уред и ги остава светлата запалени цел ден, би можел да остави поголем отпечаток отколку ако е заедно со други вработени во една канцеларија. Предизвик претставуваат и хибридните модели. Тоа што вработените работат половина од времето дома, половина и во канцеларија, значи дека опремата и залихите се дуплираат за двете локации.

Ако вашата компанија или стартап не може да понуди работа од дома, размислете за поттикнување на употреба на јавниот превоз или велосипед во вид на финансиска помош и мотивација преку сопствен пример. Овие алтернативи се многу поодржливи од поединци кои се возат сами во автомобил до истото место и назад, секој ден.

#3. Префрлете се на енергија од обновливи извори

Префрлувањето кон користење на обновлива енергија е една од најдобрите еколошки идеи за имплементација на кој било бизнис. И земајќи ја предвид моменталната криза, тоа е и една од најпаметните работи кои можете да ги направите за вашата фирма.

Во САД во 2020 година, индустрискиот, комерцијалниот и транспортниот сектор потрошиле 78,5% од енергијата во земјата, од кои само 12,7% биле произведени од обновлива енергија. Ова претставува огромна можност за претприемачите да инвестираат во обновливи извори на енергија, како што е инсталацијата на соларни панели, за да ги намалат штетните емисии.

Одлуката да се префрлите на искористување на сончевата енергија има неколку придобивки и за вашиот бизнис и за животната средина, вклучително:

  • Помага во исполнувањето на Целите за одржлив развој на Обединетите нации и намалување на вашиот јаглероден отпечаток;
  • Создава позитивна перцепција кај јавноста за вашиот бренд;

Исто така, постојат и други можности за да ја намалите употребата на фосилни горива како компанија. Една современа услуга што луѓето често ја занемаруваат е веб хостинг. Интернетот е огромен потрошувач на енергија и префрлањето на хостинг провајдер кој користи обновлива енергија за напојување на нивните сервери е уште еден начин да го намалите вашиот јаглероден отпечаток. На пример, cloud услугите на Google сега произведуваат нето-нула емисии на јаглерод.

#4. Намалете ја потрошувачката на енергија

Без разлика дали инвестирате во зелена енергија или не, намалувањето на потрошувачката на енергија секогаш е добар избор и за животната средина и за паметно управување со финансиите на вашата компанија.

Постојат неколку мали и големи промени кои можете да ги направите во вашата организација за да ја намалите потрошувачката на енергија, на пример:

  • Исклучете ги електричните уреди на крајот од секој ден или кога не се во употреба;
  • Намалете го времето за греење и ладење така што ќе ги држите вратите затворени и инвестирајте во изолација;
  • Употребувајте енергетски ефикасни алтернативи како LED светла, паметни термостати и сензори, така што светлата во неискористените простории автоматски ќе се исклучуваат;
  • Користете ja природнaта светлина колку што е можно повеќе;
  • Инвестирајте во енергетски ефикасни уреди и опрема што троши помалку електрична енергија.

Земете го Walmart како пример. Во 2008 година, еден од вработените даде предлог дека целиот синџир на компании може да заштеди пари доколку го исклучи изворот на светлина од автоматите во просторијата за одмор. Walmart го послушаа советот, го направија тоа и заштедија 1 милион долари во трошоците за енергија.

Има многу бизнис опции кои можете да ги искористите за да ја намалите потрошувачката на енергија. Во комбинација, тие ќе направат голема разлика во вашите годишни трошоци и ќе го намалат негативното влијанието од вашиот бизнис врз животната средина.

#5. Инвестирајте во глобални проекти за заштита на животната средина или за неутрализирање на јаглеродниот отпечаток

Дури и ако е невозможно вашата компанија да достигне нето-нула емисии, сепак е можно да придонесе за отстранување на јаглеродот од атмосферата.

Неутрализирање на јаглеродот им овозможува на бизнисите да финансираат проекти за намалување на емисиите, како на пример проекти за зелена енергија или обновување на шумите.

