Што се климатски промени? Што ги предизвикува и кои се последиците?
Никогаш претходно во пишаната историја, човечката цивилизација не била поразвиена, понапредна или помоќна од овој момент денес. Бидејќи секоја генерација се калеми врз откритијата, иновациите и достигнувањата на претходната.
Наместо да откриваме топла вода или да градиме градови од 0, почнуваме онаму каде претходните генерации стигнале и ни оставиле во наследство.
Но сепак, и покрај тоа, се чувствуваме немоќно и преоптоварено соочувајќи се со брзите климатски промени. И се јавува прашањето – што ќе им оставиме ние на следните генерации?
Земјата сега се загрева побрзо од било кој момент до сега во историјата. Потоплите температури со текот на времето ги менуваат временските услови и ја нарушуваат вообичаената рамнотежа на природата. Тоа носи многу ризици за луѓето и за сите други форми на живот на Земјата.
Научното објаснување на површина изгледа прилично едноставно = Стакленичките гасови ја задржуваат топлината што Земјата ја емитира по апсорбирањето на сончевата светлина, па наместо оваа топлина да се ослободи во вселената, таа останува заробена во атмосферата, што предизвикува пораст на температурите. Ова води до потопли зими, пожешки лета и екстремни временски услови, како што се суши и поплави. Безброј екосистеми ќе исчезнат засекогаш додека растечките океани ги голтаат бреговите и градовите кои ги градиме на нив.
Безброј екосистеми ќе исчезнат засекогаш додека растечките океани ги голтаат бреговите и градовите кои ги градиме на нив.
Тогаш зошто едноставно не сакаме… да го спречиме сето тоа?
Па, комплицирано е.
Јавната дебата за запирање на брзите климатски промени често се фокусира на неколку аспекти, како што се фабриките кои работат на јаглен, автомобилите или „говедата“ што подригнуваат. Па така решенијата се често поедноставени: соларни панели, возење велосипед до училиште/работа и други одржливи практики. А огромна точка за разговор е и личната одговорност. Но, дали одговорноста паѓа само врз нас на индивидуално ниво?
Пред да продолжиме понатаму, ајде прво да дефинираме што всушност подразбираме кога зборуваме за „климатски промени” за сите да сме на иста страница.
Што се климатски промени?
Климатските промени се однесуваат на долготрајните промени во температурите и временските форми. Меѓудругото, ваквите поместувања на температурите можат да бидат предизвикани од природни појави – на пример поради варијациите на сончевите циклуси.
Меѓутоа, од 19тиот век наваму, главниот причинител за климатските промени е човековото влијание, пред сѐ поради употребата на фосилни горива, како што се јагленот, нафтата и гасот.
Согорувањето на овие горива ослободува стакленички гасови како јаглероден диоксид и метан, кои ја задржуваат топлината и ги зголемуваат температурите на Земјата.
Најсериозни примери за емисии на стакленички гасови кои предизвикуваат климатски промени се јаглеродниот диоксид и метанот.
*Иако јаглеродниот диоксид (CO2) е природен гас и неопходен дел од атмосферата на Земјата, (клучен за одржување на животот преку процеси како фотосинтезата), тој станува штетен кога се јавува во прекумерено ниво во воздухот и ги надминува здравите граници, најчесто како последица од човечки активности, како согорување на фосилни горива.
Штетни нивоа на CO2 и метан (CH4) се јавуваат при користење на возила кои работат на бензин и дизел и испуштаат CO2, (но и други гасови како азотни оксиди), или со јагленот при греење на некој објект.
Понатаму, при т.н. „расчистување“ на земјиште. Сечата и палењето на шуми не само што ослободува CO2 (бидејќи дрвјата го складираат во себе кој се испушта откако ќе ги пресечат), туку дополнително се намалува способноста на природата да го апсорбира овој гас (преку фотосинтеза) сега кога веќе ги нема.
Депониите за комунален отпад се еден од најголемите извори на емисии на метан (CH4), кој е многу посилен стакленички гас од CO2, иако е во помала количина. Енергетиката, индустријата, превозот, објектите (при греење/ладење), земјоделството и употребата на земјиштето се меѓу главните „производители” на штетното ниво на овие гасови.
