Заштита на Животната Средина
Украина бара Русија да плати за штетите од војната врз животната средина

Украина бара Русија да плати за штетите од војната врз животната средина

Пред да почнеме со статијата, ајде да видиме каква улога игра Украина во обезбедување на храна на глобално ниво?

  • Украина е еден од најголемите светски производители и извозници на земјоделски производи и игра клучна улога во снабдувањето со маслодајни семиња и житарки на глобалниот пазар;
  • Украина е главниот играч на пазарот на сончогледово масло бидејќи произведува повеќе од 50% од вкупното светско сончогледово масло (Организација на ОН за храна и земјоделство);
  • Украина беше седми најголем производител на пченица во светот во 2021/22 година со 33 милиони тони (според статистичките податоци на Министерството за земјоделство на САД);
  • Според Европската комисија, Украина учествува и со над 16% од пазарот на пченка и 13% од вкупниот пазар на јачмен.

Како војната на Русија во Украина влијае на глобалниот пазар на жито?

Испораките на жито беа прекинати како резултат на руската блокада на Украина, што ги потврди стравувањата од недостиг во светот и зголемување на цените.

До средината на мај, извозните цени на пченицата и пченката вртоглаво се искачија на невидени височини.

Украина се подготвува да ја изведе Русија пред Меѓународниот суд и да ја принуди да одговара за штетите врз животната средина по војната

Извештаите од поплаките за ужасен мирис и загадена вода во близина на градот Бровари, 20 километри североисточно од Киев, ова лето почнаа да се пробиваат до украинските регулатори за животна средина.

Олена Сидоренко, службеник во регионалната агенција за животна средина, беше испратена на терен да истражи.

На почетокот на март, руските ракети уништија огромен магацин со замрзната храна додека инвазивните сили влегуваа и ја окупираа областа. Бидејќи огромните количини путер, месо и зеленчук почнаа да се расипуваат, локалните жители дадоа сѐ од себе да се справат со отпадот, па ја закопаа храната во десетици ровови долги речиси 600 метри во блиското поле.

Сидоренко пристигна три месеци подоцна, откако украинските сили повторно го зазедоа регионот и си ја вратија територијата назад.

Таа направи анализи на локалните подземни води и откри дека расипаната храна испуштила нитрати и амонијак во подземните води, и ги затрула локалните бунари. Мирисот, вели таа, бил неопислив.

„Можете ли да замислите колку е ужасен мирисот по некое време ако на пример заборавите храна во вашата кујна и таа се расипе“, вели таа. „Мирисот на локацијата беше многу полош“.

Украина претрпе речиси неизмерна штета за време на војната со Русија

Повеќе од 6.000 цивили се убиени, додека илјадници домови и станбени блокови се уништени од гранати, а инфраструктурата вредна милијарди долари е претворена во пепел и урнатини.

Животната средина, исто така, беше жртва на војната, на начини кои влијаеја и на човековото здравје и на локалните екосистеми.

Додека борбите беснееја, се ширеа и масовни шумски пожари.

Нападите врз компании на нафтени деривати, гориво и индустриски капацитети предизвикаа загадување со хемикалии на реките и подземните води. „До пред војната, никогаш немавме измерено вакви високи нивоа на нафтени продукти во почвата и водата“, вели Сидоренко. „Никогаш не сме виделе такво загадување.“

Работата на Сидоренко е дел од долготрајната правна стратегија од страна на украинското Министерство за животна средина, која има за цел да го искористи меѓународното право за да ја принуди Русија да плати за таа штета по војната.

Ваквите пријави за еколошки злосторства се релативно ретки во изминатите децении, иако постои преседан.

По Заливската војна во раните 1990-ти, Советот за безбедност на ОН изгласа дека Ирак мора да му плати оштета на Кувајт во износ од 52 милијарди долари, вклучувајќи ја и „еколошката штета“ од 3 милијарди долари. Ирак заврши со отплата на долгот овој февруари 2022.

Барањето на Украина, кое државата планира да го поднесе пред Меѓународниот суд по крајот на војната, најверојатно ќе биде многу поголемо – обновата на државата ќе чини речиси 350 милијарди долари, се вели во извештајот од Светската банка, украинската влада и Европската комисија.

Секој обид да се натера Русија навистина да ги плати репарациите, како на пример со запленување на руските средства што се чуваат во странство, ќе се соочи со комплициран збир на правни и дипломатски пречки.

