Советнички прашања и прашања од граѓани од 14-тата седница на Советот на Град Скопје
Во склад со нашата политика за директно вклучување на граѓаните во функционирањето на Градот, ЗХГ ги повика граѓаните да поставуваат прашања до органите на Градот и до градските служби. Во прилог се нивните прашања, за кои дел имаме ние дадено одговор, дел од службите имаме добиено одговор, дел се поставени како прашања на седница за советнички прашања, а дел се испратени по емаил до слжбите за да бидат одговорени.
Прашањата и одговорите се групирани во 4 категории:
ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИ
Групирани прашања од граѓани:
- Очигледно е дека ЈП Лајка не може да се справи со сите бездомни кучиња. Состојбата е веќе излезена од контрола. Во таа насока, сметам дека љубителите на животни во секоја населба би биле среќни волонтерски да се вклучат во решавање на овој проблем. Општината би можела да организира таков проект.
- Кога ќе се заловат кучињата скитници во реон Центар/Аеродром? Ги има во се поголем број во парковите!
Кога ќе проработи законот за заштита на животните??!!
Кога ќе почнат да се казнуваат несовесните сопственици??
За напуштање на своите миленици;
За малтретирање на животни;
За расфрлање на отрови
Зошто сѐ уште не е забранета продажбата на најопасниот отров со кој се трујат овие недолжни и напатени души од овој неодговорен народ? Само казни за нив, најголеми!
Кога Лајка ќе се погрижи за тие сироти кучиња да бидат третирани хумано? Никој ништо не работи, а сите зимаат плата. Само одредени раси на кучиња се трудат да вдомат, другите никако, и никој никогаш не се јавува на телефон, или враќа на меил за одговор за маалско куче заловено дали ќе се врати на локацијата каде соседите се грижат за него? Има кој ќе одговара за тие кучиња! - Бидејќи, гледам дека се бара заловување на кучиња од ЈП Лајка со реакција дека ги има во се поголем број на улиците…
Кога ќе се почне казнување на неодговорните сопственици кои ги напуштаат милениците?
Дали постои волја да има шелтер во секоја општина за прифат на кучиња кои се загрозени и кои ќе престојуваат до вдомување?
Групирани одговори
1. Кога ќе почне казнување на неодговорните сопственици кои ги напуштаат милениците?
ОДГОВОР: За казнување на неодговорните сопственици на животни според Законот за заштита и благосостојба на животните се надлежни инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Казнувањето за неодговорно сопствеништво, за жал не смеат да го прават ниту Градот Скопје ниту општините во Градот Скопје.
Важно е да се знае дека казните во Законот се преблаги (само 50-75 евра за физичко лице!), а активистите за заштита на животни со години се борат да ги зголемат! Исто важно е да се знае дека инспекторите на АХВ не си ја вршат работата доследно и ревносно со што би спречиле нови бездомни животни на улиците во Скопје и Македонија.
2. Дали постои волја да има шелтер во секоја општина за прифаќање на кучиња кои се загрозени и кои ќе престојуваат до вдомување?
ОДГОВОР: Шелтрите се најскапиот начин за третирање на бездомната популација животни. Земјите кои го решиле проблемот оперирале и враќале на улица најмалку 75% од репродуктивните единки на дадено подрачје во период од 6 месеци со што репродуктивната стапка станува нула. Со враќањето на здрави, третирани кучиња на улиците природно се спречува прилив на нови, репродуктивно способни единки непознати на населението.
Ако ги вдомуваме сите животни од улиците никогаш нема да може да го решиме проблемот бидејќи постојано ќе празниме територија што ќе ја зафаќаат нови млади единки кои природно мигрираат од селските/планинските средини, како и од околните земји.
Оперирањето и враќањето на здрави единки на улица само по себе, исто така, не е целосно решение на проблемот. Ако не се спречи неодговорното сопствеништво со високи и неселективни казни, бидејќи тоа е изворот на најголемиот дел бездомни животни – нема конечно решение на проблемот.