Причини и последици од климатските промени
Како што споменавме, фосилните горива – јагленот, нафтата и гасот – се убедливо најголемите причини за глобалните климатски промени, со удел од над 75 проценти од глобалните емисии на стакленички гасови и речиси 90 проценти од вкупните емисии на јаглерод диоксид. Еве како…
Да почнеме со главните причинители:
#1. Производство на енергија
Производството на електрична и топлинска енергија преку горење на фосилни горива предизвикува голем дел од глобалните емисии на гасови. Најголемиот дел од струјата сѐ уште се создава со помош на јаглен, нафта или гас, кои ослободуваат големо количество на јаглероден диоксид и азотен оксид – силни стакленички гасови.
Но на светско ниво, над една четвртина од струјата доаѓа од извори како ветер, сонце и други обновливи извори, кои за разлика од фосилните горива, воопшто не испуштаат стакленички гасови, ниту пак го загадуваат воздухот. Или во ретките исклучоци кога испуштаат, тоа е во навистина мала количина.
#2. Производство на производи за широка потрошувачка
Индустриите за широка потрошувачка (како и тешката индустрија) испуштаат емисии главно од горење на фосилни горива со цел да создадат енергија која ја употребуваат за производство на цемент, железо, челик, електронски апарати, пластика, облека и слични продукти.
Рударството и другите слични индустриски процеси исто така испуштаат гасови, а тука се и дел од материјалите кои се употребуваат во градежништвото. Машините кои се користат при производството често работат на јаглен, нафта или гас, додека некои материјали, како што е пластиката, се прават од хемикалии кои потекнуваат од фосилни горива.
Производствената индустрија е еден од најголемите причинители на емисии на стакленички гасови на светско ниво.
#3. Сечењето на шумите
Сечењето шуми со цел да се пренамени земјиштето во фарми и пасишта за одгледување на добиток (поврзано со месната индустрија), како и сите други причини за сечење на шуми – е третиот најголем причинител за климатските промени и ослободување на енормно количество на стакленички гасови.
Затоа што пресечените дрвја го испуштаат јаглеродниот диоксид кој го складирале во себе.
*Фотосинтеза е процесот со кој сите зелени растенија (+ алги и бактерии) си создаваат храна и енергија (првично за себе, а потоа и за сите останати живи организми.)
При фотосинтеза, во овој случај – дрвјата го апсорбираат јаглеродниот диоксид од воздухот и ги впиваат водата и минералите од почвата, а потоа, сончевата енергија ја трансформираат во хемиска – складирана во гликоза (шеќер). Односно ги трансформираат јаглеродниот диоксид, водата и минералите во органски соединенија богати со енергија (храна) и притоа ослободуваат кислород – кој гo дишeме сите, вклучително и тие самите.
Без овој процес, животот на Земјата каков што го знаеме не би бил возможен.
Со други зборови, кога сечеме дрвја ги уништуваме токму тие живи организми кои имаат клучна улога во обезбедување на (оптимални) услови за живот на сите нас на планетата Земја.
Но и покрај тоа што овие работи ги учиме на најрана школска возраст, секоја година се уништуваат приближно 12 милиони хектари шума.
Со самото тоа што шумите го апсорбираат јаглеродниот диоксид, нивното уништување ја ограничува способноста на природата да ги отстранува штетните емисии од атмосферата по природен пат и да одржува здрав баланс и здраво количество на јаглероден диоксид во воздухот.
Уништувањето на шумите и другите начини на неправилна обработка и нега на почва и земјиште, вклучувајќи ги и застарените методи на земјоделие, придонесуваат кон околу една четвртина од вкупните емисиите на стакленички гасови на светско ниво.
#4. Превоз
Повеќето автомобили, камиони, бродови и авиони користат фосилни горива. Toa го прави превозот значаен причинител на емисии од стакленички гасови, особено јаглерод диоксид – повторно.
Патничките возила секако имаат најголем удел поради употребата на гориво во моторите кои работат на принцип на внатрешно согорување. Меѓутоа, емисиите кои ги испуштаат бродовите и авионите продолжуваат да растат. Превозот е причинител на уште една четвртина од вкупните емисии на стакленички гасови на светско ниво.
Трендовите покажуваат дека ќе има значително зголемување на потребата од енергија за превоз во следните години. Останува да видиме како (и дали?) ќе го решиме овој проблем.