Но, украинските власти кои ја спроведуваат стратегијата се уверени дека нивната земја на крајот ќе го добие своето право.

„Ќе дојде денот кога Русија ќе плати за сите свои злосторства“, вели Руслан Стрилетс, шеф на националното министерство за животна средина на Украина, „вклучувајќи ги и злосторствата против животната средина“.

Стрилетс почна да ја мобилизира својата агенција кога започна војната во февруари, кога ги повика своите вработени во канцелариите на агенцијата во Киев во првите часови по почетокот на борбите.

Работата за време на војна ни постави барања и заложби од нови размери, изјави тој, додавајќи дека прашал кој би бил подготвен да работи во суштина без престан, без паузи или викенди, и да биде достапен 24 часа на ден, седум дена во неделата.

Мнозинството се согласија дека ќе го направат тоа. „Ја открив другата страна на многу луѓе“, вели тој. „Тоа никогаш нема да го заборавам“.

Работата на Министерствата за животна средина за време на војна

Министерството за животна средина набрзо потоа постави кампови на владино земјиште за оние кои бараат да избегаат на безбедно место и бараат начини за отстранување на воениот отпад. „Ние не сме воено министерство“, вели Стрилетс. „Но, нашата задача [сега] е да ѝ помогнеме на владата да се бори против руската агресија“.

Вработените во Инспекторатот за животна средина – пододдел на Националното министерство за животна средина – исто така почнаа да собираат докази за еколошката штета предизвикана од војната преку прибирање примероци од складишта за гориво уништени од руските напади, загадени земјоделски полиња со бензин и реки каде што рибите се задушуваат од нафтата која плови над нив.

An image of fish swimming under oil slicks; REUTERS/Gene Blevins

Малкумина од нив некогаш замислувале дека ќе работат ваква работа.

Пред инвазијата, Инспекторатот беше првенствено задолжен да се погрижи агенциите на локалната самоуправа да ги почитуваат националните еколошки правила.

Сега, дел од неговиот персонал во суштина станаа истражувачи на воени злосторства во нивната земја.

Дмитро Заруба, заменик-директорот на Националниот инспекторат за животна средина, се приклучи на една од најраните инспекции на Министерството во март, во близина на Лавов во западна Украина, каде по рускиот напад светкавите бели резервоари од складиштето за нафта беа претворени во јагленосани урнатини.

Кратерите длабоки речиси 10 метри оставија лузни на почвата, а делови од руски проектили беа расфрлани низ урнатините.

Shell craters are seen in a wheat field near the village of Hrabivka, as Russia’s attack on Ukraine continues, in Chernihiv region, Ukraine July 5, 2022. REUTERS/Valentyn Ogirenko

Наоколу имаше поцрнети остатоци од дрвја, а нафтата од уништените резервоари се исцеди во блиските реки, и уби риби и други диви животни.

„Не беше првпат да видам загадување на животната средина“, вели Заруба. „Но, тоа беше сосема поинаква емоција за мене. Вознемирувачки е да помислиш дека ова може да се случи повторно и повторно“.

До крајот на септември, персоналот на Министерството за животна средина направи повеќе од 200 посети на местата на руските напади. Сидоренко посети уништено складиште за нафта во април, а потоа се врати на истото место во јули; нафтата што се излеа на блиското земјоделско поле резултира со целосно голо земјиште без вегетација, дури и по тримесечен период.

Серхи Трофанчук, кој раководи со еден од регионалните одделенија за водни ресурси на Министерството во источна Украина, вели дека неговиот персонал продолжил да зема примероци од локалните реки, и да бележи докази за загадување од пестициди, нафтени производи, жива, нитрати и фосфати.

Руските напади врз објектите за управување со водите придонесоа за тоа загадување, додека нападите врз браните и друга инфраструктура по должината на реката Сиверски Донец, примарен извор на вода за повеќе од 3 милиони луѓе во регионот, предизвикаа пад на нивото на водата со што се спречи речниот тек да се исчисти од хемикалиите.

„Реката овојпат не може сама да се исчисти, како пред војната“, вели Трофанчук.

Сепак, персоналот на Министерството не може да биде насекаде. Два месеци по руската инвазија, Агенцијата објави апликација која им овозможува на граѓаните да доставуваат фотографии и други потенцијални докази за штети врз животната средина, кои персоналот потоа би можел да ги потврди.

Повеќе од 2.000 вакви инциденти се регистрирани до средината на октомври.

