Заштита на Животната Средина
ПРОТЕСТЕН МАРШ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ

ПРОТЕСТЕН МАРШ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ

Ги доставивме сите барања за спроведување на мерките за намалување на аерозагадувањето до Влада на Република Македонија, Министерство за животна средина и ПП, Собрание на Република Македонија и Град Скопје во понеделник, 16 декември.

Им даваме време на повиканите институции да ги прочитаат и разгледаат нашите заеднички барања и мерки заедно со „Шанса за Центар“, „Зелените од Гази Баба“, „Независни за Карпош“, „Биди зелен“, „НаТочак“, „EDEN Environment“, „Заедно за промена“ и „O2 Иницијатива“, и да одговорат најдоцна до среда, 25 декември.

Веќе помина една недела откако мерките беа доставени, две недели од протестот, а досега одговор имаше само од Министерство за транспорт и врски на барањето на „Биди зелен“.

Овие барања се истите барања за кои граѓаните, заедно со независните и зелените организации во Скопје и ширум Македонија, протестираат уште од 2015 година, само што се надополнети со нови мерки.

Но, додека ние ги дополнуваме мерките, институциите игнорираат да ги разгледаат, усвојат и да почнат да ги применуваат, а токсичниот воздух ни ги крати животите!

Доста беше молк!

Ако до овој рок не добиеме одговор, тогаш во сабота, 28 декември, излегуваме на протест!

Очекуваме апсолутно секој граѓанин од Скопје, и секој кој може од останатите градови, да се приклучи на протестот за чист воздух! Да ја испратиме 2024 година со чиста совест дека сме направиле сè што можеме за нашето здравје и здравјето на идните генерации.

Две опции, едноставен избор:

1. Повиканите институции да одговорат и да преземат итна и одлучна акција.

2. Или ние ќе излеземе на улиците и ќе го зголемиме притисокот на 28 декември.

Колку повеќе сме, толку поголем ќе биде притисокот за вистински промени! Време е јасно и гласно да им дадеме до знаење дека воздухот што го дишеме не е за преговарање и повеќе немаме време за чекање!

Доколку не добиеме одговор, се гледаме на 28 декември на нов протестен марш пред истите овие институции и ве повикуваме да излеземе сите заедно!

Кога и каде: Во сабота, 28ми декември, во 12:30 часот, започнуваме протестен марш од Министерството за животна средина и просторно планирање, продолжуваме до Собранието и пред Владата на Република Македонија и завршуваме пред бараките на Град Скопје.

Зошто протестираме:
Секоја година, околу 3.828 луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5. Ова претставува 17.7% од вкупната смртност во државата. Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух.

ПРОТЕСТНИ БАРАЊА ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ:
Бараме итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и ќе го подигнат квалитетот на живот.

Групи:

  • Зелен Хуман Град
  • Шанса за Центар
  • Независните од Карпош
  • Зелените од Гази Баба
  • Заедно за промена
  • О2 Иницијатива

Итни мерки (рок за реализација најдоцна до 1 јули 2025 г.

1. Прогнозирање на температурни инверзии
Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел предвремено дејствување заради навремена заштита на населението во Скопје.

Температурните инверзии се природен феномен во котлините што го спречува генерираното загадување да излезе од нив. Тие најчесто се формираат при студено време, поради што аерозагадувањето е најизразено во зима.

Во котлините опкружени со планини, како што се Скопје, Тетово, Битола и други, природниот проток на воздух е блокиран, што доведува до намалена циркулација. Во зимскиот период, без ветер, воздухот станува „заробен“, а ниските температури го прават густ и неподвижен. Како последица, штетните честички од индустријата, загревањето на јавните објекти и домаќинствата и возилата остануваат густо заробени во воздухот, наместо да се расеат или да се подигнат нагоре. За разлика од летото, кога повисоките температури ја поттикнуваат циркулацијата на воздухот и го разредуваат загадувањето.

2. Транспарентна работа на индустријата
Јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат. Јавниот регистар ќе овозможи транспарентност, следење на напредокот и спречување на работа на субјекти кои не ја поседуваат дозволата согласно со Законот за инспекциски надзор.