На овој начин, сопствениците на бизниси можат ефективно да ги избалансираат сопствените емисии на јаглерод кои ги произведува нивната компанија. На пример, доколку вашата компанија е во преработувачката индустрија, првото нешто што може да го направите е да го измерите вашиот отпечаток на стакленички гасови (со користење на една од услугите подолу). А потоа, можете да финансирате проект спроведен од докажана организација кој ќе ги намали глобалните стакленички гасови за слична или приближна вредност како вашите емисии.

Еве неколку такви организации: 

Oд суштинско значење е да се избере докажана и доверлива програма, како и организација што ќе ја спроведе. 

Ако одвоите време за истражување и инвестирате во реномирана организација и проект, можете да придонесете за унапредување на животната средина не само во вашата област, туку низ целиот свет!

#6. Соработувајте со други eco-friendly компании

Секој бизнис ги користи услугите или производите на друг бизнис – од добавувачи до логистика до канцелариски материјал. Затоа е важно како еко-ориентирана компанија да бидете сигурни дека сте во добро друштво.

Партнерството со компании кои имаат слични вредности и истомисленички пристап кон бизнисот, ќе им покаже на вашите клиенти дека сте сериозни во почитта кон животната средина, а не дека им „мачкате очи“. 

Ова значи дека ќе треба да го преиспитате вашиот синџир на снабдување, и да набавите одржливи материјали со цел да ја намалите вкупната потрошувачка како бизнис.

Земете го како пример Планот за одржливо живеење на Unilever. Во 2010 година, Unilever го спроведе овој план со кој двојно го зголеми својот бизнис, а истовремено го преполови своето влијание врз животната средина. Еве како изгледа планот:

  • Преполовување на отпадот од производите и производството;
  • Одбирање земјоделски производи кои се одгледани на одржлив начин;
  • Преполовување на потрошувачката на вода поврзана со производството;
  • Намалување на емисиите од производството;
  • Помагање на милијарда луѓе да ги подобрат своето здравје и хигиената.

Од 2010 до 2020 година, Unilever успеа да влијае во сите овие категории. Во 2015 година ја доби наградата „Шампион на Земјата“ за своите напори.

До 2020 година, Unilever ги намали своите емисии на стакленички гасови за 75% и покрај тоа што произведува значително повеќе производи. Компанијата, исто така, го намали вкупниот отпад по тон производство за 96% и ги зголеми своите одржливи добавувачи на 67%.

Голем дел од успехот на компанијата се должи на изборот на соработници, а примерот илустрира дека сите, од најмалиот бизнис до најголемата корпорација, можат да го намалат своето негативно влијание врз животната средина со менување или унапредување на партнерствата и процесите.

#7. Здружете се со непрофитни еко-организации

Многу непрофитни организации се фокусираат на одржливи практики и тие може да ви бидат одличен ресурс за поддршка и помош.

Некои од нив ќе ви помогнат да креирате план за спроведување на еко-политики и одржливи практики и да се стекнете со потребното искуство за да ги поставите вашите цели за одржлив развој. 

А некои од вас ќе бараат поддршка, без разлика дали станува збор за парична помош, in kind донации (зеленило), логистичка помош или промоција.

Pipedrive, на пример, ја препознаа потребата за одржливи деловни практики и соработуваа со повеќе организации за да ги реализираат своите цели.

Во 2021 година соработуваа со „Green Tiger Initiative“ – естонска платформа за соработка која има за цел да поттикне политики и организациски промени во склад со начелата за зелен развој. Имаа свој придонес и кон „Светскиот ден на чистење“ во 2021 година, помагајќи во управувањето со проекти за да се овозможи движењето.

Преку партнерството со еколошки организации кои се залагаат, едуцираат и преземаат активности за осигурување на одржлива иднина, вие самите создавате позитивно влијание врз животната средина. Дури и ако не можете да го намалите вашиот јаглероден отпечаток, поддршката на клучните партнери е одличен начин да го намалите вашето негативно влијание и да ја зајакнете довербата кај вашите клиенти.

