Нова сеча на здрави дрвја во Дебар Маало!
На 10.06.2022 год., државен празник и неработен ден, без никакво претходно известување од страна на инвеститорот – Општина Центар, работници од „Гама Градба“ ДООЕЛ Скопје започнаа со градежни активности за расчистување на една од последните зелени површини со високо зеленило на ул. „Рузвелтова“ бр. 36 во Дебар Маало.
Притоа, со тешка градежна механизација утрото на 11.06.2022 год. (сабота) за само неколку часа беа откорнати вкупно 6 возрасни, здрави, прекрасни дрвја стари со децении. Веднаш потоа беа распарчувани, нивните остатоци помешани со откопана земја, натоварени во камион и однесени. Беа поништени, како никогаш и да не постоеле.
Овој масакр врз насушно потребното зеленило во центарот на градот се одвиваше без изведувачот да приложи Решение за сеча на дрвјата кое неопходно треба да го издаде Секторот за комунални работи при Градот Скопје, а кое тој најверојатно ниту го имал обезбедено судејќи по криминалниот начин на кој се одвиваше уништувањето на дрвјата.
На овој суров начин жителите на ул. „Рузвелтова“ бр. 36 дознаа дека веднаш, непосредно зад нивната зграда, која на ова место стои од 1962 год., од кога датира и зеленилото покрај зградата, ќе се пробие крак од улицата „Партизанска“ кон ул. „Рузвелтова“, што е предвидено со Изменувањето и дополнувањето на Детален урбанистички план Градска четврт Дебар Маало 1, донесен со одлука на Советот на Општина Центар бр. 07-9816/4 од 21.12.2012 год.
Започнати градежни активности без важечка документација
Индикативно е дека во годишната програма на Општина Центар за 2022 год. („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ број 21 од 20 декември 2021 год.) НЕ Е ПРЕДВИДЕНА изградба на оваа улица. Затоа изведувачот на работите „Гама Градба“ ДООЕЛ Скопје на присутните жители и на комуналниот инспектор од Град Скопје кој излезе на терен како единствен документ со кој располага можеше да им покаже само Договор потпишан помеѓу општината и изведувачот за РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ПОСТОЕЧКИ УЛИЦИ (ул. „Црвена Вода“, „Дебарца“ и „Партизанска“), во случајов апсолутно нерелевантен, но не и Договор за изградба на нов уличен крак. Со други зборови, тој ги започнал градежните активности без важечка документација.
Покрај недостигот од Одобрение за градба и урбанистички проект за комунална инфраструктура – улица, Изведувачот „Гама Градба“ ДООЕЛ Скопје не постапи согласно член 83 од Законот за градење (Сл. весник бр. 18 од 2020 год.) со кој се дефинирани задолжително поставување на табла со информации (за градбата, инвеститорот, изведувачот, надзорот, одобрението за градба по кое се одвиваат работите и слично), како и соодветно обезбедување и оградување на градилиштето.
Со тоа, изведувачот го прекрши наведениот Закон, и ги стави во непосредна опасност жителите на ул. „Рузвелтова“ бр. 36 како и другите минувачи.
Скопје – град во кој безбедноста на жителите е на последно место
Покрај недостатоци во обезбедување на градилиштето и недостиг од неопходната документација, загрижува и квалитетот на изведба на градежните работи. Имено, тие се изведуваат ударнички, без дислокација на постоечките инсталации за градско парно греење и водовод, без отстранување на корењата на дрвјата кои беа само покриени со земја, без изведба на соодветна дренажа покрај зградата. Бидејќи на лице-место нема ниту раководител ниту надзор, секако и без контрола на квалитетот на вградениот материјал и на збиеноста на тампонот.
Набргу, кога нагмечените био материјали ќе изгнијат и подлогата ќе налегне, улицата ќе мора да подложи на санација, а штетите ќе ги трпиме ние, жителите непосредно засегнати од овие активности.
Непосредна опасност за жителите и минувачите всушност ќе претставува самото сообраќајно решение на улицата која се пробива и кое е во спротивност со Законот за урбанистичко планирање. Имено, коловозот на новопланираната улица буквално ги допира аглите на две згради (ул. „Рузвелтова“ бр. 36 – парцела 21.1 и бр. 34 – парцела 21.4 во ДУПот), со што се прекинува и онака минималниот предвиден тротоар.