3. Очигледно е дека ЈП Лајка не може да се справи со сите бездомни кучиња. Состојбата е веќе излезена од контрола. Во таа насока, сметам дека љубителите на животни во секоја населба би биле среќни волонтерски да се вклучат во решавање на овој проблем. Општината би можела да организира таков проект – како еден вид на стационар за бездомните кучиња, каде волонтери би се грижеле за нив, би ги надгледувале. Еден вид на тријажен центар. Сите кучиња од една населба или реон, на едно место. Со тоа и кучињата би се заштитиле од труење и малтретирање, а љубителите на кучиња би можеле да поминуваат извесно време со нив. Дел од храната би можела да се набавува од школите и градинките (она што инаку се фрла а е погодно за исхрана на кучиња). Барем за малите кутриња кои не можат да ги земат во Лајка.
ОДГОВОР: За жал не е решение собирањето на кучињата на една локација во форма на азил. Трајното стационирање на кучиња не ни постои како опција во Законот за заштита и благосостојба.
Отстранувањето на кучиња од улиците и нивно трајно сместување на една локација ќе ослободи територија за да дојдат нови репродуктивно способни единки. Азилите ќе се трупаат со животни и многу брзо ќе станат финансиски неодржливи, а улиците континуирано ќе се полнат со нови животни. Единствен начин за хумана контрола е оперирање и враќање здрави и обележани единки на улица. Тие природно ќе ја чуваат територијата од прилив на нови.
За малите кученца можеби постои можност привремено да се стационираат и раководството на Лајка веќе размислува на оваа тема. Меѓутоа, малите кученца се исклучително ризична категорија на кучиња чиешто собирање на една локација може многу лесно да предизвика епидемија на болести со смртни последици. За да се води прифатилиште со мали кученца неопходни се посебни и ригорозни протоколи за изолација/карантинизирање, спречување вкрстена контаминација, а тоа не би можело да се гарантира ако волонтери се ангажирани.
4. Кога ќе се заловат кучињата во реон Центар/Аеродром, ги има во сè поголем број во парковите?
ОДГОВОР: Отстранувањето на кучиња од улиците само зашто на некои луѓе „им пречат“ не значи нивно конечно елиминирање од човечкиот животен простор. Секоја испразнета локација е слободна територија на која за многу кратко време ќе дојде нова единка непозната на населението и репродуктивно способна.
Единствениот успешен начин за хумана контрола на популацијата на бездомни животни е оперирање на 75% од популацијата на дадено подрачје во период од 6 месеци и враќање на територијата од која биле заловени. Здравите и третирани кучиња вратени на улиците (обележани со обетка) имаат до 90% намалена агресија и природно ја штитат територијата од прилив на нови, непознати единки. Ако институциите доследно си ги извршуваа своите обврски во овој домен, револтот и стравот кај јавноста ќе беа многу поретка појава.
Нагласуваме дека јавните простори не му припаѓаат само на човекот и очигледно потфрлање на институциите е изразување ставови дека улиците треба да се „исчистат“ од животни кои се „напаст“. Човекот отсекогаш живеел со животни. Неопходна е институционална едукација уште од најрана возраст за начините како да се пристапи на куче, зошто нема потреба да се плашиме од животните, на кој начин да го препознаваме нивното однесување и да реагираме соодветно. Човекот не е господар на Земјата, тој е само еден дел од многу комплексен и богат екосистем.
5. Кога ќе проработи Законот за заштита на животните, кога ќе престане труењето, ќе се забрани отров, ќе се казнува малтретирање на кучиња, кога Лајка ќе ги чува кучињата во хумани услови?