Сателитските снимки од украинската Вселенска агенција, исто така, помагаат да се следат штетите на местата до кои инспекторите не можат да стигнат поради тековните борби – НАСА и Европската вселенска агенција, исто така, се согласија да обезбедат сателитски податоци за да помогнат во проценката на еколошката штета.

Многу вработени во Министерството за животна средина на Украина велат дека се запрепастени од обемот на еколошката штета што ја виделе. „Пред инвазијата, не сакавме кога луѓето палат лисја на есен, бидејќи тоа ја загадува животната средина“, вели Сидоренко. „Може ли да замислите колку е тоа малку во споредба со пожарите во магацините за нафта?“

Документирањето на уништувањето на животната средина во војната е една работа;

Пресметувањето на паричната вредност на штетата врз Украина за да може да ја повика Русија на одговорност е друго.

Марк Железњак, експерт за моделирање на животната средина, познат по својата работа по нуклеарната катастрофа во Чернобил, беше повикан од украинската влада да помогне

Во текот на април и мај, тој собра повеќе од 80 доброволци: научници, адвокати и економисти – за да развијат методи за превод на еколошката штета во економска смисла.

Една од неговите стручни подгрупи е одговорна за изнаоѓање метод за пресметување на трошоците за загадувањето на воздухот предизвикано од војната.

Тоа вклучува цена за емисиите на стакленички гасови од десетици напади врз нафтени складишта и шумски пожари на десетици илјади хектари предизвикани од борбите.

Групата, исто така, мора да открие како загадувачите на воздухот може да влијаеле врз здравјето на луѓето, објаснува Михаило Савенец, метеоролог во Украинскиот хидрометеоролошки институт кој ја води групата.

„Ова е најтешкиот дел“- вели тој. Некои од тие емисии беа крајно опасни – рускиот напад врз еден индустриски капацитет во источна Украина во април, на пример, ослободи облак од опасна, висококорозивна азотна киселина – но здравствените ефекти врз граѓаните главно не се пријавени поради тековните борби.

Савенец и други научници создадоа методи на веројатност за да дојдат до проценка на штетите, идентификувајќи ги здравствените ризици од одредени загадувачи, како што е амонијакот ослободен од хемиски капацитети – што може да предизвика оштетување на белите дробови и слепило – заедно со големината на популацијата што е потенцијално погодена, и цената на здравствените проблеми кои веројатно ќе следат.

Овие методологии ќе се презентираат пред Меѓународниот суд, но за нивно развивање треба време.

Засега, вели Железњак, важен дел од работата на Министерството е собирање на вистинските информации на терен, кои ќе им бидат потребни за да ги поткрепат своите тврдења на суд.

„Податоците се, во извесна смисла, поважни од методологиите“, вели Железњак.

Навистина, дури и најдобрите методологии нема да одговорат за сè. На пример, штетата направена на природните места на Украина е тешко да се пресмета во пари. „Замислете нешто да се случи со Нијагарините водопади во САД и да треба да ја пресметате нивната вредност“, вели Заруба.

„Невозможно е“. Тука е и непроценливата цена за изгубениот деценискиот еколошки напредок.

За време на видео повик со TIME, Трофанчук одржа предвоен план за систем на подобрувања долж сливот на реката Сиверски Донец, вклучувајќи нови капацитети за прочистување на водата.

Сега, вели тој, ќе мора да се фокусираат на поправка на објектите оштетени во борбите, наместо да ја градат новата инфраструктура што ја планирале. Сепак, тој вели дека се надева оти регионот ќе се обнови подобро од порано.

Другите се поогорчени. „Нашата улога беше да го спречиме загадувањето и да ја зачуваме животната средина за идните генерации“, вели Сидоренко. „Но, се случи она што се случи и сега нашата работа се промени“.

Превод на објавата на Time Climate: “Ukraine Wants Russia to Pay for the War’s Environmental Impact” – линк до оригинален текст.

Сакаш и ти да ни се приклучиш во намерата да ја едуцираме пошироката јавност за темите поврзани со животната средина кои се од суштинско значење за здрав живот на сите нас како дел од неа?

Помогни ни со превод или напиши свој оригинален текст!
Повеќе информации овде – Пишувај за блогот на Зелен хуман град.

Доколку немаш доволно слободно време да ни се приклучиш преведувајќи и/или пишувајќи, а сакаш да ни помогнеш во намерите, сподели ја оваа статија со твоите пријатели на социјалните медиуми.

Со 💚,
Зелен хуман град.✌️