Тоа ќе значи дека пешаците, мајките со колички, децата со тротинети и т.н. ќе мораат да се симнуваат на улицата, што директно ја загрозува нивната безбедност.
Друга безбедносна закана е лошата прегледност поради непостоењето на заштитно растојание од зградите и огромната веројатност за сообраќајни несреќи. Особено е загрозена зградата на ул. „Рузвелтова“ 36, бидејќи новопланираната улица буквално е трасирана долж зградата без никакво заштитно растојание, со што е можно нарушување на нејзината статика.
Наместо зеленило, воздух, ладовина ни остана бетон и асфалт
Покрај кракот од ул. „Партизанска“, кој Општина Центар го пробива на ваков криминален начин и за која цел веќе беа откорнати 6, а треба да се исечат уште 4 здрави големи дрвја, во идна фаза според истиот ужасно штетен ДУП за Дебар Маало 1 ќе се изведе крак од новопробиената ул. „Партизанска“ кон бул. „Партизански одреди“, во ДУПот означен како Ул. 1. За да се трасира оваа слепа улица, надлежните од општината ќе го уништат и зеленилото покрај зградата со адреса „Рузвелтова“ 34 (парцела 21.4 во ДУП), односно уште десетина здрави, големи, возрасни дрвја.
Овие две улици се пробиваат под превезот на „обезбедување поширок пристап“ за станарите на ул. „Партизанска“, а всушност за да се овозможи реализацијата на две градежни парцели: 19.26 (П+3+Пк) и 21.3 (П+5+Пк). Особено погубно е решението на парцелата ГП 19.26, каде е предвидена зграда за колективно домување со неправилна, триаголна површина за градба, која отстапува од градежната линија на другите објекти во низот, поставена на само 3м од постоечката зграда (парцела 21.1) и тоа буквално среде ул. „Партизанска“, што е вистинската причина која условила пробивање на нов крак на истата.
Значи, за лукративните интереси на неколку инвеститори, на жителите во старите згради (на парцелите 21.1 и 21.4) драстично им се нарушува квалитетот на живот, се сече последното зеленило покрај зградите кои ќе бидат непосредно опкружени со асфалтирани улици и бетон од сите четири страни. Воедно, ако во целост се реализира ДУПот, согласно крајно лошото сообраќајно решение на истиот, жителите на зградата на ул. „Рузвелтова“ бр. 36 ќе имаат ограничен и отежнат пристап до своите домови, кружејќи преку неколку еднонасочни тесни улички. Секако, со тоа ќе биде отежнат и приодот на специјалните возила.
Сето ова уште еднаш докажува дека Дебар Маало е градска четврт во која локалната самоуправа не покажува било каков сенс за јавен простор и јавно добро, туку напротив, работи само за приватниот интерес.
Ние, жителите на Дебар Маало, бараме итно стопирање на градежните активности со кои аполутно не се сложуваме, ниту сме биле навремено известени за да можеме соодветно институционално да реагираме.
Бараме ревизија на сообраќајното решение на посочената локација со цел подобрување на безбедноста на движење за пешаците, автомобилите и велосипедистите, како и безбедноста и интегритетот на самата зграда на ул. „Рузвелтова“ 36.
Бараме зачувување на зелен појас и постоечкото високо зеленило кое успеавме привремено да го спасиме, што Ве потсетуваме е задолжително барање согласно Законот за урбано зеленило.
Во прилог фотографии од вчерашните активности и од зеленилото кое, за жал, е веќе откорнато.
Со почит,
Станарите на ул. „Рузвелтова“ 34 и 36
2 thoughts on “Нова сеча на здрави дрвја во Дебар Маало!”
Comments are closed.
[…] 34 и 36 од скопско Дебар Маало, општина Центар, преку платформата „Мој град“ објавија за нова сеча на дрвја во својата населба, за кои тврдат […]
[…] на „Рузвелтова“ преку платформата „Мој град“ посочија за сеча на дрвја на оваа скопска улица, со своја […]