ЗХГ
Како европските земји и градови се справуваат со аерозагадувањето?

Како европските земји и градови се справуваат со аерозагадувањето?

Загадувањето на воздухот претставува универзален еколошки проблем, кој влијае штетно не само врз човековото здравје, туку и средината во која живееме.

Во Европа, аерозагадувањето претставува главен причинител за зголемемниот морталитетот кај населението и до ден денес се смета за најголем здравствен ризик за животната средина. Имено, иако секоја европска земја има свои методи за справување со аерозагадувањето, некои европски градови се особено ефективни во одржување на квалитетот на воздухот и успешно сузбивање на аерозагадувањето.

Еве како другите европски земји и градови се борат против аерозагадувањето. Може да ни послужат како инспирација за Скопје, а и сите други градови во Македонија.

Исланд

Исланд се смета за една од неколкуте држави со најчист воздух бидејќи нивото на штетни честички во воздухот се мери со помош на национална мрежа за следење на квалитетот на воздухот во атмосферата, кој вообичаено е во нормалните граници.

Ова може да се објасни со големината на земјата, инфраструктурата, локацијата, но и бројот на население. Бројот на население изнесува само 260.000 жители на остров од 103.000 km2 а тоа придонесува до пониско ниво на индустријализација, пониско ниво на растително производство, поповолна структура на снабдување со енергија, како и ограничена употреба на агрохемикалии.

Во Исланд се донесени закони и прописи, како што е ‘’Национална политика за квалитет на воздухот’’, кои се однесуваат на различни еколошки прашања, вклучително и зачувување на природата, флората и фауната, контрола на нивото на аерозагадувањето и ефикасно управување со природните ресурси.

Шведска

Како една од основачките членки на Коалицијата за клима и чист воздух во 2012 година, Шведска е познат глобален лидер во намалување на аерозагадувањето. Од 1990-2015 година, ширењето на штетни честички во Шведска се има намалено за 68% и предвидено е уште да се намалуваат до 2030 година. 

Ова е резултат од еколошките акции на депонирање на цврст отпад во депониите, намалување на депонирањето на органски материјал, но и зголемување на нивото на обновување на материјалите и обновување на енергијата. 

Во 2016 година, Шведската агенција за енергетика воведе електрични автобуси, и нови трамвајски линии за да ги намали емисиите на јаглерод диоксид и другите загадувачи на воздухот. 

Исто така со донесувањето на Правилникот за квалитет на горивото енергетската политика промовира промена од користење на нафта во користење на електрична енергија и биогорива, како и проширување на користење на централното греење се со цел да се постигне повисока енергетска ефикасност и намалување на атмосферските емисии.

Шведска исто така ‘’располага’’ и со изградба на илјадници еколошки домови во урбаниот парк во Стокхолм, кои функционираат со биогас, произведен од отпад од храна.

Финска

Финска, како држава, е одличен пример за тоа како да се заштити природната средина бидејќи резултатите од разните еколошки политики се јасно видливи низ целата земја. Многу езера и реки се исчистени, а квалитетот на воздухот е значително подобрен околу индустриските локации и изградена е широка мрежа на заштитени подрачја за да се заштити биолошката разновидност.

На меѓународно ниво Финска обезбедува мултилатерална и билатерална помош, со цел да се поддржат активни решенија кои водат до значително намалување на емисиите на метан и други штетни гасови. Некои од мерките кои се дел од нејзиниот план вклучуваат одржлив систем за централно греење што придонесува да се намали чадот и другите штетни гасови.

Владина политика

Финската енергетска политика се заснова на Националната стратегија за климата од 2001 година, ажурирана во 2005 и 2008 година. Стратегијата обезбедува основа за подготовка на политики, донесување одлуки и преговори на национално, ЕУ и меѓународно ниво. Во својата најнова адаптација, стратегијата се фокусира на поставување насоки и визија до 2050 година за управување со долгорочно планирање.

Националната долгорочна визија има за цел да го запре растот на потрошувачката на фосилни извори на енергија од една страна и да го зголеми учеството на обновливите извори на енергија од друга страна. За да се постигнат овие цели, енергетската ефикасност на потрошувачката мора да се зајакне, особено во домувањето, градежништвото и транспортот, и мора да се донесат нови политички мерки за промовирање на обновливите извори на енергија.

Владата очекува зголемената глобална побарувачка на фосилни горива да ги зголеми нивните цени на долг рок. Во комбинација со трошоците за дозволените емисии, ова значително ќе го промени односот на цените на фосилните и обновливите извори на енергија во корист на вторите.

Владата предвидува значителен раст во користењето на енергијата од дрво и „црн алкохол“, отпадните горива, топлинските пумпи, биогасот и енергијата на ветерот. Се воведува повластен тарифен систем како главна нова политичка мерка за поттикнување на воведувањето на обновливите извори на енергија.

Други главни точки во стратегијата вклучуваат:

  • Максимизација на употребата на биоенергија во шумската индустрија;
  • Тројно зголемување на употребата на остатоци од дрво од шумарството како гориво и суровина;
  • Владина поддршка при поставување топлински пумпи, системи за биоенергија и соларна енергија за греење на просторот;
  • Крај на употребата на фосилни горива за греење најдоцна во текот на 2020-тите;
  • Истражување на нови технологии за производство на биогорива наменети за транспорт, со цел тие да имаат удел од најмалку 10% до 2020г. при употреба на гориво за транспорт;
  • Инсталираниот капацитет на ветерна енергија ќе се зголеми со помош на различни субвенции, Во 2021 година кумулативниот капацитет на ветерната енергија во Финска беше околу 3328 MW;
  • Употребата на рециклирани горива ќе продолжи да се зголемува.

Полска

Иако Полска во минатото претставувала ‘дом’ на 36 од 50-те најзагадени градови во Европската унија, со потпишувањето на Декларацијата за градови за чист воздух во 2019 година и со лансирање на Breathe Warsaw, Варшава сега има 165 воздушни сензори низ градот, а Breathe Warsaw го користи за да развие база на податоци за квалитетот на воздухот со цел властите подобро да ги разберат изворите на загадување. 

Во план е да се обезбеди техничка помош и поддршка за постепено укинување на загревањето на јаглен, воспоставување зона со ниски емисии на штетни гасови до 2024 година, како и поврзување на локалните лидери за споделување на најдобрите практики за намалување на аерозагадувањето. 

Европските градови во борбата против аерозагадување

Мадрид

Главниот град на Шпанија, Мадрид воведе низа на мерки за зачувување на квалитетот на воздухот. Како едни од тие мерки се и забрана на влез на некои видови на автомобили во центарот на градот со цел да се намалат емисиите на стакленички гасови во воздухот. 

Сите други возила ќе можат да влезат во овој простор само доколку имаат еколошка ознака и се оставени на јавен паркинг. 

Оваа иницијатива, поддржана од Европската комисија, беше воведена од јавно здравствени причини и има за цел да го намали загадувањето за 40% во областа што ја бара Комисијата во Директивата за квалитет на воздухот.  

Напорите на Валенсија

Во Валенсија, креаторите на политиката се зафатени со спроведување на Планот за подобрување на квалитетот на воздухот, кој беше развиен од експерти во Градскиот совет, како и од регионалната влада и членовите на Медитеранскиот центар за еколошки студии.

Тврдејќи дека е првиот вистински паметен град во Шпанија, Валенсија исто така се залага за подобро следење на промените во животната средина.

Ана Вичиано, раководител на службата за плажи, акустичен квалитет како и квалитет на воздухот во Градскиот совет, објаснува дека од 2015 година, градот речиси ја удвоил големината на својата мрежа за следење на загадувањето, градејќи уште пет мерни станици.

Покрај спроведувањето на зона со ниски емисии, Валенсија исто така се залага за декарбонизација преку трансформирана урбана транспортна мрежа и грант од Европската унија.

Градот сега има додадени четири велосипедски ленти, зголемено мерење на бучавата и загадувањето на воздухот, како и воведено на 20 нови електрични патнички автобуси.

Главниот предизвик на Валенсија е добивањето квалитетни податоци.

Ана Вичијано објаснува дека акустичните подобрувања и стратегиите за намалување на бучавата се информирани од факти, „…мрежата на акустични и еколошки сензори ќе се прошири преку различни иницијативи, вклучително и имплементација на зони со ниски емисии; вклучување на граѓаните во постигнувањето на целите“.

Лондон

Наплатата за сообраќајен метеж во Лондон, според која сега возачите плаќаат за да влезат во центарот на градот, беше првата таква шема во голем европски град кога беше воведена во 2003 година.

Камионите, автобусите, товарните возила со одредена тежина – и големите комбиња – мораа да исполнат одредени стандарди за емисии за да бидат дозволени во градот од 2012 година.

На 25 ноември, градоначалникот на Лондон, Садик Кан, го објави второто проширување на водечката политика за квалитетот на воздухот во Лондон, Зоната со ултра ниска емисија (ULEZ), која стапува на сила во август 2023 година.

Ова ќе доведе до растење на сегашната шема за да ги покрие сите населби на Голем Лондон, отклучувајќи бројни здравствени, еколошки и економски придобивки за уште 5 милиони луѓе, покрај сегашните 4 милиони.

Проценето со исполнувањето на привремените цели на Светската здравствена организација (СЗО) за NO2, 340.000 луѓе ќе уживаат во почист воздух, а бројот на лондончани кои живеат во области што ги надминуваат целите на СЗО за NO2 ќе се намали за 13%.

Проширувањето, исто така, ќе ги намали емисиите на емисиите на стакленички гасови со заштеда на 27.000 тони CO2 во надворешниот дел на Лондон.

Квалитет на воздухот: политики, предлози и грижи

Визијата на локалната влада на Лондон е градот да има најдобар квалитет на воздухот од кој било голем светски град до 2050 година, надминувајќи ги законските барања за заштита на човековото здравје и минимизирање на нееднаквостите.

За подобрување на квалитетот на воздухот потребни се следните активности:

  • намалување на изложеноста на лондончани на штетно загадување низ Лондон – особено на приоритетни локации како училиштата – и справување со здравствената нееднаквост;
  • постигнување законска усогласеност со границите на ОК (Обединетото Кралство) и ЕУ што е можно поскоро, вклучително и со мобилизирање акција од лондонските општини, владата и другите партнери;
  • воспоставување и постигнување нови, построги цели за квалитетот на воздухот за почист Лондон, исполнување на упатствата засновани на здравје на Светската здравствена организација (СЗО) до 2030 година со преминување кон Лондон со нулта емисија на штетни гасови.

Париз

Од 2017 година, дизел возилата во Париз мораа да исполнуваат одредени стандарди или граници на емисии на штетни гасови за да им биде дозволен пристап на париските улици.

Денес, за заштита на квалитетот на воздухот во Париз, сите возила во Париз мора да имаат налепница преку која може да се утврди колку всушност тие возила го загадуваат воздухот. 

Токму поради тоа на одредени камиони и тешки товарни возила им е забранет влез во градот, а градот исто така редовно затвора некои од најзагадените улици во критични периоди.

Со цел поголема мотивација за заштитата на воздухот во градот, јавниот превоз е бесплатен во критичните периоди за да ги охрабри луѓето да ги остават своите возила дома.

Париз е еден од четирите градови во светот што се обврзаа да ги забранат целосно дизел возилата до 2025 година.

Осло

Главниот град на Норвешка годинава планира да ги забрани приватните возила во центарот на градот и прави крупни инвестиции во подобрување на јавниот превоз и зголемување на бројот на велосипедски патеки.

Слично како и во Париз, за време на периоди на високо аерозагадување, градот го забранува сообраќањето на дизел возила кои не ги исполнуваат еколошките стандарди или како Париз дозволува пристап на возила само во ограничено времетраење.

Осло додаде најмалку 50 нови наплатни станици во обид да го спречи загадувачкиот сообраќај.

Меѓудругото, Осло е и „најзелениот“ од сите главни градови во Европа, па самото тоа му помага да го одржува квалитетот на воздухот на високо ниво.