#5. Производство на храна
За жал, при производството на храна исто така се ослободуваат големи количини на јаглероден диоксид, метан и други стакленички гасови на најразлични начини, вклучително и преку уништувањето на шумите и расчистување терен за ниви и пасишта, а потоа и преку дигестивните процеси на добитокот. Ова можеби ќе ви звучни комично, но всушност објаснувањето е многу едноставно.
П.с. доколку не те интересира наука/биологија, скокни го следниот параграф. ✌️
Индустријата за говедско месо е еден од главните придонесувачи за ослободување на метан. Метанот сочинува околу половина од вкупните стакленички гасови што ги емитира овој сектор. Кравите создаваат метан на два главни начини: преку нивното варење и преку нивниот отпад. Тие се дел од групата животни наречени преживари – исклучиво тревопасни животни. Хранливите материи ги добиваат од растителна храна преку ферментирање на тревата во својот желудник пред да ја сварат, главно преку микробиолошки процеси.
💡 Кога сме веќе тука: Сите хранливи материи кои ги добиваат овие тревопасни животни чие месо го јадеме е од растенија. Впрочем, целата храна потекнува од растенија, дури и животните зависат од растенијата. Оттука, и ние ја добиваме храна од растенија. Или директно (овошје, зеленчук, јатки, мешунки итн.) или индиректно (преку животинските производи).
Паметите од погоре? Растенијата, кои при фотосинтеза ја користат енергијата од сончевата светлина за да произведат кислород (О2) и хемиска енергија складирана во гликоза (шеќер). Тие се првата алка во трансформирање на сончевата енергија во хемиска. А човечкото тело работи на само еден вид енергија: хемиска енергија.
Да се вратиме на метанот и говедата.
Процесот наречен „ентерична ферментација“ се одвива во руменот – дел од желудникот на тревопасните животни кои ги конзумираме. Руменот е дом на комплексен екосистем на микроорганизми. Тие вклучуваат бактерии, габи и протозои. Некои бактерии и протозои го разградуваат шеќерот и скробот од растенијата. Други ја разградуваат целулозата што ги сочинува растителните клеточни ѕидови. Ентерична ферментација настанува кога бактериите ги разложуваат сложените јаглехидрати во едноставни шеќери. Крајните производи на ентерична ферментација од бактерии вклучуваат испарливи масни киселини (VFAs) како и гасови: јаглероден диоксид и метан.
п.с. Иако јаглеродниот диоксид е многу позастапен во атмосферата од метанот, метанот заробува приближно 30 пати повеќе топлина од јаглеродниот диоксид.
*Денес на Земјата има повеќе од 1,5 милијарди говеда – бројка што не би била ниту приближна до денешната кога човекот не би ги замешал рацете во природната селекција. Односно, доколку ние луѓето не би го ставале месото (и останатите продукти кои ги добиваме од нив) на приоритетно место во нашата исхрана, па оттука и ги размножуваме и одгледуваме овие видови на животни во енормна бројка.
Во прехранбената индустрија како причинители за климатските промени вклучени се и производството и употребата на ѓубриво и шталско ѓубриво (измет од добиток) за одгледување на житни култури, како и употребата на енергија за машините на фармите или пак горивото за риболовните бродови, што најчесто е фосилно.
Сето ова го прави производството на храна голем причинител на климатски промени, дури и кога не би ги вклучиле пакувањето и доставувањето храна. За поздрав се фирмите и доставувачите на храна кои одбираат да користат велосипед како превозно средство или електрични возила!
*Одличен пример за еко достава на храна (со користење на електрични возила) кај нас се Pizza Jakomo. 👏 Тие располагаат со возен парк од 7 електрични автомобили и 10 електрични скутери. Тоа значи 0% емисија на штетни гасови во воздухот. 🙌
#6. Енергијата за станбените и деловните објекти
На глобално ниво, станбените и деловните згради трошат повеќе од половина од целата електрична енергија. Од причина што и понатаму се користи јаглен, нафта и природен гас за греење и ладење, објектите испуштаат значителни количини стакленички гасови. Растечката побарувачка за енергија за греење и ладење со зголемената сопственост на клима уредите, како и зголемената потрошувачка на електрична енергија за осветлување, апарати и поврзани уреди, придонесе за пораст на емисиите на јаглерод-диоксид во последниве години.