ОДГОВОР:Мониторингот врз спроведувањето на Законот за заштита и благосостојба на животните и труењето, за жал, не се дел од законските надлежности на Градот Скопје. За доследно спроведување на Законот надлежни се Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). За спречување на труењата, казнувањето расфрлање отрови и малтретирањето животни, надлежно е Министерството за внатрешни работи со оглед дека се работи за одредби од Кривичниот законик. Клучно е да се информираме точно за надлежностите за да може да бидеме поефективни во заштитата на животните.
Скопското прифатилиште за бездомни кучиња за првпат од своето основање кај Вардариште соработува отворено и континуирано со активисти за заштита на животните. Активистите го имаат и мнозинството во управниот и надзорниот одбор, а директорот кој е ветеринар е именуван со нивна поддршка. Активистите не се вработени во прифатилиштето, тие се состануваат месечно по потреба за да носат одлуки за прифатилиштето. Луѓето кои работат во прифатилиштето се вработени во мандатот на бившата директорка. Активистите се во постојана комуникација со нив. Доколку кој било има некакви информации дека животните не се третираат хумано, задолжително е да достави соодветни фотографии, видеа, пишани изјави и слично до Агенцијата за храна и ветеринарство која е надлежна инспекциска служба. Во спротивно се нанесува штета на работата на прифатилиштето и се подрива довербата кај јавноста сосема непотребно.
ИНФРАСТРУКТУРА
1. Кога ќе се регулира користењето на тротоарите од страна на приватници и попреченото движење на пешаците, особено на луѓе во инвалидски колички и родители со деца во колички?
ОДГОВОР: Постои Правилник за урбанистичко планирање во кој е наведено колку најмалку слободна јавна површина мора да остане незафатена со урбана опрема. Најмалата стандардна широчина на тротоар/патека изнесува 2,40 м, додека најмалата оптимална ширина изнесува 3,30 м.
Дополнително, Градот Скопје има усвоено Одлука за утврдување на стандарди за поставување на времени објекти и урбана опрема на подрачјето на градот Скопје во која е предвидено при поставување на времени објекти и урбана опрема на тротоари и други пешачки површини, минималната слободна проодна површина од попречниот профил на тротоарот или пешачката површина изнесува 2,5м.
Со децентрализацијата, секоја општина има право на свои засебни правила, но тие не може да се спротивни на хиерархиски повисоките решенија како што се Правилникот за урбанистичко планирање и Одлуката на Град Скопје.
2. Кога конечно во Дебар маало пешаците ќе добијат тротоари, што ги блокираа кафаните и кафичите? Ќе проработи ли полицијата да ги тргне колите од пешачките и велосипедски патеки по кои се возат и мотори?
ОДГОВОР: Полицијата е дел од Министерството за внатрешни работи. За непрописно паркирање на коловоз е надлежна полицијата. За непрописно паркирање на јавна површина (велопатека, зеленило, тротоар) е надлежен Секторот – инспекторат на Град Скопје поради што секоја ситуација мора задолжително и веднаш да се пријавува. Инспекциските служби во Општина Центар се задолжени да ги контролираат угостителските објекти дали ги почитуваат издадените решенија за поставување на урбана опрема.
3. Каков е планот и дали воопшто град Скопје планира санација на ул. Даме Груев потег од Палома Бјанка до собрание? Во многу лоша состојба е целиот асфалт. Планот за проширување кој не треба и нема да се реализира не значи дека треба да се остави улицата со бескрајно многу дупки.
ОДГОВОР: Во буџетот на Град Скопје за 2022 г. е предвидена реконструкција на ул. Даме Груев (од Палома бјанка до Собрание) – фазна реализација со износ од 25 милиони мкд. Во кварталниот извештај за извршување на буџетот, сметководствената состојба за спроведувањето на овој проект е нула. Во системот за јавни набавки не постои информација за склучен договор за спроведување на овој проект.
4. Имајќи го предвид зголемувањето на цените на горивата, а сè уште не е целосно реализиран проектот за бесплатен јавен автобуски превоз, дали Град Скопје размислува/планира ревитализација на постоечката и проширување на велосипедска мрежа преку изградба на нови велопатеки и конектори или „диета“ на булеварите?
