
УСЈЕ НЕ МЕРИ ЗАГАДУВАЧИ СПОРЕД ЕУ: ШТО ЧЕКА МЖСПП?
УСЈЕ НЕ МЕРИ РЕЧИСИ НИШТО ОД ЗАГАДУВАЧКИТЕ МАТЕРИИ ШТО СЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНИ ВО ЕУ – МЖСПП ИМА ЗАКОНСКА МОЖНОСТ ДА ИНИЦИРА ИЗМЕНА НА ДОЗВОЛАТА
Министерството за животна средина и просторно планирање има право според чл. 115 став (1) од Законот за животната средина да побара измена на дозволата на Усје по службена должност и да не го чека крајниот рок што Усје го има на почетокот на март годинава за самата да побара обнова на дозволата.
А – интегрираната дозвола на Усје не е усогласена со Најдобрите достапни техники на ЕУ од 2013 година, но не е усогласена ни со македонското Секторско упатство за најдобри достапни техники што датира од 2007 година иако ни тоа упатство не е целосно усогласено со регулативата на ЕУ, но е драстично подобро од состојбата што ја имаме сега.
Дури и во штетниот Закон за контрола на индустриски емисии кој се очекува да стапи во сила во септември 2027 година е предвидена обврска А-дозволите да се усогласени со Најдобрите достапни техники на ЕУ од Бирото за интегрирано спречување и контрола на загадувањето на Европа. Роковите што се дадени во законот секако се олицетворение на спрегата меѓу власта и загадувачите.
Според А-интегрираната дозвола Усје континуирано мери само прашина, азотни оксиди и сулфур диоксид.
Цементарите во ЕУ според Најдобрите достапни техники (2013) имаат обврска редовно да мерат и: HCl (хлороводород), HF (флуороводород), TOC (вкупен органски јаглерод), тешки метали (Hg; Cd+Tl; Sb, As, Pb, Cr, Co, Cu, Mn, Ni, V), PCDD/F (диоксини и фурани). Овие загадувачки супстанции во ЕУ се мерат без оглед какво гориво се користи во процесот.
Македонското Секторско упатство за најдобри достапни техники (2007) не е целосно усогласено со Најдобрите достапни техники на ЕУ (2013), но Усје не работи ни според стандардите од тоа упатство!
Според Резимето на емисиите од производство на цемент кое е дел од македонското Секторско упатство:
- НЕ ПОСТОИ дел од процесот во една цементарница кој не предизвикува емисии во воздух.
- СИТЕ емисии од печката се емисии во воздух (дел се и во почва).
- Цврсти честички (воздух, почва)
- Оксиди на сулфур (воздух)
- Оксиди на азот (воздух)
- Оксиди на јаглерод (воздух)
- Испарливи органски соединенија (воздух)
- Метали и нивни соединенија (воздух, почва)
- Халогени и нивни соединенија (воздух, почва)
- Диоксини и фурани (воздух, почва)
- Амонијак (воздух)
- Бучава, вибрации, мирис (воздух)
Во Упатството се препорачува употреба на течно или гасовито гориво за намалување на емисиите, како и употреба на гориво со најниска можна количина на азот и сулфур. Меѓу горивата петрол коксот кој е цврсто гориво – отпад од производството на нафтени деривати – е гориво со еден од најголемите проценти на азот и сулфур!
За новите инсталации се препорачува емисии на азот не повеќе од 500 мг/м3, а за старите како Усје е дозволено 800 мг/м3. Ова значи дека не се работи за ништо повеќе од непристоен компромис со нашето здравје и нашите животи постигнат меѓу институциите што наводно постојат да нѐ штитат од една страна и крупниот капитал кој притиска од друга страна.
Не постои безбедно ниво на загаденост!
Не постои индустрија што не загадува!
Власта МОРА да ги заштити животот и здравјето на скопјани!
- 24/7 мониторинг на индустријата СЕГА достапен за цела јавност во реално време.
- Условите од Најдобрите достапни техники на ЕУ (2013) за цементната индустрија да се третираат како минимални барања за индустријата во Македонија.
- Усје НАДВОР од Скопје!
Фото: РСЕ