Прекумерен консумеризам (потрошуваштво)
Вашиот дом и енергијата потребна за него, вашиот транспорт, исхрана и вашиот отпад – сето ова придонесува кон емисиите на стакленички гасови. Тука секако е вклучено и купувањето облека, електронски уреди и производи од пластика. Голем дел од емисиите на стакленички гасови се поврзани со домаќинствата. Нашиот животен стил има сериозно влијание врз планетата.
Последици од климатските промени
#1. Повисоки температури
Како што се зголемуваат концентрациите на стакленички гасови, така се зголемува и температурата на глобалната површина. Последната деценија, 2011-2020 година, е најжешка досега. Од 1980-тите наваму, секоја деценија е потопла од претходната.
*Доколку те интересира да дознаеш повеќе, прочитај ја последната објава од Наса на оваа тема: НАСА: Екстремни температури од над 40° измерени за прв пат во историјата на одредени места.
Речиси сите копнени површини минуваат низ врели денови и топлотни бранови. Повисоките температури ги зголемуваат стапките на болести поврзани со горештините и го отежнуваат работењето на отворено. Шумските пожари започнуваат полесно и се шират побрзо кога условите се потопли.
Температурите на Арктикот се искачуваат двојно побрзо од глобалниот просек.
#2. Деструктивни бури
Деструктивните бури станаа поинтензивни и почести во многу региони. Како што се зголемуваат температурите, повеќе влага испарува, што ги влошува екстремните врнежи и поплавите, предизвикувајќи повеќе деструктивни бури. Фреквенцијата и обемот на тропските бури е исто така под влијание на затоплувањето на океанот. Циклоните, ураганите и тајфуните се хранат со топли води на површината на океанот. Ваквите бури често уништуваат домови и заедници, предизвикувајќи смртни случаи и огромни економски загуби.
#3. Зголемена суша
Климатските промени влијаат на достапноста на водата, правејќи ја поретка во сѐ повеќе региони. Глобалното затоплување го влошува недостигот на вода во регионите кои веќе се под стрес и доведува до зголемен ризик од земјоделски суши да влијаат на посевите, а еколошките суши ја зголемуваат ранливоста на екосистемите. Сушите, исто така, можат да предизвикаат деструктивни бури од песок и прашина кои можат да преселат милијарди тони песок низ континентите. Пустините се шират, намалувајќи го земјиштето за одгледување храна. Многу луѓе се под закана да немаат доволно вода на редовна основа.
#4. Океаните се загреваат и нивото на водата расте
Океанот го впива најголемиот дел од топлината од глобалното затоплување. Стапката на загревање на океанот е значајно зголемена во последните две децении, и тоа на сите длабочини на окенот. Како што се загрева, се зголемува и неговиот волумен, затоа што водата се шири како што се загрева. Глечерите исто така се топат и тоа придонесува кон подигање на нивото на водата, што ги става под закана заедниците кои живеат на бреговите и островите.
Покрај тоа, океанот исто така апсорбира јаглерод диоксид [ *алгите* ], чувајќи го од атмосферата. Меѓутоа, поголемо количество јаглерод диоксид го прави океанот покиселест, што е директна закана за живиот свет и коралните гребени.
#5. Загуба на видови од живиот свет
Климатските промени се ризик за опстанокот на видовите кои живеат на копно и во вода. Овие ризици стануваат сѐ поголеми со растот на температурите. Заедно со последиците од климатските промени, нашата планета ги губи своите видови 1000 пати побрзо отколку кога било во пишаната историја. Еден милион видови се во ризик од исчезнување во следните неколку децении. Шумските пожари, екстремните временски услови, како и инвазивните штетници и болести се само дел од многуте закани поврзани со климатските промени.
Некои видови ќе најдат начин да се преселат и да опстанат, но некои не.
#6. Недостиг на храна
Климатските промени и екстремните временски услови се дел од причините за светскиот раст на стапката на глад и неухранетост. Рибниците, житата и добитокот може да бидат уништени или ќе станат помалку продуктивни.
Бидејќи океанот станува се покисел, морските ресурси кои хранат милијарди луѓе се изложени на ризик. Промените во снежната и ледената покривка во многу региони на Арктикот го нарушија снабдувањето со храна од сточарството, ловот и риболовот. Жештината предизвикува намалување на водата а со тоа и на жетвата на земјоделското земјиште, но и на пасиштата, што влијае врз добитокот.
#7. Зголемени здравствени ризици
Климатските промени се најголемата закана по здравјето со која се соочува човештвото.