ОДГОВОР: Во буџетот на Град Скопје за 2022 г. има предвидено:
Изградба на ролерско велосипедска и пешачка патека на кеј на Вардар (планирани 24 милиони денари);
Изработка на проектна документација и изведба на патеки, велопатеки, јавни површини површини со тартан, штампан бетон и др. (планирани 37 милиони денари);
Стратешки документ за безбедност во сообраќајот – Визија нула – визија за Скопје без жртви (планирани 600 илјади денари);
Во кварталниот извештај за извршување на буџетот, сметководствената состојба за спроведувањето на овие проекти е нула.
5. Кога мислат да ги поправат откорнатите столпчиња на бул. Свети Климент и да постават некои кои нема да се откорнуваат и да постават камери на соодветните места за да се види сторителот. И кога мислат на Јордан Мијалков да направат вело патека?
ОДГОВОР: Прашањето го постави Горјан на 14 седница и бара писмен одговор.
6. Ќе ја заврши ли nekoj конечно улица Есенинова?
ОДГОВОР: Кај Есенинова има бунарски систем кој се решаваше, проблемите полека се надминуваат и потребно е да се реализира во најкус можен рок, но најквалитетно.
7. Дали се планира изградба на надвозник на булевар Видое Смилески Бато? Бидејќи во вечерните часови е небезбедно преминувањето на булеварот од несовесно брзо возење на возачи со своите автомобили?
ОДГОВОР: Пратено на мејл како советничко прашање меѓу 2 седници.
8. Кога ќе ги средат булеварот АСНОМ спрема Лисиче и улицата Киро Глигоров (кај МакАутоСтар). Ги искршивме колите!
ОДГОВОР: Пратено на мејл како советничко прашање меѓу 2 седници.
9. Бул. Киро Глигоров од Бриколаж до мостот Близнаци, кога планира да го среди? Во кампањата вети трета лента на бул. А. Македонски на влез во Скопје од клучката кај агросервис до надвозникот во Автокоманда. Исто така вети и нов булевар Хрватска кој ќе ги поврзе Автокоманда и Железара со Бутел. Има ли поместување од мртва точка за овие два големи проекти?
ОДГОВОР: Пратено на мејл како советничко прашање меѓу 2 седници.
Киро Глигоров има спорови од минатото раководство и се чека да се преземе од Министерството за транспорт и врски, кое има проект за целосна санација на тој дел.
10. Има ли во план да го пробие булеварот низ Ќерамидница и да го поврзе новиот мост со бул. Гоце Делчев и со улицата 16та Македонска Бригада кај семафорите во Автокоманда.
ОДГОВОР: Пратено на мејл како советничко прашање меѓу 2 седници.
БУЧАВА
1. Дали Град Скопје планира да донесе правилник на ниво на градот за бучавата од локалите (кои се прегласни) и се наоѓаат во станбени единици за истите да бидат контролирани и спречени да вршат терор врз населението со што би се вратило нашето право на мир (кое е нарушено), достоинствен живот кој му припаѓа на секого и еднаквост за сите. Би биле благодарни да ни излезете во пресрет.
ОДГОВОР: Пратено на мејл како советничко прашање меѓу 2 седници.
2. Да се воведе редовна контрола (неколку пати неделно) на бучавата од угостителски објекти!!! Не знам како е во други населби, но во Капиштец имаме речиси секојдневна тероризација од Интермецо која почнува после 22:00 и најчето не завршува со законски определеното работно време до 1:00, туку си трае додека се они расположени!!! Џабе секојдневни пријави во полиција (доаѓаат да си се поздрават со луѓето), џабе пријава за контрола на децибели (не се ни појавуваат), џабе петиции…
3. Дали Град Скопје (градоначалничката и соодветните служби) планира да донесе правило/закон (или како соодветно тоа би се формулирало) со кое ќе се регулира бучавата со јачина на “нормални децибели” по 22 часот во угостителски објекти кои се во склоп или веднаш до станбени објекти? И се разбира да се воспостават соодветни инспекциски служби кои тоа ќе го контролираат. Ова што со години го трпиме од угостителите е вистински терор. Се почесто слушаме за европски градови кои го успешно го решија/решаваат проблемот со звучното загадување. Крајно време е и ние да почнеме!