Задолжителен 24 часовен независен мониторинг со кој јавно и во реално време ќе бидат објавувани податоците од загадувањето на индустриските капацитети кои поседуваат А-интегрирана дозвола, како и неселективни строги санкции за загадувачката индустрија во случаи на прекршување на законите.

Особено загрижувачки се компаниите како „Евротим“, која увезуваше гориво со штетни хемикалии за користење во јавни институции.

Во случајот со „Дрисла“, проблемите со управувањето со отпадот и незаконското горење на отворено дополнително ја влошуваат ситуацијата со загадувањето на воздухот и почвата. „ОХИС“, пак, претставува сериозна закана за животната средина поради присуството на опасни хемикалии, за кои е неопходно внимателно следење и контрола на загадувањето.

3. Целосна забрана за увоз на отпад во Македонија освен отпадно железо и челик
Итна измена на чл. 93 од Законот за управување со отпад со што ќе се забрани секаков увоз на отпад на територија на целата земја, освен отпад што содржи железо и челик и отпад од обоени метали.

Според Европската комисија меѓу 15 и 30% од отпадот кој се извезува од ЕУ земјите завршува како нелегален транспорт во некоја од земјите што не се ЕУ–членки, особено во земјите со слаба легислатива за управување со отпад и уште послаба имплементација како што е Македонија.

4. Намалување на сообраќајната инфраструктура за автомобили
Донесување одлуки во општинските совети со кои ќе се забрани проектирање сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот утврден според член 145, став (2), алинеја 2 од Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри (соодветно на ограничувањето на брзината во населени места од 50 km/h).

Ако се земе предвид основата на сообраќајната теорија – за секое 1% зголемување на обемот на сообраќајната инфраструктура за автомобили, правопропорционално (за 1%) се зголемува бројот на автомобили [3], доаѓаме до неизбежниот заклучок: колку повеќе и пошироки улици, толку повеќе автомобили.

Овој феномен се нарекува „изнудена побарувачка“ и, иако на оние без експертиза во сообраќајот им изгледа логично дека проширувањето на улиците ќе го намали метежот, во реалноста секоја нова улица брзо се пополнува со нови автомобили, повторно создавајќи метеж и застој. Следствено, автомобилскиот сообраќај мора да се демотивира, комбинирано со мерки за мотивирање на велосипедскиот сообраќај и користењето на јавниот превоз.

5. Забрана на увоз на стари возила
Ефективна забрана на увоз на користени возила постари од 10 години и со стандард под „ЕУРО 5“ во земјава, додека увозот на нови возила да биде со минимален стандард „ЕУРО 6“.

Одлуката да стапи на сила од 01.01.2025 година. Во регионот вакви услови веќе се воведени во Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора. Заштитата на здравјето на граѓаните мора да биде приоритет.

Барање од O2 Иницијатива

6. Велосипедска инфраструктура

Итно усвојување на Правилникот за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура, изработен од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина Go Green – Биди Зелен.

Користењето моторни возила секојдневно ја зголемува концентрацијата на штетни честички во воздухот, што директно влијае на нашето здравје. Затоа е неопходно веднаш да се усвои овој правилник кој ќе овозможи создавање на безбедни и одржливи велосипедски патеки во сите градови, што ќе ги поттикне граѓаните да користат велосипеди наместо возила. На тој начин ќе се намалат емисиите на CO₂ и другите загадувачки материи, што ќе придонесе за значително подобрување на квалитетот на воздухот.

Секојдневната употреба на велосипеди наместо автомобили директно го намалува загадувањето, обемот на заболувања и бројот на заболени предизвикани од него.

7. Итна набавка на нови автобуси за ЈСП Скопје
Советот на Град Скопје веднаш да ја усвои одлуката за набавка на нови автобуси за ЈСП Скопје. Градското претпријатие има исклучително ограничен возен парк и нови автобуси се неопходни за да може непречено да ја извршува својата дејност.

