види ги сите кандидати

Јасна Бачовска е на реден број 5 од советничката листа за Град Скопје на Зелен Хуман Град.
Кандидатот е дел од листата преку отворениот граѓански повик на ЗХГ наречен МојКандидат.
Образование, професија и работно искуство:

Редовна професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во научната област воведни и теоретски правни науки. Фокус на мојот интерес е социологија на правото и комуникациите и методологија на правни и политички истражувања.

Претходно учество во социјални движења и активизам:

Се занимавам со истражување на политичката пропаганда, прецизното новинарство, односи со јавност, медиумско право и медиумска писменост. Авторка сум на научни трудови, стручни статии и учебници во областа на правото. Активна во јавните дискусии од важност за демократизацијата на македонското општество, активен член на групата Пржино/За спас на Кисела Вода

За што се залагам во политиката:

Во политиката се залагам за социјална и еколошка правда. Здрава и хумана животна средина, цивилизирани услови за живот и залагање за партиципативна граѓанска култура на локално и национално ниво каде граѓаните ќе одлучуваат за важни прашања за нив, околината и иднината на нивните деца.

Локални теми што најмногу ме интересираат:

Животната средина, владеење на правото и правната држава со фокус на урбанизмот. Стоп на бетонизирањето и урбанистичкото дивеење на секое парче зелена површина. Изнаоѓање механизми за активно учество на граѓаните во донесувањето на одлуки од локално значење и редовна консултација со локалната самоуправа за развојот на општината.

Што сакам да постигнам со мојата кандидатура:

Мојата Кисела Вода со години се дехуманизира. Сакам крај на овој процес. Ќе се залагам за за хуман урбан простор и во мојата општина и во цело Скопје. Сакам градот да дише со темпо на вистински европски развој, а не да стенка под челикот и бетонот.

Зошто се кандидирам преку Зелен Хуман Град:

Се кандидирам преку Зелен Хуман Град бидејќи во оваа иницијатива гледам надежен концепт за нашиот град. Препознавам идеи за кои се залагам и јас и моите соседи од Кисела Вода.


ФБ профил:
Линк