Последиците од нив веќе влијаат на нашето здравје, преку загаденоста на воздухот, болести, екстремни временски услови, присилно раселување, притисоци врз менталното здравје, зголемена глад и неухранетост на места каде луѓето не можат да одгледаат или најдат доволно храна.
Секоја година, факторите на животната средина ги одземаат животите на околу 13 милиони луѓе.
Промените на временските модели ги прошируваат болестите, а екстремните временски услови ги зголемуваат смртните случаи и го отежнуваат одржувањето на здравствените системи.
#7. Сиромаштија и раселување
Климатските промени ги влошуваат факторите кои ги ставаат луѓето во сиромаштија и ги задржуваат во тие услови.
Поплавите можат да однесат цели населби (сиромашно изградени и населени), оставајќи ги луѓето без дом и егзистенција. Топлината ја отежнува работата на отворено. Недостигот од вода предизвикува послаба жетва.
Во претходната деценија, временските услови биле причина за раселување на околу 23.1 милиони луѓе секоја година, а уште повеќе луѓе биле сведени на тешка сиромаштија.
Повеќето бегалци доаѓаат од земји кои се најранливи и најмалку подготвени да се прилагодат на влијанијата на климатските промени.
Да сумираме
Концентрациите на стакленички гасови се на највисоко ниво во период од 2 милиони години
Ваквите емисии секако продолжуваат да растат. Како резултат на ова, планетата Земја е генерално 1.1°С потопла отколку во доцниот 19ти век. Последнава деценија (2011-2020) беше најтоплата деценија досега регистрирана.
Многу луѓе мислат дека климатските промени главно значат повисоки температури. Меѓутоа, растот на температурата е само почетокот. Нашата планета е систем во кој сѐ е меѓусебно поврзано, така што промени во една област предизвикуваат промени во сите други области.
Последиците од климатските промени вклучуваат, помеѓу другото, интензивни суши, недостиг на вода, огромни пожари, подигање на нивото на морињата, поплави, топење на поларните мразови, катастрофални бури и намалување на биодиверзитетот.
Луѓето ги трпат последиците од климатските промени на различни начини
Климатските промени можат да влијаат на нашето здравје, нашата способност да одгледуваме храна, нашето домување, безбедноста и работата. Некои од нас веќе се поранливи од другите од аспект на нивните последици. Како на пример луѓето кои живеат во држави составени од мали острови, како и земјите во развој.
Подигањето на нивото на морињата, и со тоа навлегувањето на солената вода веќе се стигнати до точка каде многу заедници морале да се преселат, додека сушите ги ставаат луѓето во ризик од општа глад. Во иднината, бројот на „климатски бегалци“ се очекува да расте.
Секој раст на глобалното затоплување е важен!
Во серија извештаи на Обединетите Нации, од каде и преземавме најголем дел од содржината за да го напишеме овој текст*, илјадници научници и владини чинители се согласија дека ограничувањето на растот на глобалните температури на не повеке од 1.5°С може да ни помогне да ги избегнеме најлошите последици и да ја одржиме климата на ниво на кое може да се живее.
Сепак, врз основа на сегашните национални планови во однос на климатските промени, се очекува глобалното затоплување да стигне до 3.2°С до крајот на овој век.
Емисиите на гасови кои предизвикуваат климатски промени доаѓаат од сите делови на светот и влијаат врз сите луѓе, но некои земји произведуваат многу повеќе отколку други. Оние 100 земји кои произведуваат најмалку гасови претставуваат 3 проценти од вкупните количини. Десетте земји кои произведуваат најмногу, „придонесуваат“ со 68 проценти.
Сите луѓе мора да преземат дејства за да се спречат климатските промени, но луѓето и земјите кои имаат голем удел во проблемот имаат поголема одговорност да дејствуваат први.
Се соочуваме со огромен предизвик, но веќе знаеме за многу решенија
Многу од решенијата за климатските промени можат да донесат економски придобивки, а истовремено да ги подобрат нашите животи и да ја заштитат животната средина.
Исто така имаме и глобални рамки и договори кои треба да го водат напредокот, како што се Целите за одржлив развој, Рамковната конвенција на ОН за климатски промени и Парискиот договор. Трите широки категории на дејствување се следните: намалување на емисиите, приспособување на последиците од климатските промени и финансирање на потребните измени.