8. Измена на Законот и Правилникот за урбанистичко планирање со цел хуманизација на просторот
Со измени на Законот и Правилникот за урбанистичко планирање, Стратегиска оцена за влијание врз животната средина (вклучително анализа на ветрови и осонченост на објекти) и Анализа за управување со отпадот според предвидениот број на жители и корисници на просторот, како и предвиден и планиран простор предвиден со места за собирање и селектирање на отпадот да станат дел од задолжителната документациона основа неопходна за изработка на секој урбанистички план.

СОВЖС не постои како обврска за деталните урбанистички планови, со оправдување дека истите се повикуваат на Генералниот план. Но Генералниот има измината важност, а пустошот кој се направи во градот не може да се надомести ако се продолжи со постојаната практика на одлучување не анализирајќи го влијанието врз животната средина.

Сегашните урбанистички планови немаат никакви анализи кои се однесуваат на управувањето со отпад, што докажува дека општините немаат холистички пристап за решавање на проблемот при изработка на стратешки одлуки и документи. Со постоечкиот број на контејнери отпадот ќе го имаме насекаде зашто во планот не се предвидува како отпадот ќе се управува при зголемување на бројот на жители, особено во населбите кои се на удар на инвеститорскиот урбанизам.

Барање од Шанса за Центар

9. Измена на Законот за градење и Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање со цел ефективна заштита на зеленилото
Да се изменат Законот за градење и Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање за проектната документација за зеленило од овластени пејзажни архитекти да стане задолжителен дел од еден проект за градење.

Стандардот за минимум зеленило по глава на жител предвиден со Законот за урбано зеленило да се пренесе во законите и подзаконските акти од областа на урбанизмот.

Барање од Шанса за Центар

10. Измена на Законот за урбано зеленило со цел зачувување на зеленилото
Во чл. 31 од Законот за урбано зеленило да се внесе забрана за сечење на здраво зеленило, освен во случаите кога тоа претставува ризик по здравјето и животот на граѓаните или претставува опасност од причинување материјална штета, како и обврзно негување на зеленилото што е во лоша состојба.

Да се изменат чл. 20 и чл. 21 од ЗУЗ за да се внесат обврски за 30-70% зеленило на секоја градежна парцела во зависност од локацијата и намената на парцелата и стандард од минимум 50м2 зеленило по глава на жител.

Да се измени чл. 29 од ЗУЗ така што ќе се внесе обврска за јавно објавување на сите решенија за интервенција врз зеленило што ги носат локалните самоуправи на денот на нивното донесување.

11. Заштита на зеленилото преку комплетирање и континуирано ажурирање на Зелениот катастар
Град Скопје како приоритет да си го постави комплетирањето и континуираното ажурирање на Зелениот катастар за што ќе обезбеди соодветен обем на финансии во текот на следните четири години. Зелениот катастар да го користи при анализа на сите урбанистички планови со цел да се заштити постојното зеленило (и на јавен и на приватен простор).

Парковите во Центарот на Скопје станаа мета на инвеститорскиот урбанизам и полека исчезнуваат. Пример е Урбан паркот кој со години не е во функција. Дооформувањето на градежни парцели и зголемување на габаритот на градба и процентот на изграденост дополнително негативно делуваше на постојаното и јавно и приватно зеленило. Неспроведувањето на Законот за урбано зеленило го опустоши Скопје и наместо зелен град, го претвори во град на кранови, бетони и бетономешалки.

Барање од Шанса за Центар

12. Заштита на зеленилото и шумата на Водно со строги критериуми внесени и во Деталниот урбанистички план за Водно Ј07
Владата да донесе одлука со која во Ј07 ќе се запрат градби на Водно, постојните објекти нема да смее да се зголемуваат, туку само да се реконструираат, а висините и габаритите да останат на ниво на постојната состојба.

Изградбата на објекти по спорен урбанистички план за Водно нанесе непоправливи штети по градот, како и опасности по жителите поради ерозии и можни свлечишта.

Барање од Шанса за Центар

13. Измена на Законот за енергетска ефикасност
Да се измени Законот за енергетска ефикасност со што ќе стане обврзна енергетска контрола на сите јавни објекти за проценка на енергетската ефикасност на секој од нив.

Без одлагање да се спроведат енергетски контроли и да се направи енергетски пасош за сите јавни објекти во Скопје. Ова особено да се направи за градинките и училишата за да се предвидат средства за енергетска трансформација (ефикасност, енергенси кои се користат).

Објектите изградени со проектот Скопје 2014, како и обновените фасади од само видливата страна на зградите за домување не се решение за енергетската ефикасност на овие објекти.

Барање од Шанса за Центар

14. Измена на Правилникот за обновливи извори на енергија заради демонополизација на ресурсот

Итна измена на член 4 став (2) алинеја 3 од Правилникот за обновливи извори на енергија и зголемување на прагот на дозволена инсталирана моќност (моментално само 6 kW се дозволени за домаќинствата и за заедница на домаќинства-сопственици на посебни делови во станбена зграда или заедница на домаќинства-сопственици на посебни делови во станбена зграда кои сакаат да враќаат назад во мрежата), со олеснување на условите за индивидуални домаќинства и заедница на домаќинства да произведуваат и да тргуваат со електрична енергија произведена со ФВ системи.

Барање од Здружение за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“

Среднорочни мерки (рок на реализација најдоцна до 01 јануари 2027 г.)

1. Густа мрежа на мерни станици
Поставување густа локална мрежа од мерни станици, со по една станица на максимум 1.500 м², со приоритет на индустриските капацитети и погони со А и Б-интегрирани дозволи. Клучно е овие мерни станици да обезбедат јавно достапни податоци во реално време за степенот на загаденост околу овие капацитети.

Со оваа мрежа ќе се обезбедат индикативни податоци кои инспекциските служби на Град Скопје ќе може да ги користат за иницирање надзори заедно со Државниот инспекторат за животна средина или самостојно. Оваа мерка е предложена од AirCare – Air Quality & Pollen App и ќе овозможи зголемена транспарентност и ефикасност во справувањето со загадувањето.

2. Законски измени за управување со отпадот во склад со концептот нула отпад

Целосна преработка на законите за управување со отпад во насока на усогласување со концептот нула отпад.

Измената на законите и нивната ригорозна имплементација ќе овозможат повеќе да не се фрла мешан отпад во контејнерите или на (диви) депонии, туку посебно да се селектира и рециклира пластика / лименки, хартија, и биоотпад. Со ефективното управување со отпадот во склад со концептот нула отпад ќе се овозможи минимално депонирање и ќе се поттикне циркуларна економија. Инвестирањето во биокомпостари за третман на биоотпад од една страна ќе овозможи елиминирање на 70% од отпадот во градските контејнери и производство на органски компост за ѓубрење на земја. Доколку се создаде интегриран систем, биокомпостарите може да произведуваат и биогас што би се користел и за производство на електрична енергија.

Барање од Здружение за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“

3. Изградба на сеопфатна велосипедска мрежа
Изградба на сеопфатна велосипедска мрежа на секои 250 метри, со хиерархија слична на онаа од автомобилската мрежа: примарна вело-мрежа со патеки или ленти со повисока минимална ширина од 2,5 метри (наместо стандардните 1,5 метри), секундарна мрежа со потесни патеки, како и улици со споделен простор, каде што приоритет има велосипедскиот сообраќај.

Оваа мерка се реализира паралелно со стеснување на ширината на автомобилските ленти, при што дополнителниот простор се пренаменува за велосипедистите. Предлог-мерката ја иницира НаТочак – NaTochak, со цел да се подобри безбедноста и одржливоста на урбаниот сообраќај.

4. Поставување на фотоволтаични системи за генерирање на електрична енергија на покривите на јавните објекти и институции под надлежност на Владата, градовите и општините и промена на нееколошкиот начин на загревање на сите јавни објекти кои користат мазут, екстра лесно гориво, дрва, јаглен и.т.н.

Во Македонија, Шанса за Центар мапираше над 700 јавни објекти кои се греат на мазут и нафта, што значително го зголемува загадувањето на воздухот. Ова има сериозни здравствени последици и дополнителни трошоци за државата.

Примената на фотоволтаични системи, (но на покривите од објектите, не на плодно земјиште) е клучна за намалување на загадувањето, бидејќи користат обновлива и еколошки чиста енергија од сонцето. Еднократната инвестиција во овие системи нуди долгорочна бесплатна енергија, значително намалувајќи ги загадувањето и енергетската криза во исто време. Во развиените земји, ваквите системи се веќе имплементирани на јавните објекти, поставувајќи пример и за приватниот сектор. Фотоволтаиците ќе ја намалат загаденоста, ќе создадат нови работни места во секторот на обновливата енергија и ќе заштедат милиони во градските буџети.

5. Субвенции за фотоволтаични (ФВ) системи за индивидуални домаќинства

Оваа и следната мерка се насочени кон намалување на загадувањето од домаќинствата. Субвенционирањето на ФВ системи за индивидуални домаќинства е клучен механизам со кој ќе се спречи енергетската сиромаштија.

Дел од скопјани кои набавија инвертери со субвенциите не беа во можност да ги користат поради енергетската криза.

Анализите со кои се обвинуваат домаќинствата како главен извор на загадувањето во текот на зимските месеци имаат низа недостатоци. Но, иако не е утврден точниот удел на загадувањето од загревање на домаќинствата, субвенциите за обновливи извори обезбедуваат енергетска правда и намалуваат загадување, особено во населените места каде што се користат дрва или биомаса за греење.

6. Субвенции за енергетски ефикасни фасади на објекти за индивидуално домување

7. Систем за самоизнајмување велосипеди

Во некои градови, системот за самоизнајмување велосипеди е интегриран со мобилна апликација. Низ градот би постоеле станици каде што може да се преземе или остави велосипед. На тој начин, граѓаните би имале на располагање едноставен процес и постојано достапни велосипеди, што би претставувало голем поттик за користење на ваков тип на превоз.

8. Конечно решение на затворената депонија Вардариште

Во Република Македонија, управувањето со отпадот е регулирано законски, но сепак има појави каде што не се применува целосно. Нужно е ефикасно и еколошко управување, особено со дивите депонии и дел од општинските комунални депонии, кои потекнуваат од минатото и не ги задоволуваат критериумите и стандардите на ЕУ директивата за депонирање на отпад.

Несоодветното депонирање на отпадот и големиот број нестандардни депонии ја загадуваат животната средина и влијаат негативно на здравјето на луѓето преку:

  • Загадување на подземните води преку инфилтрирање на „исцедок“ од отпадот;
  • Загадување на околното земјиште преку инфилтрација на дождовницата;
  • Загадување на површинските води во близина преку директно испуштање на вода или контакт/размена со контаминираните подземни води;
  • Загадување на воздухот од неконтролирано горење на отпадот, како и емисија на непријатна миризба;
  • Предизвикување на ефект на стаклена градина, како резултат на депониски гас со висока концентрација на метан.

Затворањето, санирањето и рехабилитацијата на нестандардните депонии е од големо значење бидејќи претставува огромен чекор кон намалување на влијанијата врз животната средина од неправилното постапување со отпадот преку:

  • Намалување на влијанието врз воздухот и водите предизвикано од неправилните депонии и други начини на неправилно отстранување на отпадот;
  • Намалување на емисиите на стакленички гасови од депониите;
  • Намалување на потенцијалот за здравствен ризик од инфективниот медицински отпад и животинските нус-производи;
  • Намалување или ублажување на влијанието врз животната средина што го предизвикуваат нестандардните депонии за комунален цврст отпад и оптоварувања на животната средина со индустриски и рударски отпад;
  • Можност за пренамена на просторот и користење како место за рекреација (изградба на паркови или спортски објекти), доколку анализите покажат дека почвата и околното земјиште не се загадени со опасни материи.