#8. Воспоставете еко-политики и обучете ги вашите вработени

Секоја компанија која се стреми да воведе еко практики и да ја заслужи довербата и придавката ,,еко-ориентирана компанија” треба да биде сериозна во своите намери за одржливост. Тоа опфаќа и соработка со вработените за реализација на целта, нивно едуцирање и обука, а потоа и развој на одржливи практики во организациската рамка на вашиот бизнис.

Еден од начините да успеете да го постигнете статусот на eco-friendly фирма е преку развивање политики и процедури фокусирани на одржливи решенија. Тоа може да опфаќа:

  • Управување со енергијата. Воспоставете процедури кои ја намалуваат потрошувачката на енергија, како што е задолжително исклучување на работната опрема пред работникот да го напушти работното место.
  • Ефикасна употреба на водата. Компаниите може да инвестираат во ефикасни уреди за вода и мерки за рециклирање и да воспостават политики кога станува збор за начините на користењето на водата.
  • Намалување на отпадот. Намалувањето на количеството отпад што го произведува вашиот бизнис е еден од најлесните начини да го намалите вашиот еколошки отпечаток. Имајте јасни и безбедни политики за отстранување на отпадот што ја покриваат секоја категорија отпад, и одберете да селектирате отпад. Поврзете се со Redi Recycling, тие ќе постават корпи за селекција на отпад во вашата организација, ќе ви обезбедат насоки за рециклирање и ќе ги подигнат селектираните фракции.

За да бидете ефикасни во намерата, ќе треба да ја подигнете свеста на вработените и да ги мотивирате да се ангажираат за одржливост на работното место. Ова значи дека вие ќе треба да обезбедите еколошки потрошен материјал, но и обука, за да осигурате максимално спроведување на мерките за одржливост.

Најлесен начин да се ангажираат вработените е да се поттикнат нивните еконавики. Може да одржувате натпревари во домашно компостирање и да доделувате награди засновани на напорите на вработените! Или да организирате team-building активности како заедничко садење дрвја со локална непрофитна еко-организација (како нас на пример!) или чистење на природа од отпад.

Ефектот од ова е дека практиките најверојатно ќе се пренесат и во домашниот живот на вашите вработени. Чувството дека свесно прават разлика со почит кон природата преку своите навики, однесувања и култура на работа, веројатно ќе ги поттикне да воведат слични промени и приватно, што резултира во подигање на свеста на целата заедница!

#9. Користете еколошки раствори за чистење и отстранување на хемикалии

Хемиското загадување, од пластика до пестициди, е една од главните закани за еколошката стабилност денес. Како и со другите форми на отпад, речиси секоја компанија може да направи промени за да го намали овој вид отпад и своето влијание во оваа област.

Движењето за постепено отстранување на хлорофлуоројаглеродите (CFC) е одличен пример за заеднички напори да се заштити планетата од штетна употреба на хемикалии. Откако беше увидено дека CFC ја уништуваат озонската обвивка, се воспостави Монтреалскиот протокол за постепено отстранување на овие хемикалии на глобално ниво.

Во помал обем, сè уште е можно да се направи разлика. На пример, ако произведувате хемиски отпад во производството, погрижете се секој вработен да добие соодветна обука за правилна употреба и отстранување на овие материјали. Или, ако вашата компанија ангажира професионална фирма за чистење, инсистирајте тие да користат зелени производи за чистење.

Земјоделските компании би можеле да размислат да се префрлат на органска храна или други органски производи наместо пестициди или ѓубрива што ја оштетуваат почвата, ги уништуваат биодиверзитетот и животната средина.

За крај…

Без разлика дали сте бизнис лидер во светски конгломерат или барате еколошки идеи за вашиот мал бизнис, има изобилство од можности за да вклучите одржливи практики во вашиот бизнис план.

Можеби на почетокот ќе биде предизвик, особено ако сте меѓу првите кои ќе го започнат бранот на воведување еколошки практики, но придобивките од овие зелени бизнис идеи ги надминуваат сите пречки и оправдувања. 

Со преиспитување на вашиот синџир на снабдување, организациска структура, политики и процедури, можете да го обезбедите вашиот скромен придонес кон поодржлива иднина.

Оригинален текст