4. Да се намалат децибелите и од џамиите (како верски објекти), не само од угостителските објекти. Ве молам поставете го и овој проблем до службите. Благодарам.
5. Бучавата од диско клубовите, кафаните…
6. Како дискотека залепена до зоолошка добила дозвола за работа??? Смее ли дискотека да има во градски парк до зоолошка, мисли ли некој на животните (ќе испоумрат од стрес), и луѓето што живеат во близина што трпат? Од бучава не се спие, а наутро цел парк е во срчи! Да не збориме за колите што се возат низ парк ноќно време како на булевар да се, па имаме и примери кога завршуваат и во езерцата! Верувам дека постојат интернационални асоцијации на зоо вртовите, па би било пожелно да се анимираат и тие во заштита на животните.И странските амбасади исто така. Овој хорор од бучава сите не разболува!Изгледа дека асвалтирањето на паркот ќе е во служба на таа дискотека што е залепена до Зоо градината, пошто не гледам друг начин за пристап до таму. Паркирањето ќе е уште поголем проблем!А загадувањето…на максимум !Значи, сите што живееме во овој град како да сме силувани од оние на кои тоа им се може и кои прават огромни пари на наша сметка!
7. Како се планира да се регулира сообраќајот кога ќе се отвори и новиот клуб во Градски парк, како ќе се ограничи бучавата и како ќе се мониторира импатктот врз Зоолошката градина? Ова се веќе покренати прашања но досега мислам дека од Градот нема одговори.
ОДГОВОР: Според Мирослав Богдановски кој е раководител на секторот – инспекторат на Градот Скопје, надлежноста за мерење на бучавата од угостителски објекти паѓа на општинските инспектори за животна средина, како и МВР. Град Скопје има надлежност да мери загадување со бучава само од индустриски објекти (Б интегрирана дозвола) и по истото да постапува. За овие поплаки треба да се реагира до соодветните општини и полицијата. За Центар најдобро е да се разговара со советниците од независната листа Шанса за Центар кои би биле спремни да помогнат.
ЖИВОТНА СРЕДИНА И ПРОСТОРНО ПЛАНИРАЊЕ
1. Ќе излезе ли конечно инспекција на терен да измери загадување и смрдеа од Ројал бургер и останатите, и да не набројувам веќе, навредливо е што воопшто се прашува што не чини, кога е на очиглед на сите цела корупција, а граѓаните сме немоќни да се избориме за основни права и покрај тоа што плаќаме даноци со кои треба да ни се обезбеди нормално живеење…
ОДГОВОР: Според Мирослав Богдановски кој е раководител на секторот – инспекторат на Градот Скопје, надлежноста за тоа е под општината, т.е. општинскиот инспектор за животна средина. Доколку општината одбива да излезе на терен, обратете се до Инспекторатот на Град Скопје, и они ќе излезат во пресрет иако не е нивна надлежност.
2. Дали може некако да ургирате да се поправат и постават нови фонтани за вода низ градов? Од Центар до Карпош има само една единствена функционална фонтана за вода (кај дежурната аптека на Зегин.)
ОДГОВОР: Прашањето го постави Драгана на 14 седница и чека писмен одговор.
3. Исто така дали знаете што се случи со проектот кој беше споменат уште од Шилегов за сенки на одредени семафори каде штп беше измерена температура од над 60 степени? Тоа беше одлична идеја за луѓе кои се движат пешки или со велосипед во жешките денови.
ОДГОВОР: Пратено на мејл како советничко прашање меѓу 2 седници.