За црната точка на Скопје, некогашната депонија Вардариште, уште во 2014 година, по нарачка на Град Скопје е изработена физибилити студија во која е утврдено дека локацијата е „богата“ со тешки метали. Исто така, е локација каде што може да се создаваат токсични диоксини, но има и депониски гасови, па истражувачите апелираа да се внимава на можноста за формирање експлозивна смеса и запалување на депонијата.

Десет години подоцна, Вардариште уште чека на најавената санација, ремедијација и доведување во корисна површина. Граѓаните од Гази Баба, Аеродром и цело Скопје постојано го чувствуваат чадот од неконтролираното палење пожари на Вардариште. Граѓаните алармираат дека се шири загадување, се трупа отпад насекаде и се создаваат диви населби. Локацијата долго време е еколошка бомба, што е нотирано уште во 2014 година.

Бараме:

  1. Усвојување на преостанатите два урбанистички планови кои се обврска на општина Гази Баба.
  2. Нова физибилити студија која треба да ја нарача Град Скопје.
  3. Целосна ремедијација на просторот со зеленило и спортски и рекреативни терени.

Барање од Зелените од Гази Баба

9. Холистички пристап по барањата на ЕУ

Во својот последен извештај Европската комисија нагласи дека е неопходно македонската влада да усвои целосен и интегриран пристап за да ја приоритизира интеграцијата на животната средина на сите нивоа.

Барање од Шанса за Центар

Порака до сограѓани:

Чист воздух е основен предуслов за живот! Основен предуслов за слобода од болничките кревети и синџирите на аптеките. Чист воздух е приоритет кој ги надминува сите други во животот на секој еден од нас!

Секој што се осмелува да ја води оваа држава, секој што ја бара честа да води град или општина, има општествена одговорност и должност, не кон својата партија, не кон своите интереси, туку кон нас, граѓаните, и кон самиот себе— да ни обезбеди чист воздух, денес и секој ден понатаму!

Што вредат сите пари на светот ако немаме чист воздух за дишење, чиста вода за пиење и храна од здрава почва за јадење? Ако оние кои управуваат со нашите животи дозволат моќта и парите да ги заслепат, нашата обврска и должност е да ги разбудиме и да им го посочиме нивниот основен приоритет: ние, граѓаните на кои им служат.

Воздухот не прави разлики! Воздухот не препознава политичка партија, националност, вера или религија. Не препознава возраст, пол, статус, образование. Воздухот нè засега сите! Ако нешто може да нè обедини, тоа е заедничката борба за чист воздух! Ова не е протест за или против некоја политичка опција, на овој протест ќе излезеш за себе, за нашата колективна благосостојба и здравјето на идните генерации.

Време е институциите да се потсетат на својата должност кон граѓаните. Време е ВЕДНАШ ДА СЕ ИМПЛЕМЕНТИРААТ ИТНИТЕ МЕРКИ! Бараме ревносна, непоколеблива акција од институциите за време на осумчасовното работно време, и по него! Градовите, општините, државата — сите мора веднаш да почнат да го спроведуваат она што е потребно за да дишеме сите слободно!

Протестот не е само чин на отпор, туку и израз на надеж и грижа кон себе, одговорност кон нас самите и кон оние кои не можат да се борат. Времето и датумот никогаш нема да им одговара на апсолутно секој еден од нас, но тие што ја имаме можноста, мораме да го искористиме овој момент за да го изразиме своето право на барање чист воздух и во нивно име! Тоа е најмалку што можеме да направиме за себе и своите сограѓани.

Правото на чист воздух ти следува. Искористи го протестот за да го изразиш своето барање за чист воздух од институциите, рамо до рамо со твоите сограѓани. Загадениот воздух повеќе нема да биде прифатлива реалност!


Сѐ што треба е само да дојдеш и да застанеме рамо до рамо за чист воздух! Скопје мора да дише! Македонија мора да дише! ИЗЛЕЗИ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ!

Со почит,

ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД

Сподели го постот со другите. Повикај ги своите сограѓани да ти се придружат!
Се гледаме наскоро.