Замената на енергетските системи од фосилни горива во обновливи извори како што се сончевата енергија или ветерот ќе ги намалат емисиите со кои напредуваат климатските промени. Меѓутоа, мора да започнеме веднаш.
Иако постои растечка коалиција од земји кои се посветуваат да стигнат до нула емисии до 2050 година, сепак дури половина од намалувањата на емисиите мора да се спроведат до 2030 за затоплувањето да се задржи под 1.5°С. Производството на фосилни горива мора да се намалува за околу 6 проценти годишно од 2020 до 2030.
Приспособувањето кон последиците од климатските промени ги штити луѓето, домовите, бизнисите, нашата егзистенција, инфраструктурата и природните екосистеми.
Ги опфаќа сегашните влијанија и оние кои ќе се случат во иднината.
Што всушност можеме да направиме?
На индивидуално ниво, нема многу што можеме да направиме покрај обидите за еко-начин на живеење… Потребен ни е поинаков начин на размислување и зборување за брзите климатски промени.
Сеопфатен системски пристап. Ништо помалку од драстична промена на начинот на функционирање на нашите модерни индустриски општества.
Како што беше дискутирано во „фрустрирачка должина“, тежината не паѓа само врз нас, на индивидуално ниво.
За системски промени во технологијата, политиката и економијата од овој размер, мора да влијаеме на луѓето кои ги носат одлуките. Политичарите мора да знаат и сами лично да почувствуваат дека луѓето се грижат за овој проблем. Дека нивниот успех (дали ќе бидат на власт или не) зависи директно од нивната способност да се справат со последиците од климатски промени.
Кога владите и локалните политичари не сакаат да ги менуваат законите што ги засегаат нивните најголеми даночни придонесувачи и донатори на кампањи = нас, граѓаните кои плаќаме данок и ги спонзорираме нивните кампањи!, тогаш ние мораме да ги тргнеме од владејачката позиција и да гласаме за луѓето кои ја почитуваат науката.
Треба да бараме одговорност од нив за спроведување на најефикасните стратегии за зачувување на нашата животна средина. Нема логика да си го трошиме времето само со преминување од употреба на пластични сламки кон метални или да се откажуваме 100% од нашите омилени оброци кои вклучуваат месо, туку да им влијаеме на големите играчи: храна, транспорт и енергија, а не заборавајќи ги помалите како цемент или градежништво.
Кога индустриите се борат против менувањето на нивните начини на работа, поради страв од парични загуби и инвестиции, ни требаат политичарри кои ќе им наложат да ги променат навиките на работа преку воведување на нови закони, наложување за користење на современи технолошки средства кои не ја уништуваат природата и поттикнување на инвестиции во иновации за областите каде што немаме уште одлични решенија.
Дејствувањето кон климатските промени наложува значителни финансиски инвестиции од страна на владите и бизнисите. Меѓутоа, недејствувањето е неспоредливо многу поскапо.
Нема логика профитните интереси на индустриите да ја надвладеат потребата да се намалат емисиите на јаглерод колку што е можно повеќе!
И ако сè уште не соработуваат, строгите казни и регулативи треба да ги принудат или банкротираат.
Сè уште е нереално дека промената на тој опсег може да се присили на светската економија доволно брзо, бидејќи на многу технологии со низок јаглерод сè уште им треба многу време и истражување – што значи дека се скапи.
Но, се повеќе и повеќе компании ќе се насочат да работат на изработка на поефикасни системи за зафаќање јаглерод, вкусни алтернативи за месо (за разлика од досегашните), подобри батерии, алтернативи за цемент и слично, доколку има јасна и растечка побарувачка. И ако сте доволно богати, можете да го направите вашиот удел со инвестирање во овие работи токму сега, додека тие сѐ уште се скапи.
За да го напишеме овој текст, најголемиот дел од содржината ја преземавме од стручните наоди на Обединетите Нации , се послуживме со факти и статистики од Statista, и конечно, вклучивме и делови од видеото на Kurzgesagt – Can YOU Fix Climate Change?
Доколку ти се допадна оваа статија, сподели ја со твоите пријатели!
Помогни ни да ја едуцираме широката публика за заканите од климатските промени и што можеме ние да направиме за да го намалиме нивното влијание.
Со 💚, Зелен хуман град.
За оние од вас кои разбирате англиски јазик и преферирате да изгледате видео отколку да го читате текстот, еве ги двете видеа кои ги препорачуваме: