види ги сите кандидати

Игор Раиден е на реден број 6 од советничката листа за Град Скопје на Зелен Хуман Град.
Образование, професија и работно искуство:

Дипломиран преведувач, овластен судски преведувач. Соработка со повеќе граѓански организации и поединци од областа на социјалната заштита, човековите права и други теми. Имам работено на повеќе проекти и програми од областа на човековите права, како координатор, истражувач и слично. Сега, како претседател на ЕдуАктив Орг, искуствата ќе ги пренесам на едно сосема ново ниво. Неформално веќе десетина години во рамки на мојот независен проект Dream Dungeon се занимавам со повеќе различни уметнички насоки за кои имам научено различни техники и методи на работа и најразличен софтвер. Веќе шест години сум активен и во полето на животната средина преку различни иницијативи.

Претходно учество во социјални движења и активизам:

Ја имам основано ТрансФормА, и сум еден од основачите на ЕдуАктив Орг. Отсекогаш сум бил активен на повеќе различни полиња дури и кога не ме засегале лично. Сум учествувал на над 50 акции за чистење отпад, потоа протести против насилство врз животните, против сечење дрвја, против поскапување на струјата, против полициска бруталност, различни протести од областа на родовата еднаквост, ненасилството, пристапот до здравствени услуги, маршови за видливост на сексуалните работници, трансродовите лица, а одам и на Прајдовите во Скопје. Во нашето општество има многу неправди и нееднаквост, а јас не можам тоа да го гледам а да не бидам активен.

За што се залагам во политиката:

Не ми се допаѓа тоа што сме заглавени меѓу партиите. Независниот граѓански пристап е ограничен и институционално отежнат. Верувам во позитивни вредности и добри практики и сметам дека преку едукација може да се стигне дотаму. Советниците, но и другите функционери треба да бидат избрани поради својата стручност, упорност, жарот за правење позитивни промени - а никако поради членството во партија. Советниците се избраници на народот, мораат да ги претставуваат интересите на народот. Гласот на граѓаните треба да биде слушнат и насочен преку советниците, за потребите на граѓаните да можат да се отсликаат во одлуките на советот и потоа да се остварат.

Локални теми што најмногу ме интересираат:

Имам повеќе интереси. Во Скопје имаме, за жал, бројни проблеми, нешто што е најизразено е судирот на урбанистичкиот хаос со зеленилото и јавниот простор, проблемите кои се појавуваат во сообраќајната мрежа поради несоодветни мерки и несовесни граѓани, а имаме и огромен проблем со справувањето со отпадот и загадувањето воопшто. Исто така, живееме во 21ви век и за најефикасно да ги решиме нашите проблеми, треба да користиме алатки и технологии кои соодветствуваат на модерното време. Ова е само почетокот и мислам дека имаме многу работа пред нас, но дека заедно, солидарно и транспарентно можеме да го оствариме тоа!

Што сакам да постигнам со мојата кандидатура:

Клучниот принцип што не смее да се заборави е слушањето на гласот на граѓаните и негово пренесување во советот, по што следи борба за реализирање на тие потреби на граѓаните. Советот мора да биде место каде што се решаваат проблемите на граѓаните преку одобрување практични мерки кои навистина го решаваат посочениот проблем. Целта е да се воспостави пракса на решавање на проблемите, а не пракса на легитимизирање проекти кои се спротивни на интересите на граѓаните. Ова е сржта која ги опфаќа сите теми. Да се дејствува издржано и аргументирано, и проблемот вистински да се реши.

Зошто се кандидирам преку Зелен Хуман Град:

Сегашните политички партии се фокусирани исклучиво на внатрепартиските интереси, на остварување профит, што за мене е недозволиво. Ни треба нов пристап - овој тип на непартиско, граѓанско делување. Народот не е тука за да прави профит на поединци. Народот заслужува квалитетен живот и здрава животна средина. Без разлика кои се и од каде доаѓаат, граѓаните се секогаш свесни за своите потреби и затоа тој глас мора да излезе исклучиво од нив - за тие потреби да можат да се остварат. Затоа го одбрав ЗХГ, затоа што ние доаѓаме од граѓаните и единствена прифатлива опција е да ги застапуваме интересите на граѓаните.


ФБ профил:
Линк