Infographic: How Green Are The Capitals of Europe? | Statista You will find more infographics at Statista

Минхен

Минхен, како и голем број други германски градови, има ограничувања за возилата што можат да се возат по улиците на градот.

Возилата мора да исполнуваат одредени стандарди за да им биде дозволено да возат. Сите возила мора да имаат налепница со која може да се утврди колку возилото го загадува воздухот. 

Воведена е забрана за превоз на камиони со тежина поголема од 3,5 тони.

Исто така, веќе подолг временски период се одлучува дали да се воведат сини значки за возилата, со цел да се утврди нивото на азотни оксиди. 

Иако првично воведувањето на сини значки за возилата било одбиено на состанокот на федералните министри за транспорт во Штутгарт во октомври 2016 година, сепак, екологистот Винфрид Херман и министер за транспорт за регионот Баден-Виртемберг, изјавија дека идејата сè уште е на политичката агенда.

Хелсинки

Главниот и најгусто населениот град во Финска, Хелсинки, има релативно добро искуство во одржување на квалитетот на воздухот во споредба со другите големи европски градови, но сепак и тука нивото на аерозагадување може да достигне опасно ниво.

Главниот фактор што влијае на квалитетот на воздухот во градот е транспортот и уличната прашина.

Мерењата на нивото на загадување на воздухот низ градот ги презема Управата за еколошки услуги на Хелсиншкиот регион (HSY) со помош на сензори за мониторинг на животната средина.

Податоците извлечени од нив се користат за граѓаните да бидат во тек со најновите информации во врска со квалитетот на воздухот кој го дишат.

Оние кои се најмногу подложни на здравствените влијанија од загадувањето на воздухот се децата, астматичари од сите возрасти и постари лица кои страдаат од коронарна артериска болест или хронична опструктивна белодробна болест.

Затоа е изготвен План за квалитет на воздухот за градот за да ги покрие годините 2017–2024 година. Во подготовката на програмата беа вклучени граѓаните и други заинтересирани групи.

Во согласност со законските барања, програмата вклучува мерки за намалување на емисиите на азот диоксид што произлегуваат од сообраќајот во уличните кањони, каде што е надмината граничната вредност.

Покрај сообраќајот, темите на Планот за квалитет на воздухот се составени од други фактори за кои се смета дека имаат значајно влијание врз квалитетот на воздухот во Хелсинки: улична прашина и горење на дрва дури и во мали размери.

Политика за животна средина

Градскиот совет на Хелсинки ја одобри политиката за животна средина на градот Хелсинки на состанокот на Советот на 26 септември 2012 година.

Политиката за животна средина моментално се ажурира бидејќи пристигна среднорочната целна година, Стратегијата на градот ја заостри Целта за јаглеродна неутралност до 2035 година, а законодавството е заострено во однос на целите за заштита на воздухот.

Целите на еколошката политика на Град Хелсинки се поставени и на долг рок до 2050 година и на среден рок до 2020тите години. Целите спаѓаат во осум категории, кои се следните:

  • Заштита на климата;
  • Заштита на воздухот;
  • Контрола на бучава;
  • Заштита на морето и водните тела;
  • Зачувување на природата и почвата;
  • Ефикасност на набавки, отпад и материјали;
  • Еколошка свест и одговорност;
  • Управување со животната средина и партнерства.

Политиката за животна средина е дел од управувањето со животната средина на Град Хелсинки и ги надополнува еколошките насоки од Стратегијата на Град Хелсинки.

Главните канали за спроведување на политиката за животна средина се програмите за под-категориите за заштита на животната средина (вклучувајќи ја програмата за заштита на воздухот и акциониот план за контрола на бучавата) како и системите и програмите за животна средина на различни административни тела.

Милано

Возачите во Милано плаќаат надоместок за влез во центарот на градот, кој е помал доколку сте жител на градот.

На 13 февруари 2017 година беа наметнати построги ограничувања за возилата на кои им е дозволено да сообраќаат во центарот на Милано.

Исто така, постои зона со ниски емисии што ја покрива целата провинција на Милано.

