види ги сите кандидати

Марија Арсенкова е на реден број 24 од советничката листа за Град Скопје на Зелен Хуман Град.
Кандидатот е дел од листата преку отворениот граѓански повик на ЗХГ наречен МојКандидат.
Образование, професија и работно искуство:

За живот заработувам како преведувачка, од љубов работам хонорарно како менторка во младинска организација, а инаку сум дипломирана професорка по француски јазик и книжевност и магистрантка по применета лингвистика – всушност, во моментов би требало да работам на магистерската теза, ама цело време си мислев на кандидатурава, па морав да седнам да ја напишам. :)

Претходно учество во социјални движења и активизам:

Од срце ги поддржував Студентскиот пленум и Шарената револуција, а од 2019-та наваму сум волонтерка во „Културно ехо“ и се трудам колку можам да помогнам во остварувањето на нашата мисија за одржлив урбан и културен развој кој ќе ја штити животната средина и ќе го подобри квалитетот на живот, особено на младите. Кој не слушнал за нас, одма да нè заследи!

За што се залагам во политиката:

Мислам дека во нашава држава што одамна (отсекогаш?) функционира како партократија, да се зборува за политички идеологии е луксуз бидејќи тие секако ќе бидат злоупотребени за интересите на партиските лидери. Но, идеологиите ми се чинат штетни и самите по себе поради поделбите што ги создаваат, па не би се осмелила да прогласам една политика за „најисправна“. Напротив, верувам дека политичкиот дискурс треба да биде потхранет со секакви ставови од кои ќе се извлече најдоброто за сите - затоа советниците треба да гарантираат транспарентност и отчетност на институциите, овозможувајќи им на сите граѓани да се вклучат и да влијаат врз политиките.

Локални теми што најмногу ме интересираат:

Една тема која посебно ме интересира се несомнено младите и можностите за личен развој што им ги нуди градот, како и нивното учество во политичкиот живот. Како младинска работничка, имам супер можност да запознавам млади луѓе кои со толку ентузијазам се ангажираат во општествениот живот, а сепак изразуваат желба да си заминат оттука. Што ли кажуваат другите кои не се никако вклучени...? Ваквите ставови на младите ми го кршат срцето, а имајќи предвид дека од средно наваму пола друштво ми се исели, болката е и лична и верувам дека ја делам со многу луѓе во земјава.

Што сакам да постигнам со мојата кандидатура:

Прво што ми текна беа целите на „Културно ехо“: ревитализација на напуштените државни објекти (во Скопје има еден куп: фабриката „Купром“, салата „Партизан“, Културниот дом во Ченто... не, стварно, ѕирнете нè на фејсбук :)) и нивна пренамена во младински центри. МКЦ е единствениот центар финансиран од државата и на многумина им е омиленото место во градот! А што ќе биде ако секоја скопска општина си има свој младински центар? Ова е веќе предвидено со Законот за млади, заедно со развивањето локални стратегии за млади и формирањето младински совети, па неговата имплементација е главната работа што би ја „туркала“ како советничка.

Зошто се кандидирам преку Зелен Хуман Град:

Не мислам дека во партиите нема квалитетни луѓе со чесни намери. Но, проблемот е во нивното водство, кое изгубило секаков допир со интересите на граѓаните и манипулира со нив за политички поени. Хоризонталната поставеност на ЗХГ ги намалува шансите за создавање политички елити кои ќе работат само во своја корист. Плус, целта на секоја партија е да дојде на власт и ова многу лесно доведува до клиентелизам. Наместо тоа, ЗХГ цели да ги вклучи граѓаните во политичките процеси, давајќи им прилика да си го обликуваат градот според своите желби и потреби - звучи утописки, ама дефинитивно вреди да се проба.


ФБ профил:
Линк