
Став за загадувањето на Тораничка и Крива Река
Мора да ја креваме свеста за заштита на чистата вода со која располагаме!
Пишува Ивана Дракулевска
Кога го пишував постот на тема „одржливост“ и што се подразбира под тоа, ја земав токму водата како пример за добро да го пренесам значењето на зборот.
Иако ≈70% од површината на Земјата е прекриена со вода, само ≈2,5% од вкупната вода на планетата е свежа вода. Помалку од ≈1% од таа количина е достапна за човекова употреба, бидејќи најголемиот дел е „заробен“ во глечери, снежни прекривки и подземни води. Оваа мала, но животно важна количина, ја користиме за пиење, земјоделство, одгледување на градинарски, житни и овошни култури од кои се храниме, како и за одржување на основна хигиена. Свежата вода што ја имаме сега, е целата свежа вода со која располагаме.



Во Македонија, ефектите од климатската криза се веќе видливи. Езерата полека се сушат, се повлекуваат. Уште пред пет години, во 2020 година, читавме дека „на Преспанското Езеро веќе му се гледаат ребрата“, а лани науката потврди дека Преспанското Езеро целосно ќе пресуши до крајот на 21 век. Од ресорното министерство тврдеа (уште тогаш) дека во континуитет ја следеле состојбата.
Во ред. Но едно е да тврдиш нешто, а друго е да го докажеш тоа тврдење. Реалноста што моментално ја гледаме и ја живееме во Македонија не соодветствува со она што институциите со години го тврдат. Во меѓувреме, Дебарско Езеро речиси целото пресуши, токму таму се наоѓа хидроелектраната „Шпилје“, со чија изградба дополнително се злоупотребуваат чистата вода и водните екосистеми.
Деновиве можевме да прочитаме и за помор во Дојранско Езеро. А веќе наредниот ден, градоначалникот на Дојран демантираше дека станува збор за еколошки инцидент – угинатите риби, според него, биле резултат на мрестење.
Запрашај се: ај ние, ќе се лечиме по аптеки и низ болници, ама што ќе им оставиме за пиење, дишење и јадење на нашите деца? Што ќе им остават нашите деца на своите внуци?

Последната хаварија во рудникот Тораница ја покажа човечката негрижа и покрај сите овие проблеми со кои се соочуваме, а од кои ни зависи животот и мора да бидат приоритет. Пукната цевка од рудникот ја загади Тораничка Река, која потоа се влева во Крива Река, па на видеоснимките од локалните жители можевме да ја видиме реката низ која наместо вода, изгледа како да тече бетон.
Според анализите направени од Риболовниот клуб „Мрена”, водата од реката спаѓа во петта категорија – најлоша по квалитет.
Зошто е ова толку страшно?
„Само 4 реки на територијата на Македонија се подолги од 100 км и тоа Вардар, Брегалница, Црна и Треска. Нивната вкупна должина изнесува 875 км. А потоа следуваат 6 реки со должина од 50 до 100 км и тоа: Пчиња, Крива Река, Струмица, Бабуна, Радика и Злетовска Река.“ – извадок од текст на проф. д-р Ивица Милевски.
Ова ни се најдолгите и најзначајните реки кои течат низ Македонија и ни ги наводнуваат посевите храна. Како такви, мора да ги одржуваме чисти и полни пивка вода, за да можат тие нас да нѐ одржуваат здрави.
Го немаме луксузот да бидеме рамнодушни и да молчиме, како што молчат оние што беа должни да го спречат овој инцидент. Покрај фактот што Државниот инспекторат за животна средина бил навремено информиран за инцидентот, иако инспектори дошле на лице место, тој ден воопшто не земале мостри од реката.
Ова е директно прекршување на Законот и злоупотреба на нивната работна позиција, која им налага да земат мостри во најкус можен рок од моментот на хаваријата и да спроведат независни анализи, со цел да се утврди штетата и точно да се информира локалното население, како и сите нас, за квалитетот на водата. Овие информации се од огромно значење за безбедноста, здравјето и животот на сите нас!
Но ние целосни информации од овие институции сѐ уште не добивме, иако директно ги побаравме.
На страна од ова, постои уште цела една институција создадена токму за да превенира хаварии од работата на рудниците: Државниот инспекторат за техничка инспекција. И не само тој. Постојат и:
- Државен инспектор за геологија: задолжен за извештаи за преглед и испитување на опремата и орудијата за работа.
- Државен рударски инспектор (член 103 од Законот за минерални суровини): задолжен за контрола на исправноста на опремата и постапките во рударството.
- Државен инспектор за опрема, производи и постројки (член 104): задолжен за водење евиденција за техничките карактеристики, испитувања, одговорни лица, состојбата и безбедноста.
Овие институции и овие луѓе постојат исклучиво за да спречат хаварија како во рудникот Тораница. Да превенираат истекување на олово и цијанид во река. Да внимаваат додека некој ја рие и ја сакати земјата во потрага по богатство, дали тоа го прави во согласност со Законот и пропишаните правила. Тие се назначени како одговорни лица и имаат должност да ни гарантираат на нас, останатите жители на Македонија, дека ваква хаварија нема да се случи. Дека ќе биде превенирана. Дека изворите на чиста вода ќе бидат заштитени.
Ама каде се сега тие? Дали постојат само на хартија? Само во имињата на институциите и на уплатниците со кои зимаат плата?
Ако не ги држиме одговорни, ако не бараме одговорност, ќе останеме без вода. Ќе останеме без воздух. Ќе јадеме храна од загадена почва. Заслужуваме подобро од тоа.
Секој молк е дозвола за нова хаварија. Секој од нас кој молчи и не бара одговорност и отчетност од надлежните институции за нивната работа практично застанува на нивна страна и им ја поклонува платата.
Не биди еден од нив. Се гледаме утре на протест.