4. Дали некогаш Град Скопје планира да преземе нешто конкретно околу загадувањето на воздухот?! Давањето субвенции за клими и слично е само капка во море! Страшно е колку индиферентно се однесуваме околу ова прашање – и Влада на Р. Македонија и Град Скопје, а и ние самите граѓани кои најмногу допринесуваме кон загадувањето…
ОДГОВОР: Пратено на мејл како советничко прашање меѓу 2 седници.
Градот Скопје нема законска можност да ја контролира индустријата (А интегрирана дозвола) која според единствениот независен извештај за извори на загадување изработен од Европскиот суд на ревизори во соработка со 15 европски ревизорски институции е најголем загадувач.
Имајќи предвид дека и отпадот е меѓу поголемите загадувачи на воздухот, ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД внесе проект во буџетот за компостирање на биоотпад со што од отпадот кој обично завршува на депонии и ги загадува сите медиуми на животната средина во контролирани услови би се создавал компост и за јавните површини и за урбано земјоделие. Понатаму, ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД внесе во буџетот и погон за преработка на отпадна пластика од која може да се направат издржливи предмети и така овој отпад да не заврши на депониите и да се разградува неправилно.
Намалувањето на загадувањето на воздухот најмногу зависи од мерки на централно ниво, кои мора да се комбинираат со она што е законски возможно на локално ниво со цел да се има холистички пристап и побрзо и трајно да се реши проблемот.
5. На градот повеќе од потребен му е САЕМСКИ простор!!!!!!
ОДГОВОР: Пратено на мејл како советничко прашање меѓу 2 седници.
6. Дали ќе се даваат субвенции за згради со енергетска ефикасност? Има многу згради кои не се изградени да се енергетски ефикасни!
ОДГОВОР: Пратено на мејл како советничко прашање меѓу 2 седници.
7. Дали се исчистени дивите депонии? Полно е ѓубре на стариот пат за Куманово.
ОДГОВОР: Пратено на мејл како советничко прашање меѓу 2 седници.
8. Комунална полиција под итно! Не може еден да чисти, а илјадници да фрлаат отпад насекаде!!! Казни за несовесните граѓани кои ќе бидат фатени како фрлаат ѓубре со задолжителни 2-3 часа чистење на отпад! Исто и тие кои шетаат миленици треба задолжително да си го соберат изметот од својот миленик, во спротивно казна.
ОДГОВОР: Прашањето го постави Драгана на 14 седница за советнички прашања, побаран е писмен одговор.
9. Кај исчезнаа Тојфор тоалетите од Кеј?
ОДГОВОР: Пратено на мејл како советничко прашање меѓу 2 седници.
10. Дали има абер да се исчисти отпадот по течението на Вардар и Треска?
ОДГОВОР: Пратено на мејл како советничко прашање меѓу 2 седници.
11. Дали конечно ќе се исфрлат од употреба дувалките на нафта за чистење на улиците и парковите? Сите бактерии и вируси во облаци се креваат во воздух и паѓаат врз нас, врз тревата, дрвјата, сите се давиме и гушиме,бучава колку сакаш, а ѓубрето останува, тргнато само на страна! Хорор по сите основи! И конечно да се поведе сериозна сметка за урбаната опрема низ градскиот парк- клупите откорнати и искршени со години, а со ,, преуредувањето,, т.е. сулудото асфалтирање и сечењето на корењата, прашање на времето е кога дрвјата ќе почнат да се сушат и паѓаат. Стварно не знам со што сме заслужиле волку омраза и негрижа од оние кои за тоа уживаат куп привилегии и се платени со нашите пари!
ОДГОВОР: Пратено на мејл како советничко прашање меѓу 2 седници.
Ви благодариме на сите вас кои одвоивте време за да посочите на проблемите во градот и што се грижите за подобрување на условите за живеење во истиот!
Со почит,
Зелен хуман град 💚