Стара Загора и Кошице се придружија во борбата

Словачката Кошице и бугарската Стара Загора преземаат чекори за ублажување на проблемите со бучавата и загадувањето на воздухот.

Кошице неодамна го финализираше својот Мастерплан за социјален и економски развој, со седум поглавја кои детално го прикажуваат зелениот развој. Две од овие поглавја се посветени исклучиво на загадувањето со бучава и квалитетот на воздухот.

Мисо Худак, член на Канцеларијата за стратешки развој на градот Кошице, објаснува дека нивните главни цели се да создадат мрежа од станици за следење, да ја зголемат одржливата мобилност и да ја намалат индивидуалната употреба на автомобили.

Еден од највозбудливите случувања во Кошице е декарбонизацијата на US Steel Kosice, најголемата фабрика за челик во централна Европа. Со помош од фондовите на ЕУ, надежта е да се заменат постојните високи печки со електрични еквиваленти.

Фокусот на Бугарија е на намалување на количината на штетни честички во воздухот, при што шест општини во земјата работат заедно за да се справат со проблемот.

Интегрираниот проект вклучува оддалечување од дрво и јаглен за домашно греење, при што Стара Загора има за цел внимателно да го следи и ограничи греењето со цврсто гориво и да обезбеди енергетска помош за поттикнување на употребата на алтернативи за обновлива енергија.

Што можеш ТИ да направиш за да се намали аерозагадувањето?

Аерозагадувањето е еколошки предизик присутен во сите современи држави.

Следи ги овие совети секој ден за да го намалиш загадувањето:

  • Заштедете енергија – дома, на работа, насекаде;
  • Наместо автомобил, користете јавен превоз, велосипед или пешачете секогаш кога е можно;
  • Следете ги упатствата за полнење гориво со бензин за ефикасно враќање на пареата, внимавајте да не истури гориво и силно затворете го капачето за гас;
  • Проверете дали вашите гуми се правилно надуени;
  • Користете еколошки безбедни бои и производи за чистење секогаш кога е можно;
  • Компостирајте ги органските отпадоци од храна како и паднатите лисја од дрвја во дворот;

Во деновите кога се очекуваат високи нивоа на озон, преземете ги овие дополнителни чекори за да го намалите загадувањето:

  • Изберете „почисто“ патување – споделете патување до работа или користете јавен превоз;
  • Комбинирајте ги обврските и намалете ги патувањата;
  • Избегнувајте да го користите автомобилот освен кога е навистина неопходно;
  • Наполнете го автомобилот со гориво навечер кога е поладно;
  • Одложете ги тревниците и градинарските работи што користат опрема на бензин или почекајте до вечер.

Во деновите кога се очекуваат високи нивоа на штетни честички, преземете ги овие дополнителни чекори за да го намалите загадувањето:

  • Намалете го бројот на патувања што ги правите со вашиот автомобил;
  • Намалете ја или елиминирајте ја употребата на камин и шпорет на дрва;
  • Избегнувајте палење лисја, ѓубре и други материјали;
  • Избегнувајте користење на тревник и градинарска опрема на гас.

Овие навики можат да придонесат до значително намалување на нивото на аерозагадување на долг рок. На крајот, сепак e наша колективна одговорност да се грижиме за нашата животна средина и да ги избегнуваме активностите што го загадуваат воздухот.

Дополнително:

Не губете надеж – не смееме да оставиме работите да продолжат да се движат во оваа насока на постојано зголемување на аерозагадувањето и заедно со него – негативните последици по здравјето на сите нас; Многу луѓе работат на решавање на овие проблеми и решенија постојат! Придружи се!

Зборувајте за ова – колку повеќе ја креваме колективната свест и ги едуцираме останатите на овие теми – толку повеќе граѓани ќе имаме во движењето за промени кон подобар живот во здрава животна средина;

Текстот го подготви Љупка Јаневска 👧🏻 – дипломиран правник (специјалист по право) на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Интереси: Пишување ✍️, планинарење⛰️, читање книги 📖.

Доколку ти се допадна текстот, сподели го!

Сподели го со пријател, со семејството, со колегите, со сите! За здравјето на сите нас